Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 ноември 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 2-а и член 34-в од Законот за едношалтерски систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007,150/2007, 140/2008,17/2011, 53/2011, 70/2013 и 115/2014).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 12-а и член 34-а од Законот означен во точка 1 на ова решение, како и иницијативата за оценување на согласноста на одредбите од овој закон со Законот за адвокатура и Кривичниот законик.
3. Адвокатите Тодорче Петровски, Горан Стоев, Жарко Митиќ, Камелија Стоева и Кети Геровска, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителите на иницијативата, со оспорените законски одредби била предвидена сметководствената дејност како исклучив услов за добивање овластување како регистрационен агент.
Таквото законско решение било во спротивност со Законот за адвокатура, бидејќи „составувањето на договори за основање“ било во описот и претставувало дел од адвокатските дејности утврдени во член 3 од Законот за адвокатура, според кој, правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи и други правни лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош. .
Согласно Законот за трговски друштва, таму каде што како основач на трговско друштво се појавувал поединец, договорот се заменувал со изјава за основање (член 170 ставовите 1 и 2), односно се работело за правен акт со исто значење и важност.
Исто така, и Кривичниот законик ги штител адвокатите, каде што во член 381-а било предвидено кривичното дело Надриписарство: Тој што без регистрирана дејност, за надомест дава стручна и правна помош на граѓани и правни лица, а не е адвокат, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Во случајов, според подносителите на иницијативата, без регистрирана дејност се подразбирало регистрирана адвокатска дејност, а не било каква дејност односно не сметководствена дејност како што сега со оспорениот закон им се дозволувало на регистрационите агенти-сметководители. Имено, ако до пред месец дена главните клиенти при доставување пријави за упис на трговски друштва пред Централниот регистар биле сметководителите, сега истите преку воведување на оспореното законско решение извојувале конечна победа над адвокатите, бидејќи „колачот“од регистрацијата на правни лица и тоа ТП, ДОО, ДООЕЛ и други, освен АД, останувал исклучиво нивна работа. Со ова законско решение адвокатите ќе се збогувале со Централниот регистар.
Наместо регистрациони агенти да можат да бидат исклучиво адвокати, тие биле сосема тргнати од законското решение, па во моментов адвокатите не можеле да се јават ниту како полномошници на нивните клиенти и да поднесат пријава за регистрација во хартиена форма, која можност постоела до месец март 2014 година. Тоа што во моментов се случувало било следното: Регистрационите агенти (по професија сметководители) преку системот на е-регистрација се јавувале како составувачи и подносители на сите акти односно одлуки, изјави, договори и полномошна за основање на друштва и останати трговски ентитети (освен акционерски друштва за кои и понатаму можело да се поднесуваат пријави во хартиена форма, иако обемот на работа за основање на ваков вид на правни лица бил занемарлив односно речиси не постоел). Колатерална штета на ова законско решение биле адвокатите, чиј што обем на работа континуирано се намалувал. И нотаријатот требало да биде јавна служба која ги заверува договорите и актите што ќе ги состават адвокатите, но во пракса нотарите ги составувале договорите и актите што сами ги заверуваат. Во случајов и регистрационите агенти веќе на големо составувале правни акти кои ги процесуираат по електронски пат до Централниот регистар.
Зошто таа дејност им се доделувала исклучиво на сметководители наместо исклучиво на адвокати? Таквото законско решение во најмала рака претставувало занемарувачки однос спрема адвокатската фела.
Со оспореното законско решение адвокатите не само што биле заменети со сметководителите, туку целосно биле изоставени. Поради тоа со оспорените одредби бил повреден член 53 од Уставот, бидејќи се нарушувала самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, а со законското решение се губела стручноста и квалитетот на работа со што се губеле и основачите на правни ентитети. Исто така, повреден бил и членот 55 од Уставот, каде во првиот став се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во вториот став се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Подносителите на иницијативата, како адвокати, биле обврзани да се регистрираат во системот за е-достава и да поседуваат електронски потпис и блиску бил денот кога воопшто нема да може да се постапува пред судовите доколку немаат електронски потпис. Во судовите веќе почнувале да се применуваат одредбите од ЗПП кои се однесуваат на електронско снимање на рочиштата и електронско доставување на поднесоци и одлуки. Ако веќе се воведело тоа позитивно законско решение од ЗПП што ја унапредувало адвокатската дејност и функционирањето на правниот систем, зошто тогаш не им се овозможело на адвокатите исклучиво тие да ја работат работата што природно и законски им припаѓала, а тоа е регистрација на трговски друштва. Со ваквото законско решение губеле сите бидејќи професионалци од друга област ќе составуваат правни акти на субјекти кои потоа ќе се соочуваат со правни последици од неквалитетно изготвени акти, а најмногу губеле адвокатите со дополнително намалување на обемот на работа.
Поради наведеното, подносителите бараат да се укине оспореното законско решение со кое бил повреден Уставот, Законот за адвокатура и Кривичниот законик.
4. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2013) во целина (Законот има 8 члена), но од текстот на иницијативата произлегува дека всушност се оспоруваат член 1 (со кој во основниот текст на Законот, во членот 2 став 1 по точката 2 се додава нова точка 2-а, а по точката 12 се додава нова точка 12-а), како и член 3 со кој по член 34 во основниот текст на Законот се додаваат пет нови члена 34-а, 34-б, 34-в, 34-г и 34-д, а со иницијативата се посочуваат само новододадените членови 34-а и 34-в. Поради наведеното, Судот одлучи предмет на анализа во овој предмет да биде член 2 став 1 точките 2-а и 12-а, член 34-а и член 34-в од интегралниот текст на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007,150/2007, 140/2008,17/2011, 53/2011, 70/2013 и 115/2014).
Судот утврди дека според член 2 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:
„ 2-а. “Систем за е-регистрација“ е информациски систем кој овозможува поднесување на пријава преку Интернет и нивно евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и документи во електронска форма;“.
„12-а. “Регистрационен агент“ е трговец поединец, или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација“.
Според член 34-а став 1 од овој закон, начинот и поблиските критериуми за добивање на овластувањето ги пропишува Цeнтралниот регистар. Според став 2 на овој член, за да може да го добие овластувањето лицето треба да ги исполни следниве критериуми:
1) да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност;
2) да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, меѓу кои и образованието;
3) да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
4) да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата.
Според став 3 на истиот член, Централниот регистар на Република Македонија ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето од овој закон.
Согласно член 34-в став 1 од Законот, за добивање на овластувањето лицето поднесува барање до Централниот регистар. Според став 2 од овој член, со барањето од ставот (1) на овој член се приложува:
1) решение за упис во Централниот регистар;
2) доказ за вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител;
3) доказ дека исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема, соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
4) изјава за заштита на личните податоци потпишана од барателот на овластувањето.
Според став 3 на истиот член, барањето од ставот (2) на овој член се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази. Согласно став 4 од овој член, Централниот регистар ги пропишува формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член, а според став 5 на истиот член, Централниот регистар донесува решение за издавање на овластувањето, во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на уредно барање, доколку се исполнети критериумите утврдени согласно со овој закон. Според став 6 на овој член, решението од ставот (4) на овој член се издава со трајна важност, а според став 7 на истиот член, овластувањето не може да се пренесува.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 на истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според член 1 од Законот за едношалтерски систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, со овој закон се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма, како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистарот на водостопанствата, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар.
Во членот 2 од Законот, е утврдено значењето на одделни изрази кои се употребуваат во Законот. Така, “Едношалтерски систем“, е систем кој што овозможува прием, обработка, дистрибуција и обединет пристап кон податоците определени со закон, запишани во трговскиот регистар, во регистарот на други правни лица и другите основни регистри воспоставени со закон од значење за субјектите на упис (точка 1). „Систем за е-регистрација“ е информациски систем кој овозможува поднесување на пријава преку Интернет и нивно евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и документи во електронска форма (точка 2-а). „Регистрационен агент“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност и има овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација. (точка 12-а)
Согласно член 32 од Законот, постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис до канцеларијата на Централниот регистар, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Според член 34 став 1 од истиот закон, подносител на пријавата е лице кое со закон е овластено да поднесува пријава за упис. Според став 2 од истиот член, пријавата за упис во електронска форма во име на подносителот од ставот 1 на овој член може да биде поднесена и од страна на регистрационен агент.
Со членот 34-а од Законот, се утврдуваат критериумите за добивање на овластување регистрационен агент. Така, со став 2 на овој член се пропишува дека за да може да го добие овластувањето, лицето треба да е регистрирано како трговец поединец или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност (точка 1); да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, меѓу кои и образованието (точка 2) и да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис (точка 3).
Со член 34-в од Законот се пропишува постапката за добивање на овластувањето регистрационен агент, при што во ставот 2 се утврдени потребните документи кои се приложуваат кон барањето за добивање на овластување, меѓу кои се решение за упис во Централниот регистар (став 2 точка 1) и доказ за вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител (став 2 точка 2).
Со иницијативата се бара Уставниот суд да ја цени уставноста на оспорените одредби од Законот, од аспект на тоа што со оспорените одредби сметководствената дејност била предвидена како исклучив услов за добивање овластување како регистрационен агент, наместо овластувањето како регистрационен агент да биде исклучиво во надлежност на адвокатите, поради што оспорените одредби не биле во согласност со членовите 53 и 55 од Уставот.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, Судот оцени дека наводите во иницијативата за неуставноста на оспорените одредби од Законот, се неосновани.
Ова од причини што, со воведувањето на системот за е-регистрација во Централниот регистар, утврдувањето на тоа дека е-регистрацијата може да биде спроведена односно поднесена и од регистрационен агент кој за да го има овој статус треба да е регистриран за вршење на сметководствена дејност, не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата. Имено, право е на законодавецот да ги пропише условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење на одредена дејност, под услов тие подеднакво да се однесуваат на сите заинтересирани субјекти, па токму врз основа на овие принципи законодавецот ги определил условите кои треба да ги исполнат лицата за стекнување статус на регистрационен агент, овластен да поднесува пријави за упис во Централниот регистар, преку системот за електронска регистрација. Судот не ја оценува оправданоста на постоењето на законската норма во правниот поредок од аспект на нејзината целисходност, што е прашање од надлежност на законодавецот, ниту е надлежен да ја оценува уставноста на законот од аспект што тој треба да уредува, а тоа не било сторено, како што во случајов произлегува од иницијативата.
Според Судот, наводите во иницијативата дека со оспорената регулатива се исклучувале адвокатите од постапката на поднесување на пријава за упис во електронска форма во Централниот регистар, се неосновани, поради следното:
Според член 34 став 1 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, подносител на пријавата е лице кое со закон е овластено да поднесува пријава за упис. Според став 2 од истиот член, пријавата за упис во електронска форма во име на подносителот од ставот 1 на овој член може да биде поднесена и од страна на регистрационен агент.
Согласно член 92 став 1 од Законот за трговски друштва („Службен весник на Република Македонија” број 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013 и 47/2014), постапката за упис во трговскиот регистар се поведува со поднесување на пријава на пропишан образец во која е содржано барањето за упис. Пријавата се поднесува од овластен подносител во писмена форма или во електронска форма, освен за упис на основање на ДОО и ДООЕЛ за кои пријавата се поднесува исклучиво во електронска форма, потпишана со електронски потпис согласно со Системот за е-регистрација и поднесена согласно со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица. Според став 2 на истиот член, пријава за упис на трговско друштво поднесува органот на управување, односно овластен член на органот на управување, освен ако со овој закон поинаку не е определено. Согласно ставот 3 на истиот член, пријавата од ставот 2 на овој член, може да ја поднесе и полномошник со полномошно дадено од овластениот подносител, во писмена форма заверена кај нотар или дадено во електронска форма потпишано со електронски потпис согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис. Според став 4 на овој член, доколку пријавата се поднесува преку агент за регистрација преку Системот за е-регистрација полномошното од ставот 3 на овој член не се заверува на нотар.
Според член 65 став 1 од овој закон, застапник на трговско друштво по закон е физичкото лице коешто со одредбите на овој закон е определено да ја застапува одделната форма на друштвото.
Според член 66 од истиот закон, застапникот на трговското друштво од членот 65 на овој закон, може да даде полномошно на друго лице (став 1). Полномошното може да се даде во границите на овластувањата на застапникот што се запишани во трговскиот регистар (став 2). Полномошното од ставот 1 на овој член, се дава во согласност со одредбите на Законот за облигационите односи, освен ако со овој закон поинаку не е определено (став 3).
Тргнувајќи од наведената законска регулатива, произлегува дека и адвокатите како полномошници на застапникот на трговско друштво, можат да се јават како подносители на пријава за упис на трговско друштво преку системот за е-регистрација, доколку за тоа исполнуваат одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за поднесување пријава за упис преку системот на е-регистрација, односно да располагаат со личен квалификуван дигитален сертификат согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис. Оттука, произлегува дека поднесувањето на пријава за упис преку регистрационен агент е само една од можностите за поднесување на пријава за упис преку системот за е-регистрација и не значи исклучување на адвокатите од оваа надлежност, како што се наведува во иницијативата.
Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.
6. Според член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија веќе ја ценел уставноста на одделни одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на РМ“ бр.70/2013), при што со Решение У.бр. 120/2013 од 19.03.2014 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3 (член 2 став 1 точка 12-а од интегралниот текст на Законот), поднасловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент“, член 34-а и 34-б став 2 од овој закон. Во ова решение Судот изразил став дека со воведувањето на системот за е-регистрација во Централниот регистар, утврдувањето на тоа дека е-регистрацијата може да биде спроведена односно поднесена од регистрационен агент кој за да го има овој статус треба да врши точно определена дејност (сметководствена дејност), не се доведуваат во прашање одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата (член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот). Тоа поконкретно значи дека право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење на одредена дејност, кои подеднакво ќе се однесуваат на сите заинтересирани субјекти, па токму врз основа на овие принципи законодавецот ги определил условите кои треба да ги исполнат лицата за стекнување статус на самостоен регистрационен агент, овластен да поднесува пријави за упис во Централниот регистар, преку системот за електронска регистрација. Со овие законски одредби практично се уредува електронскиот начин на упис во регистарот.
При оцената на уставноста на член 34-а од Законот во кој се утврдени критериуми за добивање на овластување регистрационен агент, Судот го имал предвид и член 34-в од Законот, во кој е утврдена постапката за добивање на овластувањето и прилозите кои треба да ги достави подносителот на барањето, поради што оценил дека одредбата со која се предвидува дека начинот и поблиските критериуми за добивање на овластување да ги пропишува Централниот регистар, а имајќи предвид дека законодавецот ги определил критериумите според кои треба да се добие овластување за регистрационен агент, е во функција на операционализација на Законот, а не нивно изворно пропишување, како што погрешно смета подносителот на иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 34-а од Законот со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на членот 2 став 1 точка 12-а и членот 34-а од Законот, кои се оспоруваат и со сега поднесената иницијатива, при што со Решение У.бр.120/2013 од 19 март 2014 година не повел постапка за оценување на уставноста на овие одредби, а во сега доставената иницијатива нема аргументи кои би воделе кон промена на ставот на Судот искажан во ова решение, Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во однос на членот 2 став 1 точка 12-а и членот 34-а од Законот.
Наводите во иницијативата за спротивноста на оспорените одредби од Законот со одредбите на Законот за адвокатура и Кривичниот законик, претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на закони, што не е во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
7. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова Решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.80/2014
12 ноември 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева