У.бр.162/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 77 став 8 и 9 и 77-а став 8 од Законот за извршување („Службен весник на РМ“ бр. 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 171/2010, 59/2011-пречистен текст, 148/2011 и 187/2013).

2. Душко Чангов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 77 став 8 и 9 и 77-а став 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со наведените одредби од Законот за извршување се доведува во прашање уставно гарантирано право на ефикасен правен лек уредено со член 15 и 50 од Уставот и член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи кои се признати во меѓународното право и утврдени во Уставот согласно членот 8 од Уставот претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу кои е и владеењето на правото.

Според подносителот со одредбите од членот 77 ставовите 8 и 9 се утврдува дека нема пропишан правен лек во случај кога извршителот не постапил, односно ако не спровел било какво извршно дејствие, а кое согласно член 40 од Законот за извршување е обврзан да го спроведе, или пак молчи и не постапува по применото барање за извршување. За ваквите сторени повреди направени од извршителот, претседателот на судот не може ништо да преземе,бидејќи при неспроведено извршно дејствие не можат да се направат неправилности при самото извршување, кое претседателот и судот би можел да го стави вон сила, ниту може да го задолжи извршителот да преземе и изврши пропуштено извршно дејствие.

Со одредбата од членот 77-а став 8 од Законот за извршување, со кој е уредено дека не е дозволено повторување на постапката во која правосилно се одлучило се доведува во прашање ефикасен правен лек против особено суштествени повреди на парничната постапка, односно против:

– гарантираното процесно право на граѓаните со кој е уредено во постапките да не учествува судија кој според закон морал да биде изземен (член 392 став 1 точка 1 од Законот за парничната постапка).
– на некоја странка со незаконито постапување не и била можност да расправа пред судот (член 392 став 1 точка 2 од Законот за парнична постапка).
– во постапката како доверител или должник учествувало лице кое не може да биде странка (член 392 став 1 точка 3 од Законот за парничната постапка).

Според подносителот овие три особено суштествени повреди уредени во член 392 од Законот за парничната постапка непрекинато во судската практика се случуваат токму во извршната постапка по вложен приговор против неправилности при извршувањето на неможност да се отстранат бидејќи во извршната постапка не е дозволено повторување на постапката.

Поради ова правосилните одлуки стануваат конечни, со конечни правни последици и ако во првостепената постапка постапувал судија кој бил во сродство со доверителот или должникот, стануваат конечни и ако на должникот или на доверителот не му биле доставени вложениот приговор или вложената жалба и со тоа биле оневозможени да расправаат пред судот, стануваат конечни и ако во првостепената или второстепената постапка место должникот или доверителот учествувал извршителот кој не е странка.

3. Судот на седницата утврди дека:

Според оспорениот став 8 од член 77 од Законот за извршување „Претседателот на со решение со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила преземање извршни дејствија“.

Според оспорениот став 9 од член 77 од Законот за извршување „Претседателот на судот со решение не може да го запре извршувањето, да укинува извршни дејствија, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија.

Според оспорениот член 77-а став 8 од Законот за извршување „Против правосилна одлука на судот, не се дозволени ревизија и повторување на постапката“

4.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,покрај другите, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Во член 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005) влегол во сила на 26 мај 2005 година, а неговата примена согласно членот 240 започнал да се применува од 26 мај 2006 година, односно 1 година од денот на неговото влегување во сила.

Овој закон претрпел повеќе измени и дополнувања објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 ,171/2010, 148/2011 и 187/2013).

Со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврската, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Овој закон се применува и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарските исправи и други извршни исправи предвидени со закон. Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и воздухоплов.

Според член 2 од Законот, основа за извршување претставува извршна исправа, а според членот 12 извршни исправи се 1. извршна судска одлука и судско порамнување, 2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласот на исполнување на пореска обврска, 3) извршна нотарска исправа за заклучок на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето, 3б) решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесена од нотар и 4) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон. Потврда за извршност дава Судот, односно органот кој одлучува за побарувањето во прв степен.

Неоснованата потврда за извршност со решение ќе ја укине истиот суд, односно орган по предлог или по службена должност.

Според член 17 од Законот, извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнување на обврската. Доколку во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување, извршителот со покана го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.

Во членовите 77 и 77а од Законот за извршување се уредени прашањата кои се однесуваат на приговорот против неправилности при извршувањето и правото на жалба против решението на претседателот на основниот суд.

Во членот 77 од наведениот закон кој е поместен во поднасловот „Приговор против неправилности при извршувањето“е предвидено дека :

(1) Странката или учесникот којшто смета дека при извршувањето се сторени неправилности може да поднесе приговор до претседателот на основниот суд на чија територија извршувањето, или пак дел од него, се спроведува.

(2) Приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на неправилноста, но не подоцна од 15 дена по завршувањето на извршувањето.

(3) Претседателот на судот одлучува по приговорот во рок од 72 часа по приемот на приговорот.

(4) По потреба претседателот на судот може да одлучи да ги сослуша странките и учесниците и извршителот.

(5) Приговорот се доставува до странките, учесниците и извршителот на одговор, заедно со поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување на странките и учесниците пред судот, ако е утврдено тоа.

(6) Претседателот на судот донесува решение по приговорот во рокот определен во ставот (3) на овој член, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор по приговорот или пак изјавила дека истиот не го оспорува.

(7) Со решението претседателот на судот, може приговорот да го одбие или да го усвои.

(8) Претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила преземените извршни дејствија (оспорен став).

(9) Претседателот на судот со решението не може да го запре извршувањето, да укинува извршни дејствија, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија (оспорен став).

Имајќи ја предвид содржината на членот 77 како и целината на Законот за извршување, неспорно произлегува дека приговорот против неправилностите при извршувањето претставува средство за заштита на странките во случај на неправилности и незаконитости сторени од страна на извршителот при спроведувањето на самото извршување.

Неправилностите што може да ги направи извршителот при извршувањето можат да бидат разновидни и да се однесуваат, на пример, на обемот на извршувањето (член 4 од Законот), повреда на начелото на заштита на должникот (член 5 став 1 од Законот), непочитување на достоинството на личноста при спроведување на извршувањето (член 5 став 2), повреда на начелото на итност и редоследност при постапувањето (член 6 од Законот), повреда на одредбите од законот кои се однесуваат на времето кога извршувањето може да се спроведе (член 74), или пак на самото спроведување на извршувањето (член 75) итн. Неспорно е дека со повреда на законските одредби за извршувањето, односно со неправилно и незаконско спроведување на извршувањето се повредуваат правата на странките, односно доверителот или должникот, така што и одлуката на судот по приговорот за неправилности при извршувањето, има за цел отстранување на неправилностите и заштита на правата на странките и учесниците.

Претседателот на Судот кој одлучува по приговорот со решението со кој го усвојува приговорот ги констатира направените неправилности и ги става вон сила преземените извршни дејствија. Притоа, претседателот на судот согласно членот 77-а ставовите 8 и 9 од Законот не е овластен да го запре извршувањето, да го натера извршителот да презема одредени извршни дејствија,ниту пак да ги укине преземените дејствија.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека право е на законодавецот да утврди кои дејствија може да ги презема, а кои не претседателот на судот кој одлучува по приговорот против направените неправилности од страна на извршителот.Таксативното наведување што не може да утврди претседателот на судот од ставовите 8 и 9 од членот 77 од Законот кои се оспорени со иницијативата,според мислењето на Судот е во насока на брзо,стручно и ефикасно извршување на одлука на суд или орган,односно, функционален и ефикасен систем на извршување.

Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 77 ставовите 8 и 9 од Законот за извршување со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во членот 77-а од Законот за извршување кој е поместен во поднасловот „Жалба против решението на претседателот на основниот суд “предвидено е дека:

(1) Против решението на претседателот на судот, странката или учесникот има право да поднесе жалба до апелациониот суд, на чие подрачје се наоѓа Основниот суд.

(2) Жалбата се поднесува во рок од три дена по приемот на решението од членот 77 преку основниот суд.

(3) Примерок од жалбата се доставува до спротивната странка и учесникот, кој може во рок од три дена да поднесе одговор на жалба.

(4) По добивањето на одговорот на жалбата или по истекот на рокот за одговор, предметот во рок од три дена ќе се достави до апелациониот суд, кој е должен во рок од пет дена да одлучи по жалбата.

(5) Жалбата не го задржува извршувањето.

(6) Доставувањето на жалбата, одговорот на жалбата и решението на претседателот на судот, до странките и учесникот, се врши преку извршител чие седиште е на територијата на судот на која е преземено оспореното дејствие.

(7) Апелациониот суд, одлучувајќи по жалбата, може решението да го потврди или да го преиначи.

(8) Против правосилната одлука на судот, не се дозволени ревизија и повторување на постапката (оспорен став).

Од анализата на членот 77-а од Законот произлегува дека против решението што го донесува претседателот на основниот судот по повод приговорот на странката е дозволена жалба, по која одлучува апелациониот суд на подрачјето каде припаѓа основниот суд.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека подносителот на иницијативата, поднесувањето на вонреден правен лек погрешно го поистоветува со поднесување на жалба, од каде влече и погрешен заклучок дека отсуството на можноста за поднесување на вонреден правен лек против правосилна судска одлука, значело повреда на двостепеноста во извршната постапка,од кои причини наводите во иницијативата се неосновани .

Според Судот, право е на законодавецот, покрај жалбата како редовен правен лек (која е предвидена во извршната постапката), во определени случаи и под определени услови, да предвиди и можност за поднесување на вонредени правни лекови (ревизија или повторување на постапката), доколку смета дека тоа е во функција на обезбедување на поголема заштита на правата и интересите на странките во постапката и јакнење на законитоста, како елемент на владеењето на правото. Отсуството на ваква можност против извршна исправа врз основа на која се спроведува извршување е проценка на законодавецот, поради што не може да е постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот за извршување со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.162/2014
18 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева