У.бр.79/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ангелина Босилкова од Велес, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.

2. Ангелина Босилкова од Велес, застапувана од Светозар Ристески, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на пол, брачна и семејна состојба, личен или општествен статус, социјална и политичка припадност со дејствија со кои настанала повреда на слободи и права на подносителката на барањето од страна на лицето Јордан Лазаров.

Според наводите во барањето Анѓелина Босилкова, разешен судија на Основниот суд Велес, преку нејзиниот полномошник го поднесува барањето заради остварување на заштита на нејзините права и слободи кои се однесувале на забраната на дискриминација по основ на полова припадност, личен или општествен статус и семејна и брачна состојба, кои биле повредени од страна на претседателот на Основниот суд во Велес, Јордан Лазаров, сега во пензија.

Во барањето е наведено дека Анѓелина Босилкова повеќе од две и пол децении уживала голем авторитет и углед помеѓу колегите и граѓаните како справедлив и совесен судија, како чесна жена, сопруга, мајка и баба, која била посветена на домот и семејството и за неа честа и угледот имале највисоко место во системот на вредности. Според наводите во барањето, таа била жртва на директна, континуирана дискриминација на работното место, во континуитет, подолг временски период од две до три години, пред отпочнувањето на постапката за нејзиното разрешување.

Според наводите во барањето, истата се противела на притисоците, на деградацијата и на омаловажувањето од страна на претседателот на судот. Со цел да ги проретчи контактите со претпоставениот побарала да биде разрешена од позицијата на шеф на прекршочниот оддел на судот, што предизвикало истиот да се наљути, да се заканува и да испрати известување до Судскиот совет на Република Македонија, кое понатаму претставувало основ за поднесување на барање за поведување на постапка за нејзино разрешување.

На ден 20 мај 2011 година и се заканил дека веднаш ќе ја разреши и дека не знае со кој си имала работа, и тоа во присуство на судиите Л.Д. и А.Т. за кои била убедена, како и за другите сведоци кои биле вработени во судот, дека немало да дадат веродостојна изјава бидејќи се плашеле од заканите од претпоставениот Јордан Лазаров. Во барањето е наведено дека набргу била официјално прифатена нејзината оставка од позицијата шеф на прекршочниот оддел на судот, по што била сменета и дактилографката и од јули 2011 година до февруари 2012 година, работела без дактилограф. После извесно време, според наводите во барањето, во неколку наврати била викана на разговор кај началникот во СВР–Велес, кој бил детално информиран за вознемирувањето и нечовечкото и понижувачко постапување. Исто така, поради честите закани и вознемирувањето барателката го известила во неколку наврати и јавниот обвинител С.Т.

Во барањето е наведено дека Претседателот на Судот во позиција на сила испратил известување до Судскиот совет на Република Македонија кое било напишано на 70 страници и упатувало на наводна одговорност на судијата за 238 ИПРК предмети, иако за дури 203 премети немало клаузула на извршност. По тоа известување од страна на Судскиот совет на Република Македонија била водена постапка за разрешување на судијата и истата била разрешена на ден 06 април 2013 година, неколку месеци пред исполнување на условите за заминување во пензија. Во барањето е наведено дека известувањето изобилувало со неправични активности спротивни на член 1, член 6, член 8, член 13 в.в. со член 6 од Протоколот број 1. и членовите 1 и 14 од Протоколот број 12 на Европската Конвенција за човекови права.

Во наводите на барањето се укажува на тоа дека барателката тешко се одлучила да проговори за сите малтретирања кои претходеле на нејзиното разрешување и кои се случувале на работното место и во врска со истото претседателот на судот и вршел притисоци, и кон неа се однесувал неодговорно, несовесно, нечовечки, при тоа ја деградирал и ја омаловажувал нејзината личност и интегритет како судија и во континуитет непристојно атакувал кон неа, истовремено нудејќи и за тоа бенефити во судот и во судството каде истиот преку неговите овластувања и влијанија како претседател на судот имал влијание во работењето на Судскиот совет на Република Македонија.

Според наводите во барањето, хронолошки наводното непристојно вознемирување и малтретирање од страна на претседателот на Основниот суд во Велес, започнало кога по втор пат, три години, пред исполнувањето на условите за пензионирање, тој повторно бил избран за претседател на судот.

Во продолжението на барањето, е наведено дека во конкретниот случај станувало збор за дискриминација, која се случувала подолго време и која со своите последици особено тешко ја погодувало Ангелина Босилкова, како судија во Основниот суд во Велес, при што се создавала непријателска, заканувачка, деградирачка и понижувачка атмосфера. Имено, согласно Европската конвенција, овие ситуации на сексуална злоупотреба биле релевантно неприфатливи. Во конкретниот случај, во споменатите дејствија наводно сторени од страна на претседателот на судот, биле супсумирани сите обележја на дискриминација, како што биле неповредливоста на телесниот и менталниот интегритет. Оттука, според наводите во барањето, начелото на недискриминација барало позитивен пристап, полн со почит кон личноста и ослободувањето, ослободено од принуда, особено кога станувало збор за институција како што бил судот.

Во наводите во барањето, подносителката смета дека како последица на дискриминација и било повредено и правото на правична постапка и еднаков третман; правото на приватен живот; правото на достоинство; правото на доверба; правото на пристап до документи и правото на информираност за постапките и правото на ефективен правен лек односно сретства.Оваа дискриминација вклучувала физичка и ментална агресија, емоционално и психолошко малтретирање, сексуално малтретирање и заплашување на работа.

Сексуално малтретирање (вознемирување) значело секое навредливо вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер што претставувало повреда на личното достоинство, особено кога предизвикувало заплашување, одбивност, деградирање, понижување. Сексуалните права се содржеле во човековите права кои се веќе признати во националните закони, меѓународните документи за човековите права и други консензуални документи. Тие содржеле права за сите луѓе, ослободени од присила, дискриминација и насилство. Неповредливоста на телесниот и менталниот интегритет било право кое според начелото на забрана од дискриминација барало сите личности да ги почитуваат како права на другите. Според Директивата за еднаков третман, незаконската дискриминација вклучувала: вознемирување врз основа на полот и сексуално вознемирување. Главната разлика помеѓу дискриминација врз основа на полот и сексуалното вознемирување лежела во тоа што во случаи на вознемирување врз основа на полот лицето било неповолно третирано, бидејќи тој или таа бил маж односно жена. Во случај на сексуално вознемирување, пак, жртвата била подложена на непожелно сексуално наметнување, или на пример, виновникот барал сексуални услуги преку своето однесување.

Членот 14 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) подразбирал дека ќе се открие повреда кога неспорно постојат докази дека определен третман бил неосновано дискриминаторски. Овој член 14, исто така, се применувал и од процедурален аспект, односно Судот можел да утврди повреда кога државата немало да преземе ефикасна истрага со цел да ја утврди жалбата за дискриминација од жалителите.

Членот 1 од Протоколот бр. 12 предвидувал генерална забрана за дискриминација, односно „уживање на сите права предвидени со закон треба да биде заштитено од дискриминација врз основа на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко и друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, имотна состојба (сопственост), раѓање или друг статус“. Протоколот 12 имал за цел да ја прошири забраната за дискриминација опфаќајќи ги сите права и слободи предвидени со ЕКЧП и со домашниот закон.

После отпочнувањето со малтретирањата и дискриминаторските постапки, значително била влошена психичката состојба на подносителката. Имајќи го предвид наведеното, подносителката му предлага на Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди постоење на повреда на правото на недискриминација против подносителката и да обезбеди заштита на нејзините слободи и права.

Во поднесокот за прецизирање на поднесената уставна жалба (барање), се укажува дека забраната за дискриминација и еднаквоста на граѓаните независно од пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба, биле уставна гаранција во Република Македонија. Дискриминацијата била апсолутно забранета од страна на сите лица (правни и физички) спрема било кого.

Подносителката на барањето очекува Уставниот суд да и пружи правна заштита врз основа на цитираните меѓународни и домашни правни норми на начин што ќе констатира повреда на нејзините слободи и права и ќе ги забрани дејствијата кои се сторени со повредите.

3.Судот на седница утврди дека од извршениот увид во доставената и прибавена документација произлегува следното:

Подносителката на барањето Ангелина Босилкова била вработена како судија во Основниот суд во Велес. Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата, таа трпела директна, континуирана дискриминација на работното место, во континуитет, подолг временски период од две до три години, пред отпочнувањето на постапката за нејзиното разрешување.

Според наводите во барањето, истата се противела на притисоците, на деградацијата и на омаловажувањето од страна на претседателот на судот. Со цел да ги проретчи контактите со претпоставениот побарала да биде разрешена од позицијата на шеф на прекршочниот оддел на судот, што предизвикало истиот да се наљути, да се заканува и да испрати известување до Судскиот совет на Република Македонија, кое понатаму претставувало основ за поднесување на барање за поведување на постапка за нејзино разрешување.Во барањето е наведено дека известувањето изобилувало со неправични активности спротивни на член 1, член 6, член 8, член 13 в.в. со член 6 од Протоколот број 1. и членовите 1 и 14 од Протоколот број 12 на Европската Конвенција за човекови права.

Во наводите на барањето се укажува на тоа дека барателката тешко се одлучила да проговори за сите малтретирања кои претходеле на нејзиното разрешување и кои се случувале на работното место и во врска со истото претседателот на судот и вршел притисоци, и кон неа се однесувал неодговорно, несовесно, нечовечки, при тоа ја деградирал и ја омаловажувал нејзината личност и интегритет како судија и во континуитет непристојно атакувал кон неа, истовремено нудејќи и за тоа бенефити во судот и во судството каде истиот преку неговите овластувања и влијанија како претседател на судот имал влијание во работењето на Судскиот совет на Република Македонија.

Судскиот совет на Република Македонија, донел Решение Дов.број 07-7/45 од 10 декември 2012 година со кое била разрешена од судија, одлучувајќи по поведената постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција против Анѓелина Босилкова, судија на Основниот суд Велес и по спроведената постапка согласно член 74 став 1 алинеја 2 и став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 150/2010) и Законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010).

Судот на седница исто така утврди дека од Решението Дов.број 07-7/45 од 10 декември 2012 година за разрешување произлегува следното:

Против Решението на Судскиот совет на Република Македонија, Дов.број.07-7/20 од 23 мај 2012 година судијата Ангелина Босилкова изјавила жалба, по која од страна на Советот при Врховниот суд на Република Македонија со Решение Дов.број. 4/12 од 01 октомври 2012 година, нејзината жалба била усвоена, а споменатото решение било укинато.

При повторното постапување од страна на Комисијата на ден 08 ноември 2012 година, во присуство на јавноста, а по барање на судијата, била закажана расправа која била одложена за 13 ноември 2012 година.

На расправата одржана на 13 ноември 2012 година судијата останала во се кажано претходно и побарала одлагање на расправата поради здравствени причини, кој предлог Комисијата го одбила, по што расправата продолжила во фаза на доказна постапка. Комисијата врз основа на доказите изведени во текот на постапката согласно член 92 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија до Советот, поднела предлог извештај за констатираната состојба. Советот на седница расправал и ја усвоил и ја утврдил фактичката состојба. На седницата одржана на ден 28 ноември 2012 година, со донесеното Решение Дов.број 07-7/45 од 10 декември 2012 година судијата Ангелина Босилкова била разрешена од вршење на судиската функција заради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, согласно член 75 став 1 алинеа 2 од Законот за судовите.

Во прилог на барањето се доставени и Медицинско вештачење (наод и мислење) од Д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијтар, издадено во јули 2013 година, во однос на тоа дека во периодот од 2010-2013 година, пред и после престанокот на работниот однос како судија во Основниот суд во Велес, трпела душевни страдања.

Исто така, како дополнување на доказниот материјал се приложени и изјави од Вангелица Гаврилова, нејзина пријателка; од Перо Тутарков, шумски инжењер; од Аце Николов, адвокат и од Рамадан Ахмедов, Ленка Димова и Никола Ќимов сите вработени во прекршочната писарница во Основниот суд во Велес во однос на тоа дека со отпочнувањето на малтретирањето и дискриминаторските постапки од страна на нејзиниот претпоставен значително била влошена психичката состојба на подносителката на барањето.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Од цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Со барањето поднесено од Анѓелина Босилкова се бара од Уставниот суд заштита од дискриминација по основ на полова припадност и семејна и брачна состојба, поврзани со дејствија со кои на директен начин, континуирано на работното место, во Основниот суд во Велес, подолг временски период во траење од две до три години, пред отпочнувањето на постапката за нејзиното разрешување, истата била жртва на дирекна дискриминација. Барањето, евидентно е во рамки на дејствија, а не на донесени акти. Во наводите на барањето се споменати лица кои биле сведоци, но тие не сакале да сведочат од страв за своите работни места и од тогашниот претседателот на Судот, Јордан Лазаров.

Заштитата од дискриминација по однос на семејна и брачна состојба не спаѓа во правата и слободите на човекот и граѓанинот што се штитат пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што Судот утврди дека наводите во барањето за заштита на овие слободи и права, во овој дел, треба да се отфрлат.

Во однос на барањето за заштита од дискриминација по основ на полова припадност, Судот утврди дека спорните дејствија сторени преку манифестирање на сексуални афинитети од нејзиниот надреден, не може да се прифатат како дејствија на дискриминација по основ на пол чија заштита се обезбедува пред Уставниот суд. Ова, затоа што станува збор за фактичко прашање и за дејствија кои подносителката на барањето, која како долгогодишен судија во Основниот суд во Велес, ги трпела и за кои можела да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежни судски органи и други институции поради сторени повреди, согласно одредбите од Законот за дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50 од 13 април 2010). Отука, тоа не е прашање кое би можело да се третира како забрана на дискриминација во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, со оглед на постоење на релевантна судска заштита по тоа прашање.

Другите наводи во барањето кои се однесуваат на несоодветен однос на непосредно претпоставениот кон подносителката на барањето, односно „мобинг„ што се основ во барањето за утврдување на одговорност за дискриминација по основ на полова припадност и кои би потврдувале дискриминација, повик или поттикнување на дискриминација по основ на пол, се само деклартивно наведени, во функција на дејствијата кои се цел на барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, поради што Судот утврди дека постојат процесни пречки за мериторно да се произнесе по истите во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот.

Воедно, Судот, согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, не е надлежен да одлучува ниту по барањето дека на подноситеката на барањето и биле повредени и правото на правична постапка и еднаков третман; правото на приватен живот; правото на достоинство; правото на доверба; правото на пристап до документи и правото за информираност за постапките и правото на ефективен правен лек односно средства.

Имајќи ги во предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителката во барањето наведува голем број на дејствија на бившиот претседател на Основниот суд во Велес, кој намерно и нечовечки ги повредил слободите и правата на подносителката на барањето и кај неа било создадено чувството на страв и инфериорност, Судот утврди, дека од целината на барањето, несомнено произлегува, дека истата искажува незадоволство и од решението на Судскиот совет на Република Македонија за нејзиното разрешување од функцијата судија, но истите, Судот оцени дека не е можно директно да се докаже врска со правниот основ за нејзино разрешување од функцијата судија на Основниот суд во Велес.

Поради тие причини, наведените барања, се сведуваат на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејствија на тогашниот претседател на Основниот суд во Велес и од аспект на донесеното решение за разрешување од функцијата на судија на барателката, од страна на Судскиот совет на Република Македонија, а врз основа на дискриминација според пол.

Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот утврди дека, во конкретниот случај, барателката само декларативно се повикува на заштита на слободи и права користејќи го основот “забрана за дискриминација по основ на полова припадност, личен или општествен статус и семејна и брачна состојба”, како повод и правно оправдување на своето барање, кое всушност претставува барање со цел да предизвика поинаков судски исход кој би бил во интерес на барателката. Уставниот суд не е надлежен арбитер од аспект на повисок инстанционен суд да одлучува за законитоста на конкретни акти на надлежни органи и да интервенира за дејствијата кои биле во тек подолг временски период, а не биле процесуирани пред надлежните органи за кривично гонење, што претставува цел на подносителката на барањето, па од овие причини, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки за овој суд да се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.79/2013
10.12.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева