У.бр.135/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 93-а од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013 и 29/2014).

2.Виктор Крстевски од Делчево, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 ставовите 1 и 3 од Уставот, како и со член 6 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Образложувајќи ја наведената неуставност, подносителот на иницијативата најнапред укажува на содржината на член 19 став 1 точка 7 и на член 89 став 6 од Законот за стечај, според кои „стечајниот судија врши контрола над законитоста на работата на стечајниот управник“ (член 19 став 1 точка 7) и „стечајниот судија донесува решение со кое утврдува на кои доверители им е утврдено побарувањето, а на кои им е оспорено“ (член 89 став 6). Од таквите законски одредби произлегувало дека стечајниот судија веќе директно постапувал во рамките на стечајната постапка, ја контролирал законитоста на работата на стечајниот управник, како и се произнел со формално решение во врска со пријавените побарувања на доверителите, па доколку истиот судија потоа, во друга, парнична постапка (трговски спорови, имотни спорови, работни спорови, спорови од мала вредност) постапува во врска со оспореното побарување (првиот пат како стечаен судија, а вториот пат како парничен судија), можело да се случи донесување на спротивна одлука од претходно веќе донесената одлука, со што се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните, се нарушувал принципот на судење од непристрасен суд и судија, а тоа го овозможувал оспорениот член 93-а од Законот определувајќи дека стечајниот судија суди по споровите околу утврдувањето на побарувањата. Истиот проблем се појавувал и во врска со овластувањето на стечајниот судија, дадено во оспорениот член 93-а од Законот, да суди во споровите во кои се побиваат правните дејства во стечајната постапка, со оглед дека стечајниот судија веќе ја контролирал законитоста на одлуките на одборот на доверителите и на собранието на доверителите, можел да ги укине или потврди, па иако веќе се произнесувал за тие правни дејства, оспорениот законски член го овластувал повторно како парничен судија да постапува по истите прашања.

Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека оспорениот член 93-а од Законот за стечај не бил во согласност ниту со одредбите од Законот за парнична постапка. Имено, во член 7 од Законот за стечај се определува дека „на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено“, па имајќи ги предвид сите процесни дејства и рокови предвидени во ЗПП за првостепената постапка, било невозможно парницата да заврши за 60 дена, поради што рокот од 60 дена определен во оспорениот член 93-а од Законот за стечај било невозможно да се оствари.

Подносителот на иницијативата наведува дека од практиката на Европскиот суд за човекови права произлегувало дека тој суд утврдувал повреда на членот 6 од Конвенцијата доколку судијата кој на одреден начин бил инволвиран во постапувањето по некој предмет, не бил изземен од постапувањето по тој предмет во натамошната постапка, а Уставниот суд на Република Македонија бил директно одговорен да оневозможи постоење на одредби кои се во директна спротивност со европското право, поради што овој суд со усвојувањето на поднесенава иницијатива требало да спречи постапки пред европскиот суд за надомест на штета настаната од содржината на член 93-а од Законот за стечај.
3.Судот на седницата утврди дека во член 93-а од Законот се определува дека:
„(1) Во споровите кои ќе настанат во врска со утврдување на оспорените побарувања, како и за побивање на правни дејства во стечајната постапка, суди стечајниот судија кој ја отворил стечајната постапка како судија поединец, односно претседател на совет.“
„(2) Постапката од ставот (1) на овој член е итна и предметите мора да бидат земени во работа најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на тужбата, односно предлогот за продолжување на парницата.“
„(3) Постапката од ставот (1) на овој член се води според одредбите на парничната постапка со тоа што рокот за поднесување на одговор на тужба е осум дена, рочиштето за главна расправа мора да се одржи најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на одговорот на тужбата и постапката пред првостепениот суд мора да заврши во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на тужбата, односно предлогот за продолжување на парницата. Против пресуда донесена во прв степен рокот за поднесување на жалба е осум дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата.“
„(4) Во споровите од став 1 на овој член второстепениот суд е должен да донесе одлука по жалба поднесена против одлуката на првостепениот суд во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата, односно во рок од 30 дена доколку пред второстепениот суд се одржи расправа.“
„(5) Во споровите од стечајната постапка кога тоа е дозволено со закон против правосилна пресуда донесена во втор степен странките можат да изјават ревизија во рок од 15 дена од денот на доставувањето на препис на пресудата. Врховниот суд на Република Македонија одлуката по ревизијата ќе ја донесе најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на предметот во работа.“

4. Според член 8 став 1 од Уставот, „темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот“ (алинеја 1) и „владеењето на правото“ (алинеја 3).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во оспорениот член 93-а од Законот за стечај се определува дека во ситуација кога ќе настанат спорови околу утврдувањето на побарувањата или побивањето на правните дејства преземени во стечајната постапка, тие спорови ќе ги суди стечајниот судија кој ја отворил стечајната постапка (став 1), при што тие предмети мора да бидат земени во работа во рок од три дена од приемот на тужбата или предлогот за продолжување на парницата (став 2), рокот за поднесување на одговорот на тужбата е осум дена, рочиштето за главна расправа се одржува најдоцна 15 дена од приемот на одговорот на тужбата, потоа постапката по тужбата мора да се заврши во рок од 60 дена од поднесувањето на тужбата, а против првостепената пресуда рокот за поднесување на жалбата е осум дена од доставувањето на пресудата (став 3). Второстепениот суд, пак, е должен да донесе пресуда по жалбата во рок од 15 дена од приемот на жалбата или во рок од 30 дена доколку се одржи расправа (став 4), а против правосилната пресуда донесена во втор степен, кога тоа е дозволено со закон, може да се изјави ревизија до Врховниот суд на Република Македонија во рок од 15 дена од доставувањето на пресудата, при што Врховниот суд ќе донесе одлука по ревизијата во рок од 60 дена од приемот на предметот во работа (став 5).

Од изнесената содржина на член 93-а од Законот за стечај произлегува дека иако споровите настанати во врска со утврдувањето на побарувањата или побивањето на правните дејства преземени во стечајната постапка ги суди стечајниот судија кој ја отворил стечајната постапка (став 1), и тоа го прави во ситуација кога самиот врши контрола над законитоста на работата на стечајниот управник и кога самиот донесува решение со кое утврдува на кои доверители им е утврдено побарувањето а на кои им е оспорено (член 19 став 1 точка 7 и член 89 став 6 од Законот за стечај), сепак против неговите пресуди, донесени по поднесени тужби, по жалба постапува второстепен суд (член 93-а став 4), како и Врховниот суд на Република Македонија кога тоа е дозволено со закон (став 5). Со тоа, оспорениот законски член овозможува други судии од повисоки судови да одлучуваат по пресудите донесени од првостепениот парничен судија, поради што не се доведуваат во прашање основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, ниту владеењето на правото. Двојното постапување на првостепениот судија, пак, во текот на стечајната постапка и при евентуална парнична постапка, и во кратки законски утврдени рокови, треба да се разбере како уште една судиска проверка на фактите и доказите на кои упатува доверителот, сега тужител, што е во функција на правата на странката, како и експедитивно завршување и на оваа (парничната) постапка заради брзо спроведување на отворената стечајна постапка. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 93-а од Законот за стечај со член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.135/2013
8 октомври 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева