Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Петар Тошев од Гевгелија, за заштита на слободи и права по член 110 алинеја 3 од Уставот, која се однесува на забрана од дискриминација по основ на пол, национална, социјална и политичка припадност, за кои барателот смета дека му се повредени со Пресуда РОЖ.бр.230/13 од 17.04.2013 година на Апелациониот суд во Скопје и Пресуда Рев3.бр. 130/2013 од 02.04.2014 година на Врховниот суд на Република Македонија.
2. Петар Тошев од Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободи и права по основ на пол, национална, социјална и политичка припадност, за кои смета дека му´ се повредени со актите означени во точка 1 од решението.
Во барањето, подносителот изнесува хронологија на настани и донесени одлуки од Основниот суд Скопје II-Скопје, Апелациониот суд во Скопје, како и одлуки на Врховниот суд на Република Македонија, во врска со работен спор кој го водел пред судовите за поништување на решение за престанок на работан однос.
Во барањето се наведува дека Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд на Република Македонија, дискриминаторски се поставиле спрема него, затоа што за истата правна работа во одреден период тие се ставале во заштита на неговите права и ги укинувале претходно донесените одлуки, што според него упатувало на заклучок дека не постоело вина за сторена повреда на работните обврски во Царинската управа-Царинска испостава Богородица, за да на крајот одлучат спротивно.
Според барателот причината за дискриминација била неговата партиска неопределеност, така што во однос на други лица вработени во Царинската управа кои биле партиски определени, тој бил дискриминиран, бидејќи за делото кое му се ставало на товар бил виновен друг вработен, а не тој, но поради тоа што другото лице било партиско определено не му престанал работниот однос во Царинската управа.
Втората причина поради која барателот бил дискриминиран во однос на други тужители кои воделе судски постапки за поништување на решение за престанок на работниот однос, било тоа што кон крајот на 2012 година и во 2013 година, повисоките судови наеднаш го смениле ставот за правни прашања за кои порано поинаку одлучувале, па така во однос на некои негови колеги, кои во претходните години дошле до правдата, барателот бил дискриминиран.
Од наведените причини, предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе ја поништи одлуката на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр. 130/2013 од 02.04.2014 година и одлуката на Апелациониот суд во Скопје РОЖ.бр. 230/13 од 17.04.2013 година.
3. Од извршениот увид во приложената документација, произлегува дека подносителот на барањето, водел работен спор пред надлежните судови во Република Македонија, поради што биле донесувани повеќе одлуки, но крајно го изгубил спорот и не успеал да ги поништи решенијата со кои му престанал работниот однос во Царинската управа поради повреда на работните обврски.
Имено, Апелациониот суд во Скопје со Пресуда РОЖ.бр.230/13 од 17.04.2013 година, ја преиначил Пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје Ро.бр.312/12 од 10.10.2012 година, така што тужбеното барање на тужителот Петар Тошев, со кое барал поништување на Решение број 04-9555/7 од 16.07.2007 година, донесено од директорот на Царинската управа од Скопје, како и Решението број 43-435/2 од 16.10.2007 година, донесено до Комисијата за решавање од областа на работните односи, било одбиено како неосновано. Против Пресудата на Апелациониот суд, барателот вложил и ревизија, но, од страна на Врховниот суд на Република Македонија, со Пресуда Рев3.бр. 130/2013 од 02.04.2014 година, истата била одбиена како неоснована.
Од увидот во прибавената документација, се утврди дека правосилниот поединечен акт – Пресудата РОЖ.бр.230/13 од 17.04.2013 година, преку својот полномошник, барателот ја примил на 10.05.2013 година.
4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со барањето подносителот Петар Тошев, бара заштита на неговите слободи и права, која се однесува на забрана од дискриминација по основ на пол, национална, социјална и политичка припадност, за кои смета дека му се повредени од страна на надлежните судови, односно со Пресуда на Апелациониот суд во Скопје РОЖ.бр.230/13 од 17.04.2013 година и Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр. 130/2013 од 02.04.2014 година.
Од прибавената документација, произлегува дека посочениот правосилен акт со барањето, односно Пресудата на Апелациониот суд во Скопје РОЖ.бр.230/13 од 17.04.2013 година, со која барателот смета дека му се повредувале неговите слободи и права, преку својот полномошник, барателот ја примил на 10.05.2013 година, а барањето пред Уставниот суд е поднесено на 08.08.2014 година, односно надвор од утврдениот рок од член 51 од Деловникот на Уставниот суд, согласно која одредба рокот за поднесување на барање за заштита на слободи и права изнесува 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт.
5. Поради изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права, при што согласно членот 28 став 3 од Деловникот, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права.
6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.110/2014
11 февруари 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева