У.бр.105/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Тарифникот за висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности на 1 март 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2011).

2. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.105/2012 од 21 мај 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на тарифникот означен во точката 1 од ова решение.

Постапката беше поведена затоа што се постави прашањето за согласноста на Тарифникот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со член 268 став 1 во врска со член 125 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013).

3.Судот на седницата утврди дека оспорениот тарифник е донесен врз основа на член 94 став 2 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008 и 158/2010).

Судот, исто така, утврди дека со член 125 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013), кој закон влезе во сила на 24 април 2013 година, се определува дека „трговецот поединец овластен геодет и трговското друштво за геодетски работи за извршените геодетски работи наплаќаат надоместок чија висина особено зависи од обемот (површината/волуменот/должината на недвижностите што се предмет на премерот, бројот и видот на зградите, посебните и заедничките делови од зградите и другите објекти и друго), оддалеченоста на недвижностите, теренските услови (густина на детаљот) и сложеноста на геодетските работи“ (став 1). „Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува со тарифник кој на предлог на Комората го донесува Управниот одбор на Агенцијата, а согласност дава Владата на Република Македонија“ (став 2).

Во член 268 од наведениот закон за катастар на недвижности се пропишува дека подзаконските прописи од член 125 од овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1), а според став 3 од истиот член „до денот на влегувањето во сила на подзаконските прописи од ставовите 1 и 2 на овој член, продолжуваат да се применуваат подзаконските прописи донесени врз основа на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 17/2011, 51/2011 и 74/2012)“.

Со оглед дека Тарифникот можеше да биде во позитивниот правен поредок во период од шест месеци од влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013) согласно член 268 став 1 од тој закон, што значи до 24 октомври 2013 година а не и после тоа, Судот оцени дека Тарифникот нема законска основа за натамошно останување во правниот поредок во ситуација кога престанал Законот на кој бил заснован Тарифникот и кога измина рокот, утврден во новиот закон за катастар на недвижности, за важење на оспорениот тарифник. Поради тоа, Судот на седницата одржана на 21 мај 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот тарифник.

Но, на 11 јули 2014 година Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности донесе нов Тарифник за висината на надоместокот за извршените геодетски работи од страна на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи, бр.01-13208/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2014), при што во член 6 од овој тарифник се определува дека престанува да важи Тарифникот за кој Судот поведе постапка.

4.Според член 47 алинеја 1 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.“

Со оглед дека во текот на постапката Тарифникот престана да важи, а нема основи за оценување на неговата уставност и законитост во време на важењето имајќи ја предвид причината поради која беше поведена постапката, Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на постапката определени во член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.105/2012
8 октомври 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева