Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување на имиња на девет нови улици во град Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино на седница одржана на 04.11.2013 година, број 07-569/12 од 04.11.2013 година, објавена во “Службен гласник на Општина Неготино”, број 14/2013 од 06.11.2013 година.
2. Министерството за локална самоуправа-Државен инспекторат за локална самоуправа-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката наведена во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, Државниот инспекторат за локална самоуправа согласно член 23 став 2 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 158/2010), поднесува иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката за определување на имиња на девет нови улици во град Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино, број 07-569/12 од 04.11.2013 година, објавена во “Службен гласник на Општина Неготино”, број 14/2013 од 06.11.2013 година, чија примена со Решение бр.17-511/1 од 11.03.2014 година, ја запрел.
Државниот инспекторат, повикувајќи се на член 8 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004), ја запрел примената на оспорената Одлука, бидејќи согласно членот од наведениот закон, определување на имиња на улици не можело да се врши шест месеци пред одржување на редовните претседателски парламентарни и локални избори и една година пред планиран попис на населението.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Неготино, врз основа на член 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004), член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002) и член 79 став 1 точка 24 од Статутот на Општина Неготино („Службен гласник на Општина Неготино“ број 3/2006, 2/2011, 9/2011 и 16/2012), на седницата одржана на ден 04.11.2013 година, донел Одлука за определување на имиња на девет нови улици во град Неготино.
Во членот 1 од Одлуката се наведува дека со истата се определуваат имиња на девет нови улици во град Неготино и тоа:
1. Улицата која се протега од пресекот со улицата “Маршал Тито” се до границата на градежниот опфат на град Неготино кај зградата на СОУ “Св Кирил и Методи”, ќе го носи името “Гимназиска”.
2. Улицата која се протега од пресекот со улицата “Индустриска”, од левата страна завршува со улицата “Брестин дол”, а од десната страна не се сече со постоечка улица, ќе го носи името “Винарска”.
3. Улицата која што започнува од пресекот со улицата “Индустриска”, се протега на север, потоа продолжува на запад и повторно се вкрстува со ул. “Индустриска” (кај стопанскиот објекти на “Ролопласт”), ќе го носи името “Брестин дол”.
4. Улицата која што започнува од пресекот со улицата “Индустриска” и оди по патот Неготино – с. Курија и завршува до границата на градежниот опфат ќе го носи името “Куриски пат”.
5. Улицата која што започнува од пресекот со улицата “Куриски пат” и продолжува на запад до границата на градежниот опфат ќе го носи името “Црвеника”.
6. Улицата која што започнува од пресекот со улицата “Индустриска” и продолжува на запад до границата на градежниот опфат ќе го носи името “Бел камен”.
7. Улицата која се протега паралелно со улицата “Индустриска”, а започнува од пресекот со улицата “Бел камен” и продолжува југозападно се до улицата “Серта”, ќе го носи името “Венецот”.
8. Улицата која што започнува од пресекот со улицата “Индустриска” и продолжува на запад и завршува на југ со пресекот со ул. “Маршал Тито”, ќе го носи името “Серта”.
9. Улицата која што започнува од пресекот со улицата “Индустриска” се протега на северо-запад се до улицата “Серта” ќе го носи името “Туристичка”.
Во членот 2 од Одлуката, се наведува дека истата влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Неготино”.
Одлуката е со број 07-569/12 од 04.11.2013 година, а објавена е во “Службен гласник на Општина Неготино”, број 14/2013 од 06.11.2013 година.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 51 од Уставот, е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004, 55/2007, 145/2010, 136/2011 и 163/2013), се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, нумерирање на објектите наменети за живеење и работа, поставување и одржување на табли со имиња на улиците и куќните броеви, како и водење на регистар и евиденција на имиња на улици и куќни броеви (член 1 од Законот).
Согласно член 8 став 1 од Законот име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да се промени на начин и во постапка за нивно определување.
Според ставот 2 од членот 8 од наведениот закон, промената од ставот 1 на овој член не може да се врши шест месеца пред одржување на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред планиран попис на населението.
Од содржината на членот 8 став 2 од Законот, произлегува дека законодавецот со истата уредил забрана промената име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект, да може се врши шест месеца пред одржување на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред планиран попис на населението.
Советот на Општина Неготино, ја донел оспорената одлука на ден 04.11.2013 година, под број 07-569/12 од 04.11.2013 година, а објавена е во “Службен гласник на Општина Неготино”, број 14/2013 од 06.11.2013 година.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, на 1 февруари 2014 година, донел Решение за распишување избор за Претседател на Република Македонија, број 08-608/1 од 1 февруари 2014 година, објавено во “Службен весник на Република Македонија” број 25/2014, кое влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, во кое се наведува дека изборот ќе се одржи на 13 април 2014 година.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена на 04.11.2013 година, односно 5 месеци и 9 дена пред одржувањето на редовните петти по ред претседателски избори, одржани на 13 април 2014 година.
Со оглед дека Советот на Општина Неготино, со донесената оспорена Одлука, извршил промена на имиња на девет улици во град Неготино на 4 ноември 2014 година, Судот утврди дека оспорената Одлука е донесена спротивно на член 8 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.
5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука донесена од Советот на Општина Неготино со одредбите од член 8 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.49/2014
18 март 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева