168/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 51 во делот „со утврдување на добивката за деловната 2014 година“ од Законот за данок на добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр.112/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 51 во делот „со утврдување на добивката за деловната 2014 година“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел од членот 51 од Законот за данок на добивка немал уставна основаност, затоа што според членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи не можаеле да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаите кога тоа било поповолно за граѓаните.

Со оспореното законско решение била создадена правна ситуација, односно можност Законот за данок на добивка да се применува наназад, пред неговото објавување, односно влегување во сила, што од друга страна значело дека овој закон во целина имал повратно дејство, пред негово донесување и влегување во сила што не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Оттука, според подносителот оспорениот законски дел од член 51 не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Со оглед на наведеното, подносителот предлага Судот да го поништи оспорениот дел, а до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека Закон за данок на добивка е донесен на 23 јули 2014 година и објавен во „ Службен весник на РМ“ на 25 јули 2014 година и истиот влегол во на 3 август 2014 година, при што неговата примена е одложена и истиот ќе се применува од 1 јануари 2015 година.

Со Законот за данок на добивка се уредува начинот на оданочување на добивката, стапката по која се пресметува данокот на добивка, обврзниците за плаќање на данок на добивка, даночната основа за пресметување на данокот на добивка, роковите за плаќање на данокот на добивка како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на данокот на добивка (член 1). Основа за пресметување на данокот од добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс (член 7 став 1). Основа за пресметување на данокот од добивка се утврдува како разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководство и сметководствени стандарди (член 7 став 2).

Согласно член 38 став 1 од Законот, даночниот период за кој се утврдува данокот на добивка е календарската година.

Во член 39 од Законот е предвидено дека:

(1) Даночниот обврзник е должен утврдувањето и плаќањето на данокот на добивка да го врши врз основа на образецот „ДБ – даночен биланс за оданочување на добивка“ што се доставува до Управата за јавни приходи во рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за трговските друштва и прописите за сметководство.

(2) Субјектите од членот 31 од овој закон годишниот данок на вкупен приход го утврдуваат на образецот „ДБ – ВП – Годишен данок на вкупен приход“ кој се доставува до Управата за јавни приходи во рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за трговските друштва и прописите за сметководство во годината што следи по годината за која се врши оданочувањето, а плаќањето на данокот се врши најдоцна во рок од 30 дена по рокот за доставување на образецот.

Во членот 40 од Законот е предвидено дека:

(1) Месечните аконтации на данокот на добивка во даночниот биланс „ДБ – даночен биланс за оданочување на добивка“ се утврдуваат во износ од една дванаесеттина од утврдениот данок во даночниот биланс за претходната година зголемени за процентот на кумулативниот пораст на цените на мало во Републиката од претходниот период од годината, односно до 31 јануари наредната година, во однос на просечните цени на мало во претходната година.

(2) Месечните аконтации се плаќаат во рок од 15 дена по истекот на секој календарски месец.

Според член 41ставовите 1 и 2 од Законот:

(1) Разликата меѓу уплатената аконтација според членот 40 од овој закон и вистинската обврска на пресметаниот данок на добивка согласно со членот 39 став (1) од овој закон, обврзникот е должен да ја уплати во рок од 30 дена од денот на истекот на рокот за предавање на годишната сметка.

(2) Ако обврзникот на данокот во вид на аконтација платил поголем износ на данок од износот што бил должен да го плати, може од Управата за јавни приходи да бара враќање на повеќе платениот износ.
Во членот 49 од Законот е предвидено дека:

За износот на платените месечни аконтации на данокот на добивка на непризнаени расходи во текот на 2014 година, на даночниот обврзник му се намалува пресметаниот данок на данокот на добивка во даночниот биланс за 2014 година.

Во оспорениот член 51 од Законот е предвидено дека:

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2015 година, со утврдување на добивката за деловната 2014 година.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби,анализата на одредбите од целината на Законот за данок на добивка како и оспорениот дел од членот 51 наспрема наводите во иницијативата дека со оспорениот член се овозможувало повратно дејство на Законот,Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што даночните обврзници се должни да го утврдат и платат данокот на добивка на образец „ДБ“ во рокот пропишан за поднесување на годишна сметка согласно Законот за трговските друштва и прописите за сметководство, а субјектите од членот 31 од Законот за данок на добивка (трговски друштва класифицирани како мали и микро трговци и други) можат месечната аконтација на данок на добивка да го платат во рок од 15 дена по истекот на секој календарски месец.

Со оглед на фактот што данокот на добивка се утврдува во рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно прописите за сметководството, законодавецот со формулацијата со утврдување на добивката за 2014 година, во суштина имал намера не да му даде повратно дејство на законот ,туку даночните обрзници да ги запознае со содржината на законот подолг временски период пред неговата примена при што данокот на добивка ќе го платат според законот кој бил во сила до денот на примената на новиот закон.

Наведеното становиште произлегува од правната теорија според која времето истекува од моментот на објавувањето на законот до моментот на неговото влегување во сила се нарекува период на чекање на законот или vacatio legis. Смислата на vacatio legis се состои од потребата на граѓаните да бидат запознаени со содржината на законот пред неговото влегување во сила, како и од создавање на определени технички услови од надлежните органи за практична примена на донесениот закон. Објавувањето и vacatio legis имаат функција граѓанинот навреме да се запознае со содржината и точниот датум на влегување на законот во сила (urbi et orbi).

Од анализата на членот 52 од Уставот, произлегува дека Уставот на Република Македонија прави временска разлика меѓу прогласувањето на законите, нивното објавување и влегување во сила. Имено, законот според оваа уставна норма влегува во сила осмиот ден од неговото објавување во службеното гласило. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот дел од членот 51 од Законот е во спротивност со Уставот, бидејќи токму оспорената одредба е израз и исполнување на гаранциите на основните слободи и права, односно оспорениот член го преточува уставното овластување законите да влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето и го регулира периодот на чекање на законот или vacatio legis.“

5.Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.168/2014
1 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева