У.бр.88/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА барањето на Димитрија Тодоровски од Скопје за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Димитрија Тодоровски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои му биле повредени со Пресуда на Основен суд Скопје II Скопје РО.бр.2133/11 од 17 септември 2013 година и Пресуда на Апелационен суд во Скопје РОЖ.бр.114/14 од 26 март 2014 година.
Во барањето подносителот наведува дека со пресуда на Основниот суд Скопје 2 Скопје РО 2133/11 од 17.09.2013 година му било одбиено тужбеното барање за утврдување на психичко вознемирување на работното место (мобинг) од страна на тужените: Друштво за производство, трговија и услуги СИМПО ДОО увоз-извоз Скопје и Тихомир Бејатовиќ како управител на тоа друштво. Апелациониот суд Скопје со пресуда РОЖ бр.114/14 од 26.03.2014 година ја потврдил првостепената пресуда со што овој спор бил правосилно завршен на 26.03.2014 година, а пресудата преку полномошник ја примил на 22.04.2014 година.

Со тужбата јасно била образложена причината за мобингот кој се врши врз него и дека тоа траело од 2008 година кога формирал синдикална организација кај првотужениот на која станал претседател.

Во тужбата прецизно бил образложен начинот на кој тужените вршеле мобинг врз барателот на начин што му биле одземени работните задачи, работел без средства за работа и било каква комуникација со другите вработени поврзана со работа, итн.. Од 2008 година до денес врз него бил вршен класичен мобинг од страна на тужените.

Според наводите во барањето и двата суда, и Основниот суд Скопје 2 Скопје и Апелациониот суд Скопје, имале паушален пристап кон тужбата и тужбеното барање кое го одбиле без некое издржано образложение.Подносителот на барањето смета дека и двата суда дискриминаторски се поставиле кон него занемарувајќи го фактот дека товарот на докажувањето во случај на спор кога е постапено спротивно на членот 9-а од Законот за работни односи паѓа на страната на работодавачот, а не на тужителот, како што сметале судовите. Понатаму, во барањето се укажува на членот 6 од Законот за работни односи кој бил јасен дека работодавачот не смее работникот да го стави во нееднаква положба со другите работници, а посебно не заради членување во синдикатите или заради други лични околности.

3. Судот на седницата утврди дека од извршениот увид во диспозитивот на Пресудата на Основниот суд Скопје 2 Скопје РО.бр.2133/11 од 17 септември 2013 година, неспорно произлегува дека на подносителот на барањето Димитрија Тодоровски, тужбеното барање за утврдување дека второтужениот Тихомир Бејатовиќ вршел психичко вознемирување предизвикувајќи повреда на достоинството, честа, угледот и правата на тужителот како личност и претрпен страв, да се утврди дека првотужениот дозволил тужителот психички да биде вознемируван на работно место на начин што не го спречил негативното непријателско понижувачко и навредливо однесување на второтужениот кон тужителот, барањето да се задолжи првотужениот да го заштити достоинството на тужителот и да му обезбеди услови за работа и работни задачи кои ги извршувал пред да започне психичкото вознемирување, како и да и ги надомести процесните трошоци, било во целост одбиено како неосновано.

Исто така, со истата пресуда подносителот бил задолжен да ги надомести процесните трошоци на тужените во вкупен износ 33.280,00 денари, во рок од 8 дена по правосилноста на пресудата.

Разликата од поголемиот дел од бараните процесни трошоци од 92.530,00 денари до досудените од 33.280,00 денари Судот ја одбил како неоснована.

Против првостепената пресуда барателот вложил жалба, но истата со Пресуда на Апелациониот суд во Скопје РОЖ.бр.114/14 од 26 март 2014 година била одбиена како неоснована, а првостепената пресуда била во целост потврдена со образложение дека првостепениот суд правилно утврдил дека не се исполнети законските услови за мобинг од причина што за да има мобинг потребно е пред се да има негативно однесување од поединец или група кое често се повторува. Оттука произлегува дека од страна на второтужениот нема негативно однесување со тоа што му била намалувана платата заради отсуство од работа, бидејќи по овој основ тужителот можел да поведе постапка за утврдување на основното или неосновано намалување на плата, оправданото или неоправданото отсуство од работа. По однос на работниот однос и кршење на работниот ред и дисциплина на тужителот му биле изрекувани писмени и усмени предупредувања и од претходниот и од сегашниот управител, но тоа што не била поведена дисциплинска постапка против тужителот, не значи дека истите биле изречени од управителите без причина, односно тужителот не докажал дека овие опомени се изречени само во смисла на сторен мобинг врз него.Исто така, по однос и на решенијата за годишен одмор, Судот оценил дека не станува збор за вршење на мобинг врз тужителот, бидејќи истите биле изготвувани за секој од вработените, со определени денови за користење на годишниот одмор, но зависно од процесот на работа. Судот оценил дека крајната цел на психичкото вознемирување (мобинг) е да доведе до состојба на престанок на работниот однос или лицето врз кое се врши психичкото вознемирување да го напушти работното место, што во конкретниот предмет, видно од списите во предметот, не е случај бидејќи нема решение за престанок на работниот однос на тужителот.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) се определува дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и, трето, забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Деловничката одредба, пак, определува дека барањата за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува се отфрлаат.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај се бара Судот да утврди постоење повреди на уставните права на граѓаните надвор од оние кои се во делокруг и надлежност на Уставниот суд на Република Македонија според член 110 алинеја 3 од Уставот, односно надвор од неговата надлежност, а од изнесената фактичка состојба не произлегува дека оспорените дејствија се засноваат на дискриминација на подносителот на барањето по основ на пол, национална, социјална и политичка припадност, тие дејствија се интерпретираат на тој начин што има за цел извлекување инстанционо произнесување на Уставниот суд на Република Македонија, што е исто така надвор од неговата надлежност според член 110 од Уставот.Од изнесените причини, според Судот се исполнети условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на барањето.

Од наведеното, јасно произлегува дека во конкретниот случај Судот не е надлежен да одлучува по предметот поради што не постојат основи за впуштање на овој Суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, при што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето за заштита на слободите и правата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.88/2014
29 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева