У.бр.149/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлука за донесување на Детален урбанистички план за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13 во општина Ѓорче Петров во Скопје, бр.07-2703/4, донесена од Советот на општина Ѓорче Петров на 14 септември 2012 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.11/2012).

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3.Јелка Тасевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и на член 1 од одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека „Одлуката содржи одредби што се во спротивност со членот 30 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира правото на сопственост, и одредби што се во спротивност со членовите 17, 17-а, 19, 24, 25 и 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010 и 18/2011) и членовите 24 и 46 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.“

Во однос на член 1 од Одлуката, во иницијативата се наведува дека во член 1 се определува дека Деталниот урбанистички план во целост ги почитувал одредбите од Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина, размер и начинот на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Но, со таквата одредба не бил испочитуван Генералниот урбанистички план на град Скопје од причина што во ГУП-от била предвидена намена домување во семејни куќи во Блокот 13, што било разработено и во претходниот ДУП од 2000 година така што на тоа место биле предвидени 6 (шест) куќи во низа и една самостојна куќа, а со оспорениот ДУП од 2012 година на тоа место се определувало повеќенаменско игралиште на земјиште кое во еден дел е приватна сопственост и дел е на Република Македонија, и тоа се правело спротивно на Законот и наведените правилници. На тој начин, членот 1 од Одлуката го загрозувал правото на сопственост на подносителот на иницијативата и нејзиното право на изградба на станбена куќа на нејзино земјиште според претходниот ДУП, па од тој аспект членот 1 од Одлуката бил неуставен и незаконит.

Во однос на целината на оспорената одлука, се оспорува постапката на донесувањето на Одлуката, при што подносителот на иницијативата наведува дека:

-ДУП-от, донесен со оспорената одлука, не бил предвиден во Програмата за урбано планирање на општина Ѓорче Петров за 2011 година, поради што Одлуката не била донесена во согласност со член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање;

-Градоначалникот ја одобрил планската програма за конкретниот ДУП, со свој акт бр.20-94/4 од 4 март 2011 година, со што започнала постапката за изработка на ДУП-от донесен со оспорената одлука, иако таков детален урбанистички план не бил предвиден во годишната Програма за урбано планирање на Општината за 2011 година, со што бил повреден член 17-а став 3 од наведениот закон;

-Ажурираната геодетска подлога, врз основа на која се изработува детален урбанистички план, била заверена на 11 април 2011 година, а нацрт-Планот донесен со оспорената одлука бил утврден на седницата на Советот на Општината одржана на 15 април 2011 година, па потоа на истата седница била извршена измена и дополнување на годишната Програма за урбано планирање на Општината за 2011 година така што се предвидувало донесување и на овој ДУП, па при таква состојба се поставувале прашањата дали спорниот ДУП бил донесен врз основа на ажурирана геодетска подлога, како можело за три дена од ажурирањето на геодетската подлога да се изработи нацрт-Планот, да се добијат сите мислења, да го разгледа комисија, да се стави на дневен ред и да се утврди нацрт-Планот и сето тоа без да постои таков ДУП во годишната Програма за урбано планирање, што било направено потоа на истата седница на Советот на Општината, поради што оспорената одлука не била донесена во согласност со член 19 став 1 од наведениот закон;

-Градоначалникот формирал тричлена комисија, со Решение бр.08-1303/1 од 16 мај 2011 година, која комисија изготвила Извештај од јавна анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки на нацрт-Планот, бр.20-90/30 од 17 август 2011 година, и во тој извештај биле наведени одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање кои не биле почитувани при изработката на нацрт-Планот, а тие нeдостатоци биле евидентирани и во мислењето на Секторот за планирање и уредување на просторот на град Скопје, бр.13-2680/1 од 3 август 2011 година, дадено по нацрт-Планот, како и во известувањето, бр.13-128/1 од 31 јануари 2012 година, дадено во врска со предлог-Планот, но потоа во мислењето, бр.13-128/2 од 13 март 2012 година, било дадено позитивно мислење иако забелешките не биле отстранети во предлог-Планот;

-покрај тоа, од непознати причини градоначалникот формирал и друга, нова шестчлена комисија, со Решение бр.08-3165/1 од 28 ноември 2011 година, што било спротивно на член 24 став 7 од Законот, и таа комисија изготвила нов Извештај од јавната анкета со образложение за прифатени и неприфатени забелешки, бр.20-90/32 од 21 декември 2011 година, иако Извештајот од првата комисија, бр.20-90/30 од 17 август 2011 година, веќе бил изготвен и уредно архивски заверен и не бил поништен од градоначалникот. Инаку, петорица од шестчлената комисија не присуствувале на јавната анкета и јавната презентација, туку присуствувал само претседателот на таа комисија. Од друга страна, шестчлената комисија изготвила и втор Извештај од спроведена јавна анкета и јавна презентација, бр.21-17/6 од 24 февруари 2012 година, иако воопшто не била спроведена повторна јавна анкета и иако тој извештај не бил потпишан од претседателот на Комисијата.

Споредувајќи ги графичките прилози на нацрт-Планот и предлог-Планот, како и нумеричките податоци дадени во табелите, подносителот на иницијативата смета дека нацрт-Планот претрпел промени во поголем обем поради што градоначалникот бил должен да спроведе повторна јавна анкета и јавна презентација по вградените забелешки во нацрт-Планот, но таква постапка не била спроведена.

Поради сето тоа, оспорената одлука не била донесена во согласност со член 24 ставовите 7 и 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

-Министерството за транспорт и врски дало согласност за донесување на спорниот ДУП иако постапката за изработување и донесување на Планот не била спроведена согласно на Законот и прописите донесени врз основа на Законот, како и без да се впушти во утврдувањето на суштествените повреди на постапката, а освен тоа согласноста ја потпишал само раководителот на сектор, а не и неговите соработници, поради што од овие причини оспорената одлука не била во согласност со член 25 став 2 од Законот;
-После сето тоа, предлог-Одлуката за донесување на спорниот ДУП била ставена на седница на Советот на општина Ѓорче Петров на 29 август 2012 година, при што од 19 присутни советници „за“ гласаа 9, „против“ 8, а 2 советника биле воздржани, поради што немало мнозинство и Планот не бил донесен, но претседателот на Советот на Општината констатирал дека Планот бил донесен, градоначалникот донел Решение, бр.08-2504/6, за објавување на Одлуката и оспорената одлука била објавена во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.9 од 30 август 2012 година. Потоа, по повод реакцијата на подносителот на иницијативата и на советниците кои гласале против и воздржано, предлог-Одлуката била ставена на наредната седница на Советот на Општината одржана на 14 септември 2012 година и, наместо да се констатирало дека Планот не бил донесен и дека постапката се завршила, се пристапило кон повторно гласање и со мнозинство гласови Планот бил усвоен, а Одлуката за донесување на ДУП-от за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.07-2703/4, била објавена во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.11/2012 заедно со Решението, бр.08-2778/2, за објавување на оспорената одлука, донесено од градоначалникот.

Подносителот на иницијативата наведува дека веднаш по донесувањето на Одлуката била покрената постапка за експропријација на земјиште во приватна сопственост од страна на општина Ѓорче Петров на местото каде што била планирана изградба на повеќенаменско игралиште, иако таков објект не бил од јавен интерес, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине.

4.Судот на седницата утврди дека содржината на оспорената одлука, како и на член 1 од Одлуката, е следна:

Во член 1 се определува дека „со оваа одлука се донесува Деталниот урбанистички план за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, општина Ѓорче Петров – Скопје“ (став 1).

„Деталниот урбанистички план во целост ги почитува одредбите на Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина, размер и начинот на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“ (став 2).

Член 2 од Одлуката определува дека „просторот за кој се однесува Деталниот урбанистички план за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, општина Ѓорче Петров – Скопје, е со површина од 3,5 ха, со следните граници на опфат: на север осовина на ул.„Ѓорче Петров“; на југ осовина на ул.„Социјалистичка зора“; на исток осовина на ул.„Мајски манифест“; на запад осовина на ул.„Мис Стон“.“

Според член 3 од Одлуката, „Деталниот урбанистички план за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, општина Ѓорче Петров, е изработен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ Скопје, со тех.број 2345/11.“

Во член 4 од Одлуката се утврдува дека „Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општина Ѓорче Петров и потпис на претседателот на Советот на Општината“, а во член 5 се определува дека „одделението за урбанизам и просторно планирање на општина Ѓорче Петров, во рок од 30 дена од завршување на целокупната законска постапка за донесување на Деталниот урбанистички план, ќе обезбеди комплетна документација за реализација на планот.“
Во член 6 од Одлуката се предвидува дека „Деталниот урбанистички план со сите негови делови е составен дел на оваа одлука и истиот се чува во Одделението за урбанизам и просторно планирање на Општината“, а во член 7 се определува дека „оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров.“ “

Во однос на наводите во иницијативата за незаконитостите во постапката на донесувањето на Одлуката, доносителот на оспорената одлука укажува на следната фактичка состојба:
-во врска со годишната Програма за урбано планирање на Општината за 2011 година: дека измената и дополнувањето на ДУП за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13 е предвидена во точка 11 од годишната Програма за урбано планирање на Општината за 2011 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.14/2010 од 6 декември 2010 година) како изменувања и дополнувања на урбанистички планови по иницијатива на физички и правни лица; таа промена е предвидена и во Измената и дополнувањето на Програмата за урбано планирање на Општината за 2011 година донесена од Советот на Општината на 15 април 2011 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.15/2011 од 15 април 2011 година);
-во врска со одобрувањето од градоначалникот на планската програма за конкретниот ДУП без годишна програма: во годишната Програма за 2011 година е предвидена промената на стариот ДУП по иницијатива на физички и правни лица; АД „ЗУАС“-Скопје (Завод за урбанизам, архитектура и инженеринг) изготви Планска програма за ДУП за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.20-90/3 од 4 март 2011 година; Комисија за давање предлог за одобрување на планска програма …., дала предлог до Градоначалникот да ја одобри Планската програма за изработка на ДУП за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.20-90/4 од 4 март 2011 година; потоа Градоначалникот ја одобри Планската програма за изработка на нацрт-ДУП-от на 4 март 2011 година;
-во врска со немање ажурирана геодетска подлога за изработка на нацрт-ДУП-от: до Судот е доставен Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени, бр.0307-35/11 од 14 март 2011 година, изработен од Друштво за геодетски и катастарски работи „Геозум инженеринг ТДИ“ ДООЕЛ Скопје и кој е заверен во Агенцијата за катастар на недвижности под бр.07-5473/2 од 11 април 2011 година, а кој се однесува на ажурирана геодетска подлога за дел од МЗ „Мирче Ацев“;
-во однос на постоење на две комисии за спроведување на јавна презентација и јавна анкета со различни извештаи за прифатени и неприфатени забелешки, како и немање на повторна јавна презентација и јавна анкета поради промени во нацрт-Планот од поголем обем: на 15 април 2011 година Советот на општина Ѓорче Петров го утврди нацрт-ДУП-от за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13; на 21 април 2011 година Градоначалникот на Општината донесе Одлука за организирање јавна презентација и јавна анкета по нацрт-ДУП-от за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.08-1082/1; нацрт-ДУП-от беше изложен на јавен увид од 27 април до 11 мај 2011 година; јавната презентација беше одржана на 6 мај 2011 година; на јавната анкета учествуваше и подносителот на оваа иницијатива, која дала забелешки на нацрт-ДУП-от на 10 мај 2011 година; до Судот е доставено Решение за формирање на стручна Комисија за изработка на извештај од спроведена јавна презентација и јавна анкета за ДУП УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.08-3165/1 од 28 ноември 2011 година, која Комисија е составена од шест члена; оваа комисија состави Извештај од јавна анкета, бр.20-90/32 од 21 декември 2011 година, во кој даде образложение за прифатените и неприфатените забелешки на граѓаните-вкупно 31 забелешка, меѓу кои и образложение за неприфатените забелешки на подносителот на оваа иницијатива; на 19 април 2012 година шест-члената Комисија изготви Анекс на Извештајот од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки, бр.21-17/13, во кој констатира дека нацрт-ДУП-от, после прифатените забелешки од јавната анкета, треба да претрпи измени од помал обем, а не од поголем обем како што смета подносителот на иницијативата;
-во врска со наводите во иницијативата дека согласноста на Министерството за транспорт и врски не била потпишана од соработниците на раководителот на секторот и не утврдувала повреди на постапката уредена со Законот: на 27 април 2012 година Општината, со допис бр.21-17/21, побара согласност од Министерството за транспорт и врски за донесување на ДУП-от за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, при што, со допис бр.21-17/22 од 22 мај 2012 година, Министерството не издаде согласност; на 29 јуни 2012 година Општината, со допис бр.21-17/27, повторно побара согласност, но Министерството повторно, со допис бр.21-17/29 од 16 јули 2012 година, не даде согласност; на 18 јули 2012 година Општината по трет пат побара согласност, со допис бр.21-17/32, по кое барање е издадена согласност од Министерството за транспорт и врски, бр.21-17/33 од 19 јули 2012 година и која согласност е потпишана од раководителот на Секторот и од изработувачот на актот.

5.а) Во врска со уставноста на член 1 од Одлуката, Судот утврди дека таа одредба определува дека се донесува Детален урбанистички план за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, а не дека уредува прашања на сопственост на конкретни физички лица и одземање на нивните сопственички права, како што наведува подносителот на иницијативата.

Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од Одлуката не може да се оценува од аспект на нејзината согласност со член 30 од Уставот, поради што има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, па таа во тој дел се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд и се одлучи како во точката 2 од ова решение.

б) Во однос на постапката на донесувањето на оспорената одлука, од аспектите покренати со иницијативата, Судот смета:
Според член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 42/2014), за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, меѓу кои планови се и деталните урбанистички планови, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка пропишана во членот 24-а ставови 2, 3 и 4 на овој закон.

Според член 17-а од Законот, општините се должни да ја разгледаат секоја иницијатива поднесена од правни и физички лица за изменување и дополнување на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон, меѓу кои се и деталните урбанистички планови, и во рок од 30 дена од поднесувањето на иницијативата да го известат подносителот на иницијативата дали истата се прифаќа (став 1). Доколку поднесената иницијатива е прифатена, општината е должна во рок од три месеца да започне постапка за изменување и дополнување на урбанистичкиот план за кој е поднесена иницијативата (став 2). За започнатата постапка од ставот 2 на овој член се смета доколку е одобрена планската програма од членот 5 алинеја 7 на овој закон (став 3).

Според член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планска документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон.

Според член 24 од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение (став 4). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа (став 5). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 6). Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три член, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање (став 7). Извештајот од ставот 7 од овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот (став 8). Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 7 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9). Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината на нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 10). Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот (став 11).

Според член 25 став 2 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, меѓу кои планови се и деталните урбанистички планови, изработени во форма на предлог план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека изработувањето на деталните урбанистички планови се врши врз основа на годишна програма на општините (член 17 став 1), дека општините се должни да ја разгледаат секоја иницијатива поднесена од правни и физички лица за изменување и дополнување на деталните урбанистички планови и, ако ја прифатат иницијативата, должни се да ја започнат постапката во рок од три месеца врз основа на одобрена планска програма (член 17-а), дека деталните урбанистички планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги (член 19 став 1), дека по нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна презентација и јавна анкета во траење од најмалку десет работни дена, за што се објавува соопштение во најмалку две јавни гласила со податоци, местоположбата и површината на опфатот на планот, потоа со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа и со стручно презентирање на планот, па од јавната презентација и јавната анкета стручна комисија формирана од градоначалникот изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки по нацртот на планот и за тоа писмено го известува секој подносител на анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, а комисијата оценува и тоа дали прифатените забелешки од јавната анкета предизвикале во законски утврдените рамки значајни промени или не и од тоа зависи дали повторно ќе се спроведе јавна презентација и јавна анкета или не (член 24) и дека потоа по предлогот на планот се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот и со тоа се потврдува дека постапката е спроведена согласно со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање и прописите донесени врз основа на тој закон (член 25 став 2).

Во конкретниот случај, ДУП-от донесен со оспорената одлука е:
-донесен врз основа на точка 11 од годишната Програма за урбано планирање на општина Ѓорче Петров за 2011 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.14/2010 од 6 декември 2010 година) и врз основа на Измената и дополнувањето на Програмата за урбано планирање на Општината за 2011 година донесена од Советот на Општината на 15 април 2011 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.15/2011 од 15 април 2011 година);
-дека АД „ЗУАС“-Скопје изготви Планска програма за ДУП за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.20-90/3 од 4 март 2011 година, а посебна Комисија за давање предлог за одобрување на планска програма …. дала предлог до Градоначалникот да ја одобри Планската програма за изработка на ДУП за УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, бр.20-90/4 од 4 март 2011 година и Градоначалникот ја одобри Планската програма за изработка на нацрт-ДУП-от на 4 март 2011 година;
-дека постои Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени, бр.0307-35/11 од 14 март 2011 година, изработен од Друштво за геодетски и катастарски работи „Геозум инженеринг ТДИ“ ДООЕЛ Скопје и кој е заверен во Агенцијата за катастар на недвижности под бр.07-5473/2 од 11 април 2011 година, а кој се однесува на ажурирана геодетска подлога за дел од МЗ „Мирче Ацев“;
-дека нацрт-ДУП-от беше изложен на јавен увид од 27 април до 11 мај 2011 година,
јавната презентација беше одржана на 6 мај 2011 година, на јавната анкета учествуваше и подносителот на оваа иницијатива, која дала забелешки на нацрт-ДУП-от на 10 мај 2011 година;
-Комисијата за изработка на извештај од спроведена јавна презентација и јавна анкета за ДУП УЗ „Мирче Ацев“-Блок 13, формирана со Решение бр.08-3165/1 од 28 ноември 2011 година, состави Извештај од јавна анкета, бр.20-90/32 од 21 декември 2011 година, во кој даде образложение за прифатените и неприфатените забелешки на граѓаните-вкупно 31 забелешка, меѓу кои и образложение за неприфатените забелешки на подносителот на оваа иницијатива;
-Комисија изготви Анекс на Извештајот од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки, бр.21-17/13 од 19 април 2012 година, во кој констатира дека нацрт-ДУП-от, после прифатените забелешки од јавната анкета, треба да претрпи измени од помал обем, а не од поголем обем како што смета подносителот на иницијативата;
-издадена согласност од Министерството за транспорт и врски, бр.21-17/33 од 19 јули 2012 година, која согласност е потпишана од раководителот на Секторот и од изработувачот на актот.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена во постапка согласно со наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што утврди дека не може да се постави прашањето за законитоста на Одлуката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.149/2012
28 мај 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева