Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013).
2. Љупчо Јовановски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од актот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 52 став 4 од Уставот. Во продолжение на иницијативата се цитира наведениот член, но не се дадени никакви аргументи во однос на тоа зошто оспорената одредба имала повратно дејство и поради кои причини била директно на штета на граѓаните. По поднесената иницијатива претходно бил заведен предмет под број Р.бр.34/2014 и подносителот бил запознаен дека според член 15 од Деловникот на Уставниот суд, потребно е да се дополни и прецизира иницијативата од аспект на тоа, кои се причините за несогласност со одредбата на член 52 став 4 од Уставот. Според наводите на иницијативата, причини за оспорување на одредбата е тоа што се казнувале граѓаните наместо општините и тоа што не можело да се изгради никаков објект, а конкретно тој имал намера да изгради стопански објект на сопствена парцела, за која имало урбанистички планови и поседувал архитектонски урбанистички проект, но дошол до сознание дека би му биле потребни многу пари и најмалку три години трпение за да дојде до бараната цел.
Во продолжение на иницијативата е наведено дека Општината Куманово немала интерес да направи нови урбанистички планови, додека старите урбанистички планови, документации и општи акти општините не ги усогласиле во утврдените рокови, согласно членовите 46 и 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и поради тоа граѓаните и стопанските субјекти биле казнети и било потребно да потрошат многу пари и време и од тие причини предлага членот 24 од Законот да биде укинат и да останат да важат старите планови додека не бидат изготвени нови урбанистички планови.
3. Судот на седница утврди дека според член 24 од Законот, урбaнистичките планови, документации и општи акти кои не се усогласиле во утврдените рокови согласно со членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005) и членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 137/2007), не се применуваат, а просторот опфатен со истите се смета за простор вон плански опфат.
4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во член 1 во општите одредби од Законoт за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53//11, 144/12, 55/13, 163/13, 42/2014), се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Согласно членот 2 став 1 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата. Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови континуирано меѓу себе се усогласуваат и дополнуваат. (став 2) Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови задолжително се донесуваат и спроведуваат.(став 3)
Според членот 3 од Законот, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Согласно член 78 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/05) oсновните урбанистички планови донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, се применуваат како генерални урбанистички планови и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговото влегување во сила. Генералните урбанистички планови за стопански и други комплекси донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, се применуваат како урбанистички планови вон населено место и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговото влегување во сила. (став 2) Урбанистичките документации за населено место донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се применуваат како урбанистички планови за села и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговото влегување во сила.(став 3) Општите акти за населени места на општината донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се применуваат како урбанистички планови за села и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговото влегување во сила. (став 4) До донесување на урбанистички план за село, изградбата во селата кои немаат урбанистичка документација, може да се врши под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.(став 5)
Со членот 46 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/07) од 14 ноември 2007 година е уредено дека донесените генерални и детални урбанистички планови за општините со седиште во село и селата до влегувањето во сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005), се применуваат како урбанистички планови за село и ќе се усогласат со одредбите од овој закон во рок од четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон. Усвоените урбанистички проекти за инфраструктурни градби од значење на Републиката пред влегувањето во сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005) продолжуваат да важат во рок од две години од влегувањето во сила на овој закон.(став 2)
Со оспорената одредба на членот 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број163/2013 од 26 ноември 2013 година) урбaнистичките планови, документации и општи акти кои не се усогласиле во утврдените рокови согласно со членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005) и членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 137/2007), не се применуваат, а просторот опфатен со истите се смета за простор вон плански опфат.
Подносителот на иницијативата смета дека е оштетен преку чинот на нереализација на определени дејствија од страна на Општина Куманово, конкретно донесување или усогласување на гернерални и детални урбанистички планови. Но видно од приложените досегашни измени и дополнувања на Законот за просторно и урбанистичко планирање, рокот за усогласување на генералните и деталните урбанистички планови бил веќе еднаш пролонгиран, а самото усогласување претставува законска можност, а не обврска за општините.
Барањето во иницијативата оспорените одредби од членот 24 од Законот да бидат изменети и дополнети, односно нормирани на начин како што замислил подносителот на иницијативата, претставува барање за изменување на постојната законска регулатива во врска со усогласување на урбанистичките планови во смисол на потребите на подносителот на иницијативата.
Уставниот суд на Република Македонија во рамките на своите уставно определени надлежности, одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, но нема надлежност да одлучува за тоа што прописите не содржеле, а требало да содржат, ниту да нормира односи, на што впрочем се однесува барањето во предметната иницијатива.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби во однос на барањето во иницијативата да се оценува акт кој не содржи одредба каква, според подносителот, би требало да содржи, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по истата и дека се исполнети претпоствките од член 28 алинеa 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
Oд анализата на наведените уставни и деловнички одредби, како и од фактот што во иницијативата не се изнесени причини за конкретно оспорување на одредбите од членот 24 од Законот, по однос на уставните одредби на членот 52 став 4 од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата, Судот оцени дека тоа преставува процесна пречка за одлучување.
Врз основа на изнесеното Судот, согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот, ја отфрли иницијативата по однос на оспорениот член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013).
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.113/2014
10.12.2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева