У.бр.11/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2, член 8, член 10, член 11 и член 12 во делот

2. Петар Баришиќ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби ги суспендирале повратно одредбите од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/97, 53/00, 37/02 и 17/04) кои се однесувале на впаричување на имотот на должникот во стачајната постапка, како и членовите 98-115 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/06). Со оспорените одредби поинаку се уредувале начинот и постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник, намирувањето и заклучувањето на стечајната постапка, при што се суспендирале определени права и овластување на одборот на доверители, собранијата на доверителите и стечајниот совет како органи на стечајната постапка и се пренесувале на стечајниот управник и стечајниот судија. Ова било спротивно на правната сигурност и на член 52 од Уставот кој предвидувал влегување во сила на законот најрано 8 ден од денот на објавувањето со забрана на повратното дејство, односно законот не можел да има повратно дејство на стечајни постапки отворени пред влегувањето во сила на оспорените одредби од законот.

Во суспендираните одредби од стечајните закони, пред да се изрши конечна распределба која ја одобрува стечајниот совет, стечајниот совет го свикува собранието на доверителите, а понатаму стечајната постапка ја заклучува стечајниот совет, а не стечајниот судија.

Со оспорените одредби од членот 8 став 2 од Законот, се давала можност имотот на должникот да се продаде без пари, со оглед дека не се утврдувала почетна цена, што можело да предизвика тешки последици и за стечајниот должник и за доверителите, поради што се предлага судот да поведе постапка и со конечна одлука да ги поништи оспорените одредби. Со иницијативата исто така се предлага изрекување на привремена мерка забрана на примена на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 2 став 2 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014), предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник претставува недвижниот имот сопственост на стечајниот должник, подвижниот имот, правата и побарувањата на стечајниот должник.

Во членот 8 од Законот е определено дека Претворање на имотот, имотните права и побарувањата на должникот кои влегуваат во стечајна маса во пари, започнува во рок од три дена од уписот на сопственоста во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите (став 1). Продажбата на имотот од стечајната маса се врши по пат на електронска продажба со јавно наддавање без утврдена почетна цена. Право на учество во продажбата имаат учесниците кои ќе уплатат депозит или ќе достават банкарска гаранција во висина од 10% од проценетата вредност на имотот кој е предмет на продажбата (став 2). Овластениот проценувач е должен процената на имотот на стечајниот должник да ја изготви и достави до судот и до стечајниот управник во рок не подолг од 30 дена од денот на добивањето на известување за потребата за вршење на процената (став 3). Првата продажба на имотот од стечајната маса, стечајниот управник ја објавува во два најтиражни дневни весници кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија во формат на половина страница во рок од три дена од денот на извршената процена согласно со ставот 3 на овој член. Огласот трае најмногу 15 дена. Во случај на неуспешна продажба истиот се повторува најмногу уште еднаш со тоа што целата продажба треба да заврши во рок од 70 дена од рокот определен во ставот 1 на овој член (став 4). Во содржината на огласот за продажба во случај кога предмет на впаричување е правото на градба, освен основните податоци за предметот на продажба, особено треба да се наведе дали имотот е вклопен во урбанистичките планови на соодветната општина. Во случај на продажба на правото на градба, во огласот се наведува и дека купувачот ги презема сите права и обврски утврдени согласно со договорот за заедничка градба или соинвеститорство кој го склучил стечајниот должник со сопствениците на градежното земјиште (став 5). Решението на стечајниот судија со кое е избран најповолен купувач на имотот во стечајната постапка е основ за упис во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижности, како и на сите промени во целокупната градежно-техничка и друга документација која гласeла на име на стечајниот должник пред отворањето на стечајната постапка (став 6). За останатите фази од постапката за продажба на имотот на стечајниот должник соодветно се применуваат одредбите за впаричување на имотот на стечајниот должник од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 79/13) (став 7).

Во членот 10 став 1 од Законот е определено дека, пред конечната распределба на имотот на стечајниот должник, стечајниот управник е должен да ги исплати трошоците за изработка на геодетски елаборат на Агенцијата за катастар на недвижности, доколку таквиот елаборат не бил поднесен како прилог кон барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект. Во ставот 2 на истиот член е пропишано дека по извршувањето на конечната распределба на стечајната маса, стечајниот судија во рок од осум дена ќе донесе решение за заклучување на стечајната постапка. За конечната распределба и заклучување на постапката соодветно се применуваат одредбите од членовите 200 и 201 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/11 и 79/13).

Согласно членот 11 од Законот, доколку по впаричување на имотот и распределба на имотот на доверителите како и покривање на трошоците на постапката, останат нераспределени средства и имот истите се враќаат на основачите, односно содружниците. Доколку како основачи биле исклучиво правни лица кои престанале да постојат и се избришани од соодветниот регистар, а не постојат правни следбеници, преостанатите средства се пренесуваат на Буџетот на Република Македонија, а имотот во сопственост на Република Македонија. Ако по конечната распределба останат нераспределени средства или имот кај субјект кој не спровел сопственичка трансформација, средствата се пренесуваат на Буџетот на Репубика Македонија, а имотот се пренесува во сопственост на Република Македонија.

Судот на седницата исто така утврди дека според членот 12 од преодните и завршните одредби од Законот, започнатите постапки согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11) ќе се водат согласно со овој закон, односно постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект, впаричување, распределба и заклучување уредени со овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај чии одредби се оспорени со предметната иницијатива е донесен на почетокот на 2014 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014, со цел во него да се уреди постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајната постапка
за што не постоела можност согласно важечкиот Закон за стечај.

Според член 1 од Законот, со овој закон се уредувааат постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, постапката за впаричување на имотот, како и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законoт за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11).

Согласно членот 2 од Законот, предмет на постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка претставува недвижниот имот кој го презел стечајниот управник по отворањето на стечајната постапка, а кој не е впишан во јавните книги во кои се врши запишување на правата на недвижностите (став 1). Предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник претставува недвижниот имот сопственост на стечајниот должник, подвижниот имот, правата и побарувањата на стечајниот должник (став 2). Предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник е и правото на градење за неизграден објект за кој е издадено одобрение за градење, кое се предбележува во јавната книга во која се запишуваат правата на недвижностите со решение на стечајниот судија.

Во одредбите од членот 3 до член 7 е уредена постапката за утврдување на правен статус на имотот на должникот во стечајна постапка. Таа постапка се поведува со поднесување на предлог во вонпарнична постапка до вонпарничниот оддел во судот на чие подрачје се спроведува стечајната постапка, кој предлог го поднесува стечајниот управник или лице определено со планот за реорганизација на стечајниот должник.

Согласно член 5 став 5 од Законот, доколку предлогот е уреден, односно по уредување на предлогот согласно со ставовите (1), (2) и (3) на овој член, судијата во рок од три дена ќе донесе решение со кое ќе утврди правен статус на објект во стечајната постапка. Против решението од ставот 5 на овој член не е дозволена жалба. Судот правосилното решение од ставот 5 на овој член по службена должност го доставува до Агенцијата за катастар на недвижности најдоцна во рок од три дена од неговото донесување, заради запишување на правото на сопственост во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите. Во случај ако за објектот или за дел од објектот за кој се води постапка за утврдување на правен статус на бесправен објект, се воделе сопственички тужби или тужби за излачување на објектот или дел од објектот од стечајната маса, судијата во решението за утврдување на правен статус на бесправен објект ќе наложи бришење на евидентираните кориснички права на стечајниот должник на градежно изградено и неизградено земјиште и земјоделско земјиште и прибележување во имотниот лист на заведени сопственички тужби или тужби за излачување на објектот или дел од објектот од стечајната маса сй до моментот на правосилно завршување на предметните спорови, односно завршувањето на постапката по покренат вонреден правен лек. При запишувањето на правото на сопственост на објектот во јавната книга за запишувањето на правата на недвижностите се прибележуваат споровите од ставот 8 на овој член. Запишаното право на сопственост на стечајниот должник согласно со овој закон нема влијание на започнатите спорови и не претставува нов доказ на започнатите спорови од ставот 8 на овој член. Објектот, односно дел од објектот кој се стекнал со правен статус на бесправен објект, а за кој постои прибелешка од ставот 9 на овој член не може да бидат предмет на впаричување во стечајната постапка до правосилно завршување на постапките и по евентуално покрената постапка за вонреден правен лек. По правосилно завршување на споровите, односно по завршувањето на постапката покрената по вонреден правен лек, кои се воделе за утврдување на правото на сопственост на објектот, односно дел од објектот кој е предмет на постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект, судот по службена должност ја доставува пресудата заради бришење на прибелешка во имотниот лист, односно упис на правото сопственост во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижности.

Во членот 6 од Законот заради итноста во постапувањето во стечајните постапки се определени роковите во кој треба да завршат започнатите парници (постапки за оспорени побарување, за побивање на правни дејствија, за утврдување на права на стечајниот должник, сопственички тужби или излачни тужби) и тоа пред првостепените судови, пред апелационите судови, Врховниот суд, Управниот суд и Вишиот управен суд, како и пред органите на државната управа

Во членовите 8–11 од Законот е уредена постапка за впаричување на имотот кој влегува во стечајната маса, односно се уредува начинот, роковите и постапката за продажба на имотот од стечајната маса, распределбата на подвижниот, недвижниот имот и побарувањата кои влегуваат во стечајната маса, конечната распределба на имотот на должникот и заклучување на постапката како и распределување на остаток од имот или средства по конечната распределба.

Постапката за продажба започнува во рок од три дена од уписот на сопственоста во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите, по пат на електронска продажба со јавно наддавање без утврдена почетна цена. Законот предвидува во случај ако првата продажба е неуспешна, се организира втора продажба, така што целата продажба треба да заврши во рок од 70 дена. Согласно ставот 6 на членот 8, решението на стечајниот судија со кое е избран најповолен купувач на имотот во стечајната постапка е основ за упис во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижности, како и на сите промени во целокупната градежно- техничка и друга документација која гласeла на име на стечајниот должник пред отворањето на стечајната постапка.

За останатите фази од постапката за продажба на имотот на стечајниот должник соодветно се применуваат одредбите за впаричување на имотот на стечајниот должник од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 79/13).

Во оспорениот член 10 е предвидена обврска за стечајниот управник пред конечната распределба на имотот на стечајниот должник да ги исплати трошоците за изработка на геодетски елаборат на Агенцијата за катастар на недвижности, доколку таквиот елаборат не бил поднесен како прилог кон барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект. По извршувањето на конечната распределба на стечајната маса, стечајниот судија во рок од осум дена ќе донесе решение за заклучување на стечајната постапка. За конечната распределба и заклучување на постапката соодветно се применуваат одредбите од членовите 200 и 201 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/11 и 79/13).

Во оспорениот член 11 е утврдено дека доколку по впаричување на имотот и распределба на имотот на доверителите како и покривање на трошоците на постапката, останат нераспределени средства и имот истите се враќаат на основачите, односно содружниците. Доколку како основачи биле исклучиво правни лица кои престанале да постојат и се избришани од соодветниот регистар, а не постојат правни следбеници, преостанатите средства се пренесуваат на Буџетот на Република Македонија, а имотот во сопственост на Република Македонија.

Оспорениот член 12 е преодна одреба која утврдува дека започнатите постапки согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006,126/2006, 84/2007 и 47/11) ќе се водат согласно со овој закон, односно постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект, впаричување, распределба и заклучување уредени со овој закон.

Од анализата на целината на оспорениот Закон, произлегува дека со него е уредена постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајната постапка како и постапката за впаричување на имотот и условите за заклучување на стечајните постапки поведени согласно важечкиот Закон за стечај и претходно важечките закони за оваа проблематика. Оваа проблематика до донесувањето на овој закон не била уредена, односно не постоела можност во стечајната постапка да се утврдува правниот статус на бесправните објекти кои преставуваат имот на стечајниот должник, што за последица имало неможност да се продаде имотот со неутврден правен статус, а со тоа и неможност за окончување на старите стечајни постапки.

Од предлогот за донесување на Законот произлегува дека целта за неговото донесување е решавање на правниот статус на беспрaвните објекти, брза продажба на имотот на стечајниот должник, зголемување на процентот на намирување на доверителите, со оглед на тоа што објектите со неутврден статус се продаваат како градежен материјал што е неповолно за сите доверители, особено за државните органи и институции. Со продажбата на правото на градба ќе се овозможи да се завршат објектите кои поради стечај на инвеститорот подолг период се наоѓаат во разни фази на градба, односно кои се недоизградени а со тоа ќе се овозможи инвестирање во градежни објекти и зголемување на бројот на изградени станови кои повеќе години стојат како недовршени и необезбедени објекти.

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите поради тоа што истите имале ретроактивно дејство, односно се однесувале на стечајни постапки отворени пред влегувањето во сила на оспорените одредби, при што се суспендирале определени права и овластувања на одборот на доверители, собранијата на доверителите и стечајниот совет како органи на стечајната постапка и се пренесувале на стечајниот управник и стечајниот судија. При тоа наводите на подносителот се општи односно генерални, без да се дадат аргументи за тоа во што се состои неповолноста на оспорените одредби во однос на важечките прописи за стечајот.

Судот не ги прифати наводите во иницијативата од причина што со овој закон се уредува материја која досега не била предмет на уредување на Законот за стечај, а тоа е постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајната постапка, така што не може да се смета дека овие одредби биле понеповолни, односно поинаку се уредувале правата и овластувањата на субјектите на стечајната постапка, бидејќи тоа воопшто претходно не било уредено.

Една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Оттука, според мислењето на Судот, со оглед на тоа што со оспорените одредби се уредува постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајната постапка и начинот на неговата продажба и впаричување на имотот, со цел да се окончаат стечајните постапки поведени со претходно важечките закони, не се пропишува повратно дејство на законот кое е понеповолно за граѓаните, поради што утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.11/2014
22.10. 2014 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева