146/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 67 од Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците и „Макпетрол“ АД-Скопје бр.0402-186/1 од 29 март 2010 година.

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 67 од Колективниот договор немал основа во Уставот и Законот за работните односи. Имено, во смисла на член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори, па оттука платата и надоместоците на плата на работниците можело да се утврдуваат само и исклучиво со закон и колективен договор, а не со Правилник, како што било предвидено во оспорената одредба.

Ваквиот став, се потврдувал и со одредбите во Законот за работните односи – член 105 став 1, член 106 став 2 и член 28, поради што, според подносителот на иницијативата оспорениот член 67 од Колективниот договор бил во спротивност со сите погоренаведени уставни и законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 67 од Колективниот договор делот од плата за работна успешност е стимулативен дел и зависи од остварените резултати на работењето во Друштвото и на секој работник поединечно, со можност за давање на оценска листа согласно работно упатство.

Променливиот (стимулативен) дел на платата ќе се пресметува и исплатува согласно Правилникот за вреднување на работните места и определување на плата и надоместоци на плата во „Макпетрол“ АД – Скопје.

Во услови на економски потешкотии во работењето или на нереално поединечно изразени финансиски резултати во поодделни организациони делови или во целина на Друштвото, Управниот одбор или по негово овластување, Претседателот може со одлука да определи исплаќање само на основниот дел на платата или да определи еднакво стимулативен дел во определени организациони делови или во целина на Друштвото или со истата цел да определи други фактори на корекција на стимулативниот дел.

4. Во смисла на член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 ставови 3 и 5 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013 и 113/2014), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Во член 12 став 2 од Законот се предвидува дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Во ставот 4 од истиот член од Законот се предвидува дека правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Согласно член 28 став 1 точки 9 и 10 од Законот, договорот за вработување, особено содржи одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување и одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор.

Според член 105 од Законот, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување (став 1). Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено (став 3).

Во член 106 став 2 од истиот Закон, работната успешност на работникот се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за која што работникот го склучил договорот за вработување.

Од анализата на содржината на оспорениот член 67 од Колективниот договор, произлегува дека во него се определува делот од платата за работната успешност кој се нарекува стимулативен дел, а начинот на неговото пресметување и исплатување се врши со Правилник за вреднување на работните места и определување на плата и надоместоци на плата во „Макпетрол“ АД – Скопје. Оттука, според Судот, оспорениот член од Колективниот договор не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, односно со член 32 став 5 од истиот, бидејќи со подзаконскиот акт на кој се упатува во оспорениот член не се утврдува право, туку начинот на пресметување и исплатување на стимулативниот дел од платата.

Во Законот за работните односи со член 105 став 1 се утврдува правото на работникот на плата односно заработувачка, а пак во став 3 на истиот член од Законот се утврдува дека платата е составена од основна плата, дел од плата за работната успешност и додатоците. Оттука, јасно произлегува дека со Правилникот предвиден во ставот 2 на оспорениот член 67 од Колективниот договор не се утврдува право, туку се упатува на децидно пресметување и утврдување на висината на променливиот (стимулативен) дел на платата. Со наведениот подзаконски акт се врши доразработка, односно доуредување на веќе утврденото право ,односно на критериумите и условите за исплата на стимулативниот дел.Тоа посебно се однесува на финансиската состојба на друштвото, поточно на остварените финансиски резултати, домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за која што работникот го склучил договорот за вработување.

Наведените критериуми се содржани и обработени во Правилникот за вреднување на работните места и според истите се определува висината на плати и надоместоци на плати во „Макпетрол“ АД – Скопје. Според Судот, истиот претставува интерен акт на работодавачот преку кои се операционализира примената на колективниот договор и е во функција на истиот.

Од направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член 67 од Колективниот договор е во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.146/2015
4 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева