Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2, во делот: „што се врши како јавна служба“, член 28 став 1 во делот: „кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца (во натамошниот текст: носители на лиценца)“, член 29 став 1 во делот: „кои се вршат само во рамки на мрежата“ и на точка 18 во делот: „14“, член 61 став 1, во делот: „со листа на лица кои планира да се ангажираат со податоци за нивните стручни квалификации и листа на здравствени установи во кои биле или се вработени“ и во делот: „и приложува квалитетна финансиска гаранција од ликвидна банка или хипотека на надвижен имот, прифатлива за Министерството за здравство, за континуирано вршење на услугите најмалку за период од шест месеци и за надоместување на штетата што може да биде предизвикана на корисниците на услугите, ако установата престане со работа“, член 227 став 1 во делот: „само врз основа на лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“, член 232 став 4, член 259 став 2 во делот: „само лице кое е здравствен работник вработен во установа“ и член 278 во делот: „и да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа“ од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013 и 164/2013).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 15 точка 20 во делот: „непрофитност на вршењето на здравствена дејност во мрежата“, член 27 став 2, член 29 став 1 точка 6, во деловите: „стоматолошка“, „итна медицинска и“ и „и домашно лекување“, член 73 став 1 алинеја 5, во делот: „до 14“, член 219 став 2, во делот: „или акт“ и став 6, и член 230 став 26 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стоматолошката комора на Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.
4.а) Во однос на член 12 став 2 во делот: „што се врши како јавна служба“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „при нормирањето на оспорениот дел од законската одредба не се имало предвид дека Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У бр.77/2011 од 21.09.2011 година, го поништи член 3 точките 1 и 2, во деловите: „здравство“ од Законот за јавните службеници. Според тоа, здравствената дејност не може да се третира како дејност што се врши како јавна служба.“ Од тие причини, оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 39, член 51 и член 112 став 3 од Уставот. „Имено, според член 112 став 3 од Уставот одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Но, законодавецот во овој случај не ја испочитувал конечноста и извршноста на наведената одлука на Уставниот суд.“
б) Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во Глава I „Општи одредби“ од Законот, Поддел „Здравствена дејност“.
Во член 12 став 1 од Законот се определува дека „здравствената дејност е дејност од јавен интерес.“
Според член 12 став 2 од Законот, „здравствена дејност е дејност што се врши како јавна служба со која се обезбедува здравствена заштита, а која ги опфаќа мерките, активностите и постапките, кои во согласност со медицината заснована на докази и со користењето здравствена технологија, користат за зачувување и унапредување на здравјето, за спречување, рано откривање и сузбивање на болести, повреди и други нарушувања на здравјето предизвикани од влијанието на работната и животната средина, за навремено и ефикасно лекување, како и за здравствена нега и рехабилитација.“
в) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита (став 1). Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите (став 2).
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 од истиот член на Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува, покрај другото, преку согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи со Уставот и со закон, како и преку почитувањето на Уставот и законите од секој субјект. Покрај тоа, произлегува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, во рамките на кое право спаѓаат и правото на здравствена заштита и здравствено осигурување, а кои права се утврдуваат со закон и со колективен договор така што се гарантира правото на здравствена заштита на секој граѓанин.
Според тоа, законодавецот има уставна основа со закон да ја уреди материјата за здравствената заштита, па во тие рамки и да ја определи здравствената дејност како дејност од јавен интерес која се врши како јавна служба, а која го гарантира правото на здравствена заштита на секој граѓанин во обем определен со закон.
Поради тоа, не може да се постави прашањето за согласноста на член 12 став 2, во делот: „што се врши како јавна служба“ од Законот со наведените уставни одредби, па Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос, пак, на определбата на Судот изразена во Одлуката У бр.77/2011 од 21 септември 2011 година и сега изнесената определба за неповедување на постапката, Судот смета дека тие две определби се однесуваат на различна материја. Имено, наведената одлука на Судот се однесува на тоа дека лицата-здравствени работници и здравствени соработници не можат да бидат определени за јавни службеници со делокруг пропишан во Законот за јавните службеници, како и дека здравствените установи не може да бидат определени за јавни служби со делокруг пропишан во Законот за јавните службеници, а овој предмет се однесува на здравствената дејност и нејзиното определување за дејност од јавен интерес која се врши како јавна служба според Законот за здравствената заштита, без да се доведува во прашање статусот на лицата-здравствени работници и здравствени соработници утврден со Законот за здравствената заштита. Поради тоа, нема неконзистентност во постапувањето на Судот тогаш и сега.
5.а) Во однос на член 28 став 1, во делот: „кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца (во натамошниот текст: носители на лиценца)“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „оспорениот законски дел е проблематичен од уставно-правен аспект затоа што од оваа одредба не може да се утврди што е со оние здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата. Освен тоа, во одребите на член 15 од Законот не е определен поимот „концесија“ што го има во овој закон.“
б) Судот на седницата утврди дека членот 28 од Законот е, систематизиран во Глава III „Здравствена дејност“ од Законот, Поддел „1.Вршење на здравствена дејност во мрежата“ и, уште поблиску определено, во Под-поддел посветен на субјектите кои вршат здравствена дејност во мрежата.
Членот 28 став 1 од Законот, во време на поднесувањето на иницијативата, определуваше дека „здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Македонија, се состои од јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, кои вршат здравствена дејност врз основа на концесија (во натамошниот текст: концесионери), во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови и кои се вклучуваат во интегриран здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството.“
Но, со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита-„Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2012 (член 11), во сите одредби од основниот текст на Законот зборот „концесија“ е заменет со зборот „лиценца“, а зборот „концесионери“ е заменет со зборовите „носители на лиценца“, па оспорената одредба сега гласи:
„Здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Македонија, се состои од јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца (во натамошниот текст: носители на лиценца), во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови и кои се вклучуваат во интегриран здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството.“
в) Според мислењето на Судот, правната положба на здравстените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата на здравствените установи не е уредена со оспорената законска одредба, туку е уредена со други членови од Законот.
Во таа смисла, член 13 од Законот утврдува дека „здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи (став 1), при што „здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства“ (став 4). Според член 46 од Законот, „здравствена дејност од членот 26 став 1 од овој закон, освен дејностите од членот 29 став 1 од овој закон, надвор од мрежата вршат приватни здравствени установи кои ги исполнуваат условите од членот 60 од овој закон“ (став 1). „Здравствените установи надвор од мрежата вршат здравствена дејност во која стекнуваат средства само од пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства“ (став 2). Во член 60 став 1 од Законот се определуваат условите под кои здравствена установа може да се (1) основа, (2) почне со работа, (3) врши здравствена дејност, и (4) да ја прошири дејноста (определен број здравствени работници во работен однос на неопределено време; одговорен носител на здравствената дејност во работен однос на неопределено време; простор и опрема за вршење на определен вид здравствена дејност; носителот на дејноста да не е корисник на право на пензија и да е запишан во регистарот на здравствени работници).
Според тоа, здравствените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата на здравствени установи имаат поинаква правна положба од здравствените установи кои вршат здравствена дејност во мрежата на здравствените установи, па нивното неопфаќање во оспорената одредба од член 28 став 1 на Законот односно непостоењето на лиценца за нив, е последица на различниот правен статус на здравствените установи во и надвор од мрежата.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека аспектот од кој е оспорен наведениот дел од член 28 став 1 на Законот (нејасност на законската одредба), е неоснован односно оспорената законска одредба не е нејасна гледајќи ја нејзината содржина во пошироки рамки на Законот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.а) Во врска со член 29 став 1 во делот: „кои се вршат само во рамки на мрежата“ и на точка 18 во делот: „14“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „не постои ниту една разумна причина од стручно стоматолошки аспект, стоматолошката здравствена заштита на деца да се врши како здравствена дејност исклучиво само во рамките на мрежата. Со оспорениот законски дел, на родителите на децата им е ускратено уставното право слободно да избираат доктор стоматолог кој ќе направи стоматолошка услуга на нивното дете. Приватните здравствени установи надвор од мрежата можат да бидат и кадровски и со далеку повисок стандард на опрема и простор во однос на здравствените установи кои вршат стоматолошка здравствена заштита во рамките на мрежата. Со оспорениот законски дел приватните здравствени установи надвор од мрежата се ставени во нерамноправна положба во споредба со приватните здравствени установи во мрежата. Да потсетиме дека и едните и другите се приватни. Разликата е само што едните не ги трошат парите на Фондот за здравство, бидејќи немаат договор со Фондот. Потоа, во приватните здравствени установи надвор од мрежата носител на дејноста може да бидат специјалисти по Ортодонција, Детска и превентивна стоматологија, Орална хирургија и да не можат да вршат стоматолошка здравствена дејност на деца, а во здравствените установи и со пониско ниво на стручност да може, само ако се дел од мрежата!? Оспорениот законски дел од член 29 став 1 од Законот не е во согласност ниту со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, како и со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.“
Во иницијативата се наведува и тоа дека „во сите други закони во Република Македонија, како што е Законот за семејството, Законот за кривичната постапка, како и во законите на други држави, деца се сметаат до навршувањето на 18 годишна возраст. Ако децата до 14 години, како возрасна група, имаат некоја специфичност или посебна причина да бидат здравствено згрижени само во мрежата, зошто тогаш истото тоа не е сторено и за педијатриската дејност!? Поради тоа, оспорените законски делови од член 29 став 1 и точките 6 и 18 од Законот, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.“
б) Судот на седницата утврди дека оспорената одредба е систематизирана во Глава III „Здравствена дејност“ од Законот, Поддел „1.Вршење на здравствена дејност во мрежата“ и, уште поблиску определено, во Под-поддел посветен на „Здравствена дејност која се врши само во рамките на мрежата“.
Член 29 став 1 од Законот утврдува дека „Здравствена дејност и делови од здравствената дејност кои се вршат само во рамки на мрежата освен доколку со закон поинаку не е предвидено, се:
1) здравствена дејност на терцијарно ниво;
2) дејност на снабдување со крв и крвни компоненти;
3) постапки на биомедицински потпомогнато оплодување;
4) постапки на земање и чување на полови клетки;
5) дејност на земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување;
6) дејност на итна медицинска и стоматолошка помош и домашно лекување;
7) преглед на умрени лица;
8) здравствени услуги во врска со здравјето и безбедноста при работа;
9) здравствени услуги во врска со безбедноста во сообраќајот;
10) здравствени услуги во врска со утврдувањето на здравствената способност за поседување и носење на оружје, согласно со посебни прописи;
11) дејност на судска медицина;
12) патоанатомска дејност;
13) здравствена дејност во областа на јавното здравје;
14) превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца;
15) поливалентна патронажа;
16) здравствени услуги за утврдување на здравствената состојба во постапки за остварување на права од областа на пензиското, инвалидското и здравственото осигурување;
17) дејност на болници за нега и
18) стоматолошка здравствена заштита на деца до 14 години.“
Во став 2 од истиот член на Законот се определува дека „дејностите од ставот 1 точки 1, 2, 4, 5, 6, 10, 11, 13, 14, 15 и 16 на овој член можат да ги вршат само јавните здравствени установи, освен доколку со закон поинаку не е предвидено.“
в) Судот смета дека од членот 29 став 1 во делот: „кои се вршат само во рамки на мрежата“ и од точката 18 во делот: „14“ од истиот став на член 29 од Законот, произлегува следното: стоматолошката здравствена заштита на деца до 14 години се врши само во здравствените установи кои вршат здравствена дејност во мрежата.
Според член 42 став 1 од Уставот, „Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.“
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Републиката, а во нејзините рамки и Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката (член 61 став 1 од Уставот), има уставно овластување, во рамките на своите надлежности меѓу кои е и овластувањето да донесува закони (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот), да определи посебна заштита на децата, во кое уставно овластување влегува и обемот на опфатот на посебната заштита на децата.
Според тоа, Судот смета дека наведените законски одредби имаат основа во изнесените уставни одредби и тие претставуваат гаранција за посебната заштита на децата во сферата на стоматолошка здравствена заштита. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 29 став 1 во делот: „кои се вршат само во рамки на мрежата“ и на точка 18 во делот: „14“ од истиот член на Законот со Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
7.а) Во однос на оспорените одредби од член 61 став 1 на Законот, во иницијативата се наведува дека „оваа одредба е неуставна од многу причини, а особено оспорените делови во кои се предвидени невозможни услови. Не е дозволено да се бара и листа на лица кои се планираат да се ангажираат и тоа со податоци за нивните стручни квалификации, дури и листа на здравствени установи во кои биле или се вработени, затоа што се тоа лични податоци и не се од интерес за пошироката јавност, а освен тоа тие листи се променливи. Како е формулирана целата одредба многу тешко или апсолутно е невозможно некој од основачите на приватна здравствена установа надвор од мрежата, да ги исполни пропишаните услови. Можеме да констатираме дека оваа одредба е уценувачка со претераните и строги барања за исполнување на условите.“ … „Со наведената формулација ќе завладее формализам, субјективизам и протекционизам, а тоа сигурно не била целта на законодавецот. Инаку, членот 61 создава посебни услови за основање на приватни здравствени установи надвор од мрежата и ги става во апсолутно нерамноправна положба во оние во мрежата. Банкарска гаранција или хипотека се дава само во случај кога настанале должничко-доверителски односи помеѓу правни и физички лица и со тие инструменти должникот гарантира дека ќе го врати долгот, а не во случај како што е предвидено во членот 61 од Законот. Притоа, висината односно вредноста на гаранцијата или хипотеката на недвижен имот не е одредена, туку е оставено на субјективна процена и прифатливост од Министерството за здравство. Исто така, не е прецизирано какви штети можат да бидат предизвикани и како и на кој начин ќе се надоместуваат. Бараното обезбедување во членот 61 од Законот, сигурно не е осигурување од професионален ризик, што би било во ред да се бара од сите доктори. Ете, затоа сметаме дека овие оспорени законски делови не се во согласност со наведените уставни одредби, како и со член 18 и член 25 од Уставот. Имено, според член 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците. Исто така, согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.“
б) Судот на седницата утврди дека членот 61 од Законот е систематизиран во Глава IV „Здравствени установи“, Подделот „Основање на здравствени установи“ и, уште поблиску определено, во Под-подделот „Содржина на елаборатот за основање здравствена установа“.
Членот 61 од Законот определува дека „Основачот на приватната здравствена установа надвор од мрежата во елаборатот за основање на установата го определува видот и обемот на здравствената дејност, просторот, опремата, потребниот број стручни кадри со листа на лица кои планира да се ангажираат со податоци за нивните стручни квалификации и листа на здравствени установи во кои биле или се вработени, обемот на средствата и начинот на обезбедување на одржливо ниво на финансирање на дејноста за период од шест месеци, заштитата на работа на вработените, заштитата на корисниците на јавната услуга и приложува квалитетна финансиска гаранција од ликвидна банка или хипотека на недвижен имот, прифатлива за Министерството за здравство, за континуирано вршење на услугите најмалку за период од шест месеци и за надоместување на штетата што може да биде предизвикана на корисниците на услугите, ако установата престане со работа.“
в) Во однос на наводите во иницијативата дека оспорените одредби од член 61 на Законот пропишуваат услови кои тешко можат да се исполнат, поради што се неуставни, Судот оцени дека тој аспект на оспорување на наведените одредби е всушност прашање на примена на законските одредби, а тоа прашање не е од надлежност на Уставниот суд според член 110 од Уставот.
Наводот во иницијативата, пак, дека оспорените делови на член 61 од Законот ги ставале приватните здравствени установи надвор од мрежата во апсолутно нерамноправна положба во однос на оние во мрежата, Судот смета дека напред веќе го образложи тој навод во смисла дека здравствените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата и здравствените установи кои вршат здравствена дејност во мрежата имаат различна правна положба, поради што постојат разлики меѓу нив, покрај другото, и околу условите за нивното основање. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорените делови од член 61 на Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во врска со наводите во иницијативата дека оспорените делови од член 61 на Законот биле непрецизни и дека овозможувале субјективна процена и примена при основање на приватни здравствени установи надвор од мрежата, поради што биле неуставни, Судот оцени дека законската одредба јасно ги пропишува условите кои треба да ги исполни основачот на приватна здравствена установа која врши здравствена дејност надвор од мрежата. Тие услови се: 1/ постоење елаборат за основање на установата во кој е определен видот и обемот на здравствената дејност; 2/постоење на простор во кој ќе се врши здравствената дејност; 3/ постоење на опрема за вршење на здравствената дејност; 4/ одредување на потребниот број стручни кадри, како и а/ постоење на листа на лица кои се планираат да се ангажираат со податоци за нивните стручни квалификации и б/ листа на здравствени установи во кои биле или се вработени; 5/ обемот на средствата и начинот на обезбедување на одржливо ниво на финансирање на дејноста за период од шест месеци; 6/ заштитата на работа на вработените; 7/ заштитата на корисниците на јавната услуга и 8/ приложува квалитетна финансиска гаранција од ликвидна банка или хипотека на недвижен имот, прифатлива за Министерството за здравство, за континуирано вршење на услугите најмалку за период од шест месеци и за надоместување на штетата што може да биде предизвикана на корисниците на услугите, ако установата престане со работа. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорените делови од член 61 на Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос на наводот во иницијативата дека оспорените одредби од член 61 на Законот ги повредувале членовите 18 и 25 од Уставот, при што се конкретизира дека тие повреди настанувале преку барањето да се достават листата на лица кои се планираат да се ангажираат со податоци за нивните стручни квалификации и листата на здравствени установи во кои биле или се вработени, Судот оцени дека таквите податоци се во функција на утврдување на исполнетоста на условите за основање на здравствена установа која врши дејност надвор од мрежата и нејзино регистрирање во соодветните регистри на здравствените установи (член 67 од Законот), без притоа да се повредува сигурноста и тајноста на личните податоци, ниту приватноста на личниот и семејниот живот односно достоинството и угледот со оглед дека се бараат само името и презимето на тие лица со нивната стручна квалификација и називот на здравствената установа во која биле или се вработени, а не и податоци кои навлегуваат во приватноста на нивниот личен и семеен живот и во нивното достоинство и углед, како што се наведува во иницијативата. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорените делови од член 61 на Законот со членовите 18 и 25 од Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
8.а) Во врска со член 227 став 1 во делот: „само врз основа на концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „оспорениот законски дел е проблематичен од уставно-правен аспект, затоа што од оваа одредба не може да се утврди што е со оние здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата.“
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот законски дел од член 227 став 1 на Законот не е во согласност со член 8 алинеите 3 и 8, член 9, член 34, член 35, член 39 и член 51 од Уставот.
б) Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од член 227 став 1 на Законот е систематизирана во Глава IX „Лиценци за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“, Поддел „Определување на лиценцата и на носителите на лиценцата“.
Со член 227 став 1 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012) се определуваше дека „Здравствени установи кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон можат да вршат здравствена дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво во мрежата само врз основа на концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи.“
Но, со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита-„Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2012 (член 11), во сите одредби од основниот текст на Законот зборот „концесија“ е заменет со зборот „лиценца“, па оспорената одредба сега гласи: „Здравствени установи кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон можат да вршат здравствена дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво во мрежата само врз основа на лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“.
в) Судот смета дека правната положба на здравстените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата на здравствените установи не е уредена со оспорената законска одредба, туку е уредена со други членови од Законот.
Во таа смисла, член 13 од Законот утврдува дека „здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи (став 1), при што „здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства“ (став 4). Според член 46 од Законот, „здравствена дејност од членот 26 став 1 од овој закон, освен дејностите од членот 29 став 1 од овој закон, надвор од мрежата вршат приватни здравствени установи кои ги исполнуваат условите од членот 60 од овој закон“ (став 1). „Здравствените установи надвор од мрежата вршат здравствена дејност во која стекнуваат средства само од пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства“ (став 2). Во член 60 став 1 од Законот се определуваат условите под кои здравствена установа може да се (1) основа, (2) почне со работа, (3) врши здравствена дејност, и (4) да ја прошири дејноста (определен број здравствени работници во работен однос на неопределено време; одговорен носител на здравствената дејност во работен однос на неопределено време; простор и опрема за вршење на определен вид здравствена дејност; носителот на дејноста да не е корисник на право на пензија и да е запишан во регистарот на здравствени работници).
Според тоа, здравствените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата на здравствени установи имаат поинаква правна положба од здравствените установи кои вршат здравствена дејност во мрежата на здравствените установи, па нивното неопфаќање во оспорената одредба од член 227 став 1 на Законот односно непостоењето на лиценца за нив, е последица на различниот правен статус на здравствените установи во и надвор од мрежата.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека аспектот од кој е оспорен наведениот дел од член 227 став 1 на Законот (нејасност на законската одредба), е неоснован односно оспорената законска одредба не е нејасна гледајќи ја нејзината содржина во пошироки рамки на Законот, поради што Судот оцени не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените уставни одредби, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
9.а) Во однос на член 232 став 4 од Законот, во иницијативата се наведува дека „оспорениот законски дел е проблематичен од уставно-правен аспект, затоа што од оваа одредба не може да се утврди што е со оние здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата.“ Покрај тоа, во однос на член 232 став 4 од Законот во иницијативата се наведува дека „со оваа одредба се спречуваат пациентите да можат да изберат и здравствена установа која врши здравствена дејност надвор од мрежата, што уставно не е дозволено, односно е во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9, член 34, член 35, член 39 и член 51 од Уставот. Каква е таа здравствена заштита кога граѓанинот не може да избере лекар и здравствена установа по свој избор?!“
Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека членот 232 став 4 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9, член 34, член 35, член 39 и член 51 од Уставот.
б) Судот на седницата утврди дека член 232 став 4 од Законот е систематизиран во Глава IX „Лиценци за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“, Поддел „Престанок на лиценцата“.
Во член 232 став 4 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012) се определуваше дека „Во случај на одземање на концесијата, концедентот треба да обезбеди можност пациентите да ги прими здравствена установа која врши здравствена дејност во мрежата, по избор на пациентот.“
Но, со членовите 8 и 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2012) зборот „концедентот“ од член 232 став 4 од Законот-„Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, е заменет со зборовите „Министерството за здравство“, а зборот „концесија“ е заменет со зборот „лиценца“, па сега таа одредба гласи:
„Во случај на одземање на лиценцата, Министерството за здравство треба да обезбеди можност пациентите да ги прими здравствена установа која врши здравствена дејност во мрежата, по избор на пациентот.“
в) Според Судот, правната положба на здравствените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата на здравствените установи не е уредена со член 232 став 4 од Законот, туку е уредена со други членови од Законот.
Во таа смисла, член 13 од Законот утврдува дека „здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи (став 1), при што „здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства“ (став 4). Според член 46 од Законот, „здравствена дејност од членот 26 став 1 од овој закон, освен дејностите од членот 29 став 1 од овој закон, надвор од мрежата вршат приватни здравствени установи кои ги исполнуваат условите од членот 60 од овој закон“ (став 1). „Здравствените установи надвор од мрежата вршат здравствена дејност во која стекнуваат средства само од пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства“ (став 2). Во член 60 став 1 од Законот се определуваат условите под кои здравствена установа може да се (1) основа, (2) почне со работа, (3) врши здравствена дејност, и (4) да ја прошири дејноста (определен број здравствени работници во работен однос на неопределено време; одговорен носител на здравствената дејност во работен однос на неопределено време; простор и опрема за вршење на определен вид здравствена дејност; носителот на дејноста да не е корисник на право на пензија и да е запишан во регистарот на здравствени работници).
Според тоа, здравствените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата на здравствени установи имаат поинаква правна положба од здравствените установи кои вршат здравствена дејност во мрежата на здравствените установи, па нивното неопфаќање во оспорената одредба од член 232 став 4 на Законот, е последица на различниот правен статус на здравствените установи во и надвор од мрежата.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека аспектите од кои е оспорен член 232 став 4 на Законот (неопфатеноста на здравствените установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата и спречувањето на пациентите да можат да изберат и здравствена установа која врши здравствена дејност надвор од мрежата), е неоснован гледајќи ја нејзината содржина во пошироки рамки на Законот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените уставни одредби, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
10.а) Во врска со член 259 став 2 во делот: „само лице кое е здравствен работник вработен во установа“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „со оспорениот законски дел противуставно се ограничува правото на другите лица да можат да бидат избрани за претседател на комората. При ова, мора да се има предвид дека комората не е работна организација, па да мора да биде претседател само здравствен работник вработен во установа, туку комората е стручно здружение и со истата можат да управуваат и други здравствени работници, па и пензионирани лица. Потоа, оваа материја се уредува со статутот на комората. Вработувањето според статутот на комората не е услов за членување во комората, во спротивно невработени здравствени работници не би можеле да се стекнат со лиценца за работа. Изборите за органите на комората се непосредни и тајни и правото некој да бира и да биде избран произлегува од членувањето во комората. На тие избори избраниот член на собранието на комората не може и не смее да биде спречен да биде избран и за претседател на комората. Со оспорениот законски дел практички се девалвира и одредбата на член 15 точка 16 од Законот за здравствената заштита, според кој одделните поими употребени во овој закон го имаат следното значење: „комора“ е здружение на здравствени работници што се основа согласно со овој закон, во кое здравствените работници се здружуваат заради остварување на заеднички интереси од одделни професии.“
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот законски дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 20 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот, затоа што согласно член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
б) Судот на седницата утврди дека според член 15 точка 16 од Законот за здравствената заштита, „комора“ е здружение на здравствени работници што се основа согласно со овој закон, во кое здравствените работници се здружуваат заради остварување и застапување на заеднички интереси од одделна професија.“
Во член 250 став 1 од Законот се определува дека „заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лекарска, Стоматолошка односно Фармацевтска комора на Македонија.“
Оспорената законска одредба е систематизирана во Глава XI „Коморско здружување“ од Законот, Поддел „Претседател и членови на одборите“.
Во член 259 став 1 од Законот се определува дека „за претседател на комората, член на извршниот одбор и надзорниот одбор може да се избере лице кое ги исполнува условите утврдени со статутот.“
Членот 259 став 2 од Законот определува дека „за претседател на комората може да се избере само лице кое е здравствен работник вработен во установа.“ Според став 3 од истиот член на Законот, „претседателот на комората ја застапува и претставува комората во правниот промет.“
Според член 261 од Законот, „Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевтската комора издаваат, обновуваат, продолжуваат и одземаат лиценца за работа, водат регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци и вршат стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници“ (став 1). „Стручниот надзор над работата на здравствените работници коморите од ставот 1 на овој член го вршат врз основа на годишен план за стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници, на кој согласност дава министерот за здравство“ (став 2). „Коморите од ставот 1 утврдуваат кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела и донесуваат други акти за начинот на работењето на нивните органи и други акти за кои се овластени со закон“ (став 5). „Коморите од ставот 1 на овој член се должни два пати годишно да доставуваат извештај за работите што се однесуваат на издавањето, продолжувањето, обновувањетo и одземањето на лиценците за работа до Министерството за здравство“ (став 6).
Во член 262 став 3 од Законот се утврдува дека „министерот за здравство јавното овластување (на коморите, н.з.) го доделува со решение“, а во член 264 став 1 од Законот се определува дека министерот за здравство со решение го одзема јавното овластување на комората во случаите определени во алинеите од истиот став на член 262 од Законот.
Според член 266 од Законот, „здравствените работници од одделни специјалности можат да се здружуваат во стручни здруженија во составот на Македонското лекарско друштво, Македонско стоматолошко друштво и Македонско фармацевтско друштво и во други лекарски, стоматолошки и фармацевтски друштва, особено заради следење на достигнувањата и унапредувањата во одделни гранки на медицината, стоматологијата односно фармацијата“ (став 1). „Македонското лекарско друштво, Македонско стоматолошко друштво, Македонско фармацевтско друштво и други лекарски, стоматолошки и фармацевтски друштва, преку стручните здруженија и преку други стручни здруженија организираат различни форми на стручно усовршување на здравствените работници, учествуваат во изработувањето стручни упатства за работа по одделни специјалности и предлагаат мерки за унапредување на стручната работа на здравствените работници“ (став 2).
в) Имајќи ја предвид пошироко изнесената фактичка состојба, а во функција на иницијативата за оценување на уставноста на член 259 став 2 во делот: „само лице кое е здравствен работник вработен во установа“ од Законот, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 20 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот, на кои упатува подносителот на иницијативата.
Имено, од содржината на изнесените законски одредби (член 15 точка 16, член 250 став 1, член 261 ставовите 1, 2, 5 и 6, член 262 став 3, член 264 став 1, член 266 од Законот) произлегува дека со Законот за здравствената заштита се основаат Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора како задолжителни здруженија на здравствените работници, на кои им се доделуваат јавни овластувања во врска со стручноста и етичноста при вршењето на здравствената заштита, статусот на тие професии, како и односот на здравствените работници кон општеството во целина и кон граѓанинот поединечно, и за остварување на тие цели наведените комори се овластени, покрај другото, да вршат стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници. Истовремено, законодавецот пропишува обврска, во оспорениот дел од член 259 став 2 од Законот, јавните овластувања дадени на коморите со Законот да ги спроведува претседател на комората кој е здравствен работник вработен во установа.
Со други зборови, она што со Законот е доделено на коморите да го вршат како јавно овластување, Законот определува и кој субјект е одговорен тоа да го спроведе, па таквата законска определба содржана во оспорениот член 259 став 2 од Законот не може да се смета за повреда на темелната вредност-владеење на правото(член 8 став 1 алинеја 3), ниту несогласност на законската одредба со Уставот (член 51), ниту создавање на нееднаквост меѓу членовите на комората-вработените и невработените здравствени работници (член 9 од Уставот), ниту пак повреда на слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на нивните права и уверувања (член 20 од Уставот).
Од друга страна, во стручните здруженија основани на доброволна основа согласно член 266 од Законот, здравствените работници сами можат да го уредат прашањето за претставувањето на здружението, било да е тоа основано во рамките на Македонското лекарско друштво, Македонското стоматолошко друштво или Македонското фармацевтско друштво или надвор од нив.
Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
11.а) Во врска со член 278 во делот: „и да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа“ од Законот, подносителот на иницијативата смета дека „е непропорционално, несразмерно и престрого, во овој случај да се одземе дури и дозволата за работа на здравствената установа. Особено ако се имаат предвид уставните одредби од член 16 став 2 и 3 од Уставот, според кои се гарантира слободата на говорот, јавниот настап и јавното информирање, слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации.“ Со оглед на тоа, се смета дека оспорениот законски дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 16 став 2 и 3 и член 51 од Уставот.
б) Судот на седницата утврди дека во член 277 од Законот, кој е систематизиран во Подделот „Забрането и дозволено рекламирање“ и кој претходи на оспорената одредба, се определува дека „забрането е рекламирање во средствата за јавно информирање, на други носачи на огласни и рекламни пораки и на интернет, на лица кои без пропишана стручна подготовка се занимаваат со лекување или со давање медицинска помош“ (став 1). „Забрането е рекламирање на здравствената дејност, односно на здравствените установи кое е залажувачко, недостојно или преку кое се вршат споредби со други здравствени дејности или установи“ (став 2).
Во ставовите 3, 4, 5 и 6 од истиот член на Законот се утврдува значењето на „залажувачкото рекламирање“, „недостојното рекламирање“ и на „рекламирање преку кое се вршат споредби со други здравствени дејности или установи“. Така, во член 277 став 3 од Законот се пропишува дека „под залажувачко рекламирање на здравствената дејност, односно на здравствените установи, во смисла на ставот 2 на овој член, се смета рекламирање кое: -на кој било начин, вклучувајќи го и претставувањето на здравствените работници, односно на здравствената установа или здравствените услуги, може да ги доведе во заблуда пациентите; -ги искористува или би можело да ги искористи пациентите заради нивното неискуство, неинформираност или незнаење, со цел за остварување на профит; или –содржи нејасности, претерувања или слични содржини кои залажуваат или би можеле да залажуваат.
Во став 4 од истиот член на Законот се определува дека „недостојно рекламирање на здравствената дејност, односно на здравствените установи во смисла на ставот 2 на овој член е рекламирање кое содржи содржини кои се навредливи или кои би можеле да бидат навредливи или кои се во спротивност со моралот.“
Според став 5 од истиот член на Законот, „рекламирање преку кое се вршат споредби со други здравствени дејности или установи во смисла на ставот 2 на овој член е рекламирање на здравствената дејност, односно на здравствените установи кое може да предизвика штета во работењето на други здравствени установи или да има штетно влијание на изборот на здравствената установа.“
Според став 6 од истиот член на Законот, „за рекламирање во смисла на ставот 1 на овој член се смета и објавувањето статии во медиумите со цел за промовирање на здравствената дејност, односно промовирање на здравствените работници, односно здравствените установи, освен објавувањето статии со превентивна содржина за јавноста и објавување стручни статии во стручни списанија, книги и публикации, наменети за известување на здравствените установи, односно на здравствените работници.“
Оспорената одредба е систематизирана во Глава XIII „Рекламирање и огласување“ од Законот, Поддел „Забрана за рекламирање по одлука“ на министерството за здравство.
Според оспорената одредба на член 278 од Законот, „во случај на рекламирање спротивно на член 277 од овој закон, министерството за здравство може да го забрани таквото рекламирање и да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа.“
Во член 307 став 3 од Законот, кој е систематизиран во Глава XVII „Прекршочни одредби“, се предвидува глоба за прекршок на правното лице (од 20.000-25.000 евра во денарска противвредност) ако: „-врши рекламирање, односно огласување на здравствената дејност спротивно на членот 277 од овој закон.“
Според став 4 од истиот член на Законот, „во случај на повторување на прекршокот од ставот 3 на овој член, Министерството за здравство ќе му ја одземе дозволата за работа на правното лице.“
Во став 5 од истиот член на Законот се пропишува глоба за прекршок на одговорното лице во правното лице (од 3.000-5.000 евра во денарска противвредност) за прекршокот од ставот 3 на член 307 од Законот.
в) Според Судот, од изнесената содржина на член 277 од Законот произлегува дека се забранува: (1) рекламирање на лица кои немаат пропишана стручна подготовка, а се занимаваат со лекување или со давање медицинска помош, при што забраната се однесува на: а/рекламирање во средствата за јавно информирање, како и објавување на статии во медиумите со цел промовирање на здравствената дејност, здравствените работници или здравствената установа, б/на други носачи на огласни и рекламни пораки, и на в/интернет (ставовите 1 и 6), како и (2) рекламирање кое е залажувачко, недостојно или преку кое се вршат споредби со други здравствени дејности или установи, при што: а/под залажувачко рекламирање се подразбира рекламирање кое на било кој начин може да ги доведе во заблуда пациентите, или ги искористува неискуството, неинформираноста или незнаењето на пациентите заради остварување на профит, или содржи нејасности или претерувања кои залажуваат, б/под недостојно рекламирање се подразбира рекламирање со навредлива или неморална содржина, и в/под рекламирање преку кое се вршат споредби со други здравствени дејности или установи се подразбира рекламирање кое може да предизвика штета на други здравствени установи или кое има штетно влијание на изборот на здравствената установа (ставовите 2-5).
Од содржината на оспорената одредба на член 278 од Законот, произлегува дека „во случај на рекламирање спротивно на член 277 од овој закон, министерството за здравство може да го забрани таквото рекламирање и да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа.“
Од содржината на член 307 ставовите 3 и 5 на Законот произлегува дека на правното лице и на неговото одговорно лице ќе му се изрече глоба за прекршок во законски определена рамка ако врши рекламирање односно огласување на здравствената дејност спротивно на член 277 од Законот, со тоа што во случај на повторување на прекршокот Министерството за здравство ќе му ја одземе дозволата за работа на правното лице.
Според тоа, членот 278 од Законот пропишува овластување за министерството за здравство (1) да забрани рекламирање спротивно на член 277 од Законот и (2) да ја одземе дозволата за работа на здравствената установа ако таа врши рекламирање спротивно на член 277 од Законот, а член 307 ставовите 3, 4 и 5 од Законот ја пропишуваат прекршочната постапка на министерството за здравство ако здравствената установа врши рекламирање спротивно на член 277 од Законот: прво, се изрекува глоба на правното лице и на неговото одговорно лице и, второ, ако се повтори рекламирањето спротивно на член 277 од Законот, Министерството за здравство ќе му ја одземе дозволата за работа на правното лице.
Имајќи ја предвид таквата фактичка состојба, Судот оцени дека одземањето на дозволата за работа на здравствената установа поради рекламирање спротивно на член 277 од Законот, во ситуација кога здравствената установа претходно била прекршочно казнета и непрестанала со рекламирањето спротивно на наведената законска одредба, не претставува непропорционално, несразмерно и престрого нормирање на штета на здравствената установа, ниту е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 16 став 2 и 3 и член 51 од Уставот, како што смета подносителот на иницијативата. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
12.а) Во однос на член 15 точка 20 во делот: „непрофитност на вршењето на здравствена дејност во мрежата“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „приватните здравствени установи во мрежата не може да работат непрофитно. Тие вложиле свои средства.“ Затоа, подносителот на иницијативата смета дека оваа одредба не била добро нормирана и истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот.
б) Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во Глава I „Општи одредби“, Поддел „Дефиниции на поимите„ употребени во Законот.
Во член 15 од Законот се определува дека „Одделни поими, употребени во овој закон го имаат следново значење:
-точка 20: „непрофитност на вршењето на здравствена дејност во мрежата“ значи целиот вишок на приходи над расходите здравствените установи во мрежата да го наменуваат за развој на здравствените услуги и здравствената дејност;“
в) Имајќи предвид дека оспорениот член од Законот припаѓа на општи одредби од Законот и дека во тој член се дефинираат определени поими употребени при разработката на општите определби на Законот, Судот оцени дека оспорената одредба значи дека таму каде што во разработката на Законот се предвидува „непрофитност на вршењето на здравствена дејност во мрежата“ тоа треба да се разбере во смисла каква што е определена во член 15 точка 20 од Законот и тоа е: целиот вишок на приходи над расходите се наменува за развој на здравствените услуги и здравствената дејност, а не значи воведување на начелото (односно на општо правило) дека сите здравствени установи кои вршат здравствена дејност во мрежата тоа го прават врз непрофитна основа, како што според иницијаторот можело да се интерпретира таа одредба.
Според тоа, оспорената одредба има поинаква смисла од онаа што и’ се дава со иницијативата, поради што таа одредба не може да се оценува од оспорениот аспект, па има процесни пречки за постапување по иницијативата во наведениот дел. Поради тоа, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, се одлучи како во точката 2 од ова решение.
Во однос, пак, на согласноста на содржината на член 15 точка 20 од Законот, таква каква што е, со уставните одредби наведени во иницијативата, исто така не може да се постапува со оглед дека во иницијативата не се изнесени причини односно аспекти од кои би се опсервирала таквата законска одредба, па и за тој аспект има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата.
13.а) Во врска со член 27 став 2 од Законот, во иницијативата се наведува дека „Фондот за здравствено осигурување како купувач на здравствените услуги и финансиска институција не е стручен и затоа не може да дава претходно мислење за медицинските доктринарни ставови врз основа на кои ќе се градат стручните упатства за медицина заснована на докази, што ги пропишува и донесува министерот за здравство, туку тоа треба да го прави друга стручна институција. Според тоа, оспорениот член 27 став 2 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 51 од Уставот.“
б) Судот на седницата утврди дека член 27 став 2 од Законот е систематизиран во Глава III „Здравствена дејност“ од Законот, Поддел „Упатства на медицина заснована на докази“.
Во член 27 став 1 од Законот се предвидува дека „здравствената дејност во здравствените установи од страна на здравствените работници и здравствените соработници задолжително се врши согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика, ги пропишува министерот за здравство.“
Според оспорениот член 27 став 2 од Законот, „Фондот за здравствено осигурување како купувач на здравствени услуги дава претходно мислење на стручните упатства од ставот 1 на овој член од финансиски аспект.“
в) Судот утврди дека од содржината на оспорениот член 27 став 2 на Законот произлегува дека Фондот за здравствено осигурување како купувач на здравствени услуги дава претходно мислење на стручните упатства од финансиски аспект, а не за медицинските доктринарни ставови како што се наведува во иницијативата.
Според тоа, и во овој случај оспорената одредба има поинаква смисла од онаа што и’ се дава со иницијативата, поради што Судот оцени дека и оваа одредба не може да се оценува од оспорениот аспект и дека има процесни пречки за постапување по иницијативата од овој аспект. Поради тоа, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 2 од ова решение.
За согласноста, пак, на содржината на член 27 став 2 од Законот, таква каква што е, со уставните одредби наведени во иницијативата, во иницијативата не се изнесени причини односно аспекти од кои би се опсервирала таквата законска одредба, па и за тој аспект има процесни пречки за постапување на Судот по тој дел од иницијативата.
14.а) Во однос на член 29 став 1 точка 6 во деловите: „стоматолошка“, „итна медицинска и“ и „и домашно лекување“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „не постои ниту една разумна причина од стручно стоматолошки аспект, стоматолошката здравствена заштита на деца да се врши како здравствена дејност исклучиво само во рамките на мрежата. Со оспорениот законски дел, на родителите на децата им е ускратено уставното право слободно да избираат доктор стоматолог кој ќе направи стоматолошка услуга на нивното дете. Приватните здравствени установи надвор од мрежата можат да бидат и кадровски и со далеку повисок стандард на опрема и простор во однос на здравствените установи кои вршат стоматолошка здравствена заштита во рамките на мрежата. Со оспорениот законски дел приватните здравствени установи надвор од мрежата се ставени во нерамноправна положба во споредба со приватните здравствени установи во мрежата. Да потсетиме дека и едните и другите се приватни. Разликата е само што едните не ги трошат парите на Фондот за здравство, бидејќи немаат договор со Фондот. Потоа, во приватните здравствени установи надвор од мрежата носител на дејноста може да бидат специјалисти по Ортодонција, Детска и превентивна стоматологија, Орална хирургија и да не можат да вршат стоматолошка здравствена дејност на деца, а во здравствените установи и со пониско ниво на стручност да може, само ако се дел од мрежата!? Оспорениот законски дел од член 29 став 1 од Законот не е во согласност ниту со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, како и со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.“
б) Судот на седницата утврди дека во член 29 став 1 од Законот се утврдува дека „Здравствена дејност и делови од здравствената дејност кои се вршат само во рамки на мрежата, освен доколку со закон поинаку не е предвидено, се:
точка 6) дејност на итна медицинска и стоматолошка помош и домашно лекување;“
Во став 2 од истиот член на Законот се определува дека „дејностите од ставот 1 точки 1, 2, 4, 5, 6, 10, 11, 13, 14, 15 и 16 на овој член можат да ги вршат само јавните здравствени установи, освен доколку со закон поинаку не е предвидено.“
в) Судот смета дека од содржината на член 29 став 1 точка 6 во делот: „стоматолошка“ од Законот произлегува следното: итната стоматолошка помош се врши само во здравствените установи кои вршат здравствена дејност во мрежата и, попрецизно определено, таа помош се врши само во јавните здравствени установи кои вршат здравствена дејност во мрежата (член 29 став 2 од Законот),
Оттука, Судот оцени дека итната стоматолошка помош не може да ја вршат ниту приватните здравствени установи кои вршат здравствена дејност во мрежата, ниту приватните здравствени установи кои вршат здравствена дејност надвор од мрежата.
Според тоа, оспорениот член 29 став 1 точката 6 во делот: „стоматолошка“ од Законот, има поинаква смисла од онаа што и’ се дава со иницијативата (дека приватните здравствени установи надвор од мрежата се ставени во нерамноправна положба во споредба со приватните здравствени установи во мрежата иако и едните и другите се приватни), поради што Судот утврди дека овие одредби не може да се оценуваат од оспорениот аспект и дека има процесни пречки за постапување по иницијативата од овој аспект. Поради тоа, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 2 од ова решение.
Во однос, пак, на согласноста на содржината на оспорениот член 29 став 1 точката 6 во делот: „стоматолошка“ од Законот, таква каква што е, со уставните одредби наведени во иницијативата, исто така не може да се постапува со оглед дека во иницијативата не се изнесени причини односно аспекти од кои би се опсервирала таквата законска одредба, па и за тој аспект има процесни пречки за постапување по иницијативата во тој дел.
г) Во врска со член 29 став 1 точка 6 во деловите: „итна медицинска и“ и „и домашно лекување“ од Законот, тргнувајќи од тоа дека во иницијативата не се изнесени причини односно аспекти од кои би се опсервирале таквите законски одредби, Судот утврди дека и за тој аспект од иницијативата има процесни пречки за постапување, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
15.а) Во однос на член 73 став 1 алинеја 5 во делот: „до 14“ од Законот, во иницијативата се наведува дека „со оспорениот законски дел, на родителите на децата им е ускратено уставното право слободно да избираат доктор стоматолог кој ќе направи стоматолошка услуга на нивното дете. Приватните здравствени установи надвор од мрежата можат да бидат и кадровски и со далеку повисок стандард на опрема и простор во однос на здравствените установи кои вршат стоматолошка здравствена заштита во рамките на мрежата. Со оспорениот законски дел приватните здравствени установи надвор од мрежата се ставени во нерамноправна положба во споредба со приватните здравствени установи во мрежата. Да потсетиме дека и едните и другите се приватни. …Потоа, во приватните здравствени установи надвор од мрежата носител на дејноста може да бидат специјалисти по Ортодонција, Детска и превентивна стоматологија, Орална хирургија и да не можат да вршат стоматолошка здравствена дејност на деца, а во здравствените установи и со пониско ниво на стручност да може, само ако се дел од мрежата!?“
Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека „во сите други закони во Република Македонија, како што е Законот за семејството, Законот за кривичната постапка, како и во законите на други држави, деца се сметаат до навршувањето на 18 годишна возраст. Ако децата до 14 години, како возрасна група, имаат некоја специфичност или посебна причина да бидат здравствено згрижени само во мрежата, зошто тогаш истото тоа не е сторено и за педијатриската дејност!? Поради тоа, оспорениот законски дел од член 73 став 1 алинеја 5 на Законот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.“
б) Судот на седницата утврди дека оваа законска одредба е систематизирана во Глава IV „Здравствени установи“ од Законот, Поддел „Видови на здравствени установи“ и Под-поддел „Здравствен дом“.
Според член 73 став 1 од Законот, „Здравствен дом врши здравствена дејност најмалку во следниве области:
-алинеја 5: стоматолошка заштита на деца до 14 годишна возраст.“
в) Имајќи ја предвид содржината на оспорената законска одредба, Судот смета дека членот 73 став 1 алинеја 5, во делот: „до 14“ од Законот, има поинаква смисла од онаа што и’ се дава со иницијативата (дека приватните здравствени установи надвор од мрежата се ставени во нерамноправна положба во споредба со приватните здравствени установи во мрежата иако и едните и другите се приватни). Поради тоа, Судот оцени дека оваа одредба не може да се оценува од оспорениот аспект и дека има процесни пречки за постапување по иницијативата од овој аспект, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 2 од ова решение.
Во однос, пак, на согласноста на содржината на оспорениот член 73 став 1 алинеја 5, во делот: „до 14“ од Законот, таква каква што е, со уставните одредби наведени во иницијативата, исто така не може да се постапува со оглед дека во иницијативата не се изнесени причини односно аспекти од кои би се опсервирала таквата законска одредба, па и за тој аспект има процесни пречки за постапување по иницијативата во тој дел.
Во однос на наводите во иницијативата дека во приватните здравствени установи надвор од мрежата носител на дејноста може да бидат специјалисти од одделни стоматолошки области и да не можат да вршат стоматолошка здравствена дејност на деца, а во здравствените установи со пониско ниво на стручност да може да вршат стоматолошка здравствена заштита на децата само затоа што се дел од мрежата, Судот оцени дека тие наводи се однесуваат на фактичката состојба, за чие утврдување не е надлежен да одлучува Уставниот суд, поради што согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 2 од ова решение.
16.а) Во врска со член 219 став 2 во делот: „или акт“ и став 6 од Законот, во иницијативата се наведува дека „оспорениот законски дел од член 219 став 2 и став 6 од Законот, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 35 став 5 и член 51 од Уставот. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, сметаме дека условите и критериумите за правото на плата и надоместоци на плата на здравствениот работник да се уредуваат и со акт на министерот за здравство, излегува надвор од уставните определби тие права да се уредуваат со закон и колективен договор.“
б) Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од член 219 на Законот се систематизирани во Глава VIII „Организирање на работата во здравствените установи во мрежата“, Поддел „Плата и дел од плата за работна успешност“.
Во член 219 став 1 од Законот се пропишува дека основната плата се определува во зависност од барањата на работното место за кое здравствениот работник склучил договор за вработување и степенот на сложеност утврден во колективен договор и во зависност од работната успешност определена според колективен договор.
Според член 219 став 2 од Законот, „со колективен договор, договор за работа или акт се утврдуваат критериуми и мерила за утврдување на резултатите од работењето на здравствените работници, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата и ефикасноста во користењето на работното време.“
Во член 219 став 5 од Законот, кој е во врска со оспорениот став 6 од истиот член на Законот, се утврдува дека „на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавни здравствени установи кои покажале најдобри резултати во работењето, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време, министерството за здравство може да им исплати парична награда.“
Во оспорениот став 6 на член 219 од Законот се определува дека „Поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда од ставот 5 на овој член, ги пропишува министерот за здравство.“
в) Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.“
Со оглед дека членот 219 став 2, во делот: „или акт“ и став 6 од Законот беше оценуван од аспектот покренат и со оваа иницијатива по предметот У бр.59/2012, кога Судот со Решение од 6 февруари 2013 година оцени дека членот 219 став 5 од Законот предвидува постоење на парична награда на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи, која посебна награда е надвор од системот на плати и надоместоци на плата на здравствените работници и здравствените соработници и што има основа во член 32 став 5 од Уставот, а сега нема основа за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата во наведениот дел, поради што одлучи како во точка 2 од ова решение.
17.а) Во однос на член 230 став 26 алинеја 3 од Законот, во иницијативата се наведува дека „од уставните одредби на член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот, произлегува дека Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот на достапност секому, под еднакви услови, на секое работно место. Исто така, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки, при што начинот на плаќање се уредува со друг закон и во тие рамки постојат и законски механизми за нивно исполнување. Затоа, пропишувањето на условот во оспорената законска одредба концедентот задолжително да го исклучува од постапката кандидатот или понудувачот и кога не ги исполнил обврските од плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки, доведува до состојба исполнувањето на обврската на тоа лице од одреден статус да влијае на остварувањето на право на работа, што е уставно недозволиво, а секако тоа води и кон стеснување и на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.“ Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот.
б) Судот на седницата утврди дека оваа законска одредба е систематизирана во Глава IX „Лиценци за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“, Поддел „Постапка за давање на лиценца“.
Членот 230 став 26 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012) предвидуваше дека „концедентот задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот и кога: алинеја 3-не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан“.
Но, со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2012) зборот „концедентот“ од член 230 став 26 од Законот-„Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, е заменет со зборовите „Министерството за здравство“, па сега таа одредба гласи:
„Министерството за здравство задолжително ќе го исклучи кандидатот или понудувачот и кога: алинеја 3-не ги исполнил обврските за плаќање на даноци, придонеси и други јавни давачки во согласност со прописите на државата во која е основан“.
в) Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека одлуките на Уставниот суд се конечни, што значи дека не можат да се оспоруваат, и тие се извршни, што значи дека мора да се спроведат во практиката. Од изнесената одредба од Деловнкот на Судот, пак, произлегува дека, во ситуација кога постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата.
Со оглед на тоа што членот 230 став 26 алинеја 3 од Законот за здравствената заштита е укинат со Одлука У бр.59/2012 од 24 април 2013 година, со што законската одредба не е повеќе во правниот поредок на Република Македонија и таквата одлука на Судот е конечна и извршна, Судот утврди дека има процесни пречки за одлучување по сегашната иницијатива, поради што, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 2 од ова решение.
18. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
19. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Во однос на член 12 став 2, во делот: „што се врши како јавна служба“, член 29 став 1 во делот: „кои се вршат само во рамки на мрежата“ и на точка 18 во делот: „14“, член 61 став 1, во делот: „и приложува квалитетна финансиска гаранција од ликвидна банка или хипотека на надвижен имот, прифатлива за Министерството за здравство, за континуирано вршење на услугите најмалку за период од шест месеци и за надоместување на штетата што може да биде предизвикана на корисниците на услугите, ако установата престане со работа“, член 15 точка 20 во делот: „непрофитност на вршењето на здравствена дејност во мрежата“, член 219 став 2, во делот: „или акт“ и став 6 и член 230 став 26 алинеја 3 од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение, Судот одлучи со мнозинство гласови.
У бр.60/2012
21 мај 2014 г.
С к о п је
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева