Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 122-а од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012 и 187/2013).
2. Ѓорѓи Андов од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата во која се цитираат чле-новите 2, 4 и оспорениот 122-а од Законот за даночна постапка и членот 43 од Законот за прекршоци, се наведува дека содржината на овие членови не била усогласена. Со цел да се докаже несогласноста на содржината на споменатите членови во контекст на принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, се цитираат член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и се наведува дека оспорените одредби биле неуставни. Тоа произлегувало од постоењето на неусогласеност помеѓу застарувањето за извршување на изречена прекршочна санкција и застарувањето на наплатата на даноците и споредните даночни давачки, односно не биле усогласени со разликата во максималниот рок на релативна застареност на наплатата на даноците и споредните даночни давачки кој изнесувал две години и максималниот рок на апсолутна застареност на наплатата на даноците и споредните даночни давачки кој изнесувал четири години од нивната пристигнатост за наплата. Понатаму во иницијативата, се цитира член 1 од Законот за прекршоци и се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 122-а од Законот за даночна постапка и членот 43 од Законот за прекршоците, поради несогласност на нивната содржина.
3. Судот на седница утврди дека според член 122-а став 1 од Законот за даночна постапка, наплатата на даноците и споредните даночни давачки застарува во рок од 10 години од истекот на годината во која данокот и споредните даночни давачки пристигнале за плаќање. Враќање на повеќе или погрешно уплатен или наплатен данок, како и споредни даночни давачки не може да се бара доколку истекол рокот на застарување.(став 2) Рок на застареност од ставот 2 на овој член, изнесува пет години сметано од уплатата, а во секој случај по истекот од 10 години застарува враќањето на повеќе и погрешно уплатениот или наплатен данок.(став 3)
4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Во однос на наводите во иницијативата и недоволната аргументација за неуставност на содржината на член 122-а од Законот за даночна постапка, Судот утврди дека законодавецот со утврдување на фактот дека наплатата на даноците и споредните даночни давачки застарува во рок од 10 години од истекот на годината во која данокот и споредните даночни давачки пристигнале за плаќање и дека враќањето на повеќе или погрешно уплатен или наплатен данок, како и споредни даночни давачки не може да се бара доколку истекол рокот на застарување имал за цел да се воспостават законски механизми за присилна наплата на парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки, кои се во корист на Република Македонија со доверување на управување и извршување на присилна наплата на Управата за јавни приходи во постапка која веќе се применува во однос на присилна наплата на даноци и другите јавни давачки.
Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, како и посочувањето во иницијативата дека содржината на членот 122-а од Законот за даночна постапка не била во согласност со одредбите на член 43 од Законот за прекршоците, Судот смета дека со цел да се докаже взаемната несогласност на двата закона, всушност иницијативата преставува барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закона, што не е во надлежност на овој суд.
Имајќи ги во предвид наводите во иницијативата за спротивноста на оспорените одредби од Законот за даночна постапка со одредбите на Законот за прекршоците, Судот оцени дека по однос на член 122-а од Законот, се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на членот 28 алинеја 1 од Деловникот, според кои Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.128/2013
17.12.2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева