Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 4 март 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија, број 42/2014).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 169 став 4 од Законот означен во точка 1 од решението.
3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, со оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот, се наметнувала обврска за граѓанинот да ја докажува својата неосудуваност пред Министерството за внатрешни работи, за да може да се стекне со право на работа. Тоа предизвикувало негативен психолошки ефект врз чувството, достоинството и угледот на граѓанинот, а согласно одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик, се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност, уредено во функција на заштита на човековото достоинство.
Оттука, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 11 став 1, член 25, член 32 ставови 1 и 2 и член 51 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата приговорот требало да го одлага извршувањето на решението до донесувањето на конечното решение по приговорот, како што произлегувало од член 112 став 3 од Законот за судската служба, па оттука оспорениот членот 169 став 4 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и Амандаманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, кандидатот задолжително кон пријавата приложува и доказ за неизречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Судот исто така утврди дека оспорениот член 169 став 4 од Законот определува дека приговорот против решението од ставот 2 на овој член, не го одлага извршувањето на решението.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд (став 1). Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон (став 2).
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 106 став 4 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ брoј 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014 и 199/2014) е определено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.
Според ставот 5 од членот 106 од Кривичниот законик никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.
Од содржината на цитираните уставни одредби, произлегува дека тие ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права, па оттука, почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на човекот и граѓаните на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка за вработување можат службено да се проверат.
Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност, е уредена во функција на заштита на човековото достоинство.
Во конкретниот случај со член 73 ставови 1 и 2 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија, број 42/2014) е уредена содржината на пријавата за засновање работен однос во Министерството, како и доказите кои задолжително се приложуваат кон пријавата за податоците внесени во истата.
Според оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот, кандидатот задолжително кон пријавата приложува и доказ за неизречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба која налага задолжително приложување на доказ по однос околноста дали на кандидатот за вработување не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, според Судот тоа се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда (член 33 став 6 од Кривичниот законик). Оттука, по оцена на Судот тоа уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинствотото на секој граѓанин, но и спротивно на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност или за неосудуваност.
За Судот, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната, меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган кој врши вработување и кој што ја утврдувал таа законска обврска кој ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на Законот.
Поради наведеното, уредувањето со оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, според Судот не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.
Со членот 169 од Законот за внатрешни работи се уредува:
(1) На работник во Министерството, му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој и посебен закон.
(2) Решението за прекинување на договорот за вработување од ставот 1 на овој член, го донесува министерот.
(3) Работникот од ставот 1 на овој член, има право на приговор против решението за прекинување на договорот за вработување во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(4) Приговорот против решението од ставот 2 на овој член, не го одлага извршувањето на решението (оспорена одредба).
Исполнети услови согласно посебен закон, подразбира исполнетост на услови за остварување на правото на пензија согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/14, 113/14, 160/14 и 188/14), кој како системски закон утврдува дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж (член 18 од Законот).
Согласно член 174 став 1 од Законот за внатрешни работи Министерството ги прекинува договорите за вработување на работниците по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на работникот, без оглед на неговите години на возраст.
Според член 83 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување работник на Министерството за внатрешни работи кој има најмалку 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години живот (маж), односно 50 години живот (жена), може да оствари право на старосна пензија, ако работниот однос му престане по потреба на службата.
Исто така, Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013 и 113/2014), во рамки на одредбите што се однесуваат на прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, предвидува работодавачот да го прекине договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж (член 104 став 1 од Законот).
Министерството за внатрешни работи по сила на Законот го прекинува договорот за вработување заради исполнување на законски предвидени услови, што не претставува субјективна проценка на работодавачот, туку истото за своја основа ја има претходно утврдената фактичка состојба за исполнетост на условите за остварување на правото на пензија, врз основа на евиденцијата која се води за работникот (според критериумот-возраст согласно неговиот единствен матичен број, односно критериумот-работен стаж согласно евиденцијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија).
Од анализата на оспорениот член 169 став 4 од Законот за внатрешни работи, произлегува дека приговорот против решението за прекин на договорот за вработување кога се исполнети условите за остварување на право на пензија, утврдени со Законот за внатрешни работи или посебен закон, не го одлага извршувањето на решението, што значи дека евентуално вложениот приговор нема суспензивно дејство.
Подносителот на иницијативата смета дека приговорот требало да го одлага извршувањето на решението до донесувањето на конечното решение по приговорот, па оттука оспорениот член 169 став 4 од Законот, не бил во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува со иницијативата, конкретно со Амандманот XXI од Уставот.
Од содржината на Амандманот XXI на Уставот произлегува дека уставотворецот се определил правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања, како што е и во конкретниов случај да се уредат со закон. Ова значи дека уставотворецот не ги уредува и утврдува елементите и својствата на жалбата, роковите за изјавување на жалбата, овластените субјекти или пак дали истата ќе има суспензивно или одложно дејство, туку препуштил сите прашања по однос на жалбата како правен лек да се уредат со закон.
Во случајов, со Законот за внатрешни работи е уредена правна заштита против поединечни правни акти донесени во прв степен пред Министерството за внатрешни работи, односно дозволена е правна заштита – приговор против решението за прекинување на договорот за вработување, што пак од друга страна не значи дека со тоа се исцрпуваат сите правни средства за заштита на правата на вработените, со оглед дека секој може своите правни интереси да ги заштитува и пред надлежните судски органи, од кои причини според Судот неосновано е тврдењето со иницијативата дека оспорениот член 169 став 4 од Законот за внатрешни работи не е во согласност со Амандманот XXI на Уставот.
Исто така, според Судот, неосновано е оспорувањето на овој член од Законот од аспект на уредувањето со членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот, според кои секој има право на работа и слободен избор на вработување, односно достапност на работно место секому под еднакви услови. Ова од причини што тука не станува збор за услови за вработување, туку за прекинување на договор за вработување на постоен вработен во Министерството поради исполнување услови за остварување на правото на пензија утврдени со Законот за внатрешни работи и посебен закон. Оттука, според Судот, продолжувањето на работниот однос на работникот во Министерството за внатрешни работи до завршување на постапката по поднесен приговор, би претставувало непостапување по одредбите од Законот за внатрешни работи, односно Законот за работните односи, каде децидно е утврдено кога се прекинува договорот за вработување на работникот, а со тоа и непочитување на одредби според кои по сила на закон престанува работниот однос.
6. Имајќи го предвид погоре изнесеното, според Судот во однос на оспорениот член 73 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, основано се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот, а во однос на оспорениот член 169 став 4 од наведениот закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на законската одредба со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.55/2014
4 март 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева