У.бр.25/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеа 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 2 во делот „се задолжуваат со плаќање„ од Правилата за снабдување со топлинска енергија број 01-1302/1, објавени во (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012.)

2.Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, од оспорениот дел на законската одредба на ставот 2 од член 53 на Правилата, не било јасно кому треба да плаќаат, за ангажирана моќност од надоместокот за топлинска енергија, исклучените потрошувачи.

Во иницијативата се укажува дека Уставниот суд ги ценел оспорените одредби во решенијата У.бр.125/2012 од 10 јули 2013 година, У.бр.197/2012 од 11 септември 2013 година, У.бр.83/2013 од 11 септември 2013 година и У.бр.80/2013 од 22 јануари 2014 година, и во истите било утврдено дека исклучените потрошувачи добивале топлина со „поминување на цевки„ и „топли зидови„ и дека требало да плаќаат за „плодоуживањето на услугата„, но Уставниот суд не утврдил кому ислучените потрошувачи требало да ја плаќаат оваа топлина и од кого ја добивале истата.

Понатаму во иницијативата, се цитираат член 119 и 120 од Законот за енергетика, каде било уредено дека мерните уреди се наоѓале на влезот на топлотните подстаници. Исто така, ова било уредено и во член 12 став 2 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење, и отука надлежноста на дистрибутерот на топлинската енергија била само до топлинската подстаница и од тие причини следувало приклучените потрошувачи за добиената топлина на мерното место да му платат на производителот односно дистрибутерот и снабдувачот. Според наводите во иницијативата ова било во спротивност со член 17 став 4 и член 22 став 1 од Законот за сопственост и други сродни права, и истите не биле „ измислица„ на правниот систем на Република Македонија туку претставувале општо прифатена норма кај цивилизираните народи во однос на тоа дека плодовите кои паѓале на туѓо земјиште припаѓале на сопственикот на земјиштето. Од причина што не било јасно кому ислучените потрошувачи трбало да плаќаат за „плодоуживањето на услугата„ во иницијативата се бара оспорената одредба да биде укината како спротивна на член 8 став 1 од Уставот.

3.Судот на седница утврди дека според член 53 став 1 од Правилата, исклучувањето по барање на потрошувачите во колективни објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија. (оспорен став 2) Доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.(став 3)

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во однос на одредбата од членот 53 став 2 од Правилата, Уставниот суд на Република Македонија веќе одлучувал и со наведеното Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста. Судот анализирајќи ја спецификата на колективните објекти за домување и пасивното преземање на топлинската енергија при нејзиното поминување низ вертикалните цевки, укажал дека: „корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците. Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак парцијално ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.

Со новодоставената иницијатива, се бара од Судот повторно да ја оценува уставноста и законитоста на истите одредби од Правилата, од истите причини како во претходните иницијативи по кои Уставниот суд ги донел решенијата У.бр. 125/2012 од 10 јули 2013 година, У.бр.197/2012 од 11 септември 2013 година и У.бр.80/2013 од 22 јануари 2014 година. Имајќи предвид дека Судот веќе ги анализирал одредбите од аспект на нивната уставност и законитост и оценил дека нема основ за изразување сомнеж во нивната уставност и законитост, а нема аргументи за промена на овој став, сметаме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата која се однесува на оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 2 во делот: „се задолжуваат со плаќање„ од Правилата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.25/2014
28.05.2014 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева