У.бр.132/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5 и член 7 став 3 од Упатството за начинот на остварување на комуникација со јавноста, донесено од Министерот за внатрешни работи, заведено под бр. 131-47166/1 од 18 јули 2007 година.

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од упатството означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Упатството биле непрецизни и општи и го ограничувале правото на говор и слободното изразување на мислата и преносот на информации на граѓаните на Република Македонија за поедини состојби во Министерството за внатрешни работи, а кои информации не се класифицирани како државна, службена или деловна тајна.

Одредбите исто така биле дискриминирачки во однос на големиот број на вработени во МВР, а биле ексклузивно право на одреден број на вработени во МВР, што било дискриминација која со Уставот била забранета. Споменатите одредби биле спротивни на уставно загарантираните слободи и права од членот 16 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да ја разгледа иницијативата, да закаже подготвителна седница и по спроведена јавна расправа да донесе одлука со која ќе ги поништи оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 од Упатството за начинот на остварување на комуникација со јавноста, за комуникацијата на Министерството со јавноста задолжен е Секторот за односи со јавноста и информации од јавен карактер со кој раководи помошникот на министерот.

Во оспорениот член 7 став 3 од наведеното Упатство е определено дека, покрај секојдневните рутински контакти со медиумите, а во зависност од природата на информацијата што треба да се објави, по претходно добиено овластување, комуникација со медиумите остваруваат полициските службеници од членот 6 на ова упатство, како и други работници на Министерството.

4. Според член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспореното Упатство произлегува дека со него се уредува начинот на остварување комуникација со јавноста на Министерството за внатрешни работи, целите на остварувањето на комуникацијата со јавноста, како и правата и обврските на вработените во Министерството за внатрешни работи во врска со известувањето на јавноста за работата на Министерството. Со упатството, исто така, се уредува и внатрешната организација на Секторот за односи со јавноста и информации од јавен карактер како организациона единица на Министерството за внатрешни работи задолжена за информирање на јавноста.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставно-судска оценка.

Од причина што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку интерен акт на Министерството за внатрешни работи, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот, односно дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.132/2014
17.12.2014
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева