139/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на организирање на исхраната во Армијата на Република Македонија бр.01-3204/1, донесен од министерот за одбрана на 8 јуни 2012 година.

2.Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 52 став 1 и член 96 од Уставот; член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа; член 20 став 1 точка 46 од Законот за одбрана; Законот за служба во Армијата на Република Македонија како и со член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 20 став 1 точка 46 од Законот за одбрана и заклучува дека од цитираните одредби не произлегувало дека министерот за одбрана бил овластен да носи Правилник за начинот на организирање на исхраната во Армијата на Република Македонија што значело дека оспорениот правилник бил донесен без постоење на уставен и законски основ.

Понатаму, подносителот наведува дека оспорениот правилник не можел да биде донесен од министерот, а имајќи го предвид член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа според кој со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и за другите правни лица да се утврдуваат права и обврски ниту да се пропишува надлежноста на други органи. Ова од причина што со правилникот се утврдени повеќе права за бесплатна исхрана на активниот воен и цивилен персонал на Армијата на Република Македонија.

Со оспорениот правилник повреден бил и член 96 од Уставот, од причина што со него изворно се пропишувале права и обврски, а чија надлежност била на законодавецот, а не на министерот за одбрана што не било во согласност со начелата на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Подносителот на иницијативата, исто така наведува дека правилникот не бил во согласност со член 52 став 1 од Уставот како и со член 3 точка 4 од Законот за објавување на закони и други прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

3.Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државна управа („Службен весник на РМ“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), а во врска со член 20 став 1 точка 46 од Законот за одбрана („Службен весник на РМ“ бр.42/2001, 5/2003, 58/2006, 110/2008, 51/2011 и 151/2011).

Со оспорениот правилник кој содржи 72 члена и прилози се утврдува начинот на организирање на исхраната во Армијата на Република Македонија на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија и тоа за: припадниците на Армијата, војник на доброволно служење на воен рок, кандидат за професионални курсеви, професионален војник, припадник на резервни сили на Армијата, питомец на Воената академија, воен старешина – офицер и подофицер и цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формацијата на Армијата, во мирновремени услови, за време на изведување на заеднички тактички вежби, мобилизациски вежби, вежби за проверување на борбената готовност, во воени услови и извршена мисија во странство подржана од сопствен национален елемент за поддршка или од национален елемент на земја пријател, како и начинот на организирање на службени животни во Армијата. Имено, со правилникот се уредени прашањата кои се однесуваат на начинот на организирање на исхраната, програмирање, планирање и организирање на исхраната, исхрана на службени животни, кучиња, составување на бројната состојба и додатоци во исхраната на службените животни.

Составен дел на Правилникот се и прилозите во кои се утврдени: норми за структурата и видовите на намирниците за целодневен готвен оброк за целодневен сув оброк, за целодневен готвен оброк во теренски – воени услови и др.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, сметаме дека оспорениот акт нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Според мислењето на Судот, оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој само се уредуваат одредени прашања кои се однесуваат на исхраната на лицата и службените животни во Армијата на Република Македонија.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, за кој овој суд не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.139/2014
18 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева