109/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за отстранување на постојните времени монтажно-демонтажни објекти и урбаната опрема, бр.07-234/3 од 30 јануари 2014 година, донесена од Советот на општина Струга објавена во „Службен гласник на општина Струга“ бр.1/2014.

2. Државен инспекторат за локална самоуправа – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата примената на оспорената одлука, во смисла на член 23 став 1 од Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, била запрена со Решение бр.17-1230/1 од 24.07.2014 година донесено од Државниот инспекторат за локална самоуправа, поточно со член 1 став 1 од Одлуката. Причините поради кои била запрена примената на Одлуката, меѓу другото, дека немало согласност од Министерството за транспорт и врски, како надлежен орган на државната управа за уредување на просторот, што било во спротивност со член 79 став 1 и став 2 од Законот за градење.

Според член 79 став 1 од Законот за градење општините, општините на градот Скопје и градот Скопје донесуваат годишна програма за поставување на времени објекти со која се утврдува просторот на кој можат да се постават времени објекти, кој треба да е градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, со изградена инфраструктура и за кој е донесена урбанистичко планска документација, а според став 2 од истата законска одредба: „Програмата од ставот (1) се донесува од страна на советот на општината, односно советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје по добиена согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Програмата се состои од графички и текстуален дел. Текстуалниот дел содржи податоци за просторот за поставување на времениот објект и за видот на дејноста која ќе се извршува. Графичкиот дел се состои од приказ на постоечката и планираната состојба.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука била незаконита и како таква не може да произведе правно дејство.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Струга, врз основа на член 69 од Статутот на општина Струга, а во смисол на член 79 и 80 од Законот за градење („Службен весник на РМ“ бр.70/2013, 79/2013 и 137/2013) и член 41 став 3 од Законот за градежно земјиште и член 20 став 1 точка 1 и член 62 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002), на единаесеттата седница, одржана на ден 30.01.2014 година донесе Одлука за отстранување на постојните времени монтажно-демонтажни објекти и урбаната опрема, и во член 1 од истата се предвидува следното:

1) СЕ ОДОБРУВА отстранување на сите постојни времени монтажно-демонтажни објекти на територијата на општина Струга.
2) СЕ ОДОБРУВА отстранување на постојната урбана опрема доколку за истата не биде утврдена потреба во Програмата на урбана опрема за 2014 година.
3) СЕ ЗАДОЛЖУВА Општинската администрација на општина Струга во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, донесе Програма за изгледот и формата на објектите како урбана опрема.
4) СЕ СТАВААТ ВОН СИЛА сите претходно донесени Програми за времени објекти и програми за урбана опрема.
5) СЕ ЗАДОЛЖУВА Општинската администрација на опшштина Струга, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, да ги разгледа сите предмети по кој се донесени конкретни управни акти за признавање на статус на бесправен објект, за објектите кои што имале статус на времени монтажно-демонтажни објекти и урбана опрема и како такви егзистирале.

Доколку биде утврдено дека во наведените предмети е извршена злоупотреба на службената положба и повреда на позитивните законски прописи кои што ја регулираат таа материја, да бидат поништени решенијата со кој што е признат статус на бесправен објект и воедно да бидат запознати органите на прогонот со цел поведување на постапка за утврдување на одговорност на лицата кои што извршиле злоупотреба на службената положба и повреда на позитивните законски прописи кои што ја регулираат таа материја.

Според член 2 од оспорената одлука,оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето на истата во „Службен гласник на општина Струга“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според Амандман XVII точка 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно, и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Во член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа,кој член е поместен во Глава III, со наслов: “ Надлежности на општините “, се предвидува дека општините, меѓудругото, се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавање на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Според Судот, тргнувајќи од наведените надлежности утврдени со Уставот и Законот за локалната самоуправа, општината ја донела сега оспорената Одлука за отстранување на времено поставените монтажно – демонтажни објекти и урбана опрема. Основната улога и надлежност на општината, како единица на локалната самоуправа, во смисла на член 8 став 1 алинеја 10 и Амандман XVII точка 1 од Уставот, како и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, е уредувањето и хуманизацијата на просторот, како и урбанистичкото планирање на истиот.

Во таа смисла не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Советот на општина Струга донел незаконита Одлука, а повикувањето на одредбите од Законот за градење, според Судот, се однесувало исклучиво за потребите за поставување на времени објекти, а не и за нивно отстранување. Ова од причина што општината која го уредува просторот, може и треба заради исполнување на предвидените урбанистички решенија да донесува ваков вид на одлуки со кои ќе се врши отстранување на времено поставени објекти, односно објекти со времен карактер, и за кое не е потребна согласност на Министерството за транспорт и врски, бидејќи истото дава согласност на веќе утврдениот Детален урбанистички план за конкретното подрачје.Ова, дотолку повеќе што подносителот на иницијативата наведува дека Министерството за транспорт и врски дава согласност за Годишната Програма за поставување на времени објекти, а не на Одлуката на Советот на Општината за нивно поставување.

Оттука, Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста и законитоста на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2014
17 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева