86/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Табелата 2 точките 16, 17 и 18 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2011).

2. Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Тарифата означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, начинот на кој биле формулирани оспорените одредби од Табелата не обезбедувале извршувањето да се спроведе со што помалку трошоци, а обезбедувале извршителите да ги ограбуваат должниците наплаќајќи им непотребни трошоци за достава и така да се богатат.

Немало потреба извршителот непосредно да го доставува налогот за извршување до должникот, кое дејствие посебно се наплаќало како трошок на должникот, во ситуација кога налогот можел да се испрати по пошта, што било поевтино. Во оваа смисла, подносителот укажува дека судот тужбите, пресудите и другите писмена на места каде нема своја достава ги испраќал преку Македонска пошта.

Со оглед дека покрај Македонска пошта, постоеле и други приватни фирми кои вршат достава на писмена, подносителот на иницијативата предлага оспорените одредби од Тарифникот да се изменат на начин што ќе се пропише дека непосредна достава се врши само доколку за тоа има потреба, а кога се врши по пошта, цената за извршената услуга за достава на писмена да не може да биде повисока од цената на Македонска пошта.

Со оспорените одредби се повредувале член 30 од Уставот, со кој се гарантира сопственоста… никому не може да му биде одземена …сопственоста и член 10 од Законот за парничната постапка (ЗПП), според кој Судот е должен да настојува постапката да се спроведе …со што помалку трошоци.

Подносителот укажува дека треба да се има предвид дека судот наплаќа судска такса, а за доставување на писмена не наплаќа, а извршителот наплаќа администрирање на предметот, а наплаќа и достава на писмената.

3. Судот на седницата утврди дека точките 16, 17 и 18 од Табелата 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, гласат:

Р.бр. Извршни дејствија Чинење/Цена
….. …………………

……… ………………….
16 Успешна лична достава на судски писмена и други писмена кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот до должникот 20 евра за достава до едно лице
17 Непосредно предавање на судски писмена и други писмена кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот до државни органи, јавни институции, носители на платен промет и доверител 6 евра
18 Достава на судски писмена и други писмена кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот до државни органи, јавни институции, носители на платен промет и доверител по пошта Реален трошок во висина на поштарина

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, е донесена врз основа на член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010), од министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители на Република Македонија.

Според член 4 став 1 од Тарифата, цената на извршените дејствија извршителот ја определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување согласно Табела 2 од оваа тарифа.

Со оспорените точки 16, 17 и 18 од Табелата 2 од оваа тарифа, се утврдуваат извршни дејствија кои значат достава (лична, непосредна и по пошта) на судски писмена и други писмена кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот до должникот, до државни органи, јавни институции, носители на платен промет и доверител и се утврдува чинењето, односно цената на овие дејствија.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на овие одредби затоа што, според подносителот на иницијативата, не обезбедувале извршувањето да се спроведе со што помалку трошоци и се предлага истите да бидат изменети и дополнети на начин што ќе се пропише дека лична и непосредна достава се врши само доколку за тоа има потреба, а кога се врши по пошта, цената за извршената услуга за достава на писмена да не може да биде повисока од цената определена со тарифник на Македонска пошта.

При одлучување по оваа иницијатива Судот го имаше предвид следното:

Со Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) се утврдени извршните дејствија кои ги презема извршителот, меѓу кои спаѓа и доставата на судски писмена и доставата на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа (член 40 став 1 алинеите 2 и 3).

Со Законот се пропишува дека извршителот за извршените дејствија има право на награда и надоместок на трошоците во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот, која ја донесува министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следните критериуми: 1) цена за администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа; 2) цена на извршните дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување и 3) награда на извршителот за извршените дејствија, која се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши, како и според износот на главното побарување утврдено во извршната исправа кај паричните побарувања, односно вредноста на предметот на извршување кај непаричните побарувања утврдена во извршната исправа. (член 46).

Со Законот се пропишува дека извршителот доставата на судски писмена ја врши според одредбите на Законот за парничната постапка и овој закон, а доставата на актите кои произлегуваат од работата на извршителот – со непосредно предавање на актот од страна на извршителот и по пошта, при што доколку наведената достава остане безуспешна, доставата се врши со јавна објава. (член 46-а).

Од наведените законски одредби произлегува дека со Законот за извршување, законодавецот ги уредил правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, како и на извршување на брод и на воздухоплов (член 1). Притоа, законодавецот ги пропишал извршните дејствија што ги презема извршителот, како и пропишал дека за преземените извршни дејствија, извршителите имаат право на награда и надоместок на трошоците, врз основа на законски утврдени критериуми, во согласност со Тарифа, која како подзаконски акт, ја донесува министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители на Република Македонија.

Оттука, произлегува дека со оспорените точки 16, 17 и 18 од Табелата 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена во законски пропишана постапка, се определува цената на извршните дејствија пропишани со Законот за извршување, кои значат достава на судски писмена и други писмена кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот, поради што оспорените одредби се во функција на операционализација на одредбите на Законот за извршување.

Имајќи го предвид наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека наплатата на трошоците за извршување, определени со оспорените одредби од Тарифата, претставувале повреда на сопственоста гарантирана со член 30 од Уставот.

Со оглед дека начинот на доставување на писмената кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот се утврдени со Законот за извршување, а со оспорените одредби од Тарифата е утврдена цената на тие дејствија, Судот оцени дека не може да се прифати наводот во иницијативата дека одредбите биле во спротивност со членот 10 од Законот за парничната постапка, според кој судот бил должен да настојува постапката да се спроведе … со што помалку трошоци.

Барањето во иницијативата оспорените одредби од Тарифата да бидат изменети и дополнети на начин што ќе се пропише дека лична и непосредна достава се врши само доколку за тоа има потреба, а кога се врши по пошта, цената за извршената услуга за достава на писмена да не може да биде повисока од цената определена со тарифник на Македонска пошта, претставува барање за изменување на постојната законска регулатива во врска со начинот на достава на писмената кои произлегуваат од вршењето на работата на извршителот.

Уставниот суд на Република Македонија во рамките на своите уставно определени надлежности, одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, но нема надлежност да одлучува за тоа што прописите не содржеле, а трабало да содржат, ниту да нормира односи, на што впрочем се однесува барањето во предметната иницијатива.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби во однос на барањето во иницијативата да се оценува акт кој не содржи одредба каква, според подносителот, би требало да содржи, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по истата и дека се исполнети деловничките претпоствки за отфрлање на иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.86/2014
8 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева