У.бр.158/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на

-член 5 став 1 точка 3) и став 2 точка 3), член 8 и член 9 став 6 од Тарифниот систем за пренос на електрична енергија, број 01-1306/1 од 30 јули 2012 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013);

-член 8 став 1 точка 3) и став 2 точка 3), член 12 и член 15 став 5 од Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија, број 01-1307/1 од 30 јули 2012 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013) и

-член 11 точка 3), член 16 и член 19 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи, број 01-824/1 од 30 јуни 2011 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите, означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот со иницијативата наведува дека прекумерно превземената реактивна енергија, која со оспорените одредби од Тарифниците е определена како една од пресметковните елементи при фактурирање на надоместокот за користење на електропреносниот систем, дистрибутивниот систем, како и пресметковен елемент при определувањето на цени врз основа на кои тарифните потрошувачи ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачите со електрична енергија на тарифните потрошувачи, била јалова реактивна енергија која се движела од потрошувачите кон производителот, но трошоци за пренесување на таа јалова енергија од потрошувачот до производителот, воопшто немало бидејќи се работело за иста мрежа, само за различна насока на пренесување на енергија.

Станувало збор за негативна и штетна појава од која никој немал корист, а постоела општа штета, бидејќи при враќањето дел од таа енергија неповратно се губела низ термогените отпори на електричната мрежа, а нејзиното присуство предизвикувало непотребно и бескорисно оптоварување на електричните капацитети.

Понатаму, подносителот објаснува дека постоеле ефикасни и ефтини технички начини и уреди, ваквата штетна физичка појава наполно да се елиминира од системите кои користат наизменична струја со помош на постапка наречена компензација на реактивна електрична енергија, односно дека со безначајни трошоци оваа јалова енергија можела наполно да се компензира. Таквите уреди, операторите на дистрибутивните системи и операторот на системот на пренос, можеле да ги набават и постават во своите трафостаници, меѓутоа тие тоа не го правеле, а со ваквите оспорени одредби од Тарифниците, биле стимулирани тоа да не го прават. Активната струја, операторите, дистрибутерите и снабдувачите морале да ја платат, но реактивната струја била бесплатна. Подносителот наведува дека со наведените Тарифни системи за реактивната-јалова енергија била предвидена повисока цена од цената на активната струја, што значело дека тие заработувале многу повеќе наплатувајќи за реактивна енергија, односно биле стимулирани да не се изврши компензација на реактивната струја, а ако во секоја трафостаница, се извршело компензција на јаловата енергија немало да се наплатува ништо. Во спротивно, со одредбите кои се оспоруваат со иницијативата, се наплатувало и за јаловата струја со што се нанесувало штета на другата договорна страна-потрошувачот, а членот 9 од Законот за облигационите односи уредувал дека секој бил должен да се воздржува од постапка со која може на друг да му предизвика штета.

Подносителот бара оспорените одредби од Тарифниците да бидата оценети во однос на одредбите од член 30 и член 55 од Уставот и член 5, член 7, член 8 став 1, член 9, член 11 став 3 и член 38 став 1 од Законот за облигационите односи, кои подносителот ги цитира со иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените: член 5 став 1 точка 3) и став 2 точка 3), член 8 и член 9 став 6 од Тарифниот систем за пренос на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013), уредуваат:

Член 5
(став 1 точка 3) и став 2 точка 3))

(1) Пресметковни елементи за кои се определуваат тарифи врз основа на кои Операторот на електропреносниот систем на учесниците на пазарот на електрична енергија од член 1, став 1 од овој Тарифен систем за пренос им го фактурира надоместокот за користење на електропреносниот систем, се:

3) прекумерно превземена реактивна електрична енергија.

(2) Надоместокот за користење на електропреносниот систем се состои од надоместоци за:

3) прекумерно превземена реактивна електрична енергија.

Член 8

(1) Превземената реактивна електрична енергија се изразува во киловарчасови (kvarh) и се утврдува со уред за мерење на реактивна електрична енергија.

(2) Прекумерно превземената реактивна електрична енергија се утврдува со пресметка.

(3) Пресметката претставува позитивна разлика помеѓу превземената реактивна електрична енергија и дозволената реактивна електрична енергија која одговара на факторот на моќност cosφ=0,95, односно реактивна електрична енергија над 33% од превземената активна електрична енергија.

(4) Надоместокот за прекумерно превземената реактивна електрична енергија за месечниот пресметковниот период се добива со множење на тарифата за прекумерно превземена реактивна електрична енергија изразена во денари/kvarh со прекумерно превземената реактивна електрична енергија пресметана согласно став 3 на овој член.

член 9 став 6

(6) Тарифата за прекумерно превземената реактивна електрична енергија се утврдува да изнесува 40% од тарифата за активна електрична енергија.
Судот, утврди дека оспорените: член 8 став 1 точка 3) и став 2 точка 3), член 12 и член 15 став 5 од Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013), уредуваат:
Член 8
(став 1 точка 3) и став 2 точка 3))

(1) Пресметковни елементи за кои се определуваат тарифи врз основа на кои Операторот на дистрибутивниот систем на учесниците на пазарот на електрична енергија од член 1, став 1 од овој Тарифен систем за дистрибуција им го фактурира надоместокот за користење на дистрибутивниот систем, се:

3) прекумерно превземена реактивна електрична енергија.

(2) Надоместокот за користење на дистрибутивниот систем се состои од надоместоци за:

3) прекумерно превземена реактивна електрична енергија.

Член 12

(1) Превземената реактивна електрична енергија се изразува во киловарчасови (kvarh) и се утврдува со уред за мерење на реактивна електрична енергија.

(2) Прекумерно превземената реактивна електрична енергија се утврдува со пресметка.

(3) Пресметката претставува позитивна разлика помеѓу превземената реактивна електрична енергија и дозволената реактивна електрична енергија која одговара на факторот на моќност cosφ=0,95, односно реактивна електрична енергија над 33% од превземената активна електрична енергија.

(4) Надоместокот за прекумерно превземената реактивна електрична енергија за месечниот пресметковниот период се добива со множење на тарифата за прекумерно превземена реактивна електрична енергија изразена во денари/kvarh со прекумерно превземената реактивна електрична енергија пресметана согласно став 3 на овој член.

(5) Надоместокот за прекумерно превземената реактивна електрична енергија не се наплатува на производителите на електрична енергија приклучени на дистрибутивниот систем.

Член 15 став 5

(5) Тарифата за прекумерно превземената реактивна електрична енергија за секоја категорија на потрошувачи кај кои се мери реактивна електрична енергија се утврдува да изнесува 40% од тарифата за активна електрична енергија за соодветната категорија на потрошувачи.

Судот, утврди и дека оспорените: член 11 точка 3), член 16 и член 19 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012), уредуваат:

Член 11 точка 3)

Пресметковни елементи за кои се определуваат цени и врз основа на кои тарифните потрошувачи ја плаќаат испорачаната електрична енергија на снабдувачите со електрична енергија на тарифни потрошувачи (во понатамошниот текст: снабдувачи), се:

3) прекумерно превземена реактивна електрична енергија.

Член 16

(1) Превземената реактивна електрична енергија се изразува во киловарчасови (kvarh) и се утврдува со уред за мерење на реактивна електрична енергија.
(2) Прекумерно превземената реактивна електрична енергија се утврдува со пресметка.

(3) Пресметката претставува позитивна разлика помеѓу превземената реактивна електрична енергија и дозволената реактивна електрична енергија која одговара на факторот на моќност cosφ=0,95, односно реактивна електрична енергија над 33% од превземената активна електрична енергија.

(4) Надоместокот за прекумерно превземената реактивна електрична енергија за месечниот пресметковниот период се добива со множење на цената за прекумерно превземена реактивна електрична енергија изразена во денари/kvarh со прекумерно превземената реактивна електрична енергија пресметана согласно став 3 на овој член.

Член 19
Цените за прекумерно превземената реактивна електрична енергија изнесуваат 25 % од цените за активната електрична енергија.
Судот на седницата, исто така утврди дека актите во кои се содржани оспорените членови, со донесување на нови Тарифни системи од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, престанале да важат.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се бара оцена на уставност и законитост на: член 5 став 1 точка 3) и став 2 точка 3), член 8 и член 9 став 6 од Тарифниот систем за пренос на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013), член 8 став 1 точка 3) и став 2 точка 3), член 12 и член 15 став 5 од Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013) и член 11 точка 3), член 16 и член 19 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012).

По поднесувањето на иницијативата (25.11.2013 година), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на ден 28.02.2014 година, донесе Тарифен систем за пренос и за пазар на електрична енергија, број 01-564/1 од 28 февруари 2014 година, објавен на 5 март 2014 година во “Службен весник на Република Македонија” број 44/2014.

Со членот 11 став 1 од наведениот Тарифен систем е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој Тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за пренос на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013), а според ставот 2 од наведениот член, овој Тарифен систем влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 април 2014 година.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на истата седница одржана на 28.02.2014 година, донесе и Тарифен систем за дистрибуција на електрична енергиај за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија АД Скопје, број 01-563/1 од 28 февруари 2014 година, објавен на 5 март 2014 година во “Службен весник на Република Македонија” број 44/2014.

Со членот 14 став 1 од наведениот Тарифен систем е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој Тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/2012 и 91/2013), а според ставот 2 од наведениот член, овој Тарифен систем влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 април 2014 година.

Исто така, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на ден 17.02.2014 година, донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на домаќинствата и мали потрошувачи, број 01-482/1 од 17 февруари 2014 година, објавен на 24 февруари 2014 година во “Службен весник на Република Македонија” број 38/2014.

Со членот 26 став 1 од наведениот Тарифен систем, е определено дека со денот на отпочнувањето на примената на овој Тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2011, 97/2012 и 123/2012).

Според ставот 2 од погоре наведениот член, овој Тарифен систем влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 април 2014 година.

5. Имајќи во вид дека актите во кои се содржани одредбите кои се оспоруваат со иницијативата, престанале да важат и не се повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 158/2013
28 мај 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева