У.бр.50/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеа 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 05 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 и 33/2014).

2. Цветан Нестороски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, овој закон се оспорува од причина што граѓаните од иста категорија ги третирал различно. Односно, материјално биле обезбедени до пензионирање или до ново вработување само лицата кои биле вработени во фирми во државна сопственост, а не и лицата вработени во приватни фирми кои исто така биле отпуштени од работа. Од тие причини одредбите од оспорениот закон не биле во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот, со кои се обезбедувала еднаквоста во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло и имотната и оштествената положба и декa секој имал право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работа и да биде материјално обезбеден за време на привремена невработеност. Понатаму во наводите на иницијативата се оспорува овој закон од причина што иста категорија на граѓани и работници отпуштени од приватните фирми да не бидат заборавена категорија на граѓани.

3. Судот на седница утврди дека содржината на оспорениот Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008) е составена од 10 члена кои ги претрпеле следните измени и дополнувања:

Во членот 1 во Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ број 87/2008), во насловот на Законот зборовите: “во периодот од 2000 до 2004 година” се бришат.

Согласно член 2 од овој закон, во членот 1 годината „2004” се заменува со годината „2013”.

Според член 3 од Законот, во членот 2 став 1 алинеја 3 годината „2004” се заменува со годината „2013”.

Во членот 4 од Законот е уредено дека правото на паричен надоместок, согласно со овој закон, може да оствари невработено лице кое ќе поднесе барање до Агенцијата за вработување каде што е евидентирано, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Агенцијата за вработување правото на паричен надоместок од ставот 1 на овој член го утврдува врз основа на лично барање на невработеното лице.

Правото на паричен надоместок, согласно со овој закон, се остварува од денот на поднесувањето на барањето до Агенцијата за вработување.

Доколку барањето не е поднесено во рокот од ставот 1 на овој член надлежниот орган барањето ќе го отфрли како ненавремено.

Согласно член 5 од овој закон, списокот со податоци за претпријатијата во кои Република Македонија се јавува како доминантен сопственик на капиталот го обезбедува Владата на Република Македонија од надлежните институции и го доставува до Агенцијата за вработување, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според член 6 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Законот за изменување и дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/2014), стапил во сила на 21 февруари 2014 година.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во однос на оспорениот закон, Уставниот суд на Република Македонија веќе одлучувал и со Решение У.бр. 155/2008 година од 14 јануари 2009 година ја запрел постапка за оценување на неговата уставност, со оглед на тоа што утврдил дека нема основ за негово уставно проблематизирање и оценил дека има основ за постоење во правниот поредок.

Со решението за запирање на постапката Судот изразил став дека: „Судот ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба, утврди дека за посебниот пристап со оспорениот Закон да се уредуват односи само на дел од невработени лица во Републиката, под услови и начин уредени со Законот, нема уставни пречки за регулирање на правата и обврските кои се однесуваат само во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, со оглед на тоа што право на законодавецот е да ги цени потребите од посебно регулирање за одделни органи, институции или претпријатија, а целисходноста за посебното законско регулирање од овој аспект не може уставно да се проблематизира. Паралелното постоење на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и оспорениот Закон, од кои со едниот општо се уредени, а со другиот посебно се уредени прашањата на права на невработени лица, во соодносот на законската регулатива, не се во спротивност со уставните принципи на еднаквост, владеење на правото и социјалната праведност, бидејќи пристапот на законодвецот е уредување и категоризација на посебни услови кои се однесуваат за одредена социјална структура чиј работодавец била државата. Во тие рамки не постојат уставни пречки за невработените во овие претпријатија да се уредат со посебен закон и права од сферата на обезбедувањето на паричен надомест како грижа на работодавачот за лицата чиј работен однос во овие претпријатија им престанал без нивна вина или волја.„

Со оглед на тоа дека Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008 и 33/2014) е веќе ценет од аспектите дадени во наводите во иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.50/2014
05.11.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева