Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 148 став 2 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на дел од член 148 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијати вата оспорениот дел „може да“ од законската одредба, онака како што бил поставен, можел да се сфати дека во зависност од наоѓањето на надлежниот орган не мора да се определи нов износ на пензија. Тоа значело дека оспорениот дел не бил доволно јасен, прецизен и разбирлив и како таков не обезбедувал правна сигурност и еднаквост на граѓаните, како што предвидувале членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 34, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот. Ова од причини што според уставните одредби правната норма требала да биде јасна, прецизна и разбирлива, да не остава можност за различно толкување и нејзина различна примена и да создава правна несигурност на граѓаните, што со оспорениот дел, не било случај.
Во иницијативата се посочува на уставно-судската практика по предметот У.бр.25/2008 и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорениот дел да го укине или поништи.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 148 став 2 од Законот „ На корисникот на старосна пензија може да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија, доколку е поповолно за корисникот“.
Одредбата се оспорува во делот: „може да“.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Тргнувајќи од анализата на целината на членот 148 став 2 од Законот произлегува дека со него се предвидува на корисникот на старосна пензија да може да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето на право на старосна пензија, доколку е поповолно за корисникот. Притоа, според Судот, не е возможно оспорениот дел од одредбата да се разгледува самостојно и изолирано од целината на членот 148 став 2 од Законот. Ова од причина што определувањето на нов износ на пензија зависи од исполнување на два услова: навршена најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето на право на старосна пензија и поповолност за корисникот. Оттаму, нов износ на пензија ќе се определи ако се исполнети овие два услова, кои се мерливи, пресметливи категории, а во спротивно нова пензиска основица нема да биде определена, се до исполнувањето на наведените услови, а по повод барање на корисникот.
Со оглед на тоа што се работи за пресметливи, мерливи категории кои се утврдуваат во постапка пропишана со закон, Судот оцени дека нема место од произволност, како што смета подносителот на иницијативата.
Посочувањето на уставно-судската практика по предметот У.бр.25/2008 во иницијативата е несоодветно. Во тогаш оспорениот член 33-а од Законот било предвидено на корисник на пензија, кој повторно бил вклучен во работниот процес по пензионирањето, при пресметување на новата пензија во пензискиот стаж да не му се засметуваат првите три години, туку годините навршени по тој период и за секоја година по третата година му се засметува 1% од пензиската основа без валоризација, што според Судот преставувало различен третман по однос на останатите осигуреници.
Со оглед на тоа што од направената анализа произлезе дека оспорениот дел е доволно јасен, прецизен и разбирлив и како таков обезбедува правна сигурност и еднаквост на граѓаните, Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата не може да биде проблематизиран од аспект на наводите во иницијативата и истиот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, ЈованЈосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.156/2013
11 јуни 2014 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева