У.бр.90/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Славчо Десподов од Делчево за заштита на слободи и права на граѓанинот по основ на праведност, начелото на владеење на правото (член 8 алинеја 3) начелото на еднаквост на граѓаните (член 9), гарантирање, почитување и заштита на приватноста на граѓанинот (член 25) од Уставот на Република Македонија, како и заштита на не нарушување и дерогирање од користење на правото на другиот (член 10 став 2) од Европската конвенција за човекови права и слободи, повредени со Пресуда ГЖ.463/14 донесена на 02.04.2014 година од Апелациониот суд Штип.

2. Славчо Десподов од Делчево до Уставниот суд на Република Македонијад остави барање за заштита на слободите и правата означени во точката 1 од ова решение,кои слободи и права му биле повредени со со Пресуда ГЖ.463/14 донесена на 02.04.2014 година од Апелациониот суд Штип.

Подносителот на барањето во поднесокот наведува дека со Пресуда ГЖ.463/14 донесена на 02.04.2014 година на Апелациониот суд во Штип со која ја преиначил пресудата на Основниот суд во Виница П4-1/2014 година се повредени член 110 алинеја 3, член 50 став 1, а в.в. со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 25 од Уставот на Република Македонија како и член 10 став 2 од Европската конвенција за човекови права и слободи.

Во образложението на барањето подносителот наведува дека на 24.02.2014 година до Основниот суд во Делчево поднел приватна кривична тужба за клевета и навреда против Душко Симов адвокат од Делчево. Меѓутоа и ако и тужителот и тужениот биле од Делчево, Основниот суд во Делчево спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, се изземал од водење на спорот, а Апелациониот суд во Штип по кој знае кој пат свесно носи противзаконска одлука и предлага наместо предметот да го достави до Основниот суд Струмица каде е сторено кривичното дело го отстапил на Основниот суд Берово. Според него „случајно“предметот според компјутерот доаѓа во раце на судија кој за неколку месеци заминува во пензија, и тоа најверојатно од колегијални и пријателски причини бидејќи тужениот Симов е негов поранешен колега. Па така судијата место да постапи по Законот за кривична постапка и предметот да го води по скратена постапка тој 8 месеци го чува предметот со цел предметот да се води според новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Потоа предметот го предава кај друг судија кој со Решение ја прекинува постапката со препорака постапката да се води согласно Законот за граѓанска одговорност. Подносителот постапил по напатствијата и тужбата ја доставил до Основниот суд Делчево, кој се иззема, а Апелациониот суд во Штип повторно го крши законот и предметот го отстапил на Основниот суд Виница.

Основниот суд во Виница на 5 расправи во два наврати – два пати носи мериторна законска праведна пресуда со која ја утврдува граѓанската одговорност на тужениот Душко Симов за клевета и за штета нанесена на честа и угледот на тужителот Славчо Десподов, и го задолжува тужениот за повреда на личните права на тужителот со клевета да му плати спроведлив паричен надомест за нематеријална штета како и трошоци на постапката.

Меѓутоа и двете пресуди на Основниот суд Виница едната донесена на 22.10.2013 која по жалба Апелациониот суд Штип ја укинува со Решение ГЖ.20/2014 со образложение препишано од жалбата на тужениот, Основниот суд во Виница по втор пат на 21.02.2014 година повторно делумно го уважува тужбеното барање како и во првиот случај, но сега Апелациониот суд Штип „експресно“ со пресуда ГЖ.463/2014 донесена на 2.04.2014 година ја преиначува пресудата.

Според подносителот, Апелациониот суд Штип ја преиначува пресудата паушално поради наводни повреди на постапката како и материјалното право која пресудата е противзаконита од причина што член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, се однесувал на друг правен основ и во сосема други околности и дека клеветата тужениот ја сторил во судска постапка од кои причини е исклучена граѓанската одговорност за клевета, со што е исклучено и правото на тужителот да бара граѓанска одговорност за штета.

Понатаму, во барањето се наведува дека Апелациониот суд Штип со донесената пресуда грубо го прекршил Уставот, законот и одредбата од член 10 став 2 од Европската конвенција, имајќи ги предвид наведените факти:

Тужениот Душко Симов делото го сторил директно, а не изнесувал или произнесувал тврдење кое е содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган …. или е изнесено на јавен собир, судска постапка. Тој не изнесува нешто што е кажано на јавен собир или судска постапка туку директно пред 5 присутни на главната расправа во Основниот суд во Струмица на ден 25.11.2011 година, во постапка во која се појавува како тужител, а сега како тужен во завршен збор изнесувал невистинити тврдења.

Оттука, тужениот Симов, ниту нешто изнесувал ниту нешто пренесувал, туку искажал невистинити тврдења директно на записник без никаков повод и причина, а се со цел да го наклевети обвинетиот Славчо Десподов,а со цел да му го наруши угледот, честа и достоинството гарантирани со член 25 од Уставот и член 10 став 2 од Европската конвенција за човекови права и слободи.

Според подносителот, тужениот Душко Симов бил свесен за искажаните невистинити тврдења и морал да ги почитува Уставот, законите и меѓународните конвенции, но најверојатно инкриминираните зборови и невистинитите тврдења ги кажал со намера да го прикаже обвинетиот Десподов како човек кој е некултурен, насилен, се однесувал грубо, навредливо, спротивно на вообичаените норми на однесување. Сите наведени невистинити тврдења и тешки клевети на сега тужениот Симов, се без основ од причини што ниту еден збор не е запишан и не постои во записникот од главната расправа одржана на 25.11.2011 година во Основниот суд во Струмица, бидејќи ако сега тужителот, а тогаш обвинет се однесувал навредливо кон тужителот Симов, а особено кон Судот, предметниот судија ќе го санкционирал, ќе го казнел за таквото навредливо однесување на Десподов.

Дека Апелациониот суд, ја преиначил пресудата на Основниот суд Виница од други причини, а не согласно Законот за граѓанска одговорност е и фактот што самиот Симов како доказ на Судот, доставил одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.117/2012 од 14.11.2012 година на која постојано инсистирал и се повикувал и на распрата и во жалбите до Апелациониот суд во Штип.

Со наведената одлука Уставниот суд, барањето за заштита на слободите и прават на јавно изразување на мислата повредена со П.К.бр.490/11 на Основниот суд Струмица и Пресудата КЖ..172/12 на Апелациониот суд Штип, го одбил барањето на Славчо Десподов сега повторно подносител на барање.

Воедно, подносителот на барањето наведува дека кога тој го навредил Симов, Основниот суд Струмица и Апелациониот суд Штип го огласиле за виновен и му била изречена соодветна казна, а сега кога во идентичен таков судски предмет кога исто така на главна расправа во завршен збор, некогашен судија, а сега адвокат го клевети и изнесува груби невистини Апелациониот суд во Штип еднаш ја укинува, а потоа ја преиначува законски мериторната и праведна пресуда на Основниот суд Виница, донесена во согласност со позитивни законски прописи.

Според подносителот, Апелациониот суд Штип свесно и грубо го крши член 9 од Уставот, на начин што тоа што важи за некогашните судии и нивните колеги не важи за обичните луѓе.

Врз основа на наведеното и детално елаборирање на настаните, подносителот бара поради грубо кршење на наведените уставни и законски одредба и Европската конвенција за човековите права и слободи, Уставниот суд да го прифати барањето и да ја укине или поништи Пресудата ГЖ.463/14 донесена од Апелациониот суд Штип на 02.04.2014 година.

3. Судот на седницата, а од увидот во пресудите доставени од Основниот суд Виница и Апелациониот суд Штип го утврди следното:

Основниот суд во Виница постапувајќи по правната работа на тужителот Славчо Десподов од Делчево против тужениот Душко Симов од Делчево по основ надомест на штета, на 21.02.2014 година донел Пресуда П4-1/2014 година, со која тужбеното барање на тужителот делумно се усвојува.

Се утврдува граѓанска одговорност за штета нанесена на честа и угледот на тужиелот Славчо Десподов со клевета од страна на тужениот Душко Симов на начин што на 25.11.2011 година во завршен збор на записник на главен претрес по кривичниот предмет К-490/11 во Основниот суд Струмица пред присутните ги изрекол зборовите „обвинетиот Славчо Десподов во повеќе наврати на денешниот гипотврди искажаните навреди спрема мене и судот …. како и однесувањето на обвинетиот Славчо Десподов на денешниот претрес, посебно што истиот и денес го повтори кривичното дело и истиот навредливо се однесуваше спрема Судот“.

Се задолжува тужениот за повреда на личните права со изнесената клевета да му плати на тужителот спроведлив паричен надомест за нематеријална штета за повреда на честа и угледот износ од 12.000,00 денари и за претрпена душевна болка износ од 6.000,00 денари со казнена камата на овие износи согласно Законот за облигационите односи зголемен за 8% сметано од денот на пресудување 21.02.2014 година до конечната исплата како и да ги плати трошоците на постапката во износ од 6.000,00 денари во рок од 8 дена од денот на приемот на пресудата.

Тужбеното барање на тужителот за надомест на нематеријална штета за повреда на честа и угледот над досудениот до побараниот износ од 30.000,00 денари за претрпена душевна болка и нарушено здравје над досудениот до побараниот износ од 35.000,00 денари се одбива.

Во образложението на Пресудата, покрај другото, се наведува дека на главната расправа тужителот останал кон тужбата и дополнување на тужбата со конкретизирање дека тужбата е поднесена за клевета сторена со изнесените зборови на записник на претрес одржан на 25.11.2011 година во кривичниот предмет К-490/11, кога во завршен збор тужениот рекол „обвинетиот Славчо Десподов во повеќе наврати на денешниот претрес ги потврди искажаните навреди спрема мене и судот …………. како и однесувањето на обвинетиот Славчо Десподов на денешниот претрес и истиот навредливо се однесувал спрема Судот“. Од изнесените зборови тужителот се осетил оклеветен, бидејќи тужениот спрема него изнел невистини пред други лица, а неговата цел не била да го заштити своето право на слободно изразување, туку да го оклевети, омаловажи и повреди тужителот. Во завршниот збор побарал да се утврди дека тужениот е одговорен за клевета и иако имал можност да ја намали својата одговорност, да ги повлече кажаните зборови при што тоа не го сторил и побарал надомест на нематеријална штета за нарушен углед и чест, претрпена душевна болка и нарушено здравје од упатените зборови од тужениот.

Тужениот и неговиот полномошник на главната расправа го оспориле тужбеното барање и предложиле истото да биде одбиено како неосновано од причина што искажаните зборови биле искажани во судска постапка и истите не содржеле елементи на клевета бидејќи не биле пренесувани на трети лица.

Во доказната постапка на главната расправа Судот, ги извел доказите со читање на Записник за јавен претрес по предметот К.бр.490/11 од 25.11.2011 гоина, Одлука на Уставниот суд У.бр.117/2012 од 4.11.2012 година, Решение К-48/12 од 31.01.2013 година, Пресуда на Апелациониот суд Штип КЖ.177/12 од 12.04.2012 година и Изјава на сведокот Митко Курчиоски дадена на Записникот од главната расправа од 8.10.2013 година, па ценејќи го секој доказ посебно и сите заедно согласно член 8 од ЗПП Судот ги утврдил наведените факти.

На главниот претрес одржан на 25.11.2011 година Основниот суд во Струмица во кривичниот предмет К-490/2011 на приватниот тужител Душко Симов сега тужен против обвинетиот Славчо Десподов сега тужител на записник од тој претрес во завршен збор сега тужениот како приватен тужител меѓу другото изјавил:„обвинетиот Славчо Десподов во повеќе наврати на денешниот претрес ги потврди искажаните навреди спрема мене и судот …. како и однесувањето на обвинетиот Славчо Десподов на денешниот претрес, посебно што истиот и денес го повтори кривичното дело и истиот навредливо се однесуваше спрема судот“.

Така изречените зборови од страна на тужениот, тужителот ги почувствувал како клевета спрема него со што му биле повредени честа и угледот, а претрпел и душевна болка, поради што поднел тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штета за клевета.

Горните факти Судот ги утврдил од изведените писмени докази; записникот од јавен претрес по предметот К-490/11 од 25.11.2011 година, кој доказ тужениот не го оспорил,па врз основа на тоа, а имајќи ги предвид член 25 од Уставот,член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, член 4, член 8, член 9, член 16 и член 13 и член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, членовите 187-а, и 189 од Законот за облигациони односи, член 9-а од Законот за измена и дополнување на Законот за облигациони односи и член 209 од Законот за парнична постапка од кои причини одлучил како во пресудата

Во случајот по кривичниот предмет К-490/11 на Основниот суд Струмица, Судот утврдил дека тужениот како приватен тужител обвинет ги искажал зборовите :„обвинетиот Славчо Десподов во повеќе наврати на денешниот претрес ги потврди искажаните навреди спрема мене и судот …. како и однесувањето на обвинетиот Славчо Десподов на денешниот претрес, посебно што истиот и денес го повтори кривичното дело и истиот навредливо се однесуваше спрема Судот“.

Со така изречените зборови во судска постапка Судот во Струмица утврдил дека тужениот го оклеветил тужителот со директна умисла и дека кај тужениот постои одговорност за клевета спрема тужителот, и определен надомест на нематеријална штета на тужителот.

При одлучувањето Судот ги следел и напатствијата дадени од Апелациониот суд Штип во ГЖ.20/2014 во смисла на тоа да се имаат предвид одредбите од член 7 став 1 точка 3 и член 10 став 1 точка 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Меѓутоа со оглед на тоа дека тужителот бара одговорност за клевета, а не за навреда согласно член 10 став 1 точка 1 од Законот, исклучувањето на одговорноста за клевета се однесува и на други односи, односно во случај на изнесување или произнесување на тврдење кое е изнесено на јавен собир, во судска постапка или друга јавна манифестација и не може да се поистоветува со искажувањето на клевета спрема друг за време на претресот. Тужениот на претресот не пренесувал нешто што претходно било кажано на претрес во судска постапка, туку тој на самиот претрес во завршен збор изнесувал невистинити факти кои се штетни за честа и угледот на тужениот од кои тој се осетил наклеветен. Исто така биле ценети и пресудата на Апелациониот суд Штип КЖ.147/2012 од 12.04.2012 година како и Одлуката на Уставниот суд У.бр.117/2012 од 14.11.2012 година и истите се однесуваат на друг настан во кој токму сега тижителот ја понел одговорност за искажаната навреда во судска постапка, а според искажаните ставови на Одлуката на Уставниот суд, секој има право на правна заштита од напади врз неговата чест и углед што не е исклучен и тужителот.

Исто така, Судот ги ценел наводите на тужениот дека тужителот не доставил до Судот вешт наод и мислење за неговата здравствена состојба и начинот на кој влијаеле искажаните зборови и клевети последици предизвикале по здравјето, а согласно член 235 став 2 од Законот за парничната постапка (пречистен текст).

Согласно член 209 од наведениот закон, Судот по своја слободна оценка, а од околностите на случајот утврдил дека на тужителот му припаѓа право на надомест на штета за повреда на угледот, честа и претрпена душевна болка од нанесената клевета и таквата штета може да се досуди и без задолжителен вешт наод и мислење што било прифатено и од судиите на Апелациониот суд во Штип.

Од сето наведено, Судот одлучил како во диспозитивот на одлуката.

Апелациониот суд во Штип постапувајќи по тужбата на тужителот Славчо Десподов од Делчево против тужениот Душко Симов од Делчево за надомест на штета, а одлучувајќи по жалбата изјавена од жалителот – тужениот Душко Симов против Пресудата на Основниотсуд Виница по П4-1/2014 од 21.02.2014 година на одржаната седница од 2.04.2014 година по предметот ГЖ-463/14 донел Пресуда со која жалбата изјавена од жалителот – тужениот Се усвојува, Пресудата на Основниот суд во Виница П4-1/2014 од 21.02.2014 година во ст. 1, 2 и 3 од изреката, Се преиначува и одлучува.

Тужбеното барање на тужителот Славчо Десподов од Делчево со кое бара да се утврди граѓанска одговорност за штета нанесена на неговата чест и углед со изнесена клевета од страна на тужениот Душко Симов од Делчево на начин што наден 25.11.2011 година во завршен збор на Записник на главен претрес по кривичниот предмет К-490/11 во Основниот суд во Струмица пред присутните лица ги изрекол зборовите :„обвинетиот Славчо Десподов во повеќе наврати на денешниот ги потврди искажаните навреди спрема мене и судот …. како и однесувањето на обвинетиот Славчо Десподов на денешниот претрес, посебно што истиот и денес го повтори кривичното дело и истиот навредливо се однесуваше спрема Судот“,поради што се задолжува тужениот за повреда на личните права со изнесена клевета да му плати на тужителот спроведлив паричен надомест за нематеријална штета за повреда на честа и угледот 12.000,00 и запретрпена душевна болка износ од 6.000,00 со казнена камата зголемено за 8% како и да ги плати трошоците во постапка во износ од 6.000,00 денари Се одбива во целост како неосновано.

Се задолжува тужителот Славчо Десподов да плати на тужениот на име трошоци на постапка изнесува до 30.300,00 денари во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

Се задолжува тужителот Славчо Десподов да плати на тужениот на име дополнителни трошоци за жалба сума во износ од 3.550,00 денари во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

Во образложението на пресудата на Апелациониот суд се наведува дека основани се жалбените наводи на жалителот да првостепеиот суд донесувајќи ја побиваната одлука и одлучуајќи како во став 1, 2 и 3 од изреката на пресудата погрешно го применил материјалното право кога одлучил како во тој дел од изреката, па затоа овој суд согласно член 361 од Законот за парничната постапка, побиванаа одлука во тој дел ја преиначил и одлучил како во изреката.

По мислење на Апелациониот суд, првостепениот суд при донесување на побиваната одлука погрешно го применил член 10 став 1 точка 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета според кој е определено: „Покрај основите за исклучување на одговорност за клевета од член 9 став 2, 3 и 4 од овој закон, исклучена е одговорноста за утврдување на факти штетни за честа и угледот на друг што е дадено во научно, книжевно или уметничко дело во сериозна критика во вршењето на службена должност новинарска професија, политичка или друга општестена дејност, во одбраната на слободата на јавното изразување и на мислењата или на други мислења или во други права или заштита на јавниот интерес или други оправдани интереси ако: 1. се изнесува или произнесува тврдење што е содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган, установа или правно лице или е изнесено на јавен собир во судска постапка или друга јавна манифестација на активности на државни органи, установи и здруженија или правни лица или се пренесува тврдењето што јавно е соопштено од друг“ кога одлучил како во став 2 и 3 од изреката на побиваната одлука, бидејќи од изведените докази – записник од јавен претрес по кривичен предмето К.бр.490/11 на Основниот суд Струмица се утврдило дека овие зборови на тужениот, на тужителот му биле изречени во судска постапка и дека во овој случај е исклучена граѓанска одговорност за клевета, а со ова е исклучено и правото на тужителот да бара граѓанска одговорност за штета изнесена со клевета бидејќи во целост е исклучена ваквата одговорност согласно Законот за граѓанска одговорност, од кои причини овој суд согласно член 361 од Законот за парничка постапка, побиваната одлука во став 1, 2 и 3 ја преиначил на начин што тужбеното барање на тужителот го одбил во целост како неосновано.

Преиначувајќи ја побиваната одлука во однос на главното тужбено барање Судот ја преиначил и побиваната одлука во однос на трошоците на постапката на начин согласно член 148 и 149 од Законот за парничната постапка и го задолжил тужителот на тужениот да му ги надомести трошоците на постапката во износ од 30.300.00 денари во рок од 8 дена од приемот како и дополнителни трошоци во износ од 3.550 денари во рок од 8 дена.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити­ слободите и пра­вата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и заб­раната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од два месеци од денот на доста­вувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавање за преземање дејстие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Согласно член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Од наводите содржани во барањето произлегува дека во суштина барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста и законитоста на Пресудата на Апелациониот суд во Штип и нејзино поништување од причини што со истата Апелациониот суд ја преиначил и одлучил по Пресудата П4-1/2014 на Основниот суд во Виница во спор по основ на граѓанска одговорност за штета нанесена на честа и угледот на тужителот со изнесена клевета,која според подносителот била законита и праведна. Или поточно речено целта на подносителот на барањето е преку интервенција на Уставниот суд на Република Македонија и укинување на Пресудата на Апелациониот суд од кој тој не задоволен да ја оснажи првостепената Пресудата на Основниот суд Виница со која му било делумно уважено тужбеното барање.

Врз основа на изнесеното,Судот оцени дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот ги штити Уставниот суд, туку претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционен суд за права и интереси на странка по конкретен предмет од надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува,од кои причини исполнети се условите од член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5.Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.90/2014
25 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева