Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата од оспорените делови на Сатутот кои гласат: „и други прописи“ „и подзаконска регулатива“, „и соодветните подзаконски акти“, „и другите подзаконски акти од областа на одбраната“ не можело да се утврди на кои подзаконски акти се мисли и таквите делови биле нејасни и непрецизни и како такви спротивни на уставното начело владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот на иницијативата наведува дека владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, требало да се остварува преку доминацијата на правната норма која треба да биде јасна, прецизна и разбирлива, која нема да остава можност за различно толкување и нејзина различна примена или можност за правна несигурност на граѓаните.
Потоа,во иницијативата се наведува дека со актите кои ги донесувал министерот, односно директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно управната организација не можел за граѓаните и другите правни лица да утврдува права и обврски, ниту да пропишува надлежност на други органи. Така што оспорените делови биле спротивни и на членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
По однос на оспорените делови, како што се: „и овој статут, „со кои поблиску се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување“ и „со кои се уредуваат правата и обврските од пензиското и инвалидското осигурување“, подносителот на иницијативата смета дека биле спротивни на член 34 од Уставот на Република Македонија, според која не била допуштена можност со општи акти како што е Статутот на Фондот да се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување.
Од тие причини, оспорените делови од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 34, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македнија, членовите 127 став 3, 157 став 1 точка 1 и 163 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и член 61 од Законот за организација и работа на органитена државната управа.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Статутот Фондот ги спроведува правата и обврските од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и врши други работи согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување (во натамошниот текст: Законот) и други прописи.
Согласно член 18 став 1 од оспорениот Статут правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат под условите во обем и на начин утврдени со Законот и овој статут.
Во член 23 став 3 од Статутот се предвидува дека поделбата на пензијата во смисла на одредбите на ставовите 1 и 2 на овој член се врши и кога на некој од сокорисниците на пензија привремено му се запре исплатата на семејната пензија што му следува додека траат околностите за запирање на исплатата на пензијата предвидени со Законот и овој статут.
Според член 32 од Статутот Фондот врши размена на податоци согласно посточката законска и подзаконска регулатива, односно согласно Законот запензиското и инвалидското осигурување, Законот за едношалтерски систем и водење на трговски регистар и регистар на други правни лица, Законот за прибавување и размена на податоци по службена должност, Законот за заштита на личните податоци и соодветните подзаконски акти.
Во член 42 од Статутот се предвидува дека во случај на воена или вонредна состојба, Фондот спроведува мерки и активности за остварување на дејноста, согласно Законот за одбрана и другие подзаконски акти од областа на одбраната, како и мерки за заштита спасување на вработените, средствата за работа, документацијата и архивскиот материјал.
Согласно член 50 став 2 од Статутот, Статутот и другите општи акти на Фондот со кои поблиску се уредуваат правата од пензиското иинвалидското осигурување се подготвуваат во форма на предлог.
Според член 51 став 1 од Статутот во постапката за донесување на актите на Фондот со кои се уредуваат правата и обврските од пензиското и инвалидското осигурување, Управниот одбор нацртите на тие акти ги доставува на мислење до Министерството за труд и социјална политика.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективни договори.
Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Во член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е предвидено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски ниту пак да се пропишува надлежност на други органи.
Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјално осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013 и 43/2014).
Со член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е определено дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Согласно член 4 од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под услови утврдени со овој закон.
Според одредбите од член 8 од наведениот закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој има својство на правно лице и како такво врши дејност од јавен интерес.
Со членовите 154-163 од Законот, се уредени надлежностите на Фондот, како и на неговите органи: Управниот одбор и директорот.
Работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување е уредено со член 154 од Законот. Според овој член од Законот Фондот ги врши следните работи:
1) ги спроведува прописите и политиките на развој на пензиското и инвалидското осигурување;
2) со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со овој закон;
3) ги следи и анализира состојбите во пензиското и инвалидското осигурување;
4) се грижи за законско остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување и дава стручна помош на осигурениците и корисниците на права за остварување на нивните права и интереси;
5) ги спроведува меѓународните ратификувани договори и меѓудржавните спогодби за социјално осигурување во делот на пензиското и инвалидското осигурување;
6) редовно ја следи состојбата на уплатување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување;
7) презема мерки за рационално користење на средствата потребни за обезбедување на правата од пензиското и инвалидското осигурување;
8) одлучува за права од пензиско и инвалидско осигурување во прв степен;
9) врши исплата на пензии и парични надоместоци согласно со закон;
10) врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина и
11) врши други работи определени со закон, Статутот и другите општи акти на Фондот.
Според член 157 став 1 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот донесува Статут и други општи акти на Фондот согласно со овој закон.
Согласно член 163 од Законот, Фондот има Статут (став 1), а со став 2 од наведениот член е уредно дека со Статутот на Фондот особено се уредува:
1) организацијата и начинот на работењето на Фондот;
2) начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со закон;
3) правата, обврските и одговорностите на органите на управување на Фондот;
4) претставувањето и застапувањето на Фондот;
5) јавноста во работењето на Фондот и неговите органи;
6) начинот на организирањето и вршењето на стручно – административните правни и други работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување;
7) постапката за донесување општи и поединечни акти и
8) други прашања од значење за работењето на Фондот.
(3) Согласност на Статутот на Фондот дава Владата на Република Македонија.
Од погоре цитираниот член од Законот произлегува дека со Законот се уредени работите кои Фондот ги врши, при што законодавецот допуштил со Статутот на Фондот да можат да се уредат и други прашања кои се од значење за работењето на Фондот.
Врз основа на член 157 став 1 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување го донел Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 174/2013).
Според член 1 од Статутот, со овој статут се уредуваат: организацијата и начинот на работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фондот); органите на управување и нивниот делокруг, претставувањето и застапувањето на Фондот; организацијата и вршењето на стручно – административните, правните и другите работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување; јавноста во работењето на Фондот и неговите органи; постапката за донесување на акти на Фондот и други прашања од значење за работењето на Фондот.
5. Со иницијативата се оспоруваат повеќе членови од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, по кои, во дел, односно по однос на член 2, во делот: ”и други прописи”, член 18 ( во целина, што значи и оспорениот дел) и член 23 ( во целина, што значи и оспорениот дел) Уставниот суд на Република Македонија веќе се произнел и одлучувал по иницијативата на истиот подносител, Стамен Филипов од Скопје, за нивно оценување, по што донесе Решение У.бр.5/2014 од 15 октомври 2014 година со што не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведените членови од оспорениот Статут.
Во решението се наведува дека уредувањето со оспорениот дел:” и други прописи”, не ја прави неуставна и незаконита одредбата од Статутот во делот што се оспорува со иницијативата поради тоа што од законските одредби произлегува дека прашањата поврзани со остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување сеуредени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување како и со други посебни закони и други прописи (општи акти) со кои тие се операционализирани.
Во оваа смисла, наводите дека со така уредениот оспорен дел од одредбата од член 2 од Статутот на Фондот “и други прописи”, не се знаело на кои други прописи се мисли, според Судот не го повредува уставниот принцип на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи и во отсуство на таксативно набројување на сите посебни закони и општи акти од оваа област, што е сосема разбирливо имајќи во вид обемноста на прописите кои ја регулираат оваа материја од социјалната сфера на граѓаните, неспорно произлегува на кои други прописи се мисли, односно на сите оние други прописи кои се во врска со прашањата од областа на пензиското и инвалидското осигурување.
Понатаму, Судот, во своето образложение наведува дека изнесените наводи со иницијативата во која отсуствувале посебни и конкретни наводи и образложени причини за неуставноста и незаконитоста на така уредената содржина на одредбите од членовите содржани во Статутот, не се основани, бидејќи од содржината на оспорените одредби од членовите 18-25 од Статутот не произлегува изворно уредување на права и обврски за граѓаните, туку истите се уредени во насока на операционализација и доразработка на одредбите од Законот, поконкретно на одредбите од Глава XII и Глав XIII од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, каде се содржани одредбите во врска со остварувањето, користењето и губењето на правата (Глава XII), како и надлежностите и организационата поставеност на Фондот, надлежностите на неговите органи и други прашања во врска со единствената стручна служба на Фондот, филијали и деловници на Фондот, чии вработени се јавни службеници.
Конкретно, во оспорениот член 18 став 1 од Статутот кој уредува дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат под условите, во обем и на начин утврдени со Законот и овој статут, е транспонирана одредбата од член 4 од Законот според која законска одредба правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под услови утврдени со овој закон.
Воедно Фондот со закон е овластен одделни технички прашања во врска со начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување да можат да се уредуваат и со статут и други општи акти на Фондот (одредби од Глава XIII Фонд за пензиско и инвалидско осигурување од Законот), па оттука, околноста што оспорената одредба од член 18 став 1 од Статутот, упатува и на Статутот, според Судот не ја прави неуставна и незаконита оспорената одредба од Статутот. Тоа се однесува и за ставовите 2-4 од оспорениот член 18 од Статутот со кои се уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување (поднесување на барања за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во Филијала, Деловница на Фондот според местото на последното осигурување, Централа на Стручна служба на Фондот), кои оспорени одредби наоѓаат законска основа во одредбите од Законот, конкретно член 127 од Законот, и се во функција на нивна операционализација, односно доразработка.
Оттука, од причина што наведените членови од Статутот веќе биле предмет на уставно-судска анализа, а во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во овој дел од иницијативата се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно Судот да ја отфрли иницијативата поради res judicata.
6. По однос на другите оспорени членови од Статутот, член 32 во деловите: ”и подзаконска регулатива”, и” и соодветните подзаконски акти”, член 42 во делот: “и другите подзаконски акти од областа на одбраната”, член 50 став 2 во делот: “со кои поблиску се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување” и член 51 став 1 во делот:” со кои се уредуваат правата и обврските од пензиското и инвалидското осигурување”, Судот оцени дека иницијативата не содржи аргументи, односно доволно образложени причини за несогласност на овие одредби од Статутот со членовите од Уставот и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на кои се повикува иницијативата, а во смисла на член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, туку подносителот на иницијативата, само дава општа констатација дека оспорените делови на наведените членови од Статутот се нејасни и непрецизни.
При постоење на недоволна аргументација и образложени причини за несогласноста на оспорените делови на погоренаведените членови од Статутот, на кои упатува подносителот, Судот оцени дека Уставниот суд нема доволен основ за впуштање во мериторна анализа и оцена на уставноста и законитоста на наведените членови од Статутот.
Имено, според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според Судот, во случајов при постоење на недостаток на аргументи и причини Судот да се впушти во мериторно одлучување, исполнети се условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата и во овој дел.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.138/2014
10 декември 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева