У.бр.124/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 12 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на точка 2, во делот

2. Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со тоа што за одговор на жалба, ревизија и одговор на приговор според Законот за извршување се определува подносителот на тие акти да плати судска такса, на тоа лице неуставно му се одземал дел од имотот односно му се одземале пари, поради што оспорените одредби не биле во согласност со член 30 ставовите 1 и 3 од Уставот според кои се гарантира правото на сопственост и никому не може да му биде одземена сопственоста.

3. Судот на седницата утврди дека точката 2 од Тарифниот број 1 на Таксената тарифа од наведениот закон определува дека „за тужба со предлог за издавање платен налог, за предлог за противизвршување, обезбедување на побарувања и за издавање времена мерка, за отказ на договор за закуп на деловна зграда или деловна просторија, за приговор против платен налог, за приговор против решение за противизвршување или обезбедување, за одговор на жалба или ревизија, се плаќа половина од таксата од точката 1 на овој тарифен број.“

Во точката 5 од Тарифниот број 1 на Таксената тарифа од Законот се определува дека „за одговор на приговор и одговор на жалба според Законот за извршување се плаќа половина од таксата од точката 1 на овој тарифен број“.

4. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека секој е должен да плаќа, покрај другото, јавни давачки и со тоа да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, при што јавните давачки ги пропишува Собранието на Република Македонија.

Во член 1 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009, 148/11 и 106/13) се определува дека „со овој закон се уредува плаќањето на судските такси за дејствија пред судовите во Република Македонија и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.“

Членот 2 од наведениот закон утврдува дека таксите се плаќаат во: парничната постапка, вонпарничната постапка, извршувањето, кривичната постапка поведена по приватна тужба и по барање на супсидијарен тужител, постапката по управните и управно-сметководствените спорови, постапката за упис во регистри што ги води судот, стечајната постапка и постапката за ликвидација, постапката по барања за преиспитување на решение за прекршок и други случаи предвидени во Таксената тарифа.

Според член 8 од Законот, „судските такси се приход на Буџетот на Република Македонија.“

Со членовите 10-17 од Законот се уредуваат прашања во врска со ослободување од плаќање на судската такса, а со членовите 32-36 од Законот се пропишуваат правилата за враќање на платената судска такса.

Од изнесените законски одредби произлегува дека со Законот за судските такси се воведува и уредува плаќањето на судските такси за дејствијата пред судовите во Република Македонија, при што Законот поблиску ги определува областите во кои се плаќа судска такса, утврдува дека судските такси се приход на Буџетот на Република Македонија, а уредува и ситуации за ослободување на плаќањето на судските такси односно за враќање на платените судски такси.

Во конкретниот случај, оспорените одредби од точките 2 и 5 на Таксената тарифа определуваат дека судска такса да се плаќа за одговор на жалба, ревизија, одговор на приговор според Законот за извршување и за одговор на жалба според Законот за извршување, со што законодавецот утврдил дека и за овие дејствија постои обврска за плаќање на судска такса односно учесниците во тие постапки да учествуваат во намирувањето на расходите настанати од тие постапки, а за тоа законодавецот има уставна основа. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Таксената тарифа на Законот за судската такса со наведените уставни одредби.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.124/2014
12 ноември 2014 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева