Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 15 октомври 2014 година,донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 203 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).
2.Николаки Јорјица од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 203 од законот означен во точката 1 од ова решение. ,Меѓутоа од содржината на самата иницијатива и даденото оскудно образложение во суштина го оспорува членот 203 став 1 од Законот за кој предлага да биде заменет со нов текст.Со оглед на наведеното предмет на уставно судска оценка ќе биде членот 203 став 1 од Законот за парничната постапка.
Според подносителот на иницијативата оспорениот член 203 став 1 од Законот не бил во согласност со начелато на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со Законот за заштита на податоците, а истовремено оспорениот член бил спротивен и на самиот закон. Воедно, подносителот бара оспорениот член да биде поништен, а потоа истиот да се замени со друг текст.
3.Судот на седницата утврди дека според член 203 став 1 од Законот за парнична постапка „Постапката што е прекината од причините од членот 200 точки 1 до 5 на овој закон, ќе се продолжи кога наследникот или старателот на оставината, новиот законски застапник, стечајниот управник или правните следбеници на правното лице ќе ја преземат постапката или кога судот по предлог на противната странка ќе ги повика.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).
Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.
Во членот 10 од Законот се утврдува дека судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци, како и се утврдува обврска за судот да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката.
Во членовите од 200 до 204 од Законот поместени во Глава ХVI насловот „Прекин на постапката“ во кој е содржан и оспорениот член 203 став 1 од Законот е предвидено дека:
Постапката се прекинува, кога:
1) странката ќе умре;
2) странката ќе ја загуби парничната способност, а нема полномошник во таа постапка;
3) законскиот застапник на странката ќе умре или ќе престане неговото
овластување за застапување, а странката нема полномошник во постапката;
4) странката која е правно лице ќе престане да постои, односно кога надлежниот орган правосилно ќе одлучи за забрана на работата;
5) ќе настапат правните последици од отворање на стечајна постапка;
6) двете странки тоа ќе го побараат заради решавање на спорот со медијација или на друг начин;
7) поради војна или други причини ќе престане работата во судот и
8) тоа е определено со друг закон.
Според член 202 од наведениот закон (1) Прекинот на постапката има за последица да престанат да течат сите рокови определени за вршење на парничните дејствија.(2) За време на траењето на прекинот на постапката судот не може да презем никакви дејствија во постапката, но ако прекинот настапил по заклучувањето наглавната расправа, судот може врз основа на таа расправа да донесе одлука. (3) Парничните дејствија што ги презела едната странка додека трае прекинот на постапката спрема другата странка немаат никакво правно дејство. Нивното дејство почнува дури откако постапката ќе продолжи.
Во членот 203 од Законот е предвидено дека :
(1) Постапката што е прекината од причините наведени во членот 200 точки 1 до 5 на овој закон, ќе се продолжи кога наследникот или старателот на оставината, новиот законски застапник, стечајниот управник или правните следбеници на правното лице ќе ја преземат постапката или кога судот по предлог од противната странка ќе ги повика да го сторат тоа.
(2) Доколку по правосилноста на одлуката за престанок на правното лице,забраната за работа или по заклучувањето на стечајната постапка истото е бришано од соодветниот регистар, а нема правен следбеник, судот со решение ќеја отфрли тужбата заради непостоење на странка во спорот.
(3) Ако судот ја прекинал постапката согласно со членот 200 точка 6 од овој закон, постапката ќе продолжи по барање на една од странките, а ако таквобарање нема, постапката ќе продолжи по истекот на 45 дена од денот на прекинот.
(4) Ако судот ја прекинал постапката од причините наведени во членот 201 став (1) точка 1 и став (2) на овој закон, постапката ќе продолжи кога правосилно ќе заврши постапката пред судот или пред друг надлежен орган, или кога судот ќенајде дека повеќе не постојат причини да се чека на нејзино завршување.
(5) Во сите други случаи прекинатата постапка ќе се продолжи на предлог од странката штом ќе престанат причините за прекинот.
(6) Роковите што поради прекинот на постапката престанале да течат, за
заинтересираната странка почнуваат да течат во целост, одново од денот кога судот ќе и го достави решението за продолжување на постапката.
(7) До странката која не ставила предлог за продолжување на постапката,решението за продолжување на постапката се доставува според одредбите на членот 137 од овој закон.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби,анализата на Законот за парничната постапка, а посебно Главата „Прекин на постапката“ во која е поместен членот 203 став 1, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.
Ова од причини што парничната постапката која по својата суштина е постапка inter partes , која постапка од објективни причини таксативно наведени во законот може да биде прекината,според Судот ,со одредбата од член 203 во целина и посебно оспорениот став 1 од Законот се овозможува постапката да продолжи при што судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци, како и се утврдува обврска за судот да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката.
Оттука, Судот,оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со уставното начело на владење на правото.
Во однос на наводите од иницијативата дека оспорениот член бил во колизија со други одредби од Законот, согласно надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот,Судот не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на одредби од ист закон.
При разгледување на иницијативата и наводите изнесени во истата Судот, го имаше предвид и фактот дека подносителот на иницијативата предлага оспорениот член да биде поништен и истиот да се замени со друг текст кој го наведува во иницијативата,меѓутоа Судот не прибегнаа кон отфрлање на иницијативата туку се впушти во анализа на оспорениот член,при што утврди дека оспорениот член не е во несогласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот.
5.Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска,Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски,Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова,Сали Мурати,д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.7 /2014
15 октомри 2014 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева