Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 во делот: „постапката за одобрување на прекинување на бременоста“, член 3 став 2 во делот: „со писмена согласност од родителот“, член 3 ставови 4 и 5, член 4 став 1 во деловите: „ставовите 4 и 5 од член 3“ и „како и пред истекот на една година од претходното прекинување на бременоста“, член 4 став 3, насловот III „Постапка за одобрување и извршување на прекинување на бременоста“ во делот: „за одобрување“, член 6 став 1 во деловите: „писмено“ и „во форма и содржина што ја утврдува министерот за здравство“, член 6 став 2 во деловите: „барањето“ и „и друга потребна документација утврдена во членот 9 став 3 од овој закон“, член 6 став 3 во делот: „е должен“, член 6 ставови 4, 5, 7 и 8, членовите 7 и 8, член 9 во целина и посебно ставовите 2 и 3, членовите 10, 11, 12, 13, 14 и 15 и Главата VII-Казнени одредби со членовите 36 и 37 од Законот за прекинување на бременоста („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2013, 164/2013 и 144/2014).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот на барањето за поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на одделни оспорени одредби од Законот за прекинување на бременоста со одредби од истиот закон, со: Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, Конвенцијата за правата на лица со инвалидност со Факултативниот Протокол кон Конвенцијата, Конвенцијата за заштита на правата на детето, Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, како и со: Законот за здравствената заштита, Законот за заштита на правата на пациентите и Законот за евиденција во областа на здравството.
3. Каролина Ристова-Астеруд; Здружение на граѓани Х.Е.Р.А., асоцијација за здравствена едукација и истражување; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“; Здружение на граѓани, Реактор-истражување во акција и Хелсиншки комитет за човекови права, сите од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и делови од одредби од Законот за прекинување на бременоста означени во точката 1 од ова решение.
– Во иницијативата по однос на оспорениот дел од член 1 од Законот се наведува дека, создавал можност за мешање на државата во правото на избор и слободно одлучување на жената, што било во спротивност со член 41 став 1 и член 118 од Уставот. Ова од причина што правото на жената да одлучува за создавање на деца е уставно загарантирано право, што подразбира да има афирмативно право (да има деца) и негативно право (да нема деца), кое било загарантирано во членовите 12 и 16 од Коневенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената. Овие загарантирани права не подлежеле на какви било одобрувања на некој што бил надвор и под Уставот вклучително и државата и нејзините законодавни и извршни власти. Впрочем, во членот 2 став 1 од Законот било реафирмирано ова право на начин што прекинувањето на бременоста било определено како посебна медицинска интервенција, за која слободно одлучувала бремената жена. Оттука, оваа слобода требала да биде заштитена и не смеела да полежи на постапка за одобрување за прекинување на бременоста.
Во таа смисла оспорениот дел од членот 1 од Законот бил во спротивност, не само со Уставот, туку и со членот 2 став 1 од истиот закон.
– По однос на оспорениот дел од член 3 став 2 и член 9 став 2 од Законот во иницијативата се наведува дека биле спротивни на член 9, член 11 став 1, член 39 став 2 и член 41 став 1 од Уставот. Правото слободно да се одлучува за создавање на деца и правото да се чува и унапредува сопственото здравје биле во согласност со Конвенцијата за правата на лица со инвалидност и Факултативниот Протокол кон Конвенцијата од каде државата морала да им ги гарантира и на малолетните лица и на лицата со попреченост. Во таа насока здравствените одлуки кои ги носат родителите или старателите, без учество на наведените лица, биле противуставни и ги ограничувале овие права и биле противуставни. Одредбите биле спротивни на член 4 од Конвенцијата за заштита на правата на детето. Барањето на родителска согласност за абортус водело кон зголемување на бројот на илегални абортуси помеѓу адолесцентите, што било констатирано и од страна на Комитетот за правата на детето (Киргистан, 2000 год.).
Според подносителите на иницијативата ваквите одредби биле во колизија со член 5, член 6, член 12, член 23 и член 25 од Конвенцијата за правата на лица со инвалидност, бидејќи Конвенцијата особено ги задолжувала државите да им признаат на лицата со попреченост, деловна способност, да можеле самостојно или со подршка да одлучуваат за своите права. Во таа смисла Законот морал на жените со инвалидност да им гарантира право самите да одлучуваат за прекин на својата бременост, да се зема предвид нивното мислење, а не да ги става во нееднаква положба со останатите жени.
-По однос на оспорениот член 3 ставови 4 и 5 од Законот во иницијативата се наведува дека биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 11 став 1, член 39 став 2 и член 41 став 1 од Уставот. Ова од причини што со одредбите најдиректно и императивно се ограничувало уставното право на жената слободно да одлучува за прекин на бременоста. При тоа ограничувањето од ставот 4 наводно било заради заштита, а во ставот 5 ограничувањето било административно и арбитрерно, без воопшто и да се посочи телеологијата на одредбата, односно без да се наведе целта или пак некое добро што се штити со тоа ограничување.
Според членовите 11 став 1, 39 став 2 и 41 став 1 од Уставот, граѓанките имале суверенитет врз себе, својот живот, физички интегритет и здравје. Во таа смисла, се посочува на одлуката на Европскиот суд за човекови права Tysiac v.Poland и се заклучува дека државата и законодавецот немале уставен основ и надлежност за директно и непосредно суспендирање на волјата на жената и да покажуваат наводно поголема грижа за нејзиното здравје, отколку тие самите за себе. Со одредбите се ограничувала деловната способност на жените, им се наметнувал старател, кој однапред одлучувал што е подобро за здравјето на жената, од каде одредбите биле императивни. Оттаму, правото на избор од членот 4 од Законот морало да биде предвидено и во оспорените ставови 4 и 5 од членот 3, што овде не било случај.
Во поткрепа на овие наводи се посочува и на одредбите од Законот за заштита на правата на пациентите (lex generalis) и посебно членот 14, според кој било утврдено дека пациентот има право да прифати или одбие определена медицинска интервенција, освен во случаи кога одложувањето на интервенцијата би го загрозила животот и здравјето на пациентот и би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје. Оттаму, со оспорените одредби се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и Законот за заштита на правата на пациентите.
Од истите причини оспорениот дел: „како и пред истекот на една година од претходното прекинување на бременоста“, од членот 4 став 1 од Законот требал да биде уставно проблематизиран
-Во членот 4 став 3 од Законот на жената и се одземало правото самата да одлучува за прекин на бременоста по десетата недела со тоа што правото се условувало со писмена согласност и постоење на опасност на потешко оштетување на здравјето или непосредна опасност по животот на бремената жена, за разлика од ставот 1 од истиот член од Законот, каде што законодавецот во афирмативна смисла предвидел исклучоци, што не било случај со оспорениот став 3 од членот 4 од Законот. Одземањето на правото на жената било и за ситуациите кога бременоста била резултат на силување, родоскрнавење, злоупотреба на положбата и слично за кои ситуации Комитетот против тортура на ООН и Специјалниот известувач за тортура имале завземено став дека рестриктивните законски норми можеле да преставуваат тортура, деградирачки и нехуман однос, да ја принудат жената да роди дете зачнато на таков начин, се во име и корист наводно на „нејзиното здравје и живот“. Оттука, одредбата била спротивна на член 11, член 39 став 2 и член 41 од Уставот.
-Насловот „Постапка за одобрување и извршување на прекинување на бременоста“ од Главата III се оспорува во делот: „за одобрување“ од причина што одлучувањето за создавање деца, кое опфаќа и право на прекинување на бременоста не подлежело на одобрување, туку само на реализација.
-Оспорените делови од член 6 став 1, оспорениот дел „барањето“ од член 6 став 2, член 6 став 4 и член 19 став 2 од Законот, биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 4, член 25, член 41 став 1, член 51, член 61 ставови 1 и 2 од Уставот.
Правото на прекинување на бременост не можело да се условува со поднесување на писмено барање за реализација на правото, од причини што ова право по својата природа било доволно да биде реализирано само со непосредна комуникација и консултација со докторот кој требало да ја направи медицинската интервенција. Со ваквиот начин на уредување не се олеснувало остварувањето на правото, туку се воведувале административни отежнувања, а како барањето се поврзува со протек на време (десет недели од зачнувањето). Ова преставувало повреда на достоинството на жената, заштитено во членот 25 од Уставот.
Со оглед на тоа што Законот ја уредил постапката за реализација на ова право, немало основ за носење на подзаконски акти по однос на формата и содржината на барањето од страна на извршната власт. Оттука, јасна била намерата извршната власт да го отежнува и контролира реализирањето на уставното право на жените, кое било доволно конкретизирано во законите и медицинските протоколи. Оваа определба на законодавецот не била во согласност со општите права на пациентите утврдени со Законот за заштита на правата на пациентите, во кој не се предвидувало поднесување на барање за определена медицинска интервенција, од каде одредбите не биле во согласност и со овој закон.
Во наведената смисла определбата на законодавецот од членот 6 став 4 од Законот, содржината на советувањето на бремената жена да ја пропише министерот за здравство во посебен акт, без постоење на определена законска рамка, исто така, доведувала до мешање на извршната во законодавната власт.
-Оспорениот дел од член 6 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11, член 25 и член 41 став 1 од Уставот, од причина што со него се воведувало задолжително советување пред прекинот на бременоста, од каде советувањето преставувало услов за дозволување на прекин на бременоста, а кое пак било во спротивност и со член 2 од истиот закон. Задолжителноста ги доведувала во нееднаква положба со останатите пациенти во врска со други интервенции каде не било предвидено задолжително советување.
Задолжителното советување и периодите на чекање го правеле абортусот недостапен што доведувало до кршење на меѓународните човекови права, според периодичниот извештај на ООН од 2011 година. Во таа насока биле и други заклучни согледувања на други меѓународни здравствени тела, меѓу кои и Светската здравствена организација, според чии насоки од 2012 година, требало да се обезбеди жената да не подлежи на задолжително советување.
Во секој случај советувањето морало да биде доброволно, доверливо, незадолжително, направено од страна на обучено лице, пришто обезбедените информации морале да бидат точни и лесно да се разбираат, за да се почитува личниот избор, достоинството, приватноста и доверливоста. Впрочем, според Европскиот суд за човекови права (P&S v. Poland) пристрасното медицинско совету-вање, како и ширењето на пристрасни информации ги кршело основните човекови права на бремената жена. Тоа било спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права, кој имал нагласено дека Европската конвенција за човековите права, а во таа смисла и Уставот на Република Македонија биле наменети да гарантираат права кои се практични и ефикасни, а не права кои се теоретски и илузорни (Aires v.Ireland). Државата била под позитивна обврска да создаде процедурална рамка која ќе и овозможи на една бремена жена ефикасно да го оствари своето право на пристап до легален абортус (Tysiac v.Poland и PP v. Poland). Пристрасното медицинско советување, како и ширењето на пристрасни информации од страна на медицинскиот персонал ги кршело основните човекови права.
Одредбата била во спротивност со член 12 од Законот за заштита на правата на пациентите, кој предвидувал дека пациентот имал право да одбие прием на информација за сопствената здравствена состојба.
-Оспорениот член 6 став 3 во делот: „е должен“ од Законот не бил во согласност со член 9, член 11, член 25 и член 41 од Уставот. Имено, меѓународните стандарди во областа на сексуалното и репродуктивното право налагале и кога абортусот е легален, државите да не наметнуваат пречки на пристапот на жената до безбеден абортус. Светската здравствена организација и Европскиот суд за човековите права јасно ставиле до знаење дека на жените морало да им се обезбеди комплетни, точни и разбирливи информации за нивната бременост и пристап до безбеден абортус. Сите бариери доведувале до зголемено ниво на мајчина смртност и морбитет. Во таа насока наметнувањето на обврска на докторот за пристрасно советување било противуставно и спротивно на ратификуваните меѓународни стандарди. Дали бременоста преставу-вала предност или ризик било прашање на лична, емотивна, социјална и културна положба на жената во даден момент и оттука какво било мешање со задолжително советување било мешање во приватноста на жената, спротивно на членовите 11 и 18 од Уставот.
Во таа насока Европската конвенција за човековите права и праксата на Еврпскиот суд за човекови права налагале позитивна обврска за државите да создадат процедурална рамка која ќе и овозможи на бремената жена ефикасно да го оствари своето право на пристап до легален абортус.
Според подносителите на иницијативата, Судот требало да ги има предвид високите казни утврдени во членот 33 од Законот и особено неговиот став 3, бидејќи високите казни кои им се заканувале на докторите можеле да влијаат во одлучувањето да не дозволат абортус. Но, во иницијативата членот 33 од Законот не е предмет на оспорување.
-Членот 6 став 7 од Законот бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот. Оваа одредбата требала да се поништи бидејќи дозволувала директна дискриминација на жените според возраст и инвалидност. Имено, задолжителниот период на чекање бил утврден само за деловно способните жени, со што тие биле ставени во нееднаква положба по однос на малолетните девојки и жените кои имале некаков инвалидитет, со што дополнително им се наметнувал емотивен стрес, финансиски и админстративни бариери кон остварувањето на правото самостојно да одлучат за прекин на бременоста.
Ова било во спротивност со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената и нејзините членови 2 и 12, од кои причини Уставниот суд требал да ги поништи дискриминаторските одредби во врска со репродуктивните права на жените, утврдени од страна на законодавецот во оспорените одредби.
– Членот 6 став 8 и членот 15 од Законот биле спротивни со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот и како такви требале да се поништат. Ова од причина што во нив се предвидувала задолжителна евиденција на интервенциите за прекин на бременоста во медицинско досие на бремената жена, во книга на евиденција, во записниците на комисиите и во посебна архива на здравствената установа, што било спротивно со домашното законодавство и особено со Законот за евиденциите во областа на здравството, како lex genaralis. Дополнително, ваквите одредби ја нарушувале приватноста на жената и биле во спротивност со низа меѓународни стандарди, вклучувајќи го и член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Имено, државата не смеела да носи закони кои се мешаат со правото на жените да уживаат приватност. Таков пример за непочитување на приватноста на жените во однос на нивната репродуктивна функција била законска обврска на лекарите и другите здравствени работници да пријавуваат случаи кои би биле подложни на абортус. Во таа насока, Судот требало да ги поништи одредбите како спротивни на член 8, член 9 и член 118 од Уставот и да им овозможи заштита на жените од вакво загрозување на нивната приватност.
-Членовите 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од Законот биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4, член 50 и член 51 од Уставот, бидејќи во комисииите за одобрување на прекинувањето на бременоста не било предвидено членување на правници и експерти од областа на човековите права, што било дополнителен индикатор дека предвидените постапки ќе преставувале пречка за реализација на правото на жената за слободен избор, загарантирани со Уставот. Овие комисии имале специјална надлежност да одлучуваат за остварување или ограничување на загарантираната слобода на жената да одлучува за раѓање на децата, како дел од извршната власт. Меѓутоа, Уставот, во цитираните одредби определувал дека секој граѓанин можел да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд и ограничувањето на ова право несмеело и неможело да подлежи на било какви одобрувања од страна на некој надвор и под Уставот, вклучително и државата и нејзините законодавни и извршни власти. Со тоа што во членот 14 од Законот било определено дека одлуката на второстепената комисија во однос на прекинот на бременоста е конечна произлегувало дека не била предвидена судска заштита на вака загарантираното право и слобода, од каде оваа одредба била во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 4 и член 50 од Уставот.
-Оспорениот член 9 став 1 од Законот, бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 4, член 50 и член 51 од Уставот. По однос на оваа одредба подносителите на иницијативата го цитира членот 9 од Уставот (но изречно не се бара оцена по однос на согласноста со членот 9) и наведуваат дека постапката за прекин на бременоста била единствена медицинска постапка, за која, согласно законската регулатива требало однапред да се поднесе писмено барање и да се чека негово одобрување, што говорело дека жените се дискриминирани во однос на мажите врз основа на пол. Потоа се цитира членот 2 од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените и се наведува дека било факт дека жените биле ставени во неповолна положба во однос на мажите, заради постоечката законска обврска за спроведување на постапка за добивање на дозвола за спроведување на медицинска интервенција, што говорело дека законодавецот не ја применувал цитираната одредба од Конвенцијата при носење на оспорениот закон. Оттаму била сторена и повреда на членот 118 од Уставот.
Дополнително, самиот факт што само за оваа медицинска интервенција законодавецот предвидел писмено барање (по форма непознато во македонскиот здравствен систем) ја доведувало во прашање приватноста на жената, бидејќи без да се навлегува во содржината на барањето невозможно било да се скрие интенцијата на жената и автоматски целата установа ќе била запознаена со изборот на жената. Македонскиот Устав, но и меѓународните стандарди од областа на човековите права укажувале дека државата морала да обезбеди уживање на правата на рамноправна основа и во својата целина. Затоа државата морала да обезбеди мажите и жените еднакво да ги уживаат сите права предвидени со Уставот. Фактот што писменото барање се наложувало само на жените и единствено за прекинување на бременста ја ставало жената во нерамномерна положба и ја загрозувало нејзината приватност.
-Главата VII и членовите 36 и 37 од Законот биле спротивни на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи не се разликувале од содржината на членот 129 од Кривичниот законик (кривично дело-противправно прекинување на бременоста). Имено во Законот биле содржани само дел од кривичните дела кои можеле да настанат во овој случај, а за дел од одредбите била дадена поинаква казна од онаа предвидена во Кривичниот законик што доведувало до правна несигурност и го поткопувало владеењето на правото. Во таа насока, подносителите на иницијативата сметаат дека Уставниот суд треба да ги поништи овие одредби за да го заштити владеењето на правото и правната сигурност и да обезбеди униформност на поредокот во Република Македонија.
Од страна на Центарот за репродуктивни права од Њујорк, преставуван од Џоана Вестесон, регионален директор за Европа, до Уставниот суд на Република Македонија е доставен допис во подршка на поднесената иницијатива.
4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за прекинување на бременоста, со овој закон се уредуваат условите под кои може да се врши прекинување на бременостa, постапката за одобрување на прекинување на бременостa, условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa и надзорот над условите и постапката за прекинување на бременоста.
Одредбата се оспорува во делот: „постапката за одобрување на прекинување на бременоста“.
Според член 3 став 2 од Законот, ако бремената жена е малолетна или лишена од деловна способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на десет недели од денот на зачнувањето, со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.
Одредбата се оспорува во делот: „ со писмена согласност од родителот “.
Писмена согласност од ставовите 1 и 2 на овој член се изразува на начин и во форма пропишани со прописите за заштита на правата на пациентите (став 3).
Според член 3 став 4 од Законот, прекинување на бременоста не може да се изврши пред истекот на десет недели од денот на зачнувањето ако е тоа особено штетно по здравствената состојба на бремената жена.
Според член 3 став 5 од Законот, прекинување на бременоста не може да се изврши ако од прекинување на претходната бременост не поминала една година.
Во членот 4 став 1 од Законот е определено дека, по исклучок од членот 3 ставови 1, 2, 4 и 5 од овој закон прекинувањето на бременоста може да се изврши и по истекот на десеттата недела од денот на зачнувањето, како и пред истекот на една година од претходното прекинување на бременоста, по барање и со писмена согласност од бремената жена во следниве случаи кога:
– врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува
опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.
– врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци,
– до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и
– ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки, лични семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.
Одредбата се оспорува во деловите: „членот 3 ставови 4 и 5“ и „како и пред истекот на една година од претходното прекинување на бременоста“.
Во ставот 3 од истиот член од Законот е определено дека, прекинувањето на бременоста од ставот 1 на овој член ќе се изврши ако се оцени дека со прекинување на бременоста нема да дојде до потешко оштетување на здравјето или до непосредна опасност по животот на бремената жена и со писмена согласност од членот 3 став 3 од овој закон.
Главата III носи наслов: „Постапка за одобрување и извршување на прекинување на бременоста“ и ги содржи членовите 5 до 18. Насловот се оспорува по однос на делот: „за одобрување“.
Во членот 6 став 1 од Законот е предвидено дека, за прекинување на бременоста до десет недели, бремената жена до докторот кој треба да изврши прекинување на бременоста писмено се обраќа во форма и содржина што ja утврдува министерот за здравство.
Одредбата се оспорува во деловите: „писмено“ и „форма и содржина што ја утврдува министерот за здравство“.
Кон барањето од ставот 1 на овој член бремената жена доставува наод од извршен ултрасонографски преглед, како и медицинска и друга потребна документација утврдена во членот 9 став 3 од овој закон (став 2).
Одредбата се оспорува во деловите: „барањето“ и „и друга потребна документација утврдена во членот 9 став 3 од овој закон “.
Пред прекинување на бременоста докторот е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременост, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ја запознае со можностите и методите за спречување на бременоста (став 3).
Одредбата се оспорува во делот: „е должен“.
Содржината и начинот на советувањето од ставот 3 на овој член го пропишува министерот за здравство со посебен акт (став 4).
Ако бремената жена по добиените информации остане при своето барање, е должна да даде писмена изјава за согласност за прифаќање на спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста согласно со членот 3 став 3 од овој закон (став 5).
Ако се исполнети условите од членот 6 од овој закон докторот може да пристапи кон извршување на прекинување на бременоста (не е оспорен-став 6).
Прекинувањето на бременоста не може да се изврши пред истекот на рокот од три дена по извршеното советување од ставот 2 на овој член, освен ако се работи за малолетна жена, жена со одземена или ограничена деловна способност или ако за тоа пос-тои оправдана медицинска индикација, што докторот мора уредно да го евидентира во медицинската документација и евиденција (став 7).
За извршената интервенција од ставот 6 на овој член докторот води евиденција во книга за евиденција, а податоците за извршената интервенција ги воведува во медицинското досие на бремената жена во пишана и во електронска форма, во согласност со прописите за заштита на правата на пациентите (став 8).
Според член 7 став 1 од Законот, ако докторот утврди дека прекинувањето на бременоста не го дозволува здравствената состојба на бремената жена, или дека со прекинување на бременоста ќе се загрози животот или здравјето на жената, или се изминати превземено повеќе од десет недели од денот на зачетокот, е должен да ја упати бремената жена на првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста.
Првостепената комисија за прекинување на бременоста ја формира директорот на здравствената установа во која се врши прекинување на бременоста (став 2).
Трошоците за работата на првостепената комисија паѓаат на товар на здравствената установа за која што е формирана (став 3).
По приговор против одлуката на првостепената комисија решава второстепената комисија (став 4).
Во член 8 став 1 од Законот е предвидено дека, второстепената комисија ја формира министерот за здравство на ниво на Република Македонија.
Комисиите од членот 7 став 1 од овој закон и од ставот 1 на овој член (во натамошниот текст: комисии) се формираат за период од две години и се состојат од по тројца членови – доктор специјалист по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по интерна медицина и социјален работник. На членовите на комисиите им се определуваат заменици (став 2).
Членовите на второстепената комисија не можат да бидат лица кои се членови на првостепена комисија за прекинување на бременоста, а членовите на првостепена комисија не можат да бидат лица кои се членови на второстепена комисија (став 3).
Трошоците за работата на второстепената комисија паѓаат на товар на Министерството за здравство (став 4).
Претседател на комисиите од ставот 2 на овој член, по правило, е докторот специјалист по гинекологија и акушерство кој е член на комисијата (став 5).
Комисиите имаат секретар што се определува при формирање на комисијата и истиот не е член на комисијата (став 6).
Постапката пред првостепената и второстепената комисија е итна (став 7).
Во членот 9 став 1 од Законот е определено дека, бремената жена поднесува барање за прекинување на бременоста писмено до првостепената комисија.
Ако бремената жена е малолетна или лишена од деловна способност, барањето го поднесува, односно дава согласност за прекинување на бременоста, родителот, односно старателот на бремената жена (став 2).
Според ставот 3 од истиот член од Законот, кон барањето за прекинување на бременоста се приложува медицинска и друга документација, и тоа:
– потврда од доктор специјалист по гинекологија и акушерство дека жената е бремена, дека е информирана за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците при спрове-дување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста, како и дека е запознаена со можностите и методите за спречување на бременоста и
– наод и мислење од доктор специјалист по соодветна гранка на медицината во чија област спаѓа заболувањето на бремената жена, односно болеста на родителот во случаите од членот 4 став 1 алинеи 1 и 2 од овој закон, потврда од надлежниот јавен обвинител дека е покрената кривична постапка во случајот од членот 4 став 1 алинеја 3 од овој закон, односно потврда од центарот за социјална работа или од здравствената установа ако прекинувањето на бременоста се бара поради причините од членот 4 став 1 алинеја 4 од овој закон.
Според членот 10 став 1 од Законот, бремената жена, односно ако бремената жена е малолетна или на која и е одземена деловната способност, бремената жена и нејзиниот родител, односно старател на нивно барање или на барање на првостепената комисија присуствуваат на седницата на првостепената комисија на која се разгледува барањето за прекинување на бременоста.
На седницатa на првостепената комисија на барање на жената може да присуствува и нејзиниот брачен другар (став 2).
Во член 11 став 1 од Законот е определено дека, во постапката по барањето за прекинување на бременоста претседателот на првостепената комисија е должен да и даде информација на бремената жена, а во случаите од членот 9 став 2 од овој закон и на родителот, односно старателот на бремената за можните предности на продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување, односно на не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, за методите за вршење на прекинување на бременоста, како и да ја запознае со можностите и методите за спречување на несакана бременост, да ја информира за постојните здравствени установи во кои може да се побара совет заради спречување на бременоста, како и други корисни информации кои се од важност за одлучување по барањето за прекинување на бременоста.
Ако првостепената комисија оцени дека може да се изврши прекинување на бременоста е должна да побара писмена изјава за согласност од бремената жена за вршење на прекинување на бременоста, односно ако бремената жена е малолетна или на која и е одземена деловна способност и писмена изјава за согласност за вршење на прекинување на бременоста од нејзиниот родител, односно старател (став 2).
Во член 12 став 1 од Законот е определено дека, комисиите работат на седници во полн состав и одлуките ги донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на комисијата.
Комисиите се должни да донесат одлука во рок од три дена и тоа првостепената комисија од поднесување на барањето за прекинување на бременоста, а второстепената комисија откако ќе и биде доставен предметот по приговор на бремената жена (став 2).
Ако рокот од ставот 2 на овој член не може да се запази од оправдани причини чија оправданост ја утврдуваат комисиите, рокот за донесување на одлука не може да биде подолг од седум дена (став 3).
Според член 13 став 1 од Законот, прекинувањето на бременоста може да се изврши без одлука на комисиите, ако поради непосредна опасност по животот и здравјето на бремената жена не може да се чека одлука или ако е во прашање започнато прекинување на бременоста.
Докторот кој извршил или довршил прекинување на бременоста без одлука на комисијата е должен во рок од 24 часа, за тоа да го извести директорот на здравствената установа, а директорот е должен во рок од три дена за случајот да ја извести првостепената комисија (став 2).
Во членот 14 став 1 од Законот е определено дека, одлуката од првостепената комисија и се соопштува на бремената жена, а во случаите од членот 9 став 2 од овој закон и на родителот, односно старателот на бремената жена, веднаш по завршувањето на седницата на комисијата.
Против одлуката на првостепената комисија може да се изјави приговор на записник веднаш или писмено во рок од три дена по соопштување на одлуката (став 2).
Записникот од приговорот заедно со сите списи без одлагање се доставува до второстепената комисија (став 3).
Одлуката на второстепената комисија е конечна (став 4).
Во член 15 став 1 од Законот е определено дека, за интервенциите за прекинување на бременоста докторот води евиденција во книга за евиденција, односно комисиите водат записници за одржаните седници и книга за евиденција, во пишана и во електронска форма.
Здравствената установа е должна да ја чува документацијата во врска со работата на докторот на интервенции за прекинување на бременоста, односно на комисиите како доверлива медицинска документација, во посебна архива на здравствената установа (став 2).
Главата VIII. има наслов „Казнени одредби“ и ги содржи членовите 36 и 37.
Според членот 36 од Законот, доктор кој ќе изврши прекинување на бременоста спротивно на одредбите од овој закон или во здравствена установа која не ги исполнува одредбите од членот 19 од овој закон кривично ќе одговара и ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години.
Според член 37 став 1 од Законот, здравствена установа која врши прекинување на бременоста спротивно на членот 19 од овој закон кривично ќе одговара и ќе се казни со парична казна и со трајно одземање на дозволата за работа.
Директорот на установата од ставот 1 на овој член, кој ќе дозволи прекинување на бременоста во здравствена установа која не ги исполнува условите од членот 19 од овој закон кривично ќе одговара и ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години (став 2).
5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 18 од Уставот се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информции за нив преку обработка на податоците.
Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Според член 41 став 1 од Уставот, право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца.
Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката.
Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Со Законот за прекинување на бременостa се уредуваат условите под кои може да се врши прекинување на бременостa, постапката за одобрување на прекинување на бременостa, условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa и надзорот над условите и постапката за прекинување на бременоста (член 1).
Според член 2 на овој закон, прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена. Правото за прекинување на бременоста може да се ограничи само заради заштита на здравјето и животот на бремената жена.
-Тргнувајќи од анализата на членот 41 став 1 од Уставот произлегува дека со него се гарантира правото на граѓанинот слободно да одлучува за создавањето на деца.
Според Судот вака даденото право не значи дека Уставот остава можност пристапувањето кон прекинувањето на бременоста да се врши надвор од било каква законски уредена процедура. Впрочем и подносителите на иницијативата прифаќаат дека, прекинувањето на бременоста е посебна медицинска интервенција, согласно членот 2 од Законот, од каде, како и секоја друга интервенција, што се врши во здравствена установа и прекинувањето на бременоста подлежи на законско уредување. Оттаму, Судот смета дека во интерес на заштита на здравјето на жената е уредувањето на условите под кои може да се изврши прекин на бременоста, постапката за одобрување на прекинот на бременоста, како и условите што треба да ги исполнат здравствените установи кои ја вршат оваа посебна медицинска интервенција. Во спротивно, односно во отсутсво на законски уредена процедура за прекинување на бременоста постои голема веројатност прекинувањето на бременоста да се направи од нестручни лица во несоодветни здравствени и други објекти со што се доведува во прашање животот и здравјето на жената.
Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот дел од членот 1 од Законот е во согласност со член 41 став 1 од Уставот.
-Според подносителите на иницијативата оспорениот дел од членот 3 став 2 и членот 9 став 2 од Законот биле во спротивност со член 9, член 11 став 1, член 39 став 2 и член 41 став 1 од Уставот, затоа што со нив се ограничувале уставните права гарантирани во наведените одредби, бидејќи наместо малолетните лица и лицата со попреченост сами да одлучуваат за прекин на бременоста, одлуката за прекин на бременоста ја донесувале родителите или старателите.
Тргнувајќи од анализата на оспорените одредби произлегува дека во име на бремената малолетна жена или жената лишена од деловна сособност, писмена согласност дава, односно писмено барање за прекинување на бременоста до првостепената комисија поднесува, родителот или старателот, за разлика од останатите кои согласност даваат лично или барање поднесуваат лично. Притоа и во случај на малолетна бремена жена и во случај на жена лишена од деловна способност (потребна е судска правосилана одлука) се работи за лица кои заради специфичната состојба во која се наоѓаат не се способни да формираат здраворазумно сопствено мислење и истото да го изразат, а во насока дали сакаат или не сакаат да ја прекинат бременоста, да разберат дали е потребно да ја прекинат бременоста и доколку се одлучат за прекин на бременоста да разберат какви се можните последици по нивното здравје. На овие лица им е потребна посебна заштита која пак се обезбедува со присуство на родител или старател кој наместо нив дава согласност или пак поднесува барање, кои пак лица правно и морално одговараат за превземените дејствија во име и за сметка на своите деца или пак штитеници.
Во таа насока во членот 11 од Законот за здравствена заштита на правата на пациентите („Службен весник на Република Македонија“ бр,82/2008) е предвидено дека право на информација има и пациент со трајно намалена способност за расудување, во согласност со неговата физичка, ментална и психичка состојба, како и неговиот старател или законски застапник. Исто така, од значење е уредувањето во членот 14 ставови 1 и 2 и членот 15 став 1 од истиот закон, според кој, пациентот има право да прифати или одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицинска интервенција чие одложување или непревземање би го загрозило живото или здравјето на други лица или би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица. Изјавата во име на пациент кој не е при свест, или е примен во установата без негова согласност, за деловно неспособни и малолетни лица (освен кај неодложна медицинска интервенција) ја потпишува неговиот родител, законски застапник, односно старател. Во интерес на пациентот еднаш дадената изјава може да се повлече, во било кое време, на ист начин на кој била дадена.
Оттаму, во оспорените одредби третманот на малолетните лица и лицата без деловна способност во постапката за прекин на бременоста не е поинаков од третманот за било која друга медицинска интервенција, а пред се имајќи предвид дека се во прашање лица кои немаат доволно оформена способност за расудување за последиците кои можат да настанат од продолжувањето на бременоста или пак од нејзиното прекинување.
Инаку, оспоренитот дел од членот 3 став 2 и членот 9 став 2 од Законот се во согласност со членот 9 од Уставот, бидејќи малолетните лица и деловно неспособните лица не се наоѓаат во еднаква правна состојба со останатите жени, способни да расудуваат за превземањето на сите ризици од прекинување или продолжување на бременоста. Принципот на еднаквост може да биде повреден само во случај кога еднаква категорија на граѓани е доведена во нееднаква состојба.
Врз основа на наведеното произлегува дека, оспорениот дел од член 3 став 2 и член 9 став 2 од Законот се во согласност со член 9, член 11 став 1, член 39 став 2 и член 41 став 1 од Уставот.
-Оспорениот член 3 ставови 4 и 5 и оспорениот дел од членот 4 став 1 од Законот биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 11 став 1, член 39 став 2 и член 41 став 1 од Уставот, бидејќи најдиректно и имеративно го ограничувале уставното право на жената слободно да одлучува за прекин на бременоста.
Тргнувајќи од содржината на членот 41 став 1 од Уставот призлегува дека со него е утврдено право на човекот слободно да одлучува за создавање на деца. Вака даденото право, според оцена на Судот, преставува право на избор на граѓанинот дали воопшто да има деца и доколку има колкав сака да биде нивниот број, времето кога сака да стане родител, односно целосна слобода по однос на сопствената одлука за тоа дали, кога и колку деца ќе има. Во таа смисла уредувањето на постапката за прекинувањето на бременоста им овозможува на граѓаните да го реализираат вака даденото уставно право, да го планираат семејството, но во случаите кога се работи за прекинување на бременоста по истекот на десет недели од денот на зачнувањето или пред истекот на една година од претходната бременост, се со цел заштита на здравјето на бремената жена, законодавецот генерално не ја дозволува оваа посебна медицинска интервенција. Сепак исклучок од ваквата забрана за прекин на бременоста (по десетата недела и пред една година од последната бременост) е можен ако се работи за таксативно наведените случаи од членот 4 став 1 (опасност по животот на жената, тешко нарушување на здравјето, очекување детето да се роди со тешки телесни и душевни недостатоци, зачнувањето е резултат на сторено кривично дело, можност од тешки семејни или лични прилики за бремената жена и нејзиното здравје).
Оттаму, генералната определба на законодавецот да не се дозволи прекин на бременоста по десетата недела или пред истекот од една година од претходната бременост, заедно со предвидените исклучоци на ваквата забрана во членот 4 став 1 од Законот не може да се каже дека се противуставни и дека биле административни и арбитрерни органичувања на кои не им се знаела целта или заштитеното добро. Напротив, во самите оспорени одредби, но и во целината на Законот целта е да се заштити здравјето на жената, односно истото што помалку да се доведе во прашање.
Исто така, треба да се има предвид дека бременоста по десетата недела е поодмината бременост, па ризикот по здравјето на жената кога би се дозволило слободно прекинување на бременоста, како што заговараат подносителите на иницијативата е многу поголем. Кај прекинувањето на бременоста пред истекот на една година од претходната бременост, Судот цени дека законодавецот утврдил оптимален период, врз основа на медицински сознанија, дека по овој период жената може повторно да ја прекине бременоста без поголеми ризици по своето здравје. Во спротивно би се оставил простор за повеќекратно прекинување на бременоста во текот на една година што би можело да има сериозни медицински и здравствени импликации. Кaко и да е исклучоците од членот 4 став 1 од Законот ја амортизираат забраната од оспорениот член 3 ставови 4 и 5, а сите одредби, пред се, имаат за цел заштита на здравјето на жената.
-Членот 4 став 3 од Законот бил спротивен со членот 11, членот 39 став 2 и членот 41 од Уставот.
Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба произлегува дека законодавецот во случаите кога се работи за бременост (случаите од член 4 став 1) по истекот на десетата недела од денот на зачнувањето, предвидел дека прекин на бременоста ќе се изврши само ако се оцени дека тоа нема да доведе до потешко оштетување на здравјето на жената или до непосредна опасност по животот на бремената жена. Според Судот ваквото условување (немање опасност од тешко нарушување на здравјето на жената) е израз на грижата на државата за здравјето на жената, а пак околноста дали постои таков ризик по здравјето на жената се утврдува од страна на лекар специјалист.
Оттаму, оваа оспорена одредба на некој начин навлегува во правото на човекот слободно да одлучува за создавање на децата кога бременоста е резултат на силување, родоскрнавење, злоупот-реба на положбата и слично, но ова уставно право не е апсолутно и во овој случај предвиденото ограничување е израз на должноста на граѓаните да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје утврдено во членот 39 став 2 од Уставот. Но, одредбата во никој случај нема карактер на принуда, туку на потенцирана грижа за здравјето на жената.
Според тоа оспорениот член 4 став 3 од Законот е во согласност со член 11, член 39 став 2 и член 41 од Уставот.
-Оспорениот дел „за одобрување“ од насловот III „Постапка за одобрување и извршување на прекинување на бременоста“ не бил во согласност со членот 41 став 1 од Уставот и правото на човекот слободно да одлучува за создавње на деца бидејќи ова право не подлежело на одобрување, туку само на реализација.
Според Судот вака изнесените наводи се неосновани, а од причина што се работи за законски уредена постапка која предвидува исполнување на одредени предуслови за да дојде до реализација на прекинувањето на бременоста. Оттаму, ако во постапката се утврди исполнување на бараните предуслови, прекинувањето на бременоста ќе се одобри и изврши, од каде оспорениот дел е во согласност со членот 41 став 1 од Уставот.
-Оспорените делови од член 6 став 1, оспорениот дел „барањето“ од член 6 став 2, член 6 став 4 и член 19 став 2 од Законот, биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 4, член 25, член 41 став 1, член 51, член 61 став 1 и член 61 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Од анализата на членот 6 став 1 од Законот произлегува дека за прекинување на бременоста до десета недела, бремената жена, до докторот кој треба да го изврши прекинувањето на бременоста, писмено се обраќа во форма и содржина што ја утврдува министерот за здравство. Кон барањето од ставот 1 од истиот член од Законот бремената жена доставува наод од извршен ултрасоно-графски преглед, како и медицинска и друга потребна документација утврдена со членот 9 став 3 од овој закон.
Врз основа на вака направената анализа Судот оцени дека определбата на законодавецот за поднесување на писмено барање, проследено со потребната медицинска документација не го повредува достоинството на жената и не води кон административно отежнување и оддолжување на постапката за прекин на бременоста. Напротив, писмено поднесеното барање е само израз на јасно изразената волја на жената за прекин на бременоста, а самото барање има карактер на поднесок за иницирање на постапката.
Според Судот во иницијативата неосновано се тврди дека овие оспорени одредби го поврзувале поднесувањето на писменото барање со проток на време од десет недели по зачнувањето, што не бил период за занемарување и водел кон повреда на достоинството на жената. Имено, во прашање е погрешно читање на одредбите, бидејќи не станува збор за поднесување на писмено барање во случај кога веќе се поминати десет недели бременост, туку за бременост до десет недели, согласно член 6 став 1 од Законот, што е сосема различен временски период.
Од анализата на член 6 став 4 од Законот, произлегува дека, содржината и начинот на советувањето од ставот 3 на овој член го пропишува министерот за здравство со посебен акт, а согласно член 19 став 2 од Законот, министерот за здравство пропишува медицински протокол за работата во кој ќе се содржат потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед пред и по прекинувањето на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременоста.
Според Судот, вака дадените овластувања на министерот за здравство во оспорениот член 6 став 4 и член 19 став 2 од Законот, не преставуваат навлегување на извршната во законодавната власт, односно не го повредуваат членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Ова од причина што, согласно член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според членот 61 став 1 од истиот закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
При состојба кога Законот за прекинување на бременоста, а особено членот 6 став 3 децидно уредува во која насока се спроведува советувањето на бремената жена од страна на докторот (советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување, односно неспроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста, запознавање со можностите и методите за спречување на бременоста), произлегува дека во Законот е дадена доволна законска рамка врз основа на која министерот за здравство, во функција на разработка на законските одредби носи подзаконски акт за содржината и начинот на советувањето.
Членот 19 став 2 од Законот е содржан во главата IV со наслов „Услови за здравствените установи кои вршат прекинување на бременоста“. Притоа овластувањето на министерот за здравство да пропишува медицински протокол за работата, според Судот, претставува овластување за пропишување од стручен медицински карактер, со цел унифицирање на процедурата, со исклучиво организациски карактер, а не со цел утврдување на права и обврски за граѓаните и правните лица.
Прашањето пак, дали со подзаконските акти, министерот за здравство излегува од дадената законска рамка е прашање кое може да биде покренато само во случај кога предмет на оцена на уставноста и законитоста би биле конкретни подзаконски акти.
Впрочем делот: „содржината и“ од членот 6 став 4 и делот: „како и постапката за изведување на прекинување на бременоста“ од членот 19 став 2 од Законот за прекинување на бременоста, по повод слични наводи, биле предмет на оцена на уставноста и Судот со решение У.бр.87/2013 од 18 декември 2013 година не повел постапка за оценување на уставноста.
Според Судот, законодавецот во членот 6 став 3 од Законот јасно и недвосмислено ја определил темата и содржината на советувањето на бремената жена, односно дал објективна законска рамка за тоа во која насока треба да се одвива советувањето на бремената жена, па натамошното овластување во ставот 4 на истиот член, министерот за здравство да ги пропише содржината и начинот на советувањето од ставот 3 на овој член, единствено може и треба да се подразбере како доразработка на одредбата од ставот 3 на истиот член, во функција на операционализација на Законот, а не како право за изворно утврдување на други содржини на советувањето, надвор од пропишаните со ставот 3 на истиот член.
Оттаму, Судот оценил дека овластувањето на министерот за здравство со подзаконски акт да ја пропише содржината на советувањето на бремената жена од член 6 став 3 од Законот, е во функција на разработка на ставот 3 на истиот член со кој законодавецот ја определил рамката на содржината на советувањето на бремената жена, поради што не го поставил прашањето за согласноста на член 6 став 4 во делот: „содржината и“ од Законот за прекинување на бременоста со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 61 став 1 од Уставот.
Судот, тргнувајќи од содржината на Законот за здравствената заштита, но и од содржината на Законот за прекинување на бременоста утврдил дека, стручните упатства се во насока на потребата од зајакнување на одговорноста на здравствените работници и воведување на професионални стандарди во здравството во контекс на медицина заснована на докази. Во таа насока е и медицинскиот протокол за работа пропишан од страна на министерот за здравство, кој ги содржи потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед пред и по прекинување на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременост, со кој се уредува наведената медицинска интервенција од организациски аспект. На таков начин, според Судот, не се повредува начелото на владеењето на правото, ниту може да се прифати дека извршната власт навлегла во ингеренциите на законодавната власт, како што се наведувало во иницијативата.
Според Судот, во предметната иницијативата, исто така, неосновано се тврди дека за други медицински интервенции не се предвидувало поднесување на барање како што тоа било случај кај прекинувањето на бременоста. Имено, од содржината на член 14 ставови 2 и 3 од Законот за заштита на правата на пациентите („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008, 12/2009 и 53/2011) произлегува дека според наведената одредба, прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција пациентот го изразува со потпишување на изјава, а формата и содржината на образецот на изјавата за согласност, како и на изјавата за одбивање на определена медицинска интервенција, ги пропишува министерот за здравство.
Врз основа на наведненото, а имајќи ја предвид и изнесената уставно судска практика, Судот оцени дека оспорените делови од член 6 став 1, оспорениот дел од член 6 став 2, членот 6 став 4 и член 19 став 2 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 25, член 41, член 51 и член 61 став 1 од Уставот.
Судот, по однос на наводите од иницијативата за несогласноста на наведените одредби и делови од одредби со член 61 став 1 алинеја 2 од Уставот, оцени дека нема услови за впуштање во уставно-судска анализа од причина што во членот 61 став 1 нема алинеи од каде оспорените одредби не можат да бидат предмет на оцена по однос на непоспоечка уставна одредба.
-Според подносителите на иницијативата оспорениот дел од член 6 став 2 и член 9 став 3 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11, член 25 и член 41 став 1 од Уставот.
Тргнувајќи од анализата на членот 6 став 2 од Законот произлегува дека со него е предвидено кон барањето за прекин на бременоста бремената жена да достави и наод од ултрасонографски преглед, како и друга потребна документација утврдена во членот 9 став 3 од овој закон.
Во членот 9 став 3 од Законот е предидено дека кон барањето за прекинување на бременоста се приложува медицинска и друга документација, и тоа:
-потврда од доктор специјалист по гинекологија и акушерство дека жената е бремена, дека е информирана за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста, како и дека е запознаена со можностите и методите за спречување на бременоста и
-наод и мислење од доктор специјалист по соодветна гранка на медицината во чија област спаѓа заболувањето на бремената жена, односно болеста на родителот во случаите од членот 4 став 1 алинеи 1 и 2 од овој закон, потврда од надлежниот јавен обвинител дека е покрената кривична постапка во случајот од членот 4 став 1 алинеја 3 од овој закон, односно потврда од центарот за социјална работа или од здравствената установа ако прекинувањето на бременоста се бара поради причините од членот 4 став 1 алинеја 4 од овој закон.
Од анализата на двете одредби произлегува дека нивни предмет на уредување не е советувањето на бремената жена за предностите и ризиците од прекинување на бременоста, туку предмет на уредување е која е потребната документација што се прилага кон барањето за прекин на бременоста. Со други зборови одредбите не содржат обврска за лекарот да ја советува бремената жена, туку обврска за жената да приложи потребна документација.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените член 6 став 2 и член 9 став 3 од Законот, разгледувани од аспект на наводите од иницијативата се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11, член 25 и член 41 став 1 од Уставот.
-Задолжителното советување е предмет на уредување во членот 6 став 3 од Законот. Делот „е должен“ од оваа одредба е предмет на оспорување во иницијативата.
Според содржината на неведената одредба, пред прекинување на бременоста докторот е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременост, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ја запознае со можностите и методите за спречување на бременоста.
Судот смета дека законски предвидената обврска за докторот да изврши советување на бремената жена не создава нееднаквост со другите пациенти, бидејќи и бремената жена, под сопствен ризик, согласно членот 12 од Законот за заштита на правата на пациентите, може да одбие прием на информација за природата на сопствената здравствена состојба, во кој случај лекарот ќе констатира дека пациентката одбива советување, со што тој нема да биде во можност да го спроведе советувањето. Притоа, немањето можност да се спроведе советувањето, заради личниот избор на жената, според Судот, не подлежи на прекршочна одговорност согласно членот 33 од Законот.
Исто така, должноста за спроведување на советување треба да се гледа и од аспект на потребата од зајакнување на одговорноста на здравствените работници при воведувањето на професионални стандарди во здравството во контекст на медицина заснована на докази.
Дали пак во конкретниот случај при советувањето би имало присила и пристрасност не е прашање со кое може да се занимава Уставниот суд бидејќи тоа е прашање на конкретна примена на Законот во индивидуален случај.
Оттаму, Судот оцени дека оспорениот дел од член 6 став 2, оспорениот дел од член 6 став 3 и член 9 став 3 се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11, член 25 и член 41 став 1 од Уставот.
-Според наводите во иницијативата членот 6 став 7 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, бидејќи ја дискриминирал жената според возраст и инвалидност.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 6 став 7 од Законот произлегува дека со него се предвидува прекинувањето на бременоста да не може да се изврши пред истекот на рокот од три дена по извршеното советување од ставот 2 на овој член, освен ако се работи за малолетна жена, жена со одземена или ограничена деловна способност или ако за тоа постои оправдана медицинска индикација, што докторот мора уредно да го евидентира во медицинската документација и евиденција (став 7). Со други зборови рокот од три дена по извршено советување за да се пристапи кон прекинување на бременоста не наоѓа примена за малолетни жени, жени со одземена или ограничена деловна способност или ако за тоа постои оправдана медицинска индикација.
Врз основа на вака направената анализа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нееднаков третман на малолетните жени, жени со одземена или ограничена деловна способност од една страна со полнолетни и целосно деловно способни жени, од друга страна кои можат да расудуваат и да ја проценуваат својата состојба, бидејќи двете категории и не се наоѓаат во еднаква медицинска и правна состојба. Имено, до нееднаков третман доаѓа кога со оспорените акти иста категорија на граѓани се ставаат во нееднаква положба, што овде не е случај.
Оттаму, според Судот оспорениот член 6 став 7 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
-По однос на член 6 став 8 и член 15 од Законот се наведува дека не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, бидејќи предвидувале задолжителна евиденција на интервенциите за прекин на бременоста, што било спротивно со домашното законодавство и особено со Законот за евиденциите во областа на здравството и член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Одредбите се мешале во приватноста на жената, односно ја нарушувале нејзината приватност.
Од анализата на оспорените одредби Судот утврди дека со нив се предвидува обврска за докторот по извршената интервенција да води евиденција во книга за евиденција, податоците да ги воведува во медицинското досие на бремената жена и во книга за евиденција, односно комисиите да водат записници за одржаните седници и книга за евиденција во пишана и во електронска форма, сето во согласност со прописите за заштита на правата на пациентите.
Во вака криераните одредби не може да се согледа нарушување на приватноста на граѓаните или пак нивното достоинство, бидејќи во одредбите не се предвидува јавно објавување на податоците, туку евидентирање на податоците во медицински и административни цели.
Од наводите во иницијативата, по однос на овие оспорени одредби не е јасно во што се состои повредата на членот 9 од Уставот.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека член 6 став 8 и член 15 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 25 од Уставот.
-Според подносителите на иницијативата членовите 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 50 и член 51 од Уставот, бидејќи во нив не се предвидувало членување на правник и експерт од областа на човековите права што преставувало индикатор за пречка во рализацијата на правото на слободен избор на жената. Исто така, комисиите, преку законодавецот, како дел од извршната власт, добиле специјална надлежност да одлучуваат за уставно загарантираната слобода на жената слободно да одлучува за раѓање на деца. Ова право не смеело да подлежи на никакви одобрувања, а определбата од членот 14 од Законот за конечност на одлуката значела дека не била предвидена судска заштита што било спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 50 од Уставот.
Вака изнесените наводи се неосновани, бидејќи право е на законодавецот да определи од каков персонален состав треба да бидат комисиите што одлучуваат за прекин на бременоста, а тоа што иницијативата се залага за учество на правник и експерт преставува барање Уставниот суд да креира норма за што нема уставна надлежност.
Тоа што законодавецот препушта комисиите да ги извршуваат постапките за прекин на бременоста на начин пропишан од законодавецот, произлегува токму од поделбата на државната власт на законодавна и извршна.
Определбата на законодавецот за конечност на одлуката на второстепената комисија не значи дека во постапката за прекин на бременоста против одлуката на второстепената комисија не е дозволена судска заштита од едноставна причина што одредба со која се исклучува судска заштита во Законот не се среќава. Впрочем, согласно член 8 став 2 од Уставот во Република Македонија слободно е се што со Уставот и со закон не е забрането.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените членови 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 50 и член 51 од Уставот.
-Членот 9 став 1 од Законот, во иницијативата посебно се оспорува по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 50 и член 51 од Уставот, бидејќи постапката за прекин на бременоста била единствена медицинска постапка за која требало да се поднесе писмено барање и да се чека одобрување што говорело дека жените се дискриминирани по однос на мажите врз основа на пол и ставени во понеповолна положба. Исто така, предвиденото поднесување на писмено барање автоматски значело повреда на приватноста на жената, бидејќи на овој целата здравствена установа ќе била запозната со изборот на жената. Затоа државата морала да обезбеди мажот и жената еднакво да ги уживаат правата предвидени со Уставот.
Во оспорениот член 9 став 1 од Законот е предвидено дека бремената жена поднесува барање за прекинување на бременоста писмено до првостепената комисија.
Според Судот вака предвидениот начин за обраќање на бремената жена до првостепената комисија не ги повредува уставните одредби на кои се повикува иницијативата, бидејќи писменото обраќање е само начин на иницирање на постапката за прекин на бременоста. Дали пак податоците за бремената жена ќе бидат чувани како тајност или пак неосновано и незаконски проширени е прашање на лично чувство на одговорност за вршење на службените обврски, почитување на соодветните закони и лекарската етика и не можат да се базираат на претпоставки. Оспорената одредба само ја утврдува формата за иницирање на постапката и ништо повеќе.
Иако во иницијативата по однос на оваа одредба изрично не се бара оцена по однос на нејзината согласност со членот 9 од Уставот, индиректно тоа произлегува од наводите во иницијативата. Според Судот членот 9 од Уставот не се повредува, а со оглед на фактот што бременоста е медицинска состојба која е различна од било кое друго заболување, односно е состојба во која не може да се најде маж или лице кое има некакво заболување од каде не може да се постави прашање за повреда на нивната еднаквост.
Оттаму, Судот оцени дека оспорениот член 9 став 1 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 9, член 50 и член 51 од Уставот.
-Во иницијативата се наведува дека оспорените Главата VII и членовите 36 и 37 од Законот биле спротивни на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи не се разликувале од содржината на членот 129 од Кривичниот законик (кривично дело „Противправно прекинување на бременоста“), што доведувало до правна несигурност и го подривала владеењето на правото.
Тргнувајќи од анализата на оспорените член 36 и член 37 од Законот произлегува дека како можни сторители во одредбите се предвидени: доктор (член 36 кој ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години), здравствена установа (член 37 став 1 која ќе казни со парична казна и со трајно одземање на дозволата за работа) и директор на здравствена установа (член 37 став 2, кој ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години). Делото се врши со прекинување на бременоста спротивно на одредбите Законот или кога прекинувањето на бременоста се врши во здравствена установа која не ги исполнува условите од членот 19 од Законот или постапува спротивно на наведената одредба. Значи како сторители на делото можат да се јават лица со посебно својство (доктор или директор на здравствена установа) или правно лице-здравствена установа.
Кривичното дело „Противправно прекинување на бременост и присилна стерилизација“ од членот 129 став 1 од Кривичниот законик го прави тој што спротивно на прописите за прекинување на бременост, на бремена жена со нејзина согласност ќе изврши, ќе започне да врши или ќе помогне да изврши прекинување на бременоста, за што може да се казни со затвор од три месеци до три години.
Според ставот 2 од членот 129 од Кривичниот законик, тој што се занимава со вршење на делото од став 1, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Во ставот 3 од истиот член е предвидено дека, тој што на бремена жена без нејзина согласност ќе изврши или ќе започне да врши прекинување на бременоста, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Според ставот 4 од членот 129 од Кривичниот законик, тој што без согласност или со доведување во заблуда или искористување на незнаењето на женското лице спротивно на закон, со хируршка интервенција или на друг начин ќе ја прекине нејзината способност за репродукција ќе се казни со затвор од три до десет години.
Ако делото од ставовите 1, 2, 3 и 4 на овој член е сторено спрема малолетно женско лице или настапило тешко телесно нарушување на здравјето или смрт на женското лице жена, сторителот ќе се казни за делото од став 1 од овој член со затвор од шест месеци до пет години, а за делото од ставовите 2, 3 и 4 со затвор најмалку пет години (став 5).
Од посебната анализа на членот 129 од Кривичниот законик, произлегува дека сторител на делото може да биде било кој, за разлика од оспорените член 36 и 37 од Законот за прекинување на бременоста каде сторители се лицата со својство доктор, директор на здравствена установа или пак здравствена установа. Дејствијата на извршување не се идентични со дејствијата од оспорените одредби и оттаму запретените казни во Кривичниот законик и оспорените одредби се разликуваат.
Според тоа неосновани се наводите од иницијативата дека оспорените член 36 и 37 од Законот не се разликувале со содржината на членот 129 од Кривичниот законик, од каде Судот оцени дека истите се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Во формирањето на правното мислење Судот имаше предвид дека законодавецот во овој случај го почитувал во целост член 14 став 1 од Уставот, според кој никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
-Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од анализата на останатите наводи во иницијативата произлегува дека подносителите на иницијативата бараат одделни оспорени одредби и делови од одредби од Законот за прекинување на бременоста да бидат оценувани по однос на нивната согласност со други одредби од истиот закон, со: Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, Конвенцијата за правата на лица со инвалидност со Факултативниот Протокол кон Конвенцијата, Конвенцијата за заштита на правата на детето, Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, како и со: Законот за здравствената заштита, Законот за заштита на правата на пациентите и Законот за евиденција во областа на здравството.
Ваквите наводи, оценувани заедно, според Судот, претставуваат барање за оценување на меѓусебната согласност на законски одредби од два различни закони, или пак за оценување на законска одредба со меѓународен акт (без оглед дали е ратификуван или не) за кои наводи, согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Што се однесува до посочената пракса на Европскиот суд за човекови права Судот смета дека истата е значајна во постапката за заштита на индивидуалните слободите и правата, во која постапка Уставниот суд при одлучувањето може да се раководи од изнесените гледишта и правни размислувања на Европскиот суд за човековите права. Меѓутоа, во апстрактната постапка, каде спаѓа оценката на уставност и законитост не постои правно обврзувачка норма за примена на праксата на Европскиот суд за човекови права.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. По однос на оспорениот дел од член 1, оспорениот дел: „со писмена согласност од родителот“ од член 3 став 2, членот 3 став 5, делот: „став 5 од член 3“ и делот: „како и пред истекот на една година од претходното прекинување на бременоста“, од членот 4 став 1, делот: „за одобрување“ од насловот III „Постапка за одобрување и извршување на прекинување на бременоста“, делот: „и друга потребна документација утврдена во членот 9 став 3 од овој закон“ од членот 6 став 2, член 6 ставови 4, 5, 7 и 8, членовите 7, 8, 9, 10 и 11 од Законот решението беше донесено со мнозинство гласови.
У.бр.137/2013
8 октомври 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева