Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ членот 25 став 1 во делот: „и со друг пропис“ и членот 68 алинеја 6 од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.63/2013 од 21 мај 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за јавните службеници означени во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 25 став 1 од Законот, јавниот службеник е должен да ја чува класифицираната информација на начин и под услови утврдени со закон и со друг пропис.
Одредбата се оспорува во делот: „и со друг пропис“.
Според оспорениот член 68 алинеја 6 од Законот, на јавниот службеник му престанува вработувањето и во случаите ако органот на државната управа надлежен за инспекцијата на трудот утврди дека јавниот службеник е вработен спротивно на одредбите на овој и друг закон.
5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 став 2 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од анализата на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4 и 51 став 2 од Уставот произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 1 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) се определува дека „со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и другите органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон“.
Според став 2 од истиот член на Законот, „правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.“
Според членот 3 алинеја 2 од овој закон, „информација од јавен карактер“ е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности.
Од изнесените законски одредби произлегува дека условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат државните органи, органите на локалната самоуправа и правните и физичките лица кои вршат јавни овластувања, се уредуваат со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и дека тоа право се остварува согласно со тој и друг закон.
Со член 1 од Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2004, 113/2007, 145/2010 и 80/2012) е определено дека со овој закон се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации.
Врз основа на вака направената анализа произлегува дека само со закон се уредуваат условите, начинот и постапката за пристап и за остварување на правото на информација од јавен карактер, како и тоа дека правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации се уредуваат со закон.
Наспроти тоа, во оспорениот дел од членот 25 став 1 од Законот за јавните службеници е определено дека јавниот службеник е должен да ја чува класифицираната информација и на начин и услови утврдени со друг пропис што, според Судот преставува премногу широк и неопределн правен поим, кој во себе ги опфаќа сите видови на акти, вклучително и голем број на подзаконски акти, кои според своите овластувања ги донесуваат различни органи и тела. Во секој пропис не можат да бидат уредени начинот и условите за чување на класифицирана информација од страна на јавниот службеник, туку само во закон.
Со оглед на тоа што во оспорениот дел од член 25 став 1 од Законот се определува дека начинот и условите за чување на класифицираната информација од страна на јавен службеник да може да се уредат и со друг пропис кој може да биде и подзаконски акт, а не само со закон, Судот оцени дека овој оспорен дел не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 и членот 51 од Уставот.
6. Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во согласност со член 54 ставови 1 и 3 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 68 став 6 од Законот произлегува дека законодавецот пропуштил да определи законски рокови во кои инспекцијата на трудот би можела да утврди незаконитости во спороведената постапка за вработување на секој поединец. Овој недостаток, според Судот, не е во согласност со принципите за правна сигурност и владеење на правото, а неограничената рамка за преиспитување на секое поединечно вработување на јавните службеници би можела да доведе до нееднаков и неправеден третман како спрема работодавците, така и спрема вработените.
Врз основа на наведното Судот оцени дека оспорениот член 68 алинеја 6 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.63/2013
8 октомври 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева