У.бр.53/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 октомври 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 3 став 1 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работниот однос“ и став 3 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014)

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.53/2014 од 11 јуни 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работниот однос“ и став 3 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014), затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Законот за судска служба, судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос. Според став 3 од истиот член, судската полиција правата од работен однос ги остварува согласно со овој закон, Законот за судовитe, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за судска служба се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Според член 3 став 1 од Законот, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Според став 3 на истиот член, судската полиција е служба која ги обезбедува објектите, имотот и лицата и го одржува редот во судскиот простор. Судската полиција правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за судовитe, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Од изнесените законски одредби произлегува дека наведената категорија на судски службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно одредбите на овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос, а припадници на судската полиција правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за судовите, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Уставната определба во член 32 став 5 од Уставот јасно утврдува дека остварувањето на правата на вработените од работен однос се уредуваат со закон и со колективен договор.

Наспроти тоа, во оспорените делови на член 3 став 1 и став 3 од Законот за судска служба, се пропишува дека правата од работен однос, покрај со закон и колективен договор, се остваруваат и согласно со другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.

Поимот „пропис“ ги опфаќа сите видови на акти, односно закони и подзаконски акти, кои според своите овластувања ги донесуваат различни органи и тела, кога за тоа се овластени со закон. Оттука, произлегува дека определбата во оспорените одредби според кои правата од работен однос се остваруваат и со други прописи што ги уредуваат правата од работен однос, претставува премногу широк и неопределен правен поим, кој може да се подразбере дека упатува на примена на други закони, што од уставно правен аспект не е спорно, но и да се подразбере како упатување на подзаконски акти донесени во функција на разработка на одреден закон, за што нема уставна основаност.

Со оглед дека остварувањето на права од работен однос може да се остварува единствено во согласност со закон и со колективен договор, а не и со подзаконски прописи, произлегува дека законската определба во оспорените одредби, остварувањето на правата од работен однос да биде и согласно со други прописи што ги уредуваат правата од работен однос, остава можност правата од работен однос да се остваруваат во согласност со подзаконски акти, што нема уставна основаност.

Поради наведеното, Судот оцени дека член 3 став 1 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ и став 3 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ од Законот за судска служба, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.53/2014
8 октомври 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева