У.бр.35/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 21 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на

– уставноста на точката 4 од делот V „Заеднички одредби“ од Тарифата за награда и надоместок за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1993, 4/1994, 80/2002, 14/2005, 147/2009, 164/2010, 35/2011, 100/2011 и 51/2012), донесена од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија и
– законитоста на точката 1 од делот V „Заеднички одредби“ од Тарифата означена во алинеја 1 од ова решение.

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Тарифата означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги цитира членот 53 од Уставот, членот 34 став 2 од Законот за адвокатурата, членовите 20 и 23 од Статутот на Адвокатската комора со цел да потенцира дека адвокатурата е јавна служба, исто како и нотаријатот (член 2 од Законот за нотаријатот), но за разлика од адвокатите, кај нотарите цената на услугата ја определувал Министерот за правда, со што постоела контрола на цената од страна на надворешно лице.

Во оспорената точка 1 од делот V „Заеднички одредби“ од Тарифата било предвидено дека наградата на адвокатите се зголемува за 30% на име паушал за сите споредни дејствија што се тарифирале, но според подносителот на иницијативата, споредните дејствија не биле точно определени, а недоволно бил јасен и зборот „паушал“ што, според него значел „отприлика приближно“.

Поради наведените причини со оспорената одредба се повредувал членот 149 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка, бидејќи судот, кога ги признавал адвокатските трошоци би морал точно да знае за какви споредни дејствија станувало збор, но тоа не било возможно затоа што тие не биле определени. Така се доаѓало до состојба одделни судови да ги признаваат, а други да не ги признаваат споредните дејствија или пак, за исто споредно дејствие на различна тарифна основа, странките плаќале различни износи, што не смеело да биде дозволено.

По однос на оспорената точка 4 од делот V „Заеднички одредби“ од Тарифата подносителот на иницијативата наведува дека оваа одредба, поврзана со членот 51 став 1 од Законот за данокот на додадена вредност, доведувала до состојба адвокатот кој правел промет под 1.300.000,00 денари да не биде обврзник за данок на додадена вредност и овој данок да го задржи за себе, без да се „мачел да го украде“, а државата „не сакала“ овој вид на данок да го „земе“ од малите фирми. Доколку адвокатот работел чесно од овој вид на данок немал „никаква печалба“, бидејќи го плаќал истиот данок на други фирми со кои бил во деловни односи или пак на Управата за јавни приходи, а кај него не останувало ништо, туку само „си отварал работа да пополнува обрасци“. Државата немала контрола над приходот на адвокатите, затоа и тие се регистрирале како даночни обврсници, приходот не го прикажувале во целост, а данокот на додадена вредност го задржувале за себе и го „краделе“ од државата.

Заради наведените причини подносителот на иниција-тивата смета дека со оспорената одредба се повредувал членот 9 од Уставот, бидејќи состојбата еден адвокат да наплаќа, а друг да не наплаќа данок на додадена вредност ги доведувала странките во нерамноправна положба пред Законот за парничната постапка, односно за спор во кој адвокатите направиле потполно исти дејствија, различни би биле плаќањата за адвокатските трошоци, согласно наведениот закон, а тоа не смеело да биде. Притоа трговските друштва биле слободни субјекти, што значело дека слободно ја формирале продажната цена на производот или услугата, а за разлика од нив адвокатите биле јавни субјекти од каде цената што ја наплаќаат морала да биде иста за исти дејствија, без разлика дали тие се или не се даночни обврзници.

3. Судот на седницата утврди дека, според точката 1 од делот V „Заеднички одредби“ од Тарифата, наградата предвидена по одредбите на оваа Тарифа се зголемува за 30% на име паушал за сите споредни дејствија што се тарифирани.

Според точката 4 од истиот дел од Тарифата, наградата предвидена со оваа Тарифа за сите дејствија што ги превземаат адвокатите, обврзници на ДДВ, се пресметува и наплаќа зголемена за износот на ДДВ.

4. Согласно член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Во членот 3 од Закон за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/11 и 113/2012) е определено дека правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи и други правни лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.

Според членот 4 став 1 од истиот закон, јавните овластувања се состојат во вршење на правните работи:

1) право на составување на исправи со изјава за потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека, потврдување на заклучоци на собранија на трговски друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно и

2) право на прибавување известувања врз основа на посебно полномошно од странката, од судовите и другите државни органи, јавни служби и правни лица, кои се должни без одлагање да му ги достават на адвокатот за странката и спротивната странка, а се однесуваат на: податоци за плата на вработен, односно висина на пензија на корисник на пензија, социјална помош, инвалиднина и социјална или друга рента, податоци од казнена, матична, даночна и земјишно книжна односно катастарска евиденција, заложно-правна и хипотекарна евиденција, податоци за состојбата на сметките на правни и физички лица во штедно кредитни односи, односно организации на платен промет и деловни банки, освен податоци за штедни влогови на граѓаните, податоци од евиденција за интелектуална сопственост авторски и други сродни права и индустриска сопственост, податоци за износите на дивиденди, акции и удели на физички и правни лица.

Во ставот 2 од членот 4 од Законот за адвокатурата е предвидено дека, во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време.

Во членот 19 од истиот член од Законот е определено дека, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека адвокатот во обезбедувањето на правна помош може да превземе голем број на разновидни дејствија за кои има право на награда и надомест на трошоците за извршената работа во висина определена со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Подносителот на иницијативата ја оспорува законитоста на точката 1 од делот V „Заеднички одредби“ од Тарифата, бидејќи смета дека истата не била во согласност со членот 149 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010)

Во членот 149 став 1 од наведениот закон е предвидено дека, при одлучувањето кои трошоци ќе и се надоместат на странката судот ќе ги земе предвид само оние трошоци што биле потребни за водење на парницата. За тоа кои трошоци биле потребни, како и за висината на трошоците одлучува судот, оценувајќи ги грижливо сите околности.

Според ставот 2 од истиот член од законот, наградата и другите трошоци на адвокатите се одмеруваат според тарифата за надоместок на трошоците на адвокатите.

Во оспорената одредба е определено дека наградата предвидена по одредбите на оваа Тарифа се зголемува за 30% на име паушал за сите споредни дејствија што се тарифирани, што според подносителот на иницијативата било недоволно прецизно уредување, бидејќи не било точно дефинирано што се подразбира под споредни дејствија.

Според Судот, во зависност од спецификата на секој одделен случај, при давањето на правна помош може да се јави потреба од преземање на споредни дејствија од страна на адвокатите (проучување на конкретна правна проблематика, компаративни согледувања, увид во списи во предмет кој не е директно поврзан со случајот и друго), кои дејствија не можат однапред да бидат дефинирани што ја прави правно издржана општата одредница „споредни дејствија“ употребена во оспорената одредба.

Прашањето, пак, кои од трошоците за споредни дејствија судовите ќе ги сметаат за потребни за водење на парницата согласно членот 149 од Законот за парничната постапка е прашање кое навлегува во конкретна примена на законската одредба.

Врз основа на наведното Судот оцени дека оспорената точка 1 од делот V од Тарифата, оценувана од аспектите на иницијативата е во согласност со членот 149 од Законот за парничната постапка.

– Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според подносителот на иницијативата наведената уставна одредба се повредувала со оспорената точка 4 од делот V од Тарифата, бидејќи во зависност од околноста дали граѓаните се обратиле за правна помош кај адвокат кој е или кој не е обврзник за плаќање на данок на додадена вредност, би платиле различна цена за една иста правна услуга, што ги доведувало адвокатите и клиентите на адвокатите во нерамноправна положба.

Тргнувајќи од анализата на оспорената точка 4 од делот V од Тарифата произлегува дека со неа е определено дека адвокатите обврзници на ДДВ пресметуваат и наплаќаат тарифа зголемена за износот на ДДВ. Ваквата можност за зголемена наплата на тарифата, не произлегува изворно од оспорената одредба, туку од одредбите на Законот за данок на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“број 44/1999, 59/1999, 86/1999, 11/2000, 93/2000, 8/2001, 21/2003, 17/2004, 19/2004, 33/2006, 45/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 95/2010, 102/2010, 24/2011, 135/2011, 155/2012, 12/2014 и 112/2014)

Според член 1 став 2 од наведениот закон, данокот на додадена вредност, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако не е поинаку пропишано со овој закон.

Согласно член 9 став 1 од Законот, даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.

Според член 16 од овој закон, даночна основа на данокот на додадена вредност е вкупниот износ на надоместокот што е добиен, или што треба да се добие за прометот, во кој не е вклучен данокот на додадена вредност (став 1). Под надоместок во смисла на став 1 од овој член се подразбираат пари, добра, услуги и други бенефиции според пазарната цена која ја плаќа или треба да ја плати примателот на доброто или корисникот на услугата или некое друго лице (став 2).

Согласно член 51 став 1 од истиот закон (прва реченица), сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 2.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност. Според став 3 на овој член, даночни обврзници – резиденти во земјата кои не се обврзани за регистрација според став 1 првата реченица не должат данок на додадена вредност за прометот на добра и услуги извршени од нив. Тие не се овластени одделно да искажуваат данок во фактурите или во други документи и немаат право на одбиток на претходни даноци. Според став 4 на истиот член, даночните обврзници во смисла на став 3 од овој член, можат доброволно да се регистрираат за данокот на додадена вредност од почетокот на секоја календарска година. Во тој случај не се применува став 3 од овој член.

Од наведената законска регулатива произлегува дека адвокатите кои ги исполнуваат условите од член 51 став 1 од Законот за данокот на додадена вредност се обврзани за регистрација на данок на додадена вредност и за негова наплата, а адвокатите кои не ги исполнуваат овие услови (прометот на услуги во изминатата календарска година не надминал износ од 2.000,000 денари), не должат данок на додадена вредност за услугите извршени од нив.

Оттаму, дали адвокатот го исполнува условот да биде регистриран како даночен обврзник за овој вид на данок е фактичко прашање, кое зависи од тоа дали ги исполнува законски пропишаните услови за тоа.

При таква состојба, произлегува дека утврдувањето на наградата и надоместокот на другите трошоци за работа на адвокатите во Тарифата, со или без вклучено ДДВ, не е право дадено со оспорената одредба, туку произлегува од Законот за данокот на додадена вредност. Исто така, од значење е што согласно точката 5 од делот V од Тарифата, статусот на ДДВ обврзник адвокатот го докажува со соодветен документ издаден од надлежен орган. Оттаму, дали странката би платила за услугата тарифа зголемена за износот на ДДВ е факт кој може едноставно да се утврди.

Останатите наводи во иницијативата по однос на второ-оспорената одредба од Тарифата според својот карактер се засноваат на претпоставки или пак можни злоупотреби од страна на адвокатите од каде не можат да бидат поврзани со надлежноста на Уставниот суд, туку со надлежноста на други органи.

Врз основа на наведното Судот оцени дека оспорената точка 4 од делот V од Тарифата, оценувана од аспектите на иницијативата е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.35/2014
21 јануари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева