79/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.60/2006 и 150/2010).

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во наводите од иницијативата подносителот го цитира членот од Законот кој го оспорува и бара оспорениот член 31 став 2 да гласи „Советот задолжително најмалку еднаш годишно одржува седница на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правние лица за работата на судиите и судовите како и за одложување на судските постапки и за секоја одделна претставка и поплака донесува одлука најмногу во рок од 60 дена„ „на која одлука подносителот има право на жалба до Советот за одлучување по жалба против решение на Судскиот совет за разрешување на судија или изречена дисциплинска мерка.

Во причините за оспорување подносителот наведува дека тој се тужи со друго лице и по повод споровите кои ги води со него има поднесено повеќе претставки до Судскиот совет со кои бара да се испита стручноста и совесноста на судиите кои донеле пресуди. Советот на сите претставки одговарал дека судиите многу совесно и стручно ги решиле предметите, без притоа да даде образложение на кое подносителот на претставката треба да има право на жалба.

Известувањето на советот според подносителот морало да биде образложено и на истото да има право на жалба како што судијата има право да се жали доколку Советот утврди дека судијата нестручно и несовесно судел. Во спротивно подносителот на претставката бил ставен во нееднаква положба во однос на судијата на кој начин се повредува член 9 од Уставот.

Понатаму, подносителот покрај другото, смета дека Судскиот совет е државен орган кој управува со судството како дел од вкупното управување со државата. Тој во Уставот е сместен во дел 4 – судство во Глава III организација на државната власт.

Известувањето според подносителот имало сила на правен акт поради што истото требало да биде образложено и по него требало да се обезбеди право на жалба.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 31 став 3 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, „Советот задолжително најмалку еднаш годишно одржува седница на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите како и за одложување на судските постапки и за секоја одделна претставка и поплака донесува одлука најмногу во рок од 60 дена.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оспорениот член 31 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија да се дополни на тој начин што покрај постојната содржина, треба да се дополни со зборовите „на која одлука подносителот има право на жалба до Советот за одлучување по жалба против решение на Судскиот совет за разрешување на судија или изречена дисциплинска мерка.“

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, оспорената одредба од Законот, како и од фактот дека со иницијативата не се оспорува членот 31 став 2 од Законот, поради неговата содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема и се бара истата да се дополни така како што смета подносителот на иницијатиvата за што Уставниот суд не е надлежен.

Во конкретниов случај станува збор за барање за оценка на уставноста на прашања кои не се содржани во оспорената одредба. Оценувањето на прашањата кои не се содржани во одредбата, односно оценувањето дали одредбата треба да содржи нешто што според подносителот требало да содржи излегува надвор од надлежностите на Судот утврдени во член 110 од Уставот на Република Македонија.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното, а согласно наведените уставни и деловнички одредби ,Судот оцени дека иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 31 став 2 од од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.60/2006 и 150/2010) треба да се отфрли.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.79/2014
5 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева