Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 25 март 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 1 точки 1 и 3 и став 2 точки 1 и 3, член 7 и член 9 од Тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија АД Скопје бр.01-563/1 донесен на 28 февруари 2014 година од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2014).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од актот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата се оспорува врвната активна моќност и прекумерно преземената реактивна електрична енергија кои можеле да бидат пресметковни елементи и предмет на облигационен однос за кој се предвидувале возвратни плаќања. Ова од причина што врвната активна моќност преставувала физичка појава, која била неопределена и неопределива и за неа не можело да се запази принципот на еднаквост на взаемните давања, од каде произлегувало дека одредбите биле спротивни на член 8 од Уставот и член 8, член 38 и член 39 од Законот за облигационите односи.
Прекумерно преземената реактивна електрична енергија не можела да биде предмет на облигационен однос бидејќи потрошувачите таа енергија не ја добиле, туку ја враќале во системот. Утврдувањето на цената како 40% од активната енергија било без правен или друг основ. За прекумерно превземената реактивна електрична енергија плаќале само некои потрошувачи од каде постоела дискриминација. Продавачот на енергија се стимулирал да не превзема мерки за компензација на реактивната електрична енергија (постоеле ефикасни технички начини за компензација на јаловата енергија, а не се употебувале) со цел да заработи повеќе, спротивно на член 55 став 2 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата во оспорената одредба не биле запазени правните норми присутни кај цивилизираните народи, кои биле преземени и во членовите 8, 38 и 39 од Законот за облигационите односи. Со цел да го објасни ваквото свое тврдење, како и тврдењето дека моќноста била само категорија од физиката во натамошниот текст на иницијативата подносителот изнесува неколку примери од кои произлегувало дека врвната активна моќност не можела да биде предмет на облигационен однос, дека е неодредена и неопределлива, како и дека по однос на неа не можел да се примени принципот на еднаквост на взаемните давања.
Според наведеното подносителот на иницијативата бара одредбите да бидат укинати како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, член 30 и член 55 од Уставот и членовите 8, 38 и 39 од Законот за облигационите односи.
Во натамошниот текст на иницијативата подносителот го појаснува изразот: „прекумерно пренесената реактивна електрична енергија“ на начин како што тој го разбира, од аспект на физиката како наука. Притоа акцентот го става на тврдењето дека за овој вид на енергија или јалова енергија, не постоело давање, сторување, трпење или несторување, од каде потрошувачот немал обрска за плаќање за струја која не ја примил. Имајќи предвид дека за ваков вид на енергија плаќале само оние потрошувачи кај кои мерачите прикажале реактивна електрична енергија над 33% од преземената активна електрична енергија, односно не сите, се поставувало прашањето која била причината за ваков вид на дискриминација?
Операторите на дистрибутивните системи и операторот на пренос на електрична енергија имале стручни екипи за компензирање на јаловата енергија, но тоа не сакале да го сторат со цел повеќе да заработат, што им се овозможувало преку оспорената одредба, од каде произлегувала и повредата на членот 55 став 2 од Уставот. Исто така имало повреда и на членот 30 од Уставот, како и на членовите 5, 7, 8, 9, 11 и 38 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001).
3. Судот на седница утврди дека во Главата со наслов III. „Пресметковни елементи за пресметка на надоместок за користење на дистрибутивниот систем„ во членот 5 став 1 од Тарифникот, пресметковни елементи за кои се определуваат тарифите за користење на дистрибутивниот систем се: 1. врвна активна моќност; 2. активна електрична енергија и 3. прекумерно преземена реактивна електрична енергија. Вкупниот надоместок за користење на дистрибутивниот систем претставува збир од надоместоците за: 1. врвна активна моќност; 2.активна електрична енергија и 3.прекумерно преземена реактивна електрична енергија. (став 2) Периодот за којшто се пресметуваат надоместоците од ставот 2 е еден месец, кој што не мора да биде идентичен со календарскиот месец. Тарифите од ставот 1 се утврдуваат за секоја категорија приклучоци. (став 3)
Согласно член 7 став 1 од овој тарифник, врвната активна моќност е најголемата измерена просечна активна моќност во временски интервал од 15 минути во текот на пресметковниот период во време на високите дневни оптоварувања. Под време на високи дневни оптоварувања од ставот 1 на овој член се подразбира временскиот пе- риод од 07:00 до 22:00 часот, во периодот за летно и зимско мерење на времето, за секој ден, освен недела. (став 2) Надоместокот за врвната активна моќност во пресметковниот период претставува производ од тарифата за врвна активна моќност (изразена во денари/kW) и врвната активна моќност (изразена во kW). (став 3) За група приклучоци од иста категорија кои се напојуваат преку иста трафостаница ВН/СН (за категоријата MV1), односно иста трафостаница СН/НН (за категоријата LV1.2) или се наоѓаат на иста градежна локација (за категоријата MV2) и е направено групирање според одредбите од точките 1, 2 или 3 од ставот 4 на членот 6, врвната активна моќност за групата се определува од збирната крива на оптоварување како најголемата врвна моќност во периодот на високи дневни оптоварувања. стр.102 – Бр.44 од 5 март 2014 (став 4) Ако мерната опрема кај сите приклучоци од една група не овозможува примена на одредбата од ставот 4 на овој член или начинот на регистрација на врвната моќност не е ист кај сите приклучоци од групата, врвната активна моќност на групата се пресметува како збир од измерените врвни моќности во секој приклучок поодделно.(став 5)
Во член 9 став 1 од Тарифникот, прекумерно преземената реактивна електрична енергија се утврдува со пресметка и се изразува во kvarh реактивни. (став 1) Прекумерно преземената реактивна електрична енергија претставува позитивна разлика помеѓу измерената преземена реактивна електрична енергија и реактивната електрична енергија што одговара на преземената активна електрична енергија со фактор на моќност од 0,95. (став 2) Надоместокот за прекумерно преземената реактивна електрична енергија за пресметковниот период претставува производ од тарифата за прекумерно преземена реактивна електрична енергија, изразена во денари/kvarh и пресметаната прекумерно преземена реактивна електрична енергија. (став 3) Производителите на електрична енергија плаќаат надоместок за прекумерно преземена реактивна електрична енергија само во периодите кога преземаат и активна електрична енергија.(став 4)
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.
Согласно член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Во членот 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/11, 136/11, 79/13, 164/13, 41/14 и 151/14), е определено дека со Законот за енергетика се уредува пазарот на електрична енергија (точка 5).
Согласно член 3 од наведениот закон е определено значењето на одделните изрази употребени во овој закон, при што во точката 44 од означената законска одредба се утврдува дека под квалификуван купувач се подразбира купувач кој купува енергија од производители, снабдувачи или трговци по слободен избор, а во точката 89 се утврдува дека под регулирана енергетска дејност се подразбира енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
Надлежноста и овластувањето за донесување на Тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН на Регулаторната комисија за енергетика произлегуваат од членот 22 став 1 од Законот за енергетика, според кој: „Заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика ги има следниве надлежности:го следи функционирањето на енергетските пазари заради обезбедување на сигурно снабдување со енергија и енергенти; 2) донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности; 3) донесува прописи, методологии за формирање на цени и тарифни системи за испорака на одделни видови на енергија и/или енергенти за тарифните потрошувачи; 4) донесува одлуки за цени и тарифи врз основа на соодветните прописи, методологии и тарифни системи;
Во членот 79 став 3 од Законот за енергетика се уредени елементите според кои се врши фактурирањето за испорачаната електрична енергија. Имено, снабдувачот на електрична енергија на своите потрошувачи им фактурира за испорачаната електрична енергија по договорната цена и надоместок за користење на пазарот на електрична енергија. Доколку снабдувачот има склучено договор со операторот на дистрибутивниот систем, согласно со членот 74 став 4 од овој закон, снабдувачот на електрична енергија на своите потрошувачи им ги фактурира и надоместоците за користење на преносниот и/или дистрибутивниот систем. Фактурирањето се врши врз основа на мерењата за потрошената активна и/или реактивна електрична енергија и за ангажираната електрична моќност, извршени од соодветниот оператор на системот.
Врз основа на член 22, став 1 алинеја 2 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/11, 136/11, 79/13 и 164/13), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на седницата одржана на ден 28.02.2014 година, донесе Тарифен систем за дистрибуција на електричната енергија за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија АД Скопје
Согласно член 1 став 1 од Тарифникот, со овој Тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија АД Скопје (во понатамошниот текст: Тарифен систем) се уредува начинот и условите за формирање и одобрува- ње на тарифите за пресметковните елементи за дистрибуција на електрична енергија, по кои, oператорот на дистрибутивниот систем (во натамошниот текст: ОДС) им го фактурира надоместокот за користење на дистрибутивниот систем на: потрошувачите на електрична енергија, вклучувајќи ги и производителите на електрична енергија за електричната енергија за сопствени потреби (во понатамошниот текст: потрошувачи), приклучени на дистрибутивниот систем за електрична енергија (во понатамашниот текст: дистрибутивен систем), и снабдувачите или трговците со електрична енергија со кои ОДС склучил договор со кој истите ги овластил да ги наплаќаат надоместоците за користење на дистрибутивниот систем и електропреносниот систем. ОДС на потрошувачите им го фактурира надо- местокот за користење на дистрибутивниот систем, како и надоместокот за користење на електропреносниот систем, утврден со Тарифниот систем за пренос и за пазар на електрична енергија. (став 2) Тарифите за пресметковните елементи треба да обезбедат, ОДС да го оствари регулираниот максимален приход утврден со одлука на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (во понатамошниот текст: Регулаторна комисија за енергетика), во согласност со Правилникот за начинот и условите за определување на регулиран максимален приход и регулирани просечни тарифи за пренос на електрична енергија, организирање и управување со пазарот на електрична енергија и дистрибуција на електрична енергија (во понатамошниот текст: Правилник) (став 3).
Според член 2 став 1 од Тарифникот, со овој Тарифен систем се утврдуваат: критериуми за определување на категории на приклучните места; пресметковни елементи и основи за формирање на тарифи за пресметковни елементи за користење на дистрибутивниот систем.
Согласно член 14 став 2 од Тарифникот, овој Тарифен систем влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Ма- кедонија“, а ќе се применува од 1 април 2014 година. Бр. 01-563/1 28 февруари 2014 година.
Врз основа на анализата на цитираните одредби произлегува дека определувањето на елементите од кои зависи висината на цената на електричната енергија од страна на Регулаторната комисија има свој уставен и законски основ, а оспорените делови од членот 5, 7 и 9 од Тарифниот систем преставуваат разработка на законски утврдената рамка.
Имено, согласно тарифниот систем испорачаната електрична енергија се наплаќа според пресметковни елементи, а тоа се активна електрична енергија, врвна активна моќност и прекумерно преземена реактивна електрична енергија, што е пракса повеќе години во Република Македонија и во повеќето европски земји. Со постоењето на врвната активна моќност како пресметковен елемент се испраќа сигнал за рамноправно оптоварување на електроенергетскиот систем, со што се оптимизираат трошоците и за домашното производство на електрична енергија, но што е уште позначајно и за увозот на електрична енергија, со што вкупните трошоци за набавка на електрична енергија се намалуваат, а со тоа и крајната цена за потрошувачите.
Отука, доколку не постои врвната активна моќност како пресметковен елемент, тогаш тарифите за активна електрична енергија за сите категории на потрошувачи ке се зголемат соодветно со цел да се обезбеди регулираниот максимален приход за вршење на дејноста дистрибуција на електрична енергија утврден согласно Правилникот за начинот и условите за определување на регулиран максимален приход и регулирани просечни тарифи за пренос на електрична енергија, организирање и управување со пазарот на електрична енергија и дистрибуција на електрична енергија. При проектирањето на било која мрежа или дел од мрежа (преносна или дистрибутивна), еден од основните параметри е едновремената моќност на корисниците се со цел да се оптимизираат трошоците при изградба на истите.
Имајќи предвид дека условите за испорачувањето и примањето на електричната енергија поблиску се утврдени во Законот за енергетика, произлегува дека специфичниот облигационен однос помеѓу продавачот и примателот на електрична енергија не може да се уредува исклучиво според правилата на Законот за облигационите односи, на што се инсистира во иницијативата, туку истиот е уреден во содејство со одредбите од Законот за енергетика. Оттаму, Судот утврди дека во иницијативата неосновано се тврди дека оспорената одредба ги повредувала членовите 5, 7, 8, 9, 11, 38 и 39 од Законот за облигационите односи. Доколу пак постои било каква неусогласенот помеѓу одредбите од овој закон и Законот за енергетика, тоа прашање не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија согласно членот 110 од Уставот.
Според наведеното Судот утврди дека оспорените член 5 став 1 точки 1 и 3 и став 2 точки 1 и 3; член 7 и член 9 од Тарифниот систем за пренос и за дистрибуција на електрична енергија за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија, оценувани од аспект на наводите во иницијативата, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.62/2014
25.03.2015 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева