У.бр.88/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 точка 1 алинеја 2 и точка 2 алинеја 3 и член 17 став 2 алинеја 3 од Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост (”Службен весник на Република Македонија” број 87/2013, 106/2013 и 137/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата, оспорените членови односно делови од членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот. Ова затоа што тргнувајќи од фактот дека секој имал уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постоеле други законски механизми за нивно исполнување. Пропишувањето на еден ваков ограничувачки услов за лице, кое не ги намирило јавните давачки, што со закон било обврзано да ги плати, да не може да има право на купување на земјоделско земјиште во државана сопственост, значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување на можноста за купување на земјоделско земјиште водело до состојба на исполнување на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не било дозволено, како и до намалување на обемот на правото на работа и на живот и достапноста на секое работно место, секому, под еднакви услови. Понатаму, во иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од член 12 став 1 точка 1 алинеја 2 и точка 2 алинеја 3 и член 17 став 2 алинеја 3 од Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, и истите да бидат укинати или поништени.

4. Судот на седница утврди дека според член 12 став 1 точка 1 од Законот, учесниците согласно со објавениот јавен оглас се должни покрај другото да достават: 1. за правни лица: доказ (акт) издаден од Централниот регистар на Република Македонија за извршениот упис во трговскиот регистар или од друг надлежен орган за упис на правните лица; доказ за намирени јавни давачки;…… 2. за физички лица: државјанство; решение за регистриран вршител на земјоделска дејност или доказ од централен регистар за регистриран трговец поединец; доказ за намирени јавни давачки;…

Според ставот 2 на овој член од Законот, е предвидено дека ненавремено доставени пријави на јавниот оглас ќе се отфрлат со решение.

Во оспорениот член 17 став 1 од овој закон е уредено дека во случај на продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост за кое постои договор за закуп кој е во сила, право на првенство на купување има постојниот закупец на земјиштето чиј договор за закуп сé уште е во сила. Лицата од ставот 1 на овој член можат да го остварат правото на првенство на купување под услов: уредно да ги исполнувале обврските од договорот за закуп; да ги намириле сите обврски за плаќање на закупнината; доказ за намирени јавни давачки и потврда од подрачна единица на Министерството дека нема обврски по однос на неплатена закупнина за користење на земјоделско земјиште во државна сопственост и други јавни давачки (водарина, пашарина и други надоместоци).(став 2)…

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2 секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во членот 1 од Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост (”Службен весник на Република Македонија” број 87/2013, 106/2013 и 137/2013) се уредува продажбата на земјоделско земјиште во државна сопственост на начин, постапка и услови согласно со овој закон.

Според член 2 став 1 од Законот, утврдено е дека целите на овој закон се: заштита на земјоделското земјиште и развој на земјоделството; рационално користење на земјоделското земјиште како ограничен природен ресурс; олеснување на развојот на пазарот на недвижности преку продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост; обезбедување на правна сигурност на сопствениците и корисниците на земјоделското земјиште и користење на земјоделското земјиште согласно со неговата намена заради одржување и зголемување на плодноста и спречување на негово загадување.

Поаѓајќи од изнесените уставни и законски норми, во оцената на уставноста на оспорените одредби од членот 12 став 1 точка 1 алинеја 2 и точка 2 алинеја 3 и член 17 став 2 алинеја 3 од Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, Судот утврди дека исклучувањето на правото на првенствено купување при продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост на физичко или правно лице кое не доставило доказ за намирени јавни давачки, се во согласност со Уставот. Имено, право е на законодавецот со закон да пропише извесни критериуми во Законот, заради обезбедување и заштита на општиот интерес за Република Македонија со воспоставување на правна рамка за спроведување на постапки за продажбата на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Според наводите во иницијативата, во овој случај се смета дека со овие делови од оспорените одредби, биле пропишани ограничувачки услови кои значеле пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми и кои воделе до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, но Судот утврди дека ваквите наводи се неосновани.

Имено, условувањето за исклучување од постапка на право на првенствено купување на земјоделско земјиште во државна сопственост, на физичко или правно лице поради тоа што не доставиле доказ за намирени јавни давачки е во согласност со Уставот. Тоа од причина што, законодавецот во функција на заштита и гаранција за непречено и квалитетно воспоставување на функционален пазар на земјоделско земјиште користи една од компонентите, односно една од групата на мерки, насочена кон унапредување на процесот на управување со земјоделското земјиште, која досега не била применета во Република Македонија, а тоа е продажбата на земјоделско земјиште во државна сопственост. Оттука, содржината на оспорените делови на членот 12 став 1 точка 1 алинеја 2 и точка 2 алинеја 3 и член 17 став 2 алинеја 3 од Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, не претставуваат ограничувачки услов, односно излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми, кое водело до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус.

Предвидувањето на овие услови од страна на законодавецот, Судот оцени дека не значи намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Исклучувањето на физичкото или правното лице коe не поседува доказ-потврда за намирени други јавни давачки, и во овој случај наоѓа свое оправдување во интенцијата на законодавецот. Ова од причини што, извесна е можноста, неплатените јавни давачки од страна на евентуално избран купувач односно физичко или правно лице, да се рефлектира на нивната солвентност и во доследното исполнување на договорот за купопродажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, чии последици во спротивен случај би се одразиле во понатамошното користење на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Согласно изнесеното, разгледувајќи ги оспорените одредби во контекст на наведеното, а притоа имајќи ја предвид и содржината на целиот Закон за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, потоа целите, односно потребите поради кои е донесен, Судот оцени дека во конкретниот случај не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените делови ододредби на член 12 став 1 точка 1 алинеја 2 и точка 2 алинеја 3 и член 17 став 2 алинеја 3 од Законот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.88/2013
25.11.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева