У.бр.140/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка 10 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 точка 4 во делот:„ а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување“ од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” број 37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010, 88/2010, 51/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 39/2014, 44/2014 и 113/2014).

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби биле во спротивност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 32 став 1, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Имено, ако Република Македонија била демократска и социјална држава и се применувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, вакви ограничувања и вакви скратувања на правата на човекот и граѓанинот, како што пропишувале оспорените одредби, не можеле да се предвидуваат. Ова затоа што слободите и правата на човекот и граѓанинот предвидени со Уставот можеле да се ограничуваат само во случаи утврдени со Уставот, а не и во случаи предвидени со закон, како во случајот. Законодавецот, при нормирањето на оспорените одредби, не ги почитувал наведените уставни одредби и со тоа ги повредил тие уставни одредби на штета на корисниците на паричниот надоместок.

На сите осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување наведени во член 11 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, немало никакво ограничување или скратување на тоа право, освен со оспорениот законски дел, со што се повредувало владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Тоа значело дека вработените граѓани се наоѓале во поинаква поповолна положба од корисниците на паричниот надоместок.

Нормативната функција на државата во областа на социјалната сигурност и социјалното осигурување со Уставот не била димензионирана, меѓутоа со законите од оваа област морало да бидат утврдени начела кои еднакво ќе се однесуваат на сите граѓани, односно на сите вработени или привремено невработени лица, што не било случај со оспорените законски одредби. Уставна обврска на законодавецот била при уредувањето на прашањата во врска со социјалната сигурност и социјалното осигурување на граѓаните, граѓаните да ги стави во еднаква положба. Меѓутоа, во оспорените случаи, законодавецот не пропишувал еднаква правна положба на граѓаните, туку ги дискриминирал корисниците на паричниот надоместок во однос на другите вработени граѓани или осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Поради тоа, подносителот смета дека со оспорените законски одредби се повредувал принципот на еднаквост на граѓаните и на еднаквата правна положба на сите субјекти, како и правната сигурност на корисниците на паричниот надоместок, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со наведените одредби на Уставот. Уставот предвидувал и обврска за државата да обезбеди социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, а која се остварувала врз основа на начелото на социјална правичност, што укажувало на остварувањето на социјалниот карактер на државата. Но, за жал, законодавецот при нормирањето на оспорените законски одредби не ја зел предвид и оваа уставна обврска.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и истите да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 точка 10 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се невработените лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж.

Според член 64 точка 4 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, права од осигурување во случај на невработеност, според овој закон се право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување.

5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 став 1 од Уставот е утврдено дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според став 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од анализата на означените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира правото на работа и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, утврдувајќи дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Уставот го прокламира и принципот на право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое се уредува со закон и со колективен договор. Уставот предвидува и обврска на државата да обезбеди социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, а која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност, што укажува на остварувањето на социјалниот карактер на државата. Видовите на правата, обемот, начинот на стекнување и користење на правата во Уставот е определено да го уреди законодавната власт, што значи дека Уставот утврдил обврска за нивно законско уредување. Според тоа, нормативната функција на државата во уредувањето како на правата од работен однос, така и на правата од социјалното осигурување со Уставот не е димензионирана, меѓутоа, со законите мора да бидат утврдени такви односи кои еднакво ќе се однесуваат на сите граѓани, односно на сите вработени или невработени лица. Притоа, државата е должна, зависно од материјалните можности, во уредувањето на правата на граѓаните во прв ред да поаѓа од уставните гаранции за еднаквоста на граѓаните во остварувањето на правата од работен однос и социјалното осигурување.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување (член 1).

Во членот 11 став 1 од овој закон се утврдени осигурениците со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, меѓу кои, во точката 10, се определени невработените лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж.

Според член 18 од истиот закон, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Од анализата на овие законски одредби произлегува дека осигурениците стекнуваат право на старосна пензија со исполнување на два услови: 1) одредена возраст и 2) најмалку исполнет пензиски стаж од 15 години. Во функција на остварување на правото на старосна пензија, како осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се опфатени и невработените лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж, како еден од условите за остварување право на старосна пензија. Со навршување на 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена), лицето на кое му е извршена уплатата на придонесите од член 64 точка 4 на Законот и кое стекнало 15 години пензиски стаж, ќе стекне право на старосна пензија.

Според Судот, ваквата законска регулатива е во рамките на уставното овластување на законодавецот да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните и да ги определува правата од социјалното осигурување и нивниот обем, во согласност со општествено економските услови во Републиката, водејќи сметка за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност и водејќи сметка за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и закон.

Судот оцени дека неосновано со иницијативата се бара еднаквост во областа на социјалната сигурност и социјалното осигурување на вработените лица и на лицата кои примаат паричен надоместок по основ на невработеност. Ова затоа што наведените лица не се наоѓаат во иста фактичка и правна положба и во ист правен режим, поради што не може основано да се постави прашањето за нивната нееднаквост пред Уставот и закон, во смисла на член 9 од Уставот.

Оттука, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 11 став 1 точка 10 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 32 став 1, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 од Уставот, на кои подносителот се повикува во иницијативата.

6. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Според член 62 од Законот, работниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност.

Правата од осигурување во случај на невработеност се утврдени со член 64 на овој закон, и тие се:

1) паричен надоместок;
2) подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација);
3) право на здравствена заштита, во согласност со прописите за здравствена заштита;
4) право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување.
5) права на инвалидни лица за вработување со поволни услови во согласност со закон.

Уставниот суд, по однос на уставноста на прашањето за опфатот на лица утврдени во член 64 точка 4 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, се произнел во своето Решение У.бр.245/2008 од 08.04.2009 година, во кое оценил дека оваа одредба од Законот не е несогласна со членовите 9 и 51 од Уставот. Во ова решение Судот изразил став дека законодавецот извршил одредени промени во режимот на користење на правата по основ на невработеност, стеснувајќи го кругот на лица кои имаат едно од утврдените социјални права, но Судот оценил дека тоа е во рамките на уставното овластување на законодавецот да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните и да ги определува правата од социјалното осигурување и нивниот обем, во согласност со општествено економските услови во Републиката, а што се изразува преку донесување на нова законска регулатива или со одредени изменувања и дополнувања на постојната законска регулатива во сферата на социјалното осигурување на граѓаните. Притоа, за целисходноста на законските решенија одговорен е законодавецот. Од уставно правен аспект, од значење е дека извршената промена на режимот на осигурување се однесува за сите идни корисници на правата од осигурување во случај на невработеност, кои наведеното право ќе го стекнат по влегувањето во сила на законската измена, односно дека корисниците на правото утврдено пред наведената законска измена, продолжуваат да го остваруваат истото под условите под кои го стекнале, со што е обезбедена еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот и правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.

Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува член 64 точка 4 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, но сега само во делот: „а кое нема 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување“.

Со оглед дека Судот веќе ја анализирал и оценувал уставноста на целината на член 64 точка 4 од Законот, што го вклучува и сега оспорениот дел, од исти причини како и во сега доставената иницијатива (зошто со правото на уплата на придонес за пензиско и инвалидско осигурување се опфатени само невработените лицата кои немаат 15 години стаж на осигурување, до остварување на 15 години стаж на осигурување, а не сите невработени лица кои примаат паричен надоместок по основ на невработеност), при што оценил дека таквата регулатива не е несогласна со членот 9 и членот 51 од Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.140/2014
18 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева