У.бр.13/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за постапката за прием на професионални војници на служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2008), донесен од министерот за одбрана.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Денис Мустафовски од Скопје со решение У.бр.13/2013 од 16 април 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот за постапката за прием на професионални војници на служба во Армијата на Република Македонија е донесен согласно член 33 став 6 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005 и 134/2007).

Во член 8 од овој Правилникот е предвидено дека од страна на Воената служба за безбедност и разузнавање во постапката за прием на професионални војници на служба во Армијата се:

– Врши проверка на впишаните податоци кои кандидатите ги внеле во своерачно пополнетиот прашалник, со изјава за морална, материјална и кривична одговорност за точност на впишаното, како и согласност истите да бидат проверени во соодветна законска процедура;
– Доставува листа на кандидати кои ги поминале проверките од алинејата 1 на овој член до Комисијата за спроведување на постапката за прием на професионални војници.

Оваа одредба се оспорува во делот: „Од страна на Воената служба за безбедност и разузнавање“.

Во членот 14 став 2 од истиот правилник е предвидено дека, оцена на поднесените документи во смисла на нивната потполност во согласност со објавениот оглас се врши од страна на Секторот за цивилна одбрана, а проверка на впишаните податоци кои кандидатите ги изнеле за вистинити се спроведува од страна на Воената служба за безбедност и разузнавање.

Одредбата се оспорува во делот: „а проверката на впишаните податоци кои кандидатите ги изнеле за вистинити се спроведува од страна на Воената служба за безбедност и разузнавање“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, која вредност бара во правниот поредок да егзистираат подзаконски акти кои имаат свој основ во закони што се во важност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Устав и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Оспорениот Правилник за постапката за прием на професионални војници на служба во Армијата на Република Македонија имал свој законски основ во членот 33 став 6 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005 и 134/2007) се до 23 јануари 2011 година.

Ова од причина што, наведениот закон престанал да важи на 23 март 2010 со влегувањето во сила на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010). Овој Закон, во меѓувреме претрпел уште четири измени и дополнувања.

Според член 227 од Законот што сега е во сила, подзаконските и други акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од десет месеци (23 јануари 2011 година) од денот на влегување во сила на овој закон (став 1). До донесувањето на подзаконските и други акти од ставот 1 на овој член ќе продолжат да се применуваат подзаконските и други акти кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон (став 2).

Со оглед на тоа што временскиот период на важење на оспорениот правилник (23 јануари 2011 година) изминал, но истиот се уште егзистира во правниот поредок, како акт донесен врз основа на Закон кој престанал да важи, произлегува дека основано е тврдењето во иницијативата дека овој оспорен акт нема свој законски основ.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот Правилник не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.13/2013
25 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева