У.бр.87/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Небојша Кнежевиќ од Земун, Република Србија, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, за кои смета дека му´ се повредени со решение СТ-410/07 од 29.04.2013 година на Основниот суд Скопје II-Скопје и решението ТСЖ.бр. 2419/13 од 28.11.2013 година на Апелациониот суд Скопје, како и со непревземање на дејствија на наведените судови.

2. Небојша Кнежевиќ до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата поради дискриминација по основ на социјална припадност.

Во барањето за заштита на слободите и правата Небојша Кнежевиќ, меѓу другото, наведува дека Основниот суд Скопје II-Скопје во отворената стечајна постапка, над стечајниот должник АД „Треска Тргомебел“-Скопје, со решението СТ.бр.844/96 од 23.02.2004 година, спрема подносителот на барањето, одобрил исплата на неисплатени плати за периодот 07.07.1990 до 31.03.1992 година во износ од 69.742,оо денари со придонеси согласно со закон, но по овој период немало други исплати по однос на плата и придонеси што тој ги побарувал спрема стечајниот должник, ниту пак бил вратен на работа.

Во отворената стечајна постапка над „Треска Мебел“ АД Скопје во 2005 година тој го пријавил своето побарување за периодот 1.04.1992 до 24.04.2005 година и тоа за износ од 1.860.000,оо денари на име плати со камата и придонеси согласно со закон. Основниот суд Скопје II-Скопје, со решение СТ.бр.114/05 од 06.03.2006 година го утврдил неговото побарување како повисоко рангирано, но ова побарување не било исплатено.

Во натамошниот период, па се до поднесување на барањето, повеќе пати се обраќал до Судот со цел да му биде исплатено побарувањето, но од таму добивал различни и противречни информации. Незадоволен од долготрајноста на постапката поднел барање за заштита на правото на судење во разумен рок, кое барање Врховниот суд на Република Македонија со решение ПСРРГ.бр.190/2011 од 24.04.2012 година го усвоил и утврдил повреда на правото на судење во разумен рок, а Основниот суд Скопје II-Скопје го задолжил во рок од три месеци да ја заврши постапката.

Основниот суд Скопје II-Скопје со решение СТ.бр.410/07 од 29.04.2013 година ја заклучил стечајната постапка над должникот „Треска Мебел“ и го овластил стечајниот управник да ги доврши сите судски, управни, извршни постапки, како и постапките пред надлежните нотари во кои должникот се јавува како странка во име и за сметка на стечајните доверители. Ова решение на подносителот на барањето не му било доставено, но тој сепак поднел жалба до Апелациониот суд, кој пак истата ја одбил со што не му било уважено барањето за 100% исплата на побарувањето, како приоритетно побарување.

Заради сите настани поврзани со неговиот престанок на работниот однос во 1990 година, тоа што не бил вратен на работа, не му биле исплатени платите и придонесите дошло до значително нарушување на неговата здравствена состојба, по што во 2004 година му била утврдена неспособност за работа. Со оневозможувањето да ги оствари правата на исплата на неисплатени плати и придонеси во стечајните постапки, со цитираните одлуки на судовите бил ставен во нерамноправна положба во однос на другите работници на „Треска Мебел“ и останатите доверители на должникот, со што се чувствувал дискриминиран во однос на неговата социјална припадност. На овој начин му биле загрозени правото на работа од членот 32 и социјалната сигурност од членот 35 од Уставот.

Исплатените придонеси за други работници за периодот 1996, 1997 и 1998 година, со оправдување на Судот дека по однос на него нема да се изврши исплата затоа што во овој период не бил на работа кај стечајниот должник, како и тоа дека се работи за друг временски период јасно покажувало дека во однос на другите работници и другите стечајни доверители бил ставен во нерамноправна положба. Со ваквото постапување на судовите му биле повредени правото на работа, правото на соодветна заработувачка, правото на социјална сигурност, заради што предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека со цитираните решенија судовите му ги повредиле правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

Мирјана Кнежевиќ, сопруга на подносителот на барањето, со поднесок примен во Судот на 10.07.2014 година и поднесок примен во Судот 05.09.2014 година, го дополнува и појаснува барањето и воедно прилага докази по однос на имотната состојба на стечајниот должник и по однос на висината на побарувањето на Небојша Кнежевиќ. Во прилог на појаснувањата на барањето се доставува и полномошно, напишано на рака, на српски јазик, заверено во Третиот општински суд во Белград.

3. Судот на седницата врз основа на доставената и приложена документација утврди дека со решение СТ.бр.844/96 од 23.02.2004 година, Основниот суд Скопје II-Скопје во постапката на стечајниот должник АД „Треска Тргомебел“-Скопје го одобрил предлог вонредниот трошковник на стечајниот управник за исплата на неисплатени плати на работникот Кнежевиќ Небојша, врз основа на пресудата ГЖ.бр.298/92, донесена од Окружниот суд во Белград, за периодот 07.07.1990 до 31.03.1992 година (период што претходи на спорниот).

Со решение СТ.бр.114/2005 од 06.03.2006 година Основниот суд Скопје II-Скопје во отворената стечајна постапка над стечајниот должник Треска Мебел АД Скопје ги утврдил како повисоко рангирани побарувањата на 15 доверители, а за 7 доверители утврдил дека побарувањата се оспорени. Во повисоко рангираните, 15-то по редослед е побарувањето на Небојша Кнежевиќ за износ од 1.860.000, 00 денари со камата. Инаку, останатите 13 побарувања се однесуваат на правни лица, освен 12-то рангираното кое се однесува на семејството Кузмановски од Скопје. Одлуката станала правосилна на 06.09.2010 година. Од образложението на решението произлегува дека стечајната постапка над стечајниот должник Треска Мебел АД Скопје била отворена на 25.04.2005 година.

Врховниот суд на Република Македонија постапувајќи по барањето на Небојша Кнежевиќ за заштита на правото за судење во разумен рок го усвоил барањето на подносителот со решение ПСРРГ.бр.190/2011 од 24.04.2012 година и утврдил повреда на правото на судење во разумен рок во постапката по предметот СТ.бр.410/07. Определен е рок од 3 месеци во кои Основниот суд Скопје II-Скопје треба да ја заврши постапката, сметано од денот на приемот на решението. На Небојша Кнежевиќ му е досуден износ од 30.000 денари на име правичен надоместок заради сторена повреда на правото на судење во разумен рок. Одлуката станала правосилна на 19.07.2012 година. Како правно релевантен период е земен 5.10.2005 година кога била отворена стечајната постапка, се до 06.06.2011 година кога било поднесено барањето за заштита на правото за судење во разумен рок (5 години и 8 месеци, во кои се преземани детално опишани дејствија, но постапката не била завршена). Според Врховниот суд на Република Македонија, првостепениот суд не постапувал ажурно и ефикасно во насока на побрзо решавање на предметот, а имајќи ги предвид овластувањата што му биле дадени со Законот за стечај и дозволил постапката да трае неразумно долго, што довело до повреда на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Основниот суд Скопје II-Скопје, со решение СТ-410/07 од 29.04.2013 година ја заклучил стечајната постапка над стечајниот должник Треска Мебел Скопје. Со истото решение стечајниот управник е овластен да ги доврши сите судски, извршни постапки, како и постапките пред надлежните нотари во кои постапки стечајниот должник се јавува како странка во име и за сметка на стечајната маса и доверителите. Одлучено е стечајната маса на должникот при Комерцијална банка АД Скопје да не се брише. Стечајниот управник е овластен да ја следи извршната постапка пред надлежен извршител заради реализација на разлачното право на разлачниот доверител Планет Ворлд-Скопје. Во решението се содржани и други задолжувања за стечајниот управник, меѓу кои и да доставува до Судот извештај за сите преземени дејствија еднаш месечно. Од образложението на решението, меѓу другото, произлегува дека Судот превзел дејствија и водел судска постапка по однос на продавниците што се наоѓаат во бившите Југословенски републики и со одлука било утврдено дека тоа не е имот сопственост на должникот. Стечајниот управник на одржаното завршно Собрание на доверители на 25.04.2013 година, меѓу другото, предложил начин на користење на целокупниот подвижен и недвижен имот, со цел создавање услови и парични средства, од кои би се намириле, меѓу останатото и придонесите на вработените, како приоритетно намирување, а подоцна, кога ќе се создадат услови и одстранат правните пречки, стечајната постапка да се преотвори заради впаричување на имотот.

Извештајот и завршната сметка се усвоени од страна на 57,40% од Собранието на доверители. Согласно одредбите од Законот за стечај против ова решение на Судот не е дозволена посебна жалба, од кои причини Судот со Решение СТ.410/07 од 11.11.2013 година ја укинал погрешно ставената клаузула на правосилност. Судот дал налог ова решение да се достави на Небојша Кнежевиќ, преку неговиот полномошник.

Апелациониот суд Скопје со решение ТСЖ.бр.2419/13 од 28.11.2013 година ја одбил како неоснована жалбата на Небојша Кнежевиќ и го потврдил решението на Основниот суд Скопје II-Скопје. Апелациониот суд Скопје не го зел предвид дополнението на жалбата од причина што оценил дека истото не било поднесено благовремено. По однос на решението на првостепениот суд, повисокиот суд утврдил дека не се сторени суштествени повреди, а материјалното право е правилно применето од кои причини ја потврдил првостепената одлука. Апелациониот суд, по однос на жалбените наводи на Небојша Кенежевиж за исплата на 100% од побарувањето, оценил дека не се од значење за жалбената постапка, бидејќи ваквото барање би било предмет на оцена од страна на првостепениот суд доколку се создадат услови за протварање на стечајната постапка и впаричување на имотот.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискрими-нација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Непревземањето на дејствија од страна на Основниот суд Скопје II-Скопје, во насока на исплата на побарување на Небојша Кнежевиќ од стечајната маса на стечајниот должник „Треска Мебел“, наспрема останатите работници и доверители од ова претпријатие преставува причина за бараната заштита на слободите и правата по основ на дискриминација заради социјална припадност. Ова од причина што Судот се „правдал“ дека по однос на него нема да се изврши исплата затоа што во период 1996, 1997 и 1998 година не бил на работа кај стечајниот должник. Сето ова укажувало дека во однос на другите работници и другите стечајни доверители тој бил ставен во нерамноправна положба. Воедно, му биле повредени правото на работа, правото на соодветна заработувачка, правото на социјална сигурност, заради што предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека со цитираните решенија судовите му ги повредиле правата што се онесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност. Во барањето за заштита на слободите и правата нема податоци по однос на тоа каков е социјален статус на Небојша Кнежевиќ и по кои околности неговиот статус е различен од социјланиот статус на останатите доверители во стечајната постапка, но само се наведува дека заради долготрајноста на постапката неговата здравствена состојба е нарушена.

Според Судот, фактот што во барањето недостасуваат податоци и докази по однос на социјалниот статус на подносителот на барањето, преставува пречка за впуштање во утврдување на дискриминаторски однос на судовите сторен со донесените одлуки, како и со непреземање на дејствија во правец на исплата на побарувањето. Поточно, социјалниот статус или припадноста на одредена социјална група на граѓаните е појдовна основа за утврдување на евентуална дискриминација, која и кога би била докажана и утврдена, само по себе не би била доволна за да се утврди дискриминација по автоматизам, односно за да се заклучи дека судовите се раководеле единствено од таквиот статус како решавачки, со цел да не му се исплатат побарувањата на доверителот. Ова од причина што тврдењето за сторена дискрими-нација би требало да е поткрепено со соодветни докази од кои со сигурност би се утврдило различно постапување на судовите спрема останатите доверители, наспрема подносителот на барањето, но во оваа постапка докази во таква насока не се приложуваат. Оттаму, тврдењето за дискриминација, во отсуство на аргументација за сопствениот социјален статус, за социјалниот статус на останатите доверители, како и отсуството на докази за сторена дискриминација или нееднакво постапување, според оцена на Судот, го прави неаргументирано и произволно барањето за заштита на слободите и правата.

Од друга страна, во постапката за заштита на слободите и правата Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, дава заштита по однос на: слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и дискриминација на граѓаните: по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, од каде правото на работа, правото на соодветна заработувачка, правото на социјална сигурност не се права чија заштита се остварува во овој вид на постапка.

Фактот што Врховниот суд со решението ПСРРГ.бр. 190/2011 од 24.04.2012 година утврдил повреда на правото на судење во разумен рок, сам по себе, но и во врска со останатите наводи и приложени докази не оди во прилог на докажана дискриминација по основ на социјална припадност, туку само е потврда на околноста на долго траење на постапката, за сите доверители, вклучувајќи го и подносителот на барањето, за што впрочем и му бил досуден правичен надоместок.

Судот, за формирањето на правното мислење имаше предвид дека кон барањето за заштита на слободите и правата се прилагаат и две дополненија, поднесени од Мирјана Кнежевиќ, сопруга на подносителот на барањето, но оцени дека истите не се релевантни за одлучување по барањето, а заради следните причини:

Согласно член 1 и член 5 од Законот за употреба на македонскиот јазик (“Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1998, 89/2008, 116/2010 и 187/2013) како и одредбите од Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2009 и 100/2011) до Уставниот суд на Република Македонија граѓаните можат да се обраќаат само на македонски јазик и кирилско писмо. Со оглед на тоа што полномошното е сочинето и заверено на српски јазик, произлегува дека полномошното не е приложено на јазик и писмо што е во употреба пред Уставниот суд на Република Македонија. Во секој случај, приложените докази од дополнувањата по однос на имотната состојба на стечајниот должник и пресметката на висината на побарувањето на доверителот не се од влијание за формирање на поинакво правното мислење по поднесеното барање.

Судот, од сето наведено оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.87/2014
5 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева