У.бр.69/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 241 став 5 точка 6, член 295 став 4 точка 2 и член 298 став 1 точка 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на РМ“ бр.43/2012, 145/2012 и 87/2013).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.69/2012 од 11 септември 2013 година, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 241 став 5 точка 6 од Законот „владата го разрешува директорот на Агенцијата ако работи спротивно на закон“.

Според член 295 став 4 точка 2 од Законот „ако при надзорот над законитоста кај здравствената установа се утврдат недостатоци, односно неправилности министерот за здравство донесува решение за изрекување јавна опомена на здравствената установа, кое се објавува на WEB страницата на Министерството за здравство.

Согласно член 298 став 1 точка 4 од Законот „По разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став 3 од овој закон министерот за здравство донесува решение за изрекување јавна опомена на установата која се објавува на WEB страницата на Министерството за здравство.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот, кој е поместен во Главата II од Уставот, со наслов „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, и точка 2 со поднаслов: „Економски, социјални и културни права“, се предвидува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Законот за здравствена заштита ги уредува прашањата кои се однесуваат на системот на организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучување за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствената дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност (член 1).

Оспорениот член 241 од Законот ја дефинира дејноста на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.

Така, според член 241 од Законот:

(1) За вршење на управни, стручни и развојни работи на акредитација на работата на здравствените установи се формира Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи (во натамошниот текст: Агенцијата), како самостоен орган на државната управа.
(2) Агенцијата има својство на правно лице.
(3) Со Агенцијата раководи директор, кој го именува и разрешува Владата.
(4) За директор на Агенцијата се именува лице кое покрај општите услови треба да ги исполнува и следниве посебни услови:
– да има завршено медицински, стоматолошки или фармацевтски факултет,
– да има најмалку пет години работно искуство во областа на здравствената
заштита и
– активно да познава најмалку еден од светските јазици.
(5) Владата го разрешува директорот на Агенцијата :
– на негово барање,
– ако настане некоја од причините, поради кои според прописите за работни односи, му престанува работниот однос по сила на закон,
– ако не постапува според закон и општите акти на Агенцијата,
– ако со својата несовесна и неправилна работа предизвика штета на Агенцијата,
– ако ги занемарува или не ги извршува своите обврски и поради тоа настанат или би можеле да настанат потешки нарушувања во извршување на дејноста на Агенцијата и
– ако работи спротивно на закон.
(6) Средства за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, од сопствени приходи и од други извори во согласност со овој закон или друг закон.

Подносителот на иницијативата смета дека ставот 5 точка 6 на членот 241 од Законот, бил неодреден термин, бидејќи не се знае за кој закон станува збор, а дотолку повеќе што веќе овој услов за разрешување на директорот на Агенцијата е предвиден во точката 3 од ставот 5 на истиот член од Законот, според кој Владата ќе го разреши директорот на Агенцијата ако не постапува според закон и општите акти на Агенцијата.

Од анализата на наведената законска регулатива, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорениот член од Законот не е во согласност со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причина што основано се укажува во иницијативата дека оспорениот дел на членот 241 од Законот не е јасен и прецизен, што доведува до правна несигурност на граѓаните на Република Македонија, а дотолку повеќе што, истата е само повторување на условот кој веќе е јасно и децидно детерминиран во точката 3 на ставот 5 од членот 241 од Законот.

Оспорените членови 295 и 298 од Законот, се содржани во Главата XVI од Законот, со наслов: „Надзор“.

Во член 294 од Законот, кој го детерминира определувањето на надзорот, се предвидува дека:

(1) За обезбедување на примената на овој закон и прописите донесени врз основа на него, како и за обезбедување на квалитетот и безбедноста при укажувањето
на здравствената заштита во вршењето на здравствената дејност, се врши:
1) надзор над законитоста на работата;
2) надзор над стручната работа;
3) внатрешен надзор над стручната работа и
4) инспекциски надзор.
(2) Здравствената установа и другите установи кои вршат здравствена дејност се должни да овозможат непречено вршење на надзорот од ставот (1) на овој член и да дадат потребна помош, податоци, документација и известувања кои се потребни за вршење на надзорот.

Надзор над законитоста на работата е регулиран во член 295 од Законот каде се предвидува дека:

(1) Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство.
(2) Министерството за здравство го врши надзорот над законитоста на работата на здравствените установи како редовен надзор во согласност со годишната програма и по потреба или на предлог на Фондот, соодветната комора, државен орган, здружение и граѓанин.
(3) Надзорот над законитоста на работата на здравствените установи од ставот(1) на овој член, Министерството за здравство го врши преку комисија именувана од министерот за здравство.
(4) Ако при надзорот над законитоста кај здравствената установа се утврдат недостатоци, односно неправилности министерот за здравство донесува решение за:
– определување мерки за отстранување на недостатоците, односно
неправилностите и рокови за нивно спроведување и
– изрекување јавна опомена на здравствената установа, кое се објавува на веб страницата на Министерството за здравство.
(5) Трошоците за надзорот над законитоста при кои ќе се утврдат недостатоци,односно неправилности паѓаат на товар на здравствената установа кај која биле утврдени недостатоците, односно неправилностите.

Според член 296 од Законот:

(1) Надзор над стручната работа на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници и соработници се врши заради контрола над стручната работа, спроведување на стручните упатства, оцена на стручната работа, како и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита.
(2) Надзорот од ставот (1) на овој член го вршат Лекарската, Стоматолошката,односно Фармацевтската комора.
(3) Надзорот од ставот (1) на овој член се врши како редовен стручен надзор и како стручен надзор по потреба.
(4) Редовниот стручен надзор се врши согласно со годишниот план од членот 261 став (2) од овој закон.
(5) Надзор над стручната работа по потреба се врши на барање на пациент, член на неговото семејство и државен орган.
(6) Министерот за здравство по потреба може да формира комисија за вршење на надзор на стручната работа на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници и соработници.

Во член 297 од истиот закон се предвидува дека:

(1) Надлежната комора, во рок од осум дена од денот на завршувањето на надзорот над стручната работа, доставува извештај за надзорот до министерот за здравство и до установата во која е извршен надзорот.
(2) Извештајот задолжително ги содржи следниве елементи:
– констатираната состојба,
– евентуалните недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствената заштита,
– стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можните последици по здравјето на луѓето и
– предлог за определување мерки за отстранување на недостатоците,
неправилностите или пропустите и рокови за нивно спроведување.
(3) Установата во која е извршен надзорот, односно здравствените работници и соработници кои биле опфатени со надзорот можат да поднесат приговор на извештајот од извршениот надзор до министерот за здравство во рок од три дена од денот на приемот на извештајот во установата.
(4) По исклучок од ставот (1) на овој член, ако надлежната комора констатира непосредна опасност по животот и здравјето на граѓаните, го известува министерот за здравство најдоцна во рок од 24 часа и му предлага преземање соодветни мерки.

Начинот на одлучување на министерот за здравство по извештајот за извршен стручен надзор, е регулиран во членот 298 од Законот.

Така, во член 298 од овој закон е предвидено дека:

(1) По разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став (3) од овој закон министерот за здравство донесува решение за:
1) привремена забрана за целосно или делумно вршење на одреден вид на здравствена дејност;
2) привремена забрана за целосна или делумна работа на организациона единица на установата;
3) привремена забрана за работа на здравствената установа и
4) изрекување јавна опомена на установата која се објавува на веб страницата на Министерството за здравство.
(2) По разгледувањето на извештајот од членот 297, како и евентуално поднесениот приговор од членот 297 став (3) од овој закон, министерот за здравство може:
1) да предложи до надлежната комора да поведе постапка за одземање на лиценцата за работа на здравствен работник;
2) да предложи до здравствената установа да спроведе постапка за преместување на друго работно место и/или за упатување на дополнително стручно усовршување, односно доделување ментор за здравствениот работник за кој ќе се утврди недоволна обученост (стручност) и за преземените активности да ја извести надлежната комора и
3) да иницира вршење на инспекциски надзор од надлежен орган.
(3) Привремената забрана за работа од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член трае додека не се отстранат причините заради кои е изречена забраната.

Анализирајќи ги наведените одредби на член 295 став 4 точка 2 и член 298 став 1 точка 4 од Законот, од аспект на наводите во иницијативата, а во корелација на одредбите на Уставот на Република Македонија на кои се повикува подносителот во иницијативата, Судот оцени дека истите не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според Судот, основано во иницијативата се укажува дека предметните две одредби се сосема дискутабилни од уставно-правен аспект, од причина што правната теорија и регулатива не познава можност на правно лице да му биде изречена јавна опомена, од што произлегува дека само на физичко лице може да му биде изречена јавна опомена, а не и на правно лице, како што е сторено во конкретниов случај.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.69/2012
11 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева