83/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 4 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2 во делот

2. Владимир Стефановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, со оспорениот член 12 став 2 во делот: “како и жалбата за која не е платена судска такса” од Законот за стечај и член 6 став 3 од Законот за судските такси, им се нанесувало штета на граѓаните, бидејќи во дадениот рок од правната поука за правно средство, граѓанинот кој немал пари да ја плати судската такса, го губел правото на жалба загарантирано со Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека со Законот за судските такси е регулирана постапката за наплата на неплатена такса од таксениот обврзник, конкретно дека согласно член 30 став 4 од Законот, таксата ќе биде наплатена преку Управата за јавни приходи по присилен пат зголемена за 50% на име казнена камата, што во пракса би значело дека предметот се доставувал до надлежниот суд на постапување по изјавената жалба, а не како што бил случајот на граѓанин посочен со иницијативата, на која жалбата против решение од стечајна постапка на Основен суд Скопје 2 Скопје и била отфрлена согласно одредбите од законите кои сега се предмет на оспорување со иницијативата. На ова подносителот наведува дека познато била околноста на доцнење на пензиите, поради што граѓаните во секое време не располагале со средства со кои би можеле да платат судски такси или други јавни давачки, па оттука се поставувало прашањето дали граѓанинот кој немал пари да ја наплати судската такса, го губи уставно загарантираното право да поднесе жалба, а каков што бил и случајот со посочениот граѓанин-пензионер со иницијативата.

Од овие причини, оспорените законски одредби не биле во согласност со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, а со иницијативата се предлага и времена мерка со која ќе се запре извршувањето на оспорените законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека членот 12 став 2 од Законот за стечај определува дека по приемот на жалбата ненавремената, недозволената или нецелосната жалба, како и жалбата за која не е платена судска такса со решение, ќе се отфрли. Стечајниот судија првиот работен ден по приемот на жалбата предметот, со сите списи, го доставува до апелациониот суд. Поднесената жалба не се доставува на одговор на спротивната страна.

Со иницијативата предмет на оспорување е делот: “како и жалбата за која не е платена судска такса” од членот 12 став 2 од Законот за стечај.

Судот исто така утврди дека според оспорениот член 6 став 3 од Законот за судските такси, во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд (став 1). Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од содржината на цитираните уставни одредби произлегува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и со тоа да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, при што јавните давачки ги пропишува Собранието на Република Македонија.

Во член 1 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009, 148/2011 и 106/2013) се определува дека „со овој закон се уредува плаќањето на судските такси за дејствија пред судовите во Република Македонија и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.“

Со наведениот закон поблиску се определени постапките во кои се плаќа судска такса вклучително и стечајната постапка (член 2 од Законот), а исто така се утврдува дека судските такси се приход на Буџетот на Република Македонија (член 8 од Законот).

Со членовите 10-17 од Законот за судските такси се уредуваат прашања во врска со ослободување од плаќање на судската такса, а со членовите 32-36 од Законот се пропишуваат правилата за враќање на платената судска такса.

Конкретно членот 11 од Законот за судските такси определува дека „Ослободени од плаќање на такса се: поранешните вработени за пријавување на побарување од работен однос кај стечајниот должник во стечајна постапка согласно со Законот за стечај, граѓаните во постапка за одлучување по барање за ослободување од трошоци на постапката, граѓаните во управни спорови од областа на социјалното осигурување, социјалната помош, старателството и посвојувањето и денационализација и граѓаните во постапка за извршување на барање за доверување на дете на чување и воспитание.

Со член 13 од Законот за судските такси е определено во кои случаи судот ќе ја ослободи од плаќање такса странката (став 1), како и уредување за можно одлагање на плаќање на таксата се до донесувањето на одлуката, како и уредување за дозволено плаќање на таксата на рати (став 2). Исто така, според член 14 став 2 од Законот за судските такси решението за ослободување од такса судот ќе го укине во текот на постапката ако утврди дека странката е во состојба да ја плати таксата. Притоа, судот ќе одлучи дали странката во потполност или делумно ќе ја плати таксата од која порано била ослободена.

Со оспорениот член 6 став 3 од Законот за судските такси е определено дека во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.

Со член 8 став 2 (начела на постапката) од Законот за стечај, е определено начелото на итност на стечајната постапка.

Оттука произлегува дека целта на уредувањето на оспорениот член 6 став 3 од Законот за судските такси е да се обезбеди навремено плаќање на таксата имајќи ја во вид итноста на стечајната постапка која се води пред надлежните судови.

Со оспорениот член 12 став 2 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија”, број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013 и 29/2014), пропишано е правило на однесување на судот во случај на ненавремена, недозволена или нецелосна жалба, како и во случај кога странката нема платено судска такса за жалба, а тоа е дека во овие случаи судот нема да постапува по жалбата, односно со решение истата ќе ја отфрли.

Од анализата на член 12 став 2 вклучително и оспорениот дел: “како и жалбата за која не е платена судска такса” од Законот за стечај, произлегува дека отфрлањето на жалбата не е последица од отсуство на правно уредување на правото на жалба бидејќи правото е уредено со ставот 1 од членот 12 од Законот за стечај, туку како последица од непостапување на таксениот обврзник по оспорената законска одредба од член 6 став 3 од Законот за судските такси.

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од законите како несогласни со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, бидејќи така како што тие се уредени, доведувале до состојба граѓаните кои немале парични средства да не можат да го остваруваат правото на жалба загарантирано со Уставот.

Во оваа насока, законодавецот ги имал предвид ваквите можни или слични состојби во кои се наоѓаат или може да се најдат граѓаните, така што со Законот за судските такси пропишувајќи обврска за наплата на судски такси, истовремено предвидел и исклучоци од истото во зависност од имотната состојба на странката, за која уредил право да бара ослободување од наплата на судски такси, одлагање на наплата на судски такси или плаќање на истите на рати, со цел да се избегне можноста, фактичката економска состојба на граѓаните да доведе до неможност за остварување на уставно загарантираните права на граѓаните пред судовите.

Поради наведеното, според Судот, неосновани се наводите од иницијативата дека со оспорените одредби од наведените закони, се одзема уставно загарантираното право на жалба на граѓаните кои не се во состојба да учествуваат во намирувањето на трошоците за дејствие што треба да ги преземе судот.

Што се однесува до наводите од иницијативата како требало да постапи надлежниот суд во случајот наведен со иницијативата, односно дека согласно член 30 од Законот за судските такси, државата во секој случај можела да ја наплати таксата од посочениот граѓанин преку Управата за јавни приходи и тоа двојно повеќе, тоа се наводи за оспорување на одредбите од законите од аспект на нивната фактичка примена, за што Уставниот суд не е надлежен, бидејќи согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд е да одлучува за согласноста на законите со Уставот од аспект на нивната содржина.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 12 став 2 во делот: “како и жалбата за која не е платена судска такса” од Законот за стечај и член 6 став 3 од Законот за судските такси со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.83/2014
4 март 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева