У.бр.5/2014-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 15 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

-уставноста на член 163 став 2 точка 8 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 97/2014 и 113/2014) и

-уставноста и законитоста на член 1 во делот: “и други прашања од значење за работењето на Фондот, член 2 во делот: “и други прописи”, поднасловот: “V. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ПЕНЗИСКОТО И ИНВАЛИДСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ”, член 18, член 19, член 20, член 21, член 22, член 23, член 24 и член 25 од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 174/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член од Законот, како и на уставноста и законитоста на членови од Статутот, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените делови: “и други прашања од значење за работењето на Фондот” содржани во член 163 став 2 точка 8 од Законот и член 1 од Статутот, како и оспорениот дел: “и други прописи” од член 2 од Статутот, биле неопределени и не се знаело кои се тие други прашања од значење за работењето на Фондот и не се знаело на кои други прописи се мисли, поради што оспорените делови биле неприменливи, со што се повредувал уставниот принцип за владеењето на правото од член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот и истите не биле во согласност со член 163 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Другите прашања од значење за работењето на Фондот, требало да бидат определени со закон од страна на законодавецот, а не законодавецот таа своја надлежност да ја препушта на самиот Фонд, кој можел со Статутот под изговор други прашања од значење за работењето на Фондот да предвидува што сака. Поради тоа, подносителот смета дека со ваквата законска одредба не само што се повредувал уставниот принцип на владеењето на правото, туку се повредувал и уставниот принцип на поделбата на извршната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија.

Поднасловот: “V. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ПЕНЗИСКОТО И ИНВАЛИДСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ” и членовите 18-25 од Статутот на Фондот, не биле согласни со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 34, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 и 96 од Уставот.

Член 34 од Уставот определувал дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а не и со Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, како што предвидувале оспорениот поднаслов и оспорените одредби, така што правата од пензиското и инвалидското осигурување се остварувале под услови, во обем и на начин утврдени со Законот, а не “и овој статут”, како што било предвидено со оспорените членови 18 став 1 и 23 став 3 од Статутот.

При ова, морало да се има во вид и одредбата од член 96 од Уставот, според која органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите, како и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација, не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишуваат надлежност на други органи.

Понатаму во иницијативата се наведува дека надлежност за решавање на правата од оспорениот член 25 од Статутот може да се утврдува само со закон, како што тоа и било уредено со членовите 132, 133, 134, 135 и 136 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а не и со Статутот, како што предвидувала наведената одредба. Дека тоа требало така да се гледа, произлегувало и од одредбата од член 163 став 2 од Законот според која: со Статутот на Фондот особено се уредувал: организацијата и начинот на работењето на Фондот; начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со закон; правата, обврските и одговорностите на органите на управување на Фондот; претставувањето и застапувањето на Фондот; јавноста во работењето на Фондот и неговите органи; начинот на организирањето и вршењето на стручно-административните правни и други работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување и постапката за донесување општи и поединечни акти.

Оттука, тоа значело дека Фондот со ваквите оспорени одредби ги пречекорил своите законски овластувања.

Според тоа оспорениот поднаслов и оспорените одредби од Статутот не бле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 34, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 96 од Уставот, Законот за пензиското и инвалидското осигурување и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Со иницијативата се бара при одлучувањето да се има во предвид Одлуката на Уставнито суд У.број 178/1996 од 11.12.1996 година, со која бил укинат член 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во делот кој гласи: “општи акти за поблиско уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување”.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 163 став 2 точка 8 од Законот, определува дека со Статутот на Фондот особено се уредува:
… и

8) други прашања од значење за работењето на Фондот.

Со член 1 и неговиот оспорен дел од Статутот, е определено кои прашања се уредуваат со Статутот на Фондот, а помеѓу другото е определено дека со Статутот на Фондот се уредуваат “и други прашања од значење за работењето на Фондот” (оспорен дел).

Судот утврди дека според член 2 и неговиот оспорен дел од Статутот, Фондот ги спроведува правата и обврските од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и врши други работи согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување (во натамошниот текст: Законот) “и други прописи” (оспорен дел).

Судот утврди и дека со оспорениот поднасловот: “V. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ПЕНЗИСКОТО И ИНВАЛИДСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ”, како и оспорените членови 18-25 содржани во овој дел од Статутот на Фондот, е уреден начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување (поднесување на барања за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во Филијала, Деловница на Фондот според местото на последното осигурување, Централа на Стручна служба на Фондот, потребни документи кон прилог на барање за остварување на право од пензиското и инвалидското осигурување, начин на пресметување на старосна пензија, начин на определување на ден на настапување на инвалидност, начин на определување на семејна пензија, кои вработени во Стручната служба на Фондот по овластување на директорот на Фондот, се надлежни за донесување решение од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен, техника на донесување на решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување).

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективни договори.

Според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјална заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјално осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013 и 43/2014).

Со член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е определено дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Согласно член 4 од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под услови утврдени со овој закон.

Според одредбите од член 8 од наведениот закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој има својство на правно лице и како такво врши дејност од јавен интерес.

Со членовите 154-163 од Законот, се уредени надлежностите на Фондот, како и на неговите органи: Управниот одбор и директорот.

Работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување е уредено со член 154 од Законот.

Според овој член од Законот Фондот ги врши следните работи: 1) ги спроведува прописите и политиките на развој на пензиското и инвалидското осигурување; 2) со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со овој закон; 3) ги следи и анализира состојбите во пензиското и инвалидското осигурување; 4) се грижи за законско остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување и дава стручна помош на осигурениците и корисниците на права за остварување на нивните права и интереси; 5) ги спроведува меѓународните ратификувани договори и меѓудржавните спогодби за социјално осигурување во делот на пензиското и инвалидското осигурување; 6) редовно ја следи состојбата на уплатување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување; 7) презема мерки за рационално користење на средствата потребни за обезбедување на правата од пензиското и инвалидското осигурување; 8) одлучува за права од пензиско и инвалидско осигурување во прв степен; 9) врши исплата на пензии и парични надоместоци согласно со закон; 10) врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина и 11) врши други работи определени со закон, Статутот и другите општи акти на Фондот.
Според член 157 став 1 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот донесува Статут и други општи акти на Фондот согласно со овој закон.

Согласно член 163 од Законот, Фондот има Статут (став 1), а со став 2 од наведениот член е уредно дека со Статутот на Фондот особено се уредува: 1) организацијата и начинот на работењето на Фондот; 2) начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со закон; 3) правата, обврските и одговорностите на органите на управување на Фондот; 4) претставувањето и застапувањето на Фондот; 5) јавноста во работењето на Фондот и неговите органи; 6) начинот на организирањето и вршењето на стручно-административните правни и други работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување; 7) постапката за донесување општи и поединечни акти и 8) други прашања од значење за работењето на Фондот (оспорена точка). Согласност на Статутот на Фондот дава Владата на Република Македонија (став 3).

Со член 1 од Статутот се уредуваат: организацијата и начинот на работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фондот); органите на управување и нивниот делокруг, претставувањето и застапувањето на Фондот; организацијата и вршењето на стручно – административните, правните и другите работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување; јавноста во работењето на Фондот и неговите органи; постапката за донесување на акти на Фондот “и други прашања од значење за работењето на Фондот” (оспорен дел).

Со член 2 од Статутот е уредено дека Фондот ги спроведува правата и обврските од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и врши други работи согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување (во натамошниот текст: Законот) “и други прописи” (оспорен дел).

Во оспорениот поднаслов V. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ПЕНЗИСКОТО И ИНВАЛИДСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ од Статутот на Фондот, се содржани одредби кои се однесуваат на начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Со оспорениот член 18 од Статутот е уредено:

Правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат под условите, во обем и на начин утврдени со Законот и овој статут (став 1). Правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот, со поднесување на барање во Филијалата, односно Деловницата на Фондот според местото на последното осигурување. Барањето се поднесуваат на обрасци кои ги издава Фондот (став 2). Доколку се остварува право со примена на одредби од меѓународните договори за социјално осигурување, барањето се поднесува преку Филијалата, односно Деловницата на Фондот до Централата на Стручната служба на Фондот (став 3). Доколку се остварува право со примена на одредби од меѓународните договори за социјално осигурување со поранешните Југословенски републики, како и потврдување на пензиски стаж со примена на одредби на договор, барањето се поднесува во Филијата, односно Деловницата на Фондот според местото на последното осигурување (став 4).

Според оспорениот член 19 од Статутот, кон барањето за остварување право се доставуваат и утврдени документи во зависност од видот на правото кое се остварува и тоа:

1) За право на старосна пензија
– доказ за престанок на работниот однос;
– воена книшка;
– извод од матична книга на родени;
– по потреба и други докази ( уверение за бенефициран стаж, доказ за стаж навршен во друга држава и др.).

2) За право на инвалидска пензија
– предлог за медицинско вештачење со наод и мислење за здравствената состојба и работната способност на осигуреникот;
– извод од матична книга на родени;
– медицинска документација издадена во оригинал;
– опис на работните задачи (уредно заверен со потпис, печат и датум на издавање) од работодавецот;
– пријава за повреда на работа (до колку има повреда на работа).

3) За право на семејна пензија
– извод од матична книга на родени за подносителот на барањето;
– извод од матична книга на родени за децата (до колку би биле корисници);
– извод од матична книга на умрени;
– извод од матична книга на венчани до колку семејна пензија бара вдовец или вдовица (издаден посмртта на осигуреникот или корисникот на пензија);
– доказ за дополнително навршен пензиски стаж на починатиот.

4) За право на паричен надоместок за телесно оштетување
– медицинска документација во оригинал;
– доказ дека е во редовен работен однос

Со оспорениот член 20 од Статутот е уреден начинот на пресметување на старосната пензија, односно дека старосната пензија се пресметува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година. При пресметката на пензиската основа се земаат во предвид сите надоместоци кои осигуреникот ги остварил за време на траењето на осигурувањето согласно одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според оспорениот член 21 од Статутот, како ден на настапување на инвалидноста или телесното оштетување, се зема денот на поднесување на барањето. По исклучок, настапување на инвалидноста, односно на телесното оштетување пред или по денот на поднесувањето на барањето може да се утврди само врз основа на медицинска документација што потекнува од тој период.

Оспорениот член 22 од Статутот определува дека во случаите кога инвалидноста е предизвикана делумно со повреда на работа или професионална болест, а делумно со болест или повреда надвор од работата, ако осигуреникот не ги исполнува условите за стекнување со право на инвалидска пензија врз основа на инвалидноста поради болест или повреда надвор од работата, инвалидската пензија се определува само во висина на делот на пензијата која припаѓа врз основа на инвалидноста предизвикана со повреда на работа или професионална болест (став 1). Кога инвалидноста е предизвикана делумно со повреда на работа или професионална болест, а делумно со болест или повреда надвор од работата, инвалидската пензија се определува како една пензија што се состои од сразмерен дел на инвалидска пензија пресметана како за случај на повреда на работа или професионална болест и од сразмерен дел на инвалидската пензија пресметана како за случај на болест или повреда надвор од работа (став 2). Ако во вкупната инвалидност по основ на општа неспособност за работа или прва категорија на инвалидност, повредата на работа, односно професионалната болест повлекува инвалидност со преостанатата работна способност, инвалидската пензија се определува, ако е тоа за осигуреникот поповолно, само врз основа на инвалидноста со преостанатата работна способност како последица на повреда на работа, односно професионална болест без, оглед на годините на живот (став 3).

Според оспорениот член 23 од Статутот, ако семејната пензија во смисла на членот 67 од Законот им припаѓа само на членовите на потесното семејство или само на членовите на поширокото семејство, а некои од нив живеат одделно, вкупната семејна пензија се дели на еднакви делови (став 1). Ако семејната пензија им припаѓа на членовите на потесното семејство и на членовите на поширокото семејство, а некои од нив живеат одделно, семејната пензија претходно се поделува на дел што им припаѓа на членовите на потесното семејство и на дел што им припаѓа на членовите на поширокото семејство па секој дел понатаму се дели на еднакви делови (став 2). Поделбата на пензијата во смисла на одредбите на ставовите 1 и 2 на овој член се врши и кога на некој од сокорисниците на пензија привремено му се запре исплатата на семејната пензија што му следува додека траат околностите за запирање на исплатата на пензијата предвидени со Законот и овој статут (став 3).

Оспорениот член 24 од Статутот определува дека ако семејната пензија ја користат двајца или повеќе членови на семејството, па на некои од нив му престане правото на пензија, на преостанатите членови кои имаат право на семејна пензија повторно им се определува висината на пензијата. Така определената пензија припаѓа од денот од кога на некој од сокорисниците ќе му престане правото на пензија (став 1). Ако исплатувањето на семејната пензија биде запрено или ако правото што му припаѓа на одделен член на семејството мирува, не се врши повторно определување на семејната пензија на другите корисници на пензијата (став 2). Ако на вдовицата или вдовецот заради вработување или користење на старосната или инвалидската пензија не им се исплатува семејната пензија што им припаѓа, на другите членови на потесното и поширокото семејство за тоа време им се исплатува семејна пензија што ќе се определи како да вдовицата односно вдовецот немаат право на семејна пензија (став 3).

Според оспорениот член 25 од Статутот (надлежност за решавање на правата), решение за право од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен по овластување од директорот на Фондот, донесува раководителот на филијалата на Стручната служба на Фондот на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен (став 1). Решение за право од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен со примена на меѓународните договори за социјално осигурување, донесува овластен работник во Централата на Стручната служба на Фондот (став 2). Со овластување на директорот на Фондот, решение за право од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен со примена на меѓународните договори за социјално осигурување со поранешните Југословенски републики и известие за евидентиран странски пензиски стаж, донесува раководителот на филијата на Стручната служба на Фондот на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен или постојано живее (став 3). По исклучок од став 1 на овој член, по овластување на директорот на Фондот, секоја Филијала може да врши работи од надлежност на друга Филијала, на начин и постапка регулирани со посебно упатство донесено од директорот на Фондот (став 4). Решение за права од пензиското и инвалидското осигурување за осигурениците од член 11 став 1 точка 2 од законот, донесува раководителот на филијалата на Стручната служба на Фондот во Скопје (став 5). Решение за плаќање на пристигнатиот придонес и пресметаната камата, за периодот до 31.12.2008 година, донесува овластено лице во филијалата на Стручната служба на Фондот што врши контрола на пресметаниот и уплатен придонес (став 6). Решение за поврат на повеќе или погрешно уплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, за периодот до 31 декември 2005 година, донесува раководителот на филијалата на територијата каде е седиштето на обврзникот за плаќање на придонес (став 7). Решение за поврат на повеќе или погрешно уплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, за периодот 01.01.2006 до 31.12.2008 година, донесува директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (став 8). Решение за поврат на повеќе или погрешно уплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, за периодот по 1 јануари 2009 година донесува директорот на Фондот, по претходно добиено решение до Управата за јавни приходи (став 9). Решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување се донесува електронски со користење на софтвер за електронско решавање на правата од пензиско и инвалидско осигурување, а по исклучок решение се донесува без користење на софтвер (став 10). Решението донесено електронски содржи електронски потписи од јавниот службеник кој ја водел постапката, контролорот и раководителот на Филијалата (став 11). Ова решение има карактер на јавна исправа (став 12).

Од анализата на член 163 став 2, вклучително и оспорената точка 8 од ставот 2 од наведениот член, произлегува дека со Законот се уредени работите кои Фондот ги врши, при што законодавецот допуштил со Статутот на Фондот да можат да се уредат и други прашања кои се од значење за работењето на Фондот.

Според Судот, не е во несогласност со Уставот Фондот кој има својство на правно лице и чија дејност е од јавен интерес да донесува статут и други општи акти со кои ќе се уредат одредени организациони и други технички прашања за начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, а во овој контекст и “други прашања од значење за работењето на Фондот”, односно од значење за начинот на остварување на тие права.

Оттука, Судот оцени дека неосновани се наводите од иницијативата дека оспорената одредба од Законот давала можност Фондот со Статутот да можел да уреди што сака, бидејќи законодавецот во уредувањето на оспорениот дел од одредбата од Законот, појаснил кои други прашања можат да се уредат со Статутот, односно дека се тоа прашања “од значење” за работењето на Фондот, а не кои и да било прашања, туку само на оние кои се исклучиво во функција на доразработка на одредени прашања кои произлегуваат од делокругот на Фондот утврдени со закон, а не и во поглед на видот на правата, условите и обемот на нивно остварување утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Од анализата на оспорениот член 1 од Статутот на Фондот, произлегува дека со овој член се определени работите кои се предмет на уредување со Статутот на Фондот, а помеѓу другото “и други прашања од значење за работењето на Фондот” (оспорен дел).

Со оглед дека со иницијативата од истите причини и со истите наводи како и за оспорениот член 163 став 2 точка 8 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се оспорува и член 1 од во делот: “и други прашања од значење за работењето на Фондот” од Статутот на Фондот, погоре изнесеното правно мислење соодветно се однесува и за оваа оспорена одредба од Статутот.

Од анализата на оспорениот член 2 од Статутот, произлегува дека Фондот ги спроведува правата и обврските од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и врши други работи согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување (во натамошниот текст: Законот) “и други прописи” (оспорен дел).
Подносителот на иницијативата смета дека со уредувањето на оспорениот член 2 од Статутот во делот: “и други прописи“, не се знаело на кои други прописи се мисли, поради што оспорениот дел од член 2 од Статутот бил неприменлив, што било спротивно на уставниот принцип за владеењето на правото и на Законот.

Според Судот, уредување со оспорениот дел “и други прописи”, не ја прави неуставна и незаконита одредбата од Статутот во делот што се оспорува со иницијативата поради следното:

Со член 154 од Законот, помеѓу другото е наведено дека Фондот ги спроведува прописите и политиките на развој на пензиското и инвалидското осигурување, а и дека со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Со член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е уредено дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Со член 2 став 2 од Законот е уредено дека задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску се уредени со посебни закони.

Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека прашањата поврзани со остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување уредени се со Законот за пензиското и инвалидското осигурување како и со други посебни закони и други прописи (општи акти) со кои тие се операционализирани.

Во оваа смисла, наводите дека со така уредениот оспорен дел од одредбата од член 2 од Статутот на Фондот “и други прописи”, не се знаело на кои други прописи се мисли, според Судот не го повредува уставниот принцип на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи и во отсуство на таксативно набројување на сите посебни закони и општи акти од оваа област, што е сосема разбирливо имајќи во вид обемноста на прописите кои ја регулираат оваа материја од социјалната сфера на граѓаните, неспорно произлегува на кои други прописи се мисли, односно на сите оние други прописи кои се во врска со прашањата од областа на пензиското и инвалидското осигурување.

Со иницијативата се оспорува и поднасловот: “V. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ПЕНЗИСКОТО И ИНВАЛИДСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ”, вклучително и сите членови 18-25 кои се содржани во оваа Глава V од Стаутот на Фондот.

Со иницијативата начелно и општо се оспоруваат овие членови како несогласни со повеќе одредби од Уставот, со наводи дека граѓаните правата од пензиското и инвалидското осигурување можат да ги остваруваат под услови, во обем и на начин утврдени со Законот, а не и овој статут, како што било предвидено со оспорените членови 18 став 1 и 23 став 3 од Статутот.

Од ваквите наводи во иницијативата произлегува дека причините поради кои подносителот ги оспорува поднасловот и членовите од Статутот како противуставни се дека тие всушност уредувале материја која е предмет на закон, односно дека тие всушност уредувале права и обврски за граѓаните од областа на пензиското и инвалидското осигурување.

Според Судот, изнесените наводи со иницијативата во која отсуствуваат посебни и конкретни наводи и образложени причини за неуставноста и незаконитоста на така уредената содржина на одредбите од членовите содржани во Статутот, не се основани, бидејќи од содржината на оспорените одредби од членовите 18-25 од Статутот не произлегува изворно уредување на права и обврски за граѓаните, туку истите се уредени во насока на операционализација и доразработка на одредбите од Законот, поконкретно на одредбите од Глава XII и Глав XIII од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, каде се содржани одредбите во врска со остварувањето, користењето и губењето на правата (Глава XII), како и надлежностите и организационата поставеност на Фондот, надлежностите на неговите органи и други прашања во врска со единствената стручна служба на Фондот, филијали и деловници на Фондот, чии вработени се јавни службеници.

Конкретно, во оспорениот член 18 став 1 од Статутот кој уредува дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат под условите, во обем и на начин утврдени со Законот и овој статут, е транспонирана одредбата од член 4 од Законот според која законска одредба правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под услови утврдени со овој закон.

Воедно Фондот со закон е овластен одделни технички прашања во врска со начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување да можат да се уредуваат и со статут и други општи акти на Фондот (одредби од Глава XIII Фонд за пензиско и инвалидско осигурување од Законот), па оттука, околноста што оспорената одредба од член 18 став 1 од Статутот, упатува и на Статутот, според Судот не ја прави неуставна и незаконита оспорената одредба од Статутот. Тоа се однесува и за ставовите 2-4 од оспорениот член 18 од Статутот со кои се уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување (поднесување на барања за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во Филијала, Деловница на Фондот според местото на последното осигурување, Централа на Стручна служба на Фондот), кои оспорени одредби наоѓаат законска основа во одредбите од Законот, конкретно член 127 од Законот, и се во функција на нивна операционализација, односно доразработка.

Исто така од анализата на оспорените одредби од член 19, 20, 21, 22, 23, 24 и 25 од Статутот, произлегува дека тие се однесуваат на начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување (поднесување на барања за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во Филијала, Деловница на Фондот според местото на последното осигурување, Централа на Стручна служба на Фондот, потребни документи кон прилог на барање за остварување на право од пензиското и инвалидското осигурување, начин на пресметување на старосна пензија, начин на определување на ден на настапување на инвалидност, начин на определување на семејна пензија, кои вработени во Стручната служба на Фондот по овластување на директорот на Фондот, се надлежни за донесување решение од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен, техника на донесување на решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување).

По однос на оспорениот членот 25 од Статутот, подносителот наведува дека неговото уредување значело пречекорување на законските овластувања на Фондот.

Според Судот, иако овој оспорен член од Статутот е со наслов “надлежност за решавање на правата”, од неговата содржина не произлегува дека Фондот ги пречекорил своите законски овластувања, односно пропишал надлежности надвор од Законот, како што се тврди со иницијативата, поради следното:

Со одредбите од членовите 132-139 од Законот уредена е постапката во врска со донесувањето на решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување, непостапување по барање за остварување на овие права, обврски на директорот во случај на недонесување на решение по поднесено барање, право на правни средства и судска заштита пред Управен суд и други прашања во врска со остварувањата на правата.

Со член 132 став 1 од Законот е уредено дека решението за правата од пензиското и инвалидското осигурување и за наплата на придонесот донесува Фондот, најдоцна во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на уредно барање.

Во член 161 став 1 од Законот, наведени се надлежностите на директорот на Фондот, а помеѓу другото дека директорот на Фондот во рамките на своите права и должности утврдени со овој закон раководи со Фондот и го претставува и застапува Фондот пред трети лица (точка 1 од член 161 став 1), како и дека врши други работи кои со закон, Статутот или другите општи акти се ставени во негова надлежност (точка 10 од член 161 став 1).

Од анализата на оспорениот член 25 од Статутот под наслов “Надлежност за решавање на правата”, произлегува дека со овој член е операционализирана одредбата од член 132 став 1, содржан во точка 1. Остварување на правата од Глава XII Остварување, користење и губење на правата од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Согласно член 164 став 1 од Законот, стручните, нормативно-правните, управните, управно-надзорните, материјално-финансиските, сметководствените, информатичките и другите работи на Фондот ги врши стручна служба, а за вршењето на овие работи согласно став 2 од наведениот член, Фондот образува единствена стручна служба, филијали и деловници.

Согласно член 52 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), директорот кој раководи со самостоен орган, односно управна организација може да овласти државен службеник да донесува решенија во управните работи, а согласно член 52 став 4 од истиот закон, директорот од став 3 на овој член може да овласти државен службеник да потпишува акти, да решава за определени прашања и да врши други работи од надлежност на органот, освен за акти и работи кои во согласност со закон се во надлежност на директорот.

Во оваа смисла со овој оспорен член од Статутот е определено кои вработени во Стручната служба на Фондот, но, по овластување на директорот на Фондот, се надлежни за донесување решение од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен (раководител на филијала на Стручна служба на Фондот во Скопје, раководители на филијали на Стручна служба на Фондот на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигуран или постојано живеел, овластен работник во Централата на Стручната служба на Фондот, овластено лице во филијалата на Стручната служба на Фондот што врши контрола на пресметаниот и уплатен придонес и т.н.), поради што од аспект на изнесените наводи во иницијативата, не може да се стави под сомнение согласноста на одредбите на овој оспорен член од Статутот со одредбите на Уставот и законот.

По однос Одлуката на Уставниот суд У.бр. 178/1996 од 11.12.1996 година, а која подносителот ја посочува со иницијативата, со која бил укинат член 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот оцени дека упатувањето на овој предмет со иницијативата е несоодветно и не може да имплицира влијание при одлучувањето во овој предмет.

5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на член 163 став 2 точка 8 од Законот со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Исто така Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на: член 1 во делот: “и други прашања од значење за работењето на Фондот, член 2 во делот: “и други прописи”, поднасловот: “V. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ПЕНЗИСКОТО И ИНВАЛИДСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ”, како и членовите 18-25 од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 34, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 и 96 од Уставот и законите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 5/2014
15 октомври 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева