6/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoт 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата наведениот оспорен дел од членот 6 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, бил во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија и член 12 ставовите 2, 3 и 4 од Законот за работните односи.

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел се доведувала во прашање целата одредба, затоа што тој дел од членот бил контрадикторен со смислата на целата одредба и фактички таа била неспроведлива (се девалвирале, обезвреднувале и омаловажувале веќе споменатите уставни и законски одредби) и поради тоа бил во директна спротивност со одредбата на член 32 став 5 од Уставот според кој, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Тој факт бил поткрепен и со општата одредба на член 12 ставови 3 и 4 од Законот за работните односи, според кој со договорот за вработување, односно со колективен договор можело да се одредат права, кои за работниците биле поповолни, отколку што ги определува овој закон. Правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можело да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Од тие причини, во иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 од Колективниот договор и истиот во оспорениот дел да се поништи.

3. Судот на седница утврди дека според член 6 од Колективниот договор, со овој колективен договор можат да се предвидат одделни права кои за работниците се поповолни од правата што ги определува Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за одбрана, Законот за Воената академија и Законот за јавните службеници (во натамошниот текст: соодветните закони), ако тоа не е во спротивност со закон.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 1 од Законот за работните односи, како lex generalis, ги уредува работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во член 12 став 1 од Законот за работните односи, е предвидено дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон (став 2). Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон (став 3). Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот (став 4).

Колективниот договор, кој е предмет на уставно-судска анализа е склучен помеѓу Министерството за одбрана и Синдикатот на одбраната и безбедноста, што значи истиот се однесува на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

Според член 1 од Колективниот договор се предвидува дека со него се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија од една страна, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работните односи или во врска со работните односи.

Од анализата на наведените одредби јасно произлегува дека со оспорениот Колективен договор може да се предвидуваат одделни права кои за работниците се поповолни од правата што ги определува Законот за работните односи, како и Законот за служба во Армијата на Република Македонија (како lex specialis), Законот за државните службеници, Законот за одбрана, Законот за Воената академија и Законот за јавните службеници.

Колективниот договор уредува повеќе работно-правни институти, а особено: засновање на работен однос, права на работниците и нивната положба, осигурување на работниците, плата, надоместоци на плата и други примања, информирање на работниците, материјална одговорност, односно надомест на штета, школување, стручно оспособување и усовршување и специјализација за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија и обврска за работа по нивното завршување, синдикатот, престанок на работен однос, заштита на правата на работниците и други прашања во врска со оваа проблематика.

Предвидените одредби во оспорениот Колективен договор се резултат на специфичниот карактер на видот на работата, поради што истите се уредени на начин кој е сосема прифатлив и поповолен за сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, особено за воениот и цивилниот персонал вработен во неа, а кое е во согласност со Законот за работните односи ( член 12 став 3).

Оспорениот член 6 од Колективниот договор е поместен во Глава A) Општи одредби и оспорената формулација која е употребена во овој член, според Судот има пошироко значење и истата исклучиво се однесува на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија, а особено во постапката за засновање на работен однос со професионалните војници кои се примаат на служба во Армијата, каде е неопходно да се применат и за прием на професионалните војници, а со цел обезбедување на начелата на транспарентност, објективност, еднаквост, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за негова несогласност со Уставот и наведените законски одредби.

Судот на седница утврди дека, погорецитираната одредба не може да се доведе под сомнение по однос на Уставот и позитивните законски норми кои го уредуваат ова прашање, а пред се поради тоа што законодавецот за ваква правна ситуација и не можел да направи поконкретно, попрецизно формулирање на одредбата, со општо нормативно формулирање кое по својата суштина значи отстапување од принципот на лесно препознатлив опис на нормата. Во крајна линија иако ваквите норми не се докрај определени, тие се секогаш определиви и како такви не се проблематични по однос на принципот на владеењето на правото и техниката на сочинување на нормите како нејзин составен дел.

Законот за служба во Армијата на Република Македонија содржи низа одредби кои упатуваат, односно даваат можност и обврска токму поради спецификата на воената служба и лицата кои ја вршат, одреден дел од прашањата уредени во овој закон да се доуредат и со друг закон.

Имајќи ја во вид напред наведената аргументација по однос на оспорениот дел на членот 6 од Колективниот договор, Судот утврди дека не е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 32 став 5 и член 51 од Уставот и со законите на кои се укажува во иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.6/2014
18.02.2015 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева