У.бр.12/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 125-а став 1, во делот

2.Здружение на граѓани Асоцијација „Магна Карта“, застапувано од м-р Димитар Апасиев од Велес, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11 и со став 2, членовите 9 и 25, член 32 став 2, член 44 ставовите 1 и 2, член 46 ставовите 1 и 2, член 47 ставовите 1, 2 и 3, член 50 став 3, член 51 ставовите 1 и 2 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата, потоа, наведува дека „законодавецот нема уставна основа да го одредува видот и степенот на успешно полагање на меѓународните тестови по англиски јазик, бидејќи секоја професија има своја специфика и секој факултет in concreto цени кои тестови и во колкав обем се потребни како посебен услов за вработување кои што треба да го исполнуваат лицата кои конкурираат за засновање работен однос на конкретната високообразовна установа. На пример, за асистентите по англиски јазик – сосем е нормално да се бара повисоко ниво на познавање на англискиот јазик, додека пак за асистентите по руски јазик или по право /економија/ математика/ географија и сл. – сосем е очекувано да се бара пониско ниво на познавање на англискиот јазик. Оттука, ваквото генерално и предетално нормирање на оваа проблематика, по принципот на „затворена листа“ на одбрани тестови кои се наведени во оспорениот дел од Законот, всушност е неподобно за легислативно нормирање бидејќи им го стеснува маневарскиот простор на факултетите за донесување на интерни општи акти и директно ја ограничува нивната автономија.“

Во иницијативата, понатаму, се зборува за уставното значење на принципот на универзитетската автономија според Уставот на Република Македонија, како и според меѓународните акти за високото образование кои се ратификувани и обврзувачки за Република Македонија, а кои се донесени од ООН и од Советот на Европа.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека „оспорениот член, кој патем речено е и спротивен на смислата и супстратот на „универзитетската автономија“, внесува огромна доза правна несигурност и се противи на инкорпорираниот принцип на уставност и законитост (во материјална и формална смисла), а којшто го обврзува законодавецот, при носењето закони, да конципира и формулира прецизни, недвосмислени и јасни правни норми и да не задира во уставно-загарантираната автономија на високообразовните установи бидејќи само таквите норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи и нивните службеници.“

Подносителот на иницијативата предлага „што побрзо да биде касирана оспорената одредба и повеќе да не постои во нашиот правен систем како противуставна, крајно штетна и изразито непропорционална.“

3.Судот на седницата утврди дека според член 125-а став 1 од Законот, „за асистент – докторант може да биде избрано лице кое има завршено втор циклус студии од соодветно научно, односно уметничко подрачје, има остварено просечен успех од најмалку 8,50 на прв и втор циклус на студии, има познавање од англиски јазик кое кандидатот го докажува со потврда за познавање на јазикот и тоа (TOEFEL) – најмалку 74 бода за електронско полагање преку компјутер не постар од две години од денот на издавањето, (IELTS) – најмалку 6 бода не постар од две години од денот на издавањето, (TOLES) – базично познавање (Foundation level), (ILEC) – положен со успех најмалку Б2 (В2) и Кембриџ сертификат за прелиминарен англиски (Cambridge Cerficate of Preliminary English) – (В1), како и да покажува способност за наставно-научна, односно наставно-уметничка дејност.“

4.Според член 8 став 1 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (алинеја 1); владеењето на правото (алинеја 3); хуманизмот (алинеја 8); почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (алинеја 11). Според став 2 од истиот член на Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Во член 9 од Уставот се определува дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со член 44 од Уставот се предвидува дека секој има право на образование (став 1). Образованието е достапно на секого под еднакви услови (став 2).

Членот 46 од Уставот утврдува дека на универзитетот му се гарантира автономија (став 1). Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон (став 2).

Според член 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво (став 1). Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво (став 2). Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата (став 3). Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој (став 4).
Во член 51 од Уставот се определува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, која се остварува, покрај другото, така што граѓаните меѓусебно се еднакви во слободите и правата независно од, меѓу другото, општествената положба, како и еднакви се пред Уставот и законите; секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место; секој има право на образование и образованието е достапно на секого под еднакви услови. Темелни вредности на уставниот поредок се и владеењето на правото, хуманизмот, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, кои се остваруваат, меѓу другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, другите прописи со Уставот и закон и што секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во врска со високото образование, пак, Уставот ја гарантира автономијата на универзитетот, со тоа што со закон се уредуваат условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, потоа Уставот ја гарантира слободата на, меѓу другото, научното творештво и правата кои произлегуваат од тоа творештво, при што Републиката има уставна обврска да го поттикнува, помага и штити развојот на науката, како и да го поттикнува и помага самиот научен развој.
Во конкретниот случај, оспорениот дел од член 125-а на Законот определува дека кандидатот за асистент-докторант треба да го исполнува законскиот услов-познавање на англискиот јазик за да биде избран во тоа звање, со тоа што исполнувањето на тој услов се докажува со потврда: TOEFEL и најмалку 74 бода; или IELTS и најмалку 6 бода; или TOLES и базично познавање (Foundation level); или ILEC и положен со успех најмалку Б2; или Кембриџ сертификат за прелиминарен англиски и успех (В1). Таквото докажување на исполнетоста на законски утврдениот услов за избор во звање асистент-докторант треба да се разбере како подобрување на квалитетот на студирањето на студентите преку презентирање пред студентите, покрај другото, и на компаративните сознанија за странските теории и практики по актуелните прашања и проблеми, односно како дел од вршењето на основната дејност на универзитетот-квалитетно високо образование во функција на развој на општеството во Република Македонија како целина и негова компатибилност со европскиот и светскиот севкупен развој, за што Републиката има уставна обврска во член 47 ставовите 3 и 4 од Уставот, како и директна уставна основа во член 46 став 2 од Уставот според кој со закон се уредуваат условите за вршење на дејноста на универзитетот. Притоа, не се повредуваат уставните определби за достапноста на образованието на секого под еднакви услови и за достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови, гарантирани со член 44 став 1 и член 32 став 2 од Уставот, со оглед дека докажувањето на исполнетоста на наведениот услов еднакво се однесува на секој кандидат за избор во звањето асистент-докторант, а со тоа не се доведува во прашање ниту начелото на еднаквоста од член 9 на Уставот, ниту темелните вредности: основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, хуманизмот, општо прифатените норми на меѓународното право утврдени во член 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11 од Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.12/2014
8 октомври 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева