103/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 41 став 4, во делот

2. Марија Аргировски и Амар Ејуп, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека „спорно е како на денот на распишување на изборите (член 43 став 1 од Изборниот законик), МВР би можело да знае кој ќе има важечка лична карта/патна исправа на денот на изборите.“

Подносителот на иницијативата, понатаму, наведува дека „контрадикторноста во горенаведените правила е очигледна од фактот што со прописите е уредено дека избирачкото право важи за државјаните кои имаат избирачко право и важечка лична карта/патна исправа наредниот ден од денот на распишување на изборите, како и кои на денот на изборите имаат важечка лична карта/патна исправа. Оттука, постои правен вакуум помеѓу овие одредби, па произлегува дека доколку наредниот ден од распишувањето на изборите избирачот не поседува важечка лична карта/патна исправа, тој нема да може да го оствари своето право на глас, без притоа да се остави простор истиот да се стекне со важечки документ за лична идентификација во интервалот од распишувањето до одржувањето на изборите.“

Поради тоа, оспорените одредби од Изборниот законик не биле во согласност со член 22 од Уставот, според кој основата за избирачко право е: наполнети 18 години живот, државјанство на Република Македонија и деловна способност, а не и важечка лична карта/патна исправа наредниот ден од распишувањето на изборите.

3.Судот на седницата утврди дека во член 41 став 1 од Изборниот законик се определува дека „Избирачкиот список го води Државната изборна комисија.“

Според оспорениот член 41 став 4 од Законикот „Во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа.“

Во член 43 став 1 алинеја 1 од Изборниот законик се пропишува дека „Министерството за внатрешни работи до Државната изборна комисија доставува податоци за граѓаните со наполнети 18 години живот на денот на изборите кои имаат важечка лична карта или патна исправа“.

Во член 43 став 3 од Законикот се определува дека „Податоците од ставовите 1 и 2 на овој член се доставуваат четирипати годишно од 1 до 10 февруари, од 1 до 10 мај, од 1 до 10 септември и од 1 до 10 декември. Во случаите кога се распишани избори, односно референдум податоците се доставуваат наредниот ден од денот на распишувањето на изборите, односно референдум на магнетен медиум и задолжително го содржат единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).“

4.Од изнесените одредби на Изборниот законик, Судот оцени дека произлегува следното: наредниот ден од денот на распишувањето на изборите (член 43 став 3), Министерството за внатрешни работи до Државната изборна комисија доставува податоци за граѓаните со наполнети 18 години живот на денот на изборите кои имаат важечка лична карта или патна исправа (член 43 став 1 алинеја 1); Државната изборна комисија, која го води Избирачкиот список (член 41 став 1), во Избирачкиот список ги запишува сите граѓани со наполнети 18 години живот кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа (член 41 став 4).

Судот, понатаму, утврди дека според член 49 од Законикот, „Државната изборна комисија најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите, Избирачкиот список го става на јавен увид во своите подрачни одделенија и месните канцеларии со состојба на податоци за: граѓаните со наполнети 18 години живот на денот на изборите (прв круг на гласање); умрените лица 30 дена пред денот на распишувањето на изборите; и другите податоци од Избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите“ (став 1). „Државната изборна комисија по ставањето на изводите од Избирачкиот список на јавен увид, преку јавните гласила ги известува граѓаните за местото на кое се врши увидот, начините преку кои се врши увидот, времетраењето на увидот и можноста за запишување, дополнување или бришење на податоците од Избирачкиот список“ (став 3). „Јавниот увид трае 20 дена“ (став 4).

Во член 50 од Изборниот законик се определува дека „Барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што се ставени на јавен увид, во рокот од членот 49 став 4 на овој законик, може да поднесе секој граѓанин, ако: тој или некој друг граѓанин не е запишан во Избирачкиот список; е запишано лице кое нема избирачко право или нема живеалиште на подрачјето на општината или лице кое е починато; и личното име и адресата на лицето или личното име и адресата на друго лице се неправилно запишани“ (став 1). „Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците од ставот 1 на овој член се поднесува писмено до подрачното одделение на Државната изборна комисија или месната канцеларија на подрачјето на живеење“ (став 2). „Со барањето се приложуваат и потребните докази“ (став 3).

Според член 51 од Законикот, „Државната изборна комисија по барањата и пријавите на граѓаните од членот 50 и членот 50-а на овој законик е должен да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето и ако утврди дека барањето е основано со решение ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, а во спротивно ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето“ (став 1). „Против решението од ставот 1 на овој член граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд“ (став 2). „По тужбата од ставот 2 на овој член Управниот суд решава во рок од 24 часа по приемот на тужбата“ (став 3). „Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на Државната изборна комисија“ (став 4).

Во член 52 од Изборниот законик се утврдува дека „Државната изборна комисија Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид.“

Според член 53 од Законикот, „Избирачкиот список, односно изводот се заклучува со назначување на: бројот на страниците кои ги има тој список, односно изводот, бројот на запишаните избирачи (означени со број и букви), критичен момент на податоците утврдени во членот 49 став 1 на овој законик, датум на заклучувањето, потпис на овластено лице и печат“ (став 1). „Заклучениот Избирачки список ги содржи и податоците за граѓаните чии барања за бришење, запишување или промена на податоците од Избирачкиот список се позитивно решени од страна на Државната изборна комисија и Управниот суд“ (став 2).

Од изнесената содржина на членовите 49-53 од Изборниот законик, Судот оцени дека произлегува следното: најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите, Државната изборна комисија го става Избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни одделенија и месните канцеларии, за што ги известува граѓаните преку јавните гласила, а јавниот увид трае 20 дена (член 49 ставовите 1, 3 и 4); за време на траењето на јавниот увид секој граѓанин може да поднесе писмено барање на запишување, дополнување или бришење на податоците од изводите на Избирачкиот список, а кон барањето мора да ги приложи потребните докази (член 50 ставовите 1 и 2); по барањето, Државната изборна комисија има обврска да одлучи со решение во рок од 24 часа од приемот на барањето и, ако утврди негова основаност, со решение ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, во спротивно со решение ќе го одбие барањето; притоа, против одбивачкото решение, граѓанинот има право на тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, по која тужба Управниот суд решава во рок од 24 часа, а правосилното решение на тој суд станува составен дел на Избирачкиот список кој го потпишува Државната изборна комисија (член 51 ставовите 1-4); Избирачкиот список со промените кои произлегле од јавниот увид, Државната изборна комисија го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид (член 52), на начин утврден со Изборниот законик: наведување на број на страници, број на запишани избирачи вклучително со промените после јавниот увид (член 53).

Според тоа, после доставувањето од Министерството за внатрешни работи до Државната изборна комисија на податоците за граѓаните кои, покрај другото, на денот на изборите имаат важечка лична карта или патна исправа, што се прави наредниот ден од денот на распишувањето на изборите, при што во Избирачкиот список што го води Државната изборна комисија се запишуваат сите граѓани кои, покрај другото, имаат важечка лична карта или патна исправа, Избирачкиот список се става на јавен увид во траење од 20 дена најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите, секој граѓанин може да поднесе писмено барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список во наведениот период, по барањето решава Државната изборна комисија во рок од 24 часа а против решението на Комисијата решава Управниот суд исто така во рок од 24 часа, па правосилното решение на Судот станува составен дел од Избирачкиот список кој се заклучува и потпишува од Државната изборна комисија најдоцна 15 дена од завршувањето на јавниот увид во Избирачкиот список.

Имајќи предвид дека во периодот од ставањето на Избирачкиот список на јавен увид, со податоците за граѓаните кои на денот на изборите имаат важечка лична карта или патна исправа, до заклучувањето на Избирачкиот список со промените кои произлегле од јавниот увид има доволно време за поднесување на писмено барање за запишување, дополнување или бришење на податоците на граѓаните, вклучително и вадење на нова лична карта или патна исправа доколку престанало нивното важeње, Судот утврди дека оспорените делови од член 41 став 4 и член 43 став 1 алинеја 1 и став 3 од Изборниот законик гледани заедно со одредбите од членовите 49-53 од истиот законик не го доведуваат во прашање избирачкото право на граѓанинот утврдено во член 22 од Уставот, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законикот со наведената уставна одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.103/2014
25 ноември 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева