У.бр.89/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Георгија Јовановски од Ресен, со кое бара заштита на слободи и права, кои смета дека му се повредени со Решение КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година на Апелациониот суд во Скопје.

2. Георгија Јовановски од Ресен, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободи и права кои смета дека му биле повредени со актот означен во точка 1 од решението.

Во барањето, подносителот изнесува хронологија на настани и донесени одлуки од Основниот суд Скопје I во Скопје и Апелациониот суд во Скопје, во врска со негова осуда за сторено кривично дело по член 90 од Законот за чек.

Во барањето се наведува дека кривичното дело за кое подносителот на ова барање бил осуден со правосилна пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр. 1825/06 од 09.11.2006 година, со член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за чек, било бришано, од кои причини Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје, со Решение КР.бр. 535/07 КС-КР.бр. 502/08 од 15.10.2009 година, ја запрел постапката по поднесен предлог од страна на оштетениот доверител, за отповикување на условната осуда која му била изречена на барателот Георгија Јовановски со погоре наведената кривична пресуда, а оштетениот доверител ДПТТУ Чоки-С ДООЕЛ-Скопје, за предјавеното оштетно побарување, бил упатен да го остварува во граѓанска парница.

Апелациониот суд во Скопје, постапувајќи по жалбата вложена од оштетениот ДПТТУ Чоки-С ДООЕЛ-Скопје, против Решение КР.бр. 535/07 КС-КР.бр. 502/08 од 15.10.2009 година на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје, донел Решение КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година, со кое делумно ја уважил вложената жалба, при што обжаленото решение во став 1 од изреката, го потврдил, додека во став 2 го укинал, со образложение дека основан бил жалбениот навод на оштетениот дека првостепениот суд немал услови во однос на оштетното побарување да го упатува да го остварува во граѓанска парница, од причини што Пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр. 1825/06 од 09.11.2006 година, со која му било утврдено оштетно побарување на име долг, била правосилна и истата претставувала извршен наслов.

Подносителот на ова барање не бил задоволен од Решението КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година на Апелациониот суд во Скопје, бидејќи второстепениот суд го прифатил како основан жалбениот навод од оштетениот доверител дека немало услови во однос на оштетното побарување оштетениот да се упатува на граѓанска парница, бидејќи тој смета дека сите дејствија превземени врз основа на Пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр. 1825/06 од 09.11.2006 година, биле легитимни и легални до денот на влегување во сила на измените на Законот за чек и до бришење на кривичното дело, а после тоа, според подносителот на барањето, сите постапки требало да запрат, како од оштетениот Чоки-С ДООЕЛ-Скопје, така и од судовите, па оттука, ако причината за осудување се бришела, односно кривичното дело, во тој случај, според барателот, се бришеле и последиците односно казната.

Поради наведеното, подносителот смета дека со Решението КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година на Апелациониот суд во Скопје, биле прекршени неговите основни слободи и права.

3. Од извршениот увид во приложената документација произлегува дека подносителот на барањето, со Пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр. 1825/06 од 09.11.2006 година, бил огласен за виновен за кривично дело по член 90 од Законот за чек, затоа што како одговорно лице на должникот Џокан ДООЕЛ Ресен, на 01.09.2005 година, издал и пуштил во промет бариран чек за кој немало покритие на жиро сметката во Балканска Банка АД, сега Универзална Инвестициона Банка, кога бил пуштен за наплата, поради што истиот не можел да се реализира, со што била причинета имотна штета на оштетениот Чоки-С ДООЕЛ Скопје.

На барателот за сторените дејствија со пресудата му била изречена условна осуда на казна затвор од 1 година, која утврдена казна затвор нема да се изврши, ако обвинетиот во рок на провера за време од 3 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, а исто така и дека утврдената казна ќе се изврши доколку обвинетиот не го плател долгот на оштетениот во рок од 3 месеци од правосилноста на пресудата. Со пресудата со оглед дека оштетениот предјавил оштетно побарување, барателот бил задолжен на оштетениот да му го надомести оштетното побарување во рок од три месеци од правосилноста на пресудата.

Против првостепената кривична пресуда, барателот вложил жалба, но истата со Пресуда на Апелациониот суд во Скопје КЖ.бр. 11/07 од 30.01.2007 година, била одбиена како неоснована, а првостепената кривична пресуда, потврдена.

Пред Основниот суд Скопје I Скопје, оштетената страна повела постапка за отповикување на условна осуда заради нецелосна исплата на долг, со што Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје, постапувајќи по предлогот за отповикување на условната осуда изречена спрема барателот, донел Решение Кр.бр. 535/07 КС-КР.бр. 502/08 од 15.10.2009 година, со кое ја запрел постапката по поднесениот предлог од оштетениот, со образложение дека не биле исполнети условите за отповикување на условната осуда, бидејќи со измените и дополнувањата на Законот за чек, кривичното дело од член 90 од Законот за чек било бришано.

Исто така, со Решението, оштетениот за предјавеното оштетно побарување спрема сега барателот, бил упатен да го остварува во граѓанска парница.

Оштетениот вложил жалба на оваа одлука на Кривичниот совет, при што Апелациониот суд во Скопје со Решението КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година, нашол дека основан е само жалбениот навод по основ неговото упатување своето оштетно побарување да го остварува на граѓанска парница и во тој дел го укинал првостепеното решение, со образложение дека тој во кривичната постапка предјавил оштетно побарување, а првостепениот кривичен суд го задолжил обвинетиот да му го надомести на оштетениот оштетното побарување со пресудата која веќе е правосилна и претставува извршен наслов.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Барателот со барањето, покрај изнесената хронологија на настани и донесени одлуки од Основниот суд Скопје I во Скопје и Апелациониот суд во Скопје, во врска со негова осуда за сторено кривично дело по член 90 од Законот за чек (издавање на чек без покритие), кое кривично дело било депенализирано со подоцнежни измени на Законот за чек, наведува дека со Решението КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година на Апелациониот суд во Скопје, биле повредени неговите слободи и права.

Како причина за поднесеното барање за заштита на слободи и права, го наведува неговото незадоволство што со погоре наведеното решение Апелациониот суд во Скопје како основан го зел жалбениот навод на оштетениот, да не биде упатуван своето оштетно побарување да го остварува во граѓанска парница, туку врз основа на правосилната Пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр. 1825/06 од 09.11.2006 година, со која му било утврдено оштетно побарување на име долг и која пресуда претставувала извршен наслов.

Според барателот, со бришењето на кривичното дело од член 90 од Законот за чек, превземените дејствија од страна на оштетениот “Чоки-С” ДООЕЛ Скопје и извршителот, наместо да запреле, тие упорно продолжувале, од кои причини, барателот бара заштита на неговите слободи и права, кои смета дека му се повредени со поединечен акт на надлежен суд, меѓутоа со барањето не е наведено за кои слободи и права на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, се однесува бараната заштита.

Согласно цитираните одредби од Деловникот, со барањето потребно е да биде наведено на која слобода и право се однесува бараната заштита од членот 110 алинеја 3 од Уставот (слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност).

Од содржината на барањето за заштита на слободите и правата воопшто не може да се утврди за каков вид на повреда на слобода или некое право предвидено во погоре цитираната уставна норма се работи и истовремено не се наведени причините поради кои се бара некаква заштита.

Со барањето, тоа не е сторено, односно подносителот само општо се повикуваат на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што претставува процесна пречка за постапување по барањето.

Исто така, од документацијата произлегува дека посочениот акт, односно Решението КСЖ.бр.16/10 од 11.03.2010 година на Апелациониот суд во Скопје со кое барателот смета дека му се повредувале неговите слободи и права, видно е донесено во 2010 година, а барањето пред овој суд е поднесено на 09.06.2014 година, што претставува исто така процесна пречка според член 51 од Деловникот, за одлучување по барање за заштита на слободи и права, согласно која одредба рокот за поднесување на барање за заштита на слободи и права изнесува 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт.

5. Поради изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права, при што согласно членот 28 став 3 од Деловникот, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2014
9 јули 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева