У.бр.123/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 04 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 точките 2 и 4 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 67/92, 8/2004, 98/2008 и 158/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 во делот: „доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 8/2004).

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 17 став 1 точка 2 од Законот за државјанството на Република Македонија, претставувал одредба која била нејасна, непрецизна и непотполна, затоа што не се знаело на кои имотно-правни обврски мислел законодавецот, а исто така, не се знаело спрема кои државни органи подносителот на барањето за отпуст од државјанство на Република Македонија имал или има имотно-правни обврски. Поради тоа, оспорената одредба фактички била неспроведлива во практика и истата не била во согласност со член 4 став 3, член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, подносителот предлага Уставниот суд да ги има предвид своите одлуки: У.бр.153/2008 од 11.02.2009 година, У.бр.177/2008 од 14.01.2009 година, У.бр.11/2009 од 23.09.2009 година и У.бр.230/2009 од 14.07.2010 година.

Ограничувањето наметнато со оспорената одредба не можело да се подведе под член 27 ставовите 2 и 3 од Уставот, според кои секој има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, а остварувањето на овие права можело да се ограничи со закон единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето, поради што одредбата била во спротивност и со член 54 став 1 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не со закон, како во случајов.

Оспорениот член 17 став 1 точка 4 од Законот исто така немал основ во Уставот и бил во спротивност со член 4 став 3, член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 27 ставовите 2 и 3, член 51 и особено член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Имено, слободите и правата биле уставна, а не законска материја. Уставниот карактер имал три димензии: прво, слободите и правата се остваруваат врз основа на Уставот, а не врз основа на закон или други акти; второ, слободите и правата ги димензионира уставотворецот, а не законодавецот и трето, слободите и правата може да ги ограничува само уставотворецот, а не и законодавецот. Во таа смила, требало да се сфати и непосредното остварување на уставните слободи и права, без посредување на законодавецот. Само како исклучок, законот можел да го уредува начинот на остварување на одредени слободи и права, и тоа само во случаи утврдени со Уставот. Исклучувањето на законодавецот од областа на слободите и правата претставува бариера за арбитрерно однесување на законодавецот и за спуштање на слободите и правата од уставно на законодавно рамниште.

Според член 139 став 3 од Законот за општата управна постапка, службеното лице кое ја води постапката по службена должност ќе прибави податоци за фактите за кои службена евиденција води органот надлежен за решавање. Службеното лице ќе постапи на истиот начин во однос на фактите за кои службена евиденција води друг државен орган, односно друг субјект, а не како што тоа било пропишано со оспорениот член 17 став 1 точка 4 од Законот за државјанството на Република Македонија, странката да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник е, односно за трговец поединец. Исто така, според член 140 став 2 од Законот за општата управна постапка, … Од странката нема да се бара да прибави и да поднесе докази што побрзо и полесно може да ги прибави органот што ја води постапката, ниту да поднесува такви уверенија за кои органите не се должни да ги издаваат според членот 175 од овој закон.

Со Кривичниот законик не биле предвидени како посебен вид кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија. Тргнувајќи од наведеното, а имајќи предвид дека со оспорениот дел на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија се упатувало на дејствија кои посебно не биле инкриминирани, според подносителот на иницијативата, таквата оспорена одредба била неопределена и неприменлива, со неа се повредувал уставниот принцип на владеењето на правото, поради што не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, подносителот предлага Уставниот суд да ја има предвид својата одлука У.бр.121/2001 од 12.09.2001 година.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за државјанството на Република Македонија и истите да ги укине или поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 точка 2 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 67/92, 8/2004, 98/2008 и 158/2011), државјанство на Република Македонија престанува со отпуст ако лицето кое поднесло лично барање за отпуст ги намирило имотно-правните односи спрема државните органи, а според точка 4 на истиот став, лицето треба да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник е, односно за трговецот поединец.

Според член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 8/2004), државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ и државјаните на поранешната СФРЈ кои на 8 септември 1991 година имале пријавено живеалиште, до поднесување на барањето постојано живеат на територијата на Република Македонија и имаат вистинска и ефективна врска со Република Македонија можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од две години по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и ги исполнуваат условите од член 7 став 1 точките 1 и 6 на овој закон

5. Според член 4 став 1 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија. Според Амандманот XXXII на Уставот, со кој е заменет ставот 2 на членот 4 од Уставот, на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту може да биде протеран од Република Македонија. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд. Според став 3 на истиот член, државјанството на Република Македонија се уредува со закон.

Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Европската конвенција за државјанство ратификувана од Собранието на Република Македонија на 18 февруари 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2002), ги утврдува начелата и правилата во врска со државјанството на физичките лица и правилата во врска со регулирањето на воената обврска во случаите на повеќедржавјанство, со кои треба да се усогласи внатрешното законодавство на земјите потписнички (член 1).

Во членот 7 од Европската конвенција за државјанство е уредено губењето на државјанството ex lege или на иницијатива на државата пристапничка.

Согласно точката 1 од овој член, државата пристапничка во своето внатрешно законодавство не може да предвиди губење на нејзиното државјанство ex lege или на иницијатива на земјата пристапничка освен во таксативно наброени случаеви, и тоа:
а) доброволно стекнување на друго државјанство;
б) стекнување на државјанство на државата пристапничка по пат на измaма, лажни податоци или прикривање на било кој релевантен факт што може да се припише на барателот;
в) доброволно служење во странска војска;
г) однесување што сериозно ги загрозува виталните интереси на државата;
д) непостоење на вистинска врска меѓу земјата и државјанинот со постојан престој во странство;
ѓ) кога во текот на малолетништвото на детето ќе се утврди дека предусловите предвидени со внатрешното законодавство кои довеле до стекнување со државјанство на земјата ex lege повеќе не се исполнуваат;
е) усвојување на дете ако детето се стекне или поседува странско државјанство на еден или двајцата родители што го усвоиле.

Според член 8 точка 1 од оваа конвенција, секоја држава пристапничка ќе дозволи отпуст од државјанство доколку засегнатото лице не остане притоа без државјаство.

Според член 1 од Законот за државјанство на Република Македонија, со овој закон се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање во овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија. Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата.

Според член 2 став 1 на овој закон, државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Согласно ставот 2 на овој член, државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор поинаку не е определено.

Согласно член 16 од Законот, државјанство на Република Македонија престанува со отпуст и според меѓународни договори.

Со член 17 став 1 од Законот се уредуваат условите под кои престанува државјанството на Република Македонија со отпуст. Така, со ставот 1 од овој член се пропишува дека државјанство на Република Македонија престанува со отпуст ако лицето кое поднесло лично барање за отпуст ги исполнува следниве услови:
1) да наполнило 18 години живот;
2) да ги намирило имотно-правните односи спрема државните органи.
3) да ги регулирало имотно-правните и другите законски обврски од брачниот однос и од односот на родители и деца спрема лицата кои живеат во Република Македонија;
4) да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник е, односно за трговецот поединец;
5) против него во Република Македонија да не се води кривична постапка поради кривично дело за кое се гони по службена должност или ако е осудено на казна затвор, казната да ја издржало и
6) ако има странско државјанство или да докажало дека ќе биде примено во странско државјанство.

Според член 24 ставовите 1 и 2 од Законот, барање за стекнување, престанување или утврдување на државјанство на Република Македонија се поднесува до Министерството за внатрешни работи според живеалиштето на лицето или ако лицето живее во странство, до дипломатско – конзуларното претставништво на Република Македонија во странство. Решение за стекнување, престанување или утврдување на државјанството на Република Македонија, донесува министерот за внатрешни работи.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека врз основа на изречното уставно овластување со закон да се уреди државјанството на Република Македонија и согласно одредбите и начелата на Европската конвенција за државјанство, донесен е Законот за државјанство на Република Македонија.

Со Законот, покрај другото, се утврдени случаите кога престанува државјанството на Република Македонија ( со отпуст и според меѓународни договори), при што за отпуст од државјанство се пропишува дека за тоа е потребно лицето да поднесе лично барање за отпуст од државјанство, како и да ги исполни пропишаните услови, меѓу кои се оспорените: да ги намирило имотно-правните односи спрема државните органи (член 17 став 1 точка 2) и да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник е, односно за трговецот поединец (член 17 став 1 точка 4).

Одредбата од член 17 став 1 точка 2 од Законот се оспорува како нејасна, непрецизна и непотполна, затоа што не се знаело на кои имотно-правни обврски мислел законодавецот, а не се знаело ни спрема кои државни органи се однесувала обврската на граѓанинот, поради што одредбата фактички била неспроведлива во практика.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Фактот што законодавецот не ги навел конкретно, таксативно, имотно-правните обврски на граѓанинот кон државните органи, ниту навел на кои државните органи се однесува оваа обврска, по оценка на Судот, не ги прави одредбите нејасни и неприменливи. Ова од причина што според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Имајќи ја во вид оваа уставна обврска на граѓаните на Република Македонија, законодавецот истата ја преточил во Законот за државјанство на Република Македонија, на начин што пропишал дека отпуст од државјанство, по лично барање на граѓанинот, може да се одобри доколку граѓанинот ги намирил своите имотно-правни обврски према државните органи, што е токму во насока на обезбедување на начелото на владеењето на правото и еднаквоста на сите граѓани пред Уставот и законите.

Употребената формулација – државни органи, е вообичаена при законско нормирање на односите во многу сфери на општественото уредување, која е сосема определива, имајќи во вид дека државните органи се органи основани со закон и надлежности утврдени со закон, од каде произлегува дека не постојат дилеми за јасноста на ваквата формулација, поради што Судот оцени дека одредбата не е проблематична по однос на принципот на владеењето на правото и техниката на сочинување на нормите како нејзин составен дел.

Според Судот, во иницијативата подносителот неосновано се повикува на уставно-судската пракса на Уставниот суд искажана во одлуките: У.бр.153/2008 од 11.02.2009 година, У.бр.177/2008 од 14.01.2009 година, У.бр.11/2009 од 23.09.2009 година и У.бр.230/2009 од 14.07.2010 година, затоа што отпустот од државјанството на Република Македонија, што е предмет на уредување со сега оспорените одредби од Законот за државјанството на Република Македонија, не може да се поистовети со правото на работа на кое во суштина се однесуваат наведените одлуки на Судот.

Исто така, Судот оцени дека е погрешна констатацијата во иницијативата дека оспорениот член 17 став 1 точка 2 од Законот со кој се пропишува услов за добивање отпустот од државјанство значел ограничување на слободата и правото на секој граѓанин да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, гарантирани со член 27 ставовите 2 и 3 од Уставот, а што било во спротивност и со член 54 став 1 од Уставот. Ова затоа што слободата и правото на секој граѓанин (државјанин) да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, се различни права кои не се поврзани со правото на граѓанинот да бара отпуст од државјанството на Република Македонија, како услов за стекнување на државјанство на друга држава и кое право не може да се толкува како ограничување на слободата и правата на граѓанинот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се прифатат наводите во иницијативата дека оспорениот член 17 став 1 точка 2 од Законот за државјанство на Република Македонија не бил во согласност со член 4 став 3, член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 27 ставовите 2 и 3 и член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на оспорената одредба од член 17 став 1 точка 4 од Законот, според која како услов за добивање на отпуст од државјанство, се бара лицето да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговското друштво чиј основач или содружник е, односно за трговецот поединец, која всушност се оспорува во однос на тоа што обврската за достава на бараниот доказ паѓала на странката – подносителот на барањето за отпуст од државјанство, наместо на органот што ја води постапката согласно член 139 став 3 и член 140 став 2 од Законот за општата управна постапка, Судот го имаше предвид следното:

Според член 1 став 1 од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2013), со овој закон се уредува постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките). Според став 2 на овој член, одредбите од овој закон задолжително се применуваат во постапките за решавање за правата, обврските или правните интереси на странките. Согласно став 3 на истиот член, под докази и податоци, во смисла на овој закон, се подразбираат исправите (уверенија, сертификати, потврди и друго), кои се издаваат од надлежен орган за кои води службена евиденција, а што служат за утврдување на фактичката состојба врз основа на која се решава за правата, обврските или правните интереси на странките.

Според член 2 став 1 од овој закон, доказите и податоците од членот 1 став 3 од овој закон, за кои органот надлежен за решавање води службена евиденција, ќе се смета дека странката ги има поднесено со барањето, а кои органот надлежен за решавање ги прибавува по службена должност.

Согласно член 3 став 1 на Законот, службеното лице кое ја води постапката е должно по службена должност да ги прибави доказите и податоците за фактите за кои службена евиденција води органот надлежен за решавање. Според став 2 на истиот член, службеното лице ќе постапи согласно со ставот 1 на овој член и во случај кога во однос на фактите службена евиденција води друг државен орган, односно друг субјект кој води регистар за податоци.

Оттука, произлегува дека по донесувањето на Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност, кој е понов закон и системски го уредува прашањето за обезбедување на докази за кои се води службена евиденција, Министерството за внатрешни работи, како орган надлежен за водење на управна постапка за државјанство, доказите предвидени со член 17 од Законот за државјанството на Република Македонија во однос на отпуст од државјанство, за кои се води службена евиденција, а во кои спаѓаат и доказите од оспорените член 17 став 1 точките 2 и 4 од Законот, ги прибавува по службена должност. Потврда за тоа е и одговорот на Собранието на Република Македонија (акт бр. 07-3665/5 од 29 октомври 2014 година), доставен до Уставниот суд како одговор на наводите во иницијативата, каде се тврди дека потребните докази во постапката за отпуст од државјанство ги обезбедува Министерството за внатрешни работи по службена должност, согласно Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност. На таков начин, според Судот, е надминато (исцрпено во примената) законското решение од член 17 став 1 точка 4 од Законот за државјанство на Република Македонија, во делот што значи обврска на лицето да го достави потребниот доказ потребен за отпуст од државјанство и оваа одредба треба да се толкува (а така и се применува) во духот на новата законска регулатива со која се уредува на системски начин прашањето на прибавување и размена на докази и податоци по службена должност, а според која бараниот доказ за отпуст од државјанство се обезбедува по службена должност. Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 17 став 1 точка 4 од Законот за државјанство на Република Македонија со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како што се наведува во иницијативата.

Сепак, Судот имаше предвид дека прашањето на обезбедување на докази по службена должност во управна постапка е уредено и со Законот за општата управна постапка, каде во член 139 став 3 и член 140 став 2 се пропишува дека службеното лице кое ја води постапката по службена должност ќе прибави податоци за фактите за кои службена евиденција води органот надлежен за решавање. Службеното лице ќе постапи на истиот начин во однос на фактите за кои службена евиденција води друг државен орган, односно друг субјект, како и дека ако не се во прашање факти што се општо познати, странката е должна за своите наводи да понуди докази и по можност да ги поднесе. Ако самата странка не постапи така, службеното лице кое ја води постапката ќе ја повика да го стори тоа. Од странката нема да се бара да прибави и да поднесе докази што побрзо и полесно може да ги прибави органот што ја води постапката, ниту да поднесува такви уверенија за кои органите не се должни да ги издаваат според членот 175 од овој закон.

Тоа значи дека истото прашање, поврзано со начинот на обезбедување докази во управната постапка, каква што е и постапката за отпуст од државјанство на Република Македонија, е уредено со повеќе закони, на различен начин.

Начелото на владеењето на правото и правната сигурност како негов елемент, подразбира обврска за законодавецот за хармонично уредување на односите во општеството, поради што Судот укажува дека е потребно законодавецот да ги усогласи одредбите на Законот за државјанство на Република Македонија, во делот на обезбедување на докази во постапката за отпуст од државјанство, со одредбите на Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност и со одредбите на Законот за општата управна постапка, со што ќе се отстрани паралелниот и различен систем на уредување на исти права и обврски на граѓаните и ќе се исклучи можноста за правна несигурност на граѓаните како резултат на различно законско уредување на исти односи.

6. Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќа ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија, веќе ја оценувал уставноста на член 14 во делот: “доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија” од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004) и со Решение У.бр.76/2004 од 29.09.2004 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба. Како основ за неуставноста на оспорената одредба од Законот, во иницијативата се наведувало дека правните последици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, дека согласно членот 13 став 1 од Уставот и членот 6 точка 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, лицето обвинето за казниво дело ќе се сметало за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, поради што никако не можело да се условува приемот во државјанство на Република Македонија со водење на кривична постапка во Република Македонија и во државата чиј државјанин е, при што требало да се има предвид дека во нашиот Кривичен законик немало кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија, па затоа оспорениот дел на член 14 од Законот, во практиката не можел да се применува. Во ова решение Уставниот суд изразил став дека Уставот на Република Македонија дава можност законодавецот прашањата сврзани со државјанството да ги уреди со закон и дека странците ги имаат оние слободи и права кои државата еднострано ги определила за нив со закон или ги прифатила од двостран или повеќестран меѓународен правен акт, а не сите слободи и права што се предвидени за граѓаните на Република Македонија. Оттука, определувањето во Законот за државјанство на одделни услови кои странец треба да ги исполни за да стане државјанин односно граѓанин на Република Македонија, како што е во конкретниов случај со оспорените одредби, според мислењето на Судот, не можат да се сметаат за несогласни со Уставот на Република Македонија.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.88/2004 од 23.11.2005 година, ја оценувал уставноста на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004), при што, исто така, не повел постапка за оценување на уставноста на оваа одредба. Во овој предмет, член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството се оспорувал од аспект на член 9 во врска со член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, затоа што, прво, лицата од СФРЈ што можат да стекнат македонско државјство се определени (само тие што живеат во Република Македонија до 17 ноември 1991 година) и второ, затоа што законот на кој што упатува член 9 од Уставниот закон го исцрпил своето дејство (Законот од 1992 година), па смета дека дополнителното продолжување на роковите за поднесување барање за стекнување државјанство е спротивно на Уставниот закон и Законот за државјанството од 1992 година земени како целина. Во ова решение Судот изразил став дека Уставниот закон упатува овие државјани да можат да стекнат државјанство на Република Македонија согласно со Законот за државјанство. Судот оценил дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и на овој член од Законот, затоа што со него не се утврдува подоцнежен датум на пријавување на живеалиште за државјаните на поранешна СФРЈ од датумот утврден во член 9 од Уставниот закон, а определувањето на рокот за поднесување на барање за државјанство е прашање што законодавецот е слободен да го уредува во согласност со оцената на состојбите во дадената област.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Судот да ја оцени уставноста на член 14 во делот: “доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија” од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004), од причини што во Кривичниот законик, како посебен вид не биле предвидени кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија, па имајќи предвид дека со оспорениот дел од одредбата се упатувало на дејствија кои посебно не биле инкриминирани, подносителот смета дека таквата одредба била неопределена и неприменлива, со што се повредувал уставниот принцип на владеењето на правото утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на оспорениот дел од оваа законска одредба, од исти причини како сега наведените (по иницијатива доставена од истиот подносител) при што со Решение У.бр.76/2004 од 29.09.2004 година оценил дека оспорената одредба не е несогласна со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Дополнително, Судот го имаше предвид и карактерот на членот 14 од Законот, чиј дел е оспорен, од аспект на неговото важење, имајќи го предвид периодот на кој истиот се однесува. Имено, според одредбата, рокот за поднесување на барање за стекнување на државјанство на Република Македонија на лицата државјани на другите републики на поранешната СФРЈ, под условите утврдени со член 14 од Законот, бил определен на две години по влегување во сила на Законот, кој рок истекол на 2 март 2004 година и не е продолжен, од каде произлегува дека одредбата има темпорален, времен карактер и дека е исцрпена во примената. Поради тоа, Судот оцени дека постојат и процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.123/2014
04 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева