У.бр.58/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Тарифен број 1, точка 1 во делот

2. Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата подносителот ја цитира одредбата од членот 392 од Законот за парничната постапка, според кој, постапката што со одлука на судот е завршена правосилно може по предлог на странката да се повтори, ако: 1) при донесување на одлуката учествувал судија односно судија поротник кој според законот морал да биде изземен, односно кој со решение на судот бил изземен; 2) на некоја странка со незаконско постапување а особено со пропуштање на доставувањето не ѝ била дадена можност да расправа пред судот; 6) до одлука на судот дошло поради кривично дело на судија, односно судија-поротник. Подносителот смета дека изричита вина на судот била ако се случат настаните предвидени во цитираните одредби, поради што во никој случај не смеело за повторување на постапката од овие причини да се наплаќа судска такса. Во таксените тарифи број 1 и број 13, требало да се предвиди дека при повторување на постапката од наведените причини, не се плаќа судска такса.

Подносителот на иницијативата смета дека тоа што судот, на повторувачот на постапката во случаите од член 392 став 1 точка, 1, точка 2 и дел од точка 6 од Законот за парничната постапка, му наплаќа судска такса, претставувало повреда на правото на сопственост гарантирано со членот 30 од Уставот, бидејќи неуставно му се одземал дел од имотот на граѓанинот.

Во дополнувањето на иницијативата, подносителот наведува дека судска такса не треба да се плаќа ниту во случај кога до повторување на постапката доаѓа поради причините наведени во членот 43 став 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006), односно кога: 2) до одлука на судот дошло поради кривично дело на судија или службеник во судот; 6) ако на заинтересираното лице на му била дадена можност да учествува во управниот спор; 7) по одлука на Европскиот суд за човекови права.

3. Судот на седницата утврди дека согласно Тарфиниот број 1 од Таксената тарифа, што е составен дел на Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009, 148/2011 и 106/2013), такса се плаќа за тужба, противтужба и за предлог за повторување на постапката.

Согласно точка 3 од Тарифниот број 13, за тужба за повторување на постапката се плаќа такса според точката 1 на овој тарифен број.

4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Соред членот 1 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија бр. 114/2009, 148/2011 и 106/2013) со овој закон се уредува плаќањето на судските такси за дејствија пред судовите во Република Македонија и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.

Во членот 2 од Законот е определено дека такси се плаќаат во:
1. парничната постапка;
2. вонпарничната постапка;
3. извршувањето;
4. кривичната постапка поведена по приватна тужба и по барање на супсидијарен тужител;
5. постапката по управните и управно-сметководните спорови;
6. постапката за упис во регистри што ги води судот;
7. стечајната постапка и постапката за ликвидација;
8. постапката по барања за преиспитување на решение за прекршок и
9. други случаи предвидени во Таксената тарифа.

Согласно членот 3 од Законот, таксите пропишани со овој закон е должно да ги плати лицето по чиј предлог се поведува постапката или во чиј интерес се преземаат дејствијата во постапката (во натамошниот текст: таксен обврзник).

Според членот 5 од Законот, таксите се плаќаат во готови пари на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка, преку мобилни оператори или преку интернет. Кога таксата се плаќа во готови пари таксениот обврзник ја приложува потврдата за платената такса кон поднесокот, односно судскиот спис за кој е платена таксата, а кога се поднесува потврда за платена такса за судска одлука, подносителот е должен посебно да назначи за која одлука се плаќа таксата.Судот на списот за кој е платена таксата ќе го потврди износот на платената такса.”

Во членот 6 од Законот е определено дека нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, ако со овој или друг закон поинаку не е определено. По барање од странката судот е должен да ги прими непосредно од странката и поднесоците за кои не е платена такса или нецелосно е платена.

Согласно членот 8 судските такси се приход на Буџетот на Република Македонија.

Ослободувањата од плаќање такса се таксативно утврдени во членот 10 од Законот, согласно кој, од плаќање на такса се ослободени Република Македонија, државните органи, Организацијата на Црвениот крст, како и странски држави, странски државјани и меѓународни организации, ако тоа е предвидено со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија или под услов на реципроцитет. Во случај на сомнение за постоење на реципроцитет, мислење дава Министерството за правда. Таксата не се плаќа и во случаите определени со друг закон.

Согласно членот 11, ослободени од плаќање на такса се :

– поранешните вработени за пријавување на побарување од работен однос кај стечајниот должник во стечајна постапка согласно со Законот за стечај,
– граѓаните во постапка за одлучување по барање за ослободување од трошоци на постапката,
– граѓаните во управни спорови од областа на социјалното осигурување, социјалната помош, старателството и посвојувањето и денационализација и
– граѓаните во постапка за извршување на барање за доверување на дете на чување и воспитание.

Законот исто така ги определил и случаите за враќање на такса. Согласно членот 32 од Законот, право на враќање на такса има лице кое платило такса која воопшто не било должно да ја плати или платило такса во износ поголем од пропишаниот, како и лице кое платило за судско дејствие кое не е извршено. Право на враќање на такса има и странка во управен спор, ако управниот акт биде поништен.

Подносителот ги оспорува одредбите од Тарифниот број 1, точка 1 и Тарифниот број 13 точка 3, тргнувајќи од уставно гарантираното право на сопственост од членот 30 од Уставот, односно смета дека во случаите на повторување на постапката од причини по вина на судот, односно на судијата, странката не треба да плаќа судски такси. Овие наводи за Судот се неприфатливи од причина што истите произлегуваат од погрешното сфаќање на суштината и природата на судските такси како јавна давачка.

Имено, од наведените уставни одредби произлегува дека судската такса претставува јавна давачка утврдена со закон кој го донесува Собранието на Република Македонија, врз основа на своето овластување да ги утврдува јавните давачки (член 68 од Уставот) и за која Уставот утврдил обврска за плаќање на секого.

Од анализата на одредбите од Законот за судските такси произлегува дека судската такса е јавна давачка која ја плаќаат граѓаните во вид на надомест за определени дејствија што ги презема судот на барање на странката, односно за административното постапување по барањата на странките во постапката пред судовите.

Судските такси претставуваат приход на Буџетот на Републиката, тие се јавни давачки кој согласно Уставот, секој е должен да ги плати.

Дејствијата за кои се плаќаат судски такси, како и висината на судските такси се определени со закон и тарифа која е составен дел на законот, таа е еднаква за сите граѓани и не зависи од причината поради која странката бара одредено постапување на судот, ниту пак од исходот на постапката. Поради тоа, во одредени случаи таксата се определува во вид на точно определен паричен износ, а во некои случаи како критериум за определување на висината на судската такса се зема вредноста на спорот.

Според мислењето на Судот, основот за плаќање на судската такса е определена апстрактна, нематеријална услуга што ја врши судот на барање на странката (пр. административното постапување на судот по поднесените тужби, жалби, предлози и други дејствија во постапката). Тие не се средство за санкционирање на неправилното работење, односно неправилното постапување на судијата во одделни случаи поради кои странката може да бара повторување на постапката, бидејќи одговорноста на судијата за неговото постапување во конкретни предмети се утврдува во други постапки (пр. постапка за утврдување на кривична одговорност, постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судската функција или пак постапка за утврдување на дисциплинска одговорност од страна на Судскиот совет), а не при плаќањето на судските такси.

Обештетувањето на граѓаните за штета сторена од страна на судија се остварува согласно одредбат од членот 70 од Законот за судовите според кој, за штета што судијата или судијата поротник во вршењето на функцијата ќе им ја причини на граѓаните или на правни лица со незаконска работа е одговорна Република Македонија. Кога наведената штета е сторена со груба и неопростива повреда на законот, поради која се поведува постапка за разрешување, Република Македонија по пат на тужба може да бара од судијата враќање на исплатената штета во висина што ќе ја утврди судот согласно со начелото на правичност.

Согласно наведеното Судот оцени дека плаќањето на судските такси како јавни давачки претставува уставна обрска за граѓаните и тоа не може да се смета за повреда на уставното право на сопственост, поради што не го постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за судските такси.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.58/2014
29.10. 2014 година
С к о п ј е
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева