Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работниот однос“ и став 3 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 110 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 на ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените делови на член 3 став 1 и став 3 од Законот, со кои се пропишува дека судските службеници правата од работен однос, покрај со овој закон и колективни договори, ги остваруваат и со други прописи што ги уредуваат правата од работен однос, немале основ во Уставот, затоа што според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не и со други прописи. Потоа, не се знаело кои се тие други прописи што ги уредуваат правата од работен однос и кој субјект во правото ги донесува, поради што оспорените законски делови не биле ниту јасни, прецизни и разбирливи и оставале можност за различна примена и можност за правна несигурност на граѓаните, што претставувало и повреда на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според тоа, оспорените законски делови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.
При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, подносителот на истата предлага Уставниот суд да ги има предвид своите Одлуки: У.бр.187/2005 од 10.05.2006 година и У.бр. 83/2010 од 08.06.2011 година.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека во оспорениот член 110 алинеја 3 од Законот за судска служба, според која на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата, не биле наведени ниту видот на кривичното дело во врска со службената должност, ниту пак изречената кривична санкција кои во конкретниот случај би претставувале основ за престанување на работниот однос, од каде произлегувало дека осудата за кое било кривично дело во врска со службената должност, на која било кривична санкција било основ за престанување на работниот однос. Тоа значело дека формулацијата на оспорената законска одредба била непрецизна и нејасна и како таква не обезбедувала правна сигурност за граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Со ваквата оспорена законска одредба се повредувале и член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот (поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), затоа што правните последици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука, односно казнено-правниот однос се исцрпувал на релација на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не биле допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51, член 54 став 1 и Амандманот XXV од Уставот.
При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, подносителот на истата предлага Уставниот суд да ги има предвид своите Одлуки: У.бр.210/2001 од 06.02.2002 година, У.бр.169/2006 од 12.09.2007 година и У.бр. 71/2011 од 24.04.2013 година.
Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.
4. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Законот за судска служба, судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос. Според став 3 од истиот член, судската полиција правата од работен однос ги остварува согласно со овој закон, Законот за судовитe, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Според член 110 алинеја 3 од овој закон, на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за судска служба се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).
Според член 3 став 1 од Законот, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Според став 3 на истиот член, судската полиција е служба која ги обезбедува објектите, имотот и лицата и го одржува редот во судскиот простор. Судската полиција правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за судовитe, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Од изнесените законски одредби произлегува дека наведената категорија на судски службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно одредбите на овој закон, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос, а припадници на судската полиција правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, Законот за судовите, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Уставната определба во член 32 став 5 од Уставот јасно утврдува дека остварувањето на правата на вработените од работен однос се уредуваат со закон и со колективен договор.
Наспроти тоа, во оспорените делови на член 3 став 1 и став 3 од Законот за судска служба, се пропишува дека правата од работен однос, покрај со закон и колективен договор, се остваруваат и согласно со другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Поимот „пропис“ ги опфаќа сите видови на акти, односно закони и подзаконски акти, кои според своите овластувања ги донесуваат различни органи и тела, кога за тоа се овластени со закон. Оттука, произлегува дека определбата во оспорените одредби според кои правата од работен однос се остваруваат и со други прописи што ги уредуваат правата од работен однос, претставува премногу широк и неопределен правен поим, кој може да се подразбере дека упатува на примена на други закони, што од уставно правен аспект не е спорно, но и да се подразбере како упатување на подзаконски акти донесени во функција на разработка на одреден закон, за што нема уставна основаност.
Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека остварувањето на права од работен однос може да се остварува единствено во согласност со закон и со колективен договор, а не и со подзаконски прописи, поради што законската определба во оспорените одредби, остварувањето на правата од работен однос да биде и согласно со други прописи што ги уредуваат правата од работен однос, остава можност правата од работен однос да се остваруваат во согласност со подзаконски акти, што нема уставна основаност. Поради наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 став 1 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ и став 3 во делот: „и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“ од Законот за судска служба, со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.
6. Со член 110 од Законот се уредува престанокот на работен однос на судскиот службеник по сила на закон.
Така, се пропишува дека на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако:
– ја загуби работната способност, со денот на доставувањето на правосилното решение за утврдување на загубената работна способност,
– му престане државјанството на Република Македонија, со денот на доставувањето на решението за отпуст од државјанство на Република Македонија,
– биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата,
– му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, со денот на правосилноста на пресудата,
-поради издржување на казна затвор во траење подолго од шест месеци, со денот на започнувањето на издржување на казната,
– наврши 64 години старост,
– неоправдано отсуствува од работа најмалку три работни дена последователно во еден месец,
– се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување,
– во рок од три работни дена не се врати на работа по завршувањето на неплатеното отсуство поради стручното оспособување или усовршување,
– органот на државната управа, надлежен за инспекциски надзор, во рок од една година утврди дека вработениот е вработен спротивно на одредбите од овој закон и
– во други случаи утврдени со овој и друг закон и колективен договор.
Со иницијативата се оспорува уставноста на алинејата 3 од овој член, според која на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата. Ова од причини што одредбата била непрецизна и нејасна (не биле наведени ниту видот на кривичното дело во врска со службената должност, ниту пак изречената кривична санкција која би била основ за престанување на работниот однос), со што оспорената одредба не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото и се повредувал принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, затоа што овозможувала правни последици од осуда да настапуваат автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1,член 51, член 54 став 1 и Амандманот XXV од Уставот.
Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани, поради следното:
Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според Амандманот XXV точка 1 став 1 од Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите.
Според оспорената законска одредба, престанокот на вработувањето е поврзано со правосилноста на пресудата со која судскиот службеник е осуден за кривично дело во врска со службената должност. Тоа значи дека како посебна причина за престанок на работниот однос на судскиот службеник законодавецот ја предвидел конкретната состојба предизвикана од самиот вработен како сторител на кривично дело во врска со службената должност, за што постои правосилна судска пресуда.
Со оспорената законска одредба јасно е утврден причинско-последичниот однос на забраната на судскиот службеник да продолжи да биде во работен однос поради постоење на правосилна судска пресуда со која е утврдено дека сторил кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност, поради што не може да се прифати дека одредбата е нејасна и непрецизна.
Имено, оспорената законска одредба прецизно утврдува дека за престанок на работниот однос на судскиот службеник првенствено се поаѓа од постоење на правосилна пресуда на судот со која е осудено лицето кое е во работен однос како судски службеник за кривично дело во врска со службената должност, а не остава простор за претпоставки во смисла дали е сторено кривично дело и од каков карактер е тоа кривично дело. Поради тоа не станува збор за претпоставена вина и повреда на начелото на презумција на невиност и начелото на законитост како принципи на казнено-правниот однос утврдени во член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот, на кои се темели поднесената иницијатива.
Според Судот, право е на законодавецот да пропише одредени услови и критериуми кои треба да ги исполнуваат лицата кои вршат функција на судски службеник, заради обезбедување и заштита на професионалното функционирање на судската служба, во која смисла е и оспорената одредба.
Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека со оспорената законска одредба јасно е утврден причинско-последичниот однос на забраната на судскиот службеник да продолжи да биде во работен однос ако со правосилна судска пресуда е осуден за кривично дело во врска со службената должност, Судот оцени дека во конкретниот случај од аспект на наводите изнесени со иницијативата, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.
По однос на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија на кои упатува иницијаторот во поднесената иницијатива, Судот оцени дека не се соодветни на конкретно покренатото правно прашање, поради што посочените одлуки не беа од влијание при градењето на правното мислење и уставно судската анализа на оспорениот член 110 алинеја 3 од Законот за судска служба.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.53/2014
11 јуни 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева