У.бр.102/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2013), а во врска со член 52 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 123/2012).

2. Илија Русев од с. Ангелци, Струмица и Зоран Трајков од с. Пиперово, Струмица, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредби од Законите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, во оспорениот член 52 став 2 од Законот било регулирано дека барањето за регистрација (на трактори) физичките и правните лица можат да го поднесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на Законот (од 11.10.2012 до 11.10.2013 година). Со измените на Законот (оспорениот член 2) било регулирано дека овој временски период се заменува со датумот 30.06.2014 година.

Со оглед дека истиот закон со член 53 давал можност за легализација на трактори односно утврдување на сопственички статус, се наметнувале следните прашања:

– Граѓанинот кој ја имал спроведено претходната постапка пред Основен суд за добивање на Решение со кое се утврдува сопственички статус, не можел да го оствари правото за регистрација на трактор со оглед дека бил врзан со временски период, во случајот со 30.06.2014 година.

– При регистрација на трактори, овластените субјекти каде се врши регистрација на возила имале нееднаков третман кон барателите за регистрација на возила. Имено, доколку се одело на регистрација со фактура за купено возило, во тој случај се прифаќало барањето за регистрација на возило, но доколку се одело за регистрација со решение донесено од Судот по претходно спроведена постапка за легализација, во тој случај не се прифаќало барањето за регистрација на возило, бидејќи бил поминат временскиот период на важење на Законот.

Поради наведеното, подносителите сметаат дека биле повредени уставното начело на еднаквост и уставното начело за гарантирање на правото на сопственост, поради што бараат од Уставниот суд наведените членови од Законот за возила да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија, бр.123/2012), барањето за регистрација физичките и правните лица може да го поднесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија бр.70/2013 година), во Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 123/12), во членот 52 став 2 зборовите: „во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон“ се заменуваат со датата: „до 30 јуни 2014 година“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2008), се утврдуваат условите за пуштање на пазар и почетокот на користење на возилата, регистрацијата и техничката исправност на возилата, условите за извршување на работи на техничките служби, правните лица за технички преглед и правните лица за регистрација и регистарот на податоци за возилата (член 1).

Со член 31 од Законот се пропишува постапката за регистрација на возилата. Така, според став 1 на овој член, возилото се регистрира по поднесено барање од страна на сопственикот на возилото. Според став 2 на истиот член, со барањето за регистрација од ставот 1 на овој член, сопственикот на возилото е должен да ги поднесе и следниве писмени докази за:
– потекло на возилото,
– сопственост на возилото,
– регулирани царински и даночни обврски за возилото,
– потврда за сообразност, или согласност за регистрација, ако се работи за возило за кое треба да има таква потврда или согласност согласно со одредбите на овој закон,
-техничка исправност на возилото, освен за возило за кое техничкиот преглед не е задолжителен, согласно со членот 50 на овој закон,
– извршено осигурување, платени такси, регулирани давачки на име надоместоци за користење на јавните патишта и за заштита на животната средина и други обврски пропишани со закон,
– извршено испитување на возилото ако се работи за возило наменето за превоз на опасни материи,
– извршена одјава на возилото од надлежниот орган во кој е извршена претходната регистрација и
– статус на возило со музејска вредност (олдтајмер).

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 123/2012), Законот е дополнет со два посебни члена (член 52 и член 53) со кои се уредува постапката за регистрација на трактори и тракторски приколки, кои се користат на територијата на Република Македонија, а за кои до денот на влегување во сила на овој закон не биле поднесени барања за нивна регистрација и кои не ги исполнуваат условите за регистрација утврдени со член 31 став 2 алинеите 1, 2, 3 и 4 од Законот.

Така, според член 52 став 1 од Законот, физички или правни лица кои совесно ги владеат и ги користат на територијата на Република Македонија тракторите и тракторските приколки и кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не поднеле барање за регистрација, а кои не ги исполнуваат условите од членот 31 став (2) алинеи 1, 2, 3 и 4 од овој закон, може да поднесат барање за регистрација до Министерството за внатрешни работи со кое доставуваат:
– доказ за сопственост,
– решение за утврдување на сопственички статус на тракторот или тракторска приколка,
– согласност за регистрација за трактор и/или тракторска приколка издадена во постапка на идентификација и оцена на техничка состојба од овластена техничка служба или правно лице за технички преглед овластено за вршење на идентификација и идентификација и оцена на техничка состојба на возилата и
– доказ дека се исполнети условите од членот 31 став 2 алинеи 5 и 6 од овој закон.

Според став 2 на овој член, барањето за регистрација физичките и правните лица може да го поднесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон. Согласно став 3 на истиот член, доколку по истекот на рокот од ставот 2 на овој член, при вршењето на контрола на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи затекне трактор или тракторска приколка која не е регистрирана, ќе ги примени одредбите од членот 26 ставовите 9 и 12 од овој закон.

Со член 53 од Законот се пропишува постапката за утврдување на сопственички статус на трактори и тракторски приколки, и тоа: утврдувањето на сопственички статус на трактори и тракторски приколки (во натамошниот текст: легализација) се покренува со поднесување на предлог за легализација на трактори и тракторски приколки до месно и стварно надлежен суд, според местото каде што се наоѓа живеалиштето на подносителот на предлогот за легализација (став 1). Предлогот за легализација од ставот 1 на овој член особено ги содржи следниве податоци: идентификациски податоци – марка, тип, број на шасија и мотор и година на производство на тракторот и/или тракторската приколка, како и причините поради кои се поднесува предлогот (став 2). Кон предлогот за легализација од ставот 1 на овој член се приложува претходно дадена изјава заверена на нотар од подносителот на барањето, во која подносителот под целосна материјална и кривична одговорност ќе изјави дека совесно го владеел тракторот или тракторската приколка и дека за истите не се води друга постапка пред надлежен суд (став 3). Кон предлогот за легализација од ставот 1 на овој член подносителот ќе ги приложи сите расположливи докази кои ги поседува за тракторот и/или тракторската приколка (став 4). Предлог за легализација од ставот 1 на овој член се поднесува во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 5). По поднесениот предлог за легализација од ставот 1 на овој член, судот во рок од три дена го известува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со барање преку огласните табли на своите подрачни единици да ги информира заинтересираните лица за поднесениот предлог (став 6). Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од три дена од доставувањето на известувањето од судот, известувањето го доставува до подрачните единици на Министерството кои во рок од 24 часа го објавуваат на огласна табла во своите простории со цел за запознавање на јавноста и заинтересираните лица со поднесениот предлог (став 7). Објавувањето на известувањето од судот трае 30 дена од денот на поставувањето на огласната табла (став 8). Доколку по истекот на рокот од ставот 9 на овој член заинтересирано лице писмено до судот не се обрати со докажување на својот правен интерес, судот во рок од 15 дена ќе донесе решение за легализација – утврдување на сопственички статус на тракторот или тракторскатa приколка (став 9). Доколку во рокот утврден во ставот 9 на овој член се јави заинтересирано лице кое ќе го докаже својот правен интерес, судот со решение ќе ги упати учесниците во определен рок, не подолг од 15 дена од денот на донесувањето на решението да поведат парнична постапка. Ако заинтересираното лице во рокот од 15 дена не поведе парнична постапка, тогаш постапката за легализација ќе продолжи (став 10). Против решението од ставовите 10 и 11 на овој член дозволена е жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението (став 11). Ако во рокот од ставот 12 на овој член не биде поднесена жалба решението станува правосилно (став 12).

Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2013), во Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 123/12), во членот 52 став (2) зборовите: „во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон“ се заменуваат со датата: „до 30 јуни 2014 година“.

Според член 3 на истиот закон, предлозите за легализација на тракторите и тракторските приколки кои не се поднесени согласно со рокот од членот 53 став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 123/12), може да се поднесат во периодот од 10 април 2013 до 30 септември 2013 година.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека со оспорените одредби, внесени како измени и дополнувања на Законот за возила, законодавецот пропишал посебна постапка со која се овозможува регистрација на тракторите и тракторските приколки кои се од постар датум и кои немаат потребна документација која е услов за нивна регистрација согласно одредбите на Законот. Во таа смисла, законодавецот пропишал рокови согласно кои може да се спроведе оваа посебна постапка (барањето за регистрација првично можело да се поднесе во рок од една година од денот на влегување во сила на овој закон, односно до 10 октомври 2013 година, а потоа овој рок е продолжен до 30 јуни 2014 година), а по истекот на овој рок, пропишал дека доколку при вршењето на контрола на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи затекне трактор или тракторска приколка која не е регистрирана, ќе ги примени одредбите од членот 26 ставовите 9 и 12 од овој закон, односно на возачот ќе му изрече глоба за прекршок.

Како услов за регистрација на тракторите и тракторските приколки според посебната постапка за нивна регистрација, законодавецот пропишал дека кон барањето за регистрација треба да се поднесе доказ за сопственост или решение за утврдување на сопственички статус на тракторот или тракторската приколка, при што ја пропишал постапката за утврдување на сопственичкиот статус на тракторот или тракторската приколка (легализација).

Во оваа постапка законодавецот пропишал дека предлогот за легализација на тракторот или тракторската приколка се поднесува во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (до 10 април 2013 година), а подоцна овој рок го продолжил до 30 септември 2013 година.

Решението за утврдување на сопственичкиот статус на тракторот или тракторската приколка (легализација) се стекнува во пропишана постапка на легализација пред месно и стварно надлежен суд, од каде произлегува дека истото претставува документ со иста важност како и другите докази за сопственост (фактура за купено возило, купопродажен договор заверен на нотар, судско решение за наследство), односно има неограничен рок на важност и мора да биде признато при регистрација на возилото.

Правните и физичките лица кои нема да ги регистрираат своите трактори и тракторски приколки според посебната постапка и во временскиот период утврден во Законот за изменување и дополнување на Законот за возила, ќе бидат во обврска да ги исполнат сите услови за регистрација на овие возила утврдени со член 31 став 2 од Законот за возила.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неспорно е уставното овластување на законодавецот, во рамки на уредувањето на регистрацијата на возилата, да пропише посебна постапка за регистрација на трактори и тракторски приколки, под посебни услови и во определени рокови, доколку оцени дека е тоа целисходно. Притоа, законодавецот е обврзан да го почитува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што во суштина значи обврска на законодавецот во законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Судот оцени дека токму на овие принципи законодавецот ги утврдил условите и роковите во кои ќе се спроведе посебната постапка за регистрација на трактори и тракторски приколки, поради што не може се прифати дека со таквиот начин на пропишување се повредувала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ниту пак дека се повредувало правото на сопственост.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Наводите во иницијативата според кои во постапката за регистрација на возило се прифаќало барањето за регистрација на возило доколку се приложува фактура за купено возило, а не се прифаќало барањето за регистрација доколку се приложува решение донесено од суд по спроведена постапка за легализација бидејќи бил поминат временскиот период на важење на законот, што се основ за поднесување на иницијативата, всушност претставуваат барање за впуштање на Судот во оцена на примената на законот од страна на надлежните институции, што не е прашање од надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.102/2014
19 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева