У.бр.67/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 250 став 7 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.67/2013 од 19 март 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 250 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 250 став 7 од Законот за катастар на недвижности е предвидено дека членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува Управниот одбор на Агенцијата која треба да биде разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Главата XVIII. Со наслов: „Прекршочни одредби“ од Законот за катастар на недвижности ги содржи членовите 246 до 252. Во член 250 од Законот, меѓу другото, е уредено дека за прекршоците утврдени во Законот за катастар на недвижности, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Агенцијата, односно Прекршочниот орган. Прекршочната постапка пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок, односно Прекршочната комисија формирана од страна на директорот на Агенцијата. Комисијата е составена од претседател и два члена и се избира на секои три години. Прекршочната комисија донесува Деловник за својата работа и води единствена евиденција за прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки. Претседа-телот и членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување. Прекршочната комисија има право да изведува докази и да собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоци или со друг закон. Решението на Прекршочната комисија со кое се изрекува прекршочна санкција е конечно и извршно, а против истото може да се поднесе тужба пред управен суд.

Со оспорениот став 7 од членот 250 од Законот се предвидува право на награда за работата на Прекршочната комисија што ја определува Управниот одбор на Агенцијата која е разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

Инаку, согласно членовите 246, 247, 248 и 249 од Законот Комисијата во прекршочната постапка може да изрече глоба за сторен прекршок од страна на правно лице, овластениот геодет вработен кај трговецот поединец, овластениот геодет во трговско друштво за геодетски работи, трговското друштво за геодетски работи и одговорното лице во трговското друштво за геодетски работи.

Според Судот, законската определба членовите на Прекршочната комисија, да примаат награда за нивната работна обврска која е разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата или организација и друг орган што врши јавни овластувања, им е воведена нова надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука, произлегува дека водењето на прекршочна постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која претставува негова надлежност. Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности, а членувањето на вработените во тој орган, во комисија за прекршоци не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување треба да добиваат плата за извршена работа, но не и дополнителна награда, чија пак висина е тешко определива и неизвесна (разумно соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците).

Поради наведеното пред Судот оцени дека членот 250 став 7 од Законот за катастар на недвижности не е во согласност со член 8 став 1 алинеа 3, Амандман XX и член 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2013
11 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева